У.бр.152/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот бр.10. 1.5/1471 од 02.01.2014, донесен од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Отсек за управни работи Битола.

2. Ацев Александар од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот означен во точката 1 од ова решение.

Во поднесокот означен како жалба, подносителот на иницијативата појаснува дека до Отсекот за управни работи Битола поднел барање за промена на адресата на живеење, врз основа на комплетна документација. Со оспорениот Заклучок неговото барање било одбиено. Жалбата, исто така била одбиена, поради истите причини како во оспорениот заклучок, на кој начин немал право да поведе управен спор, иако ги испочитувал сите рокови.

Оттаму, со оспорениот заклучок му било повредено законското и уставно право (член 27 од Уставот) слободно да го избира своето место на живеење. Исто така, во постапката не било утврдено дали барателот на промена на адресата или член на неговото семјество има вселив стан по основ на сопственост или договор за користење на стан во смисла на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните. Поточно, кон барањето тој приложил договор за закуп на стан склучен помеѓу неговата тетка, член на нивното семејно домаќинство и СИЗ за становање, но барањето било одбиено, а тој бил принуден да живее нелегално, без адреса на живеење.

Поднесокот во Судот е заведен под Р.бр.43/2014. Со допис под истиот број од 24.10.2014 година побарано е од подносителот да го уреди поднесокот согласно член 15 од Деловникот на Судот.

Постапувајќи по барањето подносителот на иницијативата во појаснувањето наведува дека со оспорениот заклучок било повредено неговото уставно право од членот 27 од Уставот, од каде оспорениот заклучок бил донесен на негова штета. Исто така бил прекршен означениот Закон со одбивање на барањето за промена на адресата на живеење.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека станувало збор за дискриминација и бара заштита на уставноста и законитоста.

3. Судот на седницата утврди дека, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Отсек за управни работи Битола постапувајќи по барањето на Александар Ацев од Битола, донело заклучок со кој смета дека барањето за добивање на лична карта со промена на адреса на живеење не е поднесено.

Во образложението на Заклучокот е наведено дека барањето за промена на адресата на живеење од ул.„Едвард Кардељ“ бр.9/15 на ул.„Гостиварска“ бр.1 во Битола од страна на Ацев Александар не било поткрепено со соодветен доказ за стан или куќа на негово име или на име на член на неговото семејство, односно со договор за закуп, од кои причини два пати било побарано да ги отстрани недостатоците. Бидејќи не постапил по бараното, согласно член 65 став 2 од Законот за општата управна постапка органот сметал како поднесокот да не е поднесен.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи за неограничен број на субјекти во правото и да утврдува права и обврски за неопределен број на субјекти, произлегува дека оспорениот заклучок, кој се однесува на конкретен правен проблем на подносителот на барањето за промена на адреса на живеење, не е акт подобен за уставно-судска оцена.

Имајќи предвид дека оспорениот заклучок нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.152/2014
17 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева