У.бр.107/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеа 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“бр.106/2013).

2. ДТУ „ТЈУНИНГ ЦЕНТАР„ ДОО увоз-извоз од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите на иницијативата, друштвото водело управен спор за молчење на администрацијата бидејќи биле незадоволни од повеќе решенија на Управата за јавни приходи донесени на 22 јули 2011 година и Управниот суд со решение одбил да им ја врати платената такса со образложение дека законодавецот со одредбите на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2013) го избришал ставот 2 на членот 32 од Законот за судски такси. Како причина за оспорување на овој член од Законот, во иницијативата се споменува донесувањето на Решението У-5 бр.962/2011 година од 03 јули 2014 година на Управниот суд на Република Македонија, со кое бил одбиен предлогот за ослободување од плаќање на судска такса по предметот У-5.бр.962/2011.

Со измените на Законот за судски такси и со донесувањето на споменатото решение со кое Управниот суд одбил да им ја врати платената судска такса за водење на судски спор, биле повредени темелните вредности на уставниот поредок односно правната заштита на сопственоста, предвидени согласно член 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот. Според наводите во иницијативата ако второстепениот управен орган постапувал законито и донел исправен акт не би постоела потреба од поведување на управен спор и плаќање на такса и отука, вината за трошоците била кај органот на државата и во никаков случај друштвото како правно лице не требало да ја плати судската такса. Од тие причини бараат да се поништи членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси со цел повторно да се применува ставот 2 на членот 32 од Законот за судски такси.

3.Судот на седница утврди дека според член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2013) се прави изменување на членот 32 став 2 на начин што: „Во членот 32 ставот 2 се брише. Ставот 3 станува став 2.„

Во членот 32 став 1 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011) е уредено дека право на враќање на такса има лице кое платило такса која воопшто не било должно да ја плати или платило такса во износ поголем од пропишаниот, како и лице кое платило такса за судско дејствие што не е извршено. Право на враќање на такса има и странка во управен спор, ако управниот акт биде поништен.(оспорен став 2) Лицето кое платило такса за судско дејствие што не е извршено, не може да бара враќање на таксата за поднесокот со кој барало извршување на дејствието. (став 3)

4.Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси затоа што, според подносителот на иницијативата, државата наплатувала судска такса за дејствија кои воопшто не требало да бидат преземени.

Судот на седница утврди дека при одлучување по оваа иницијатива треба да се има предвид следното:

Согласно член 1 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009, 148/2011 и 106/2013) судските такси се плаќаат за дејствија што се преземаат пред судовите во Република Македонија.

Во членот 3 од овој закон, се предвидува дека таксите е должно да ги плати лицето по чиј предлог се поведува постапката или во чиј интерес се преземаат дејствијата во постапката, односно таксениот обврзник.

Во Главата II од Законот за судските такси, законодавецот предвидел во кои случаи постои ослободување од плаќање на такса, додека во членот 32 од овој закон, предвидени се случаите кога странката има право да бара враќање на судската такса.

Како причина за оспорување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, се споменува донесувањето на Решението У-5 бр.962/2011 година од 03 јули 2014 година на Управниот суд на Република Македонија, со кое бил одбиен предлогот за ослободување од плаќање на судска такса по предметот У-5.бр.962/2011.

Од ова решение, кое е доставено во прилог на иницијативата, може да се заклучи дека постапувајќи по тужбата, Управниот суд побарал од тужителот ДТУ „ТЈУНИНГ ЦЕНТАР„ ДОО увоз-извоз од Скопје, да ја уреди тужбата. Со решение од 29 април 2013 година, овој Суд ја отфрлил тужбата како неуредна. Вишиот Управен суд постапувајќи по жалбата на тужителот со свое Решение Уж.бр.47/2014 од 13 март 2014 година, жалбата ја уважил и Решението У-5.бр. 962/2011 од 29 април 2013 година го преиначил и пресудил, така што тужбата на тужителот ДТУ „ТЈУНИНГ ЦЕНТАР„ ДОО Скопје ја уважил а оспореното Решение У.бр.16-1571/1 од 05 мај 2011 година, го поништил.

Со тужбата, тужителот побарал од Судот да му биде вратен паричен износ на име судска такса во износ од 800 денари, а тоа согласно член 36 став 2 од Законот за судските такси. Постапувајќи по овој предлог за враќање на судска такса, Управниот суд нашол дека барањето на тужителот било неосновано, согласно член 36 став 2 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011) каде било наведено дека право на враќање на такса има и странка во управен спор, во случај ако управниот акт бил поништен.

Понатаму во решението е наведено дека со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2013) бил избришан ставот 2 од членот 32 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011) а примената на оваа законска измена започнала на ден 06 август 2013 година. Во решението се наведува дека Управниот суд утврдил дека барањето на тужителот за враќање на платената судска такса било неосновано од причина што во време на донесувањето на одлуката на Вишиот управен суд на ден 13 март 2014 година, не постоеле законски претпоставки за враќање на судската такса.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата, според кои со измените на Законот за судски такси и со донесувањето на споменатото решение на Управниот суд, со кое било одбиено барањето за враќање на платената судска такса за водење на судски спор, биле повредени темелните вредности на уставниот поредок односно правната заштита на сопственоста, предвидени согласно член 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот. Според наводите во иницијативата ако второстепениот управен орган постапувал законито и донел исправен акт не би постоела потреба од поведување на управен спор и плаќање на такса и отука, вината за трошоците била кај органот на државата и во никаков случај друштвото како правно лице не требало да ја плати судската такса.

Со оглед на тоа дека законодавецот со цел да се уреди плаќањето на таксите, за дејствија преземени пред судовите во Република Македонија, ги предвидел случаите кога лицето кое платило судска такса има право на враќање на таксата која ја платило, при тоа не губејќи ја во предвид основната смисла за нејзино плаќање и фактот дека во конкретниот случај се работи за преземени дејствија од страна на судовите кои постапувале по одреден предмет, Судот оцени дека не може да се прифати наводот во иницијативата да се поништи членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси со цел повторно да се применува ставот 2 на членот 32 од Законот за судски такси.

Барањето во иницијативата оспорените одредби од членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси да се поништат, претставува барање за враќање во правото на избришана одредба од Законот, што претставува причина да се примени член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Уставниот суд на Република Македонија во рамките на своите уставно определени надлежности, одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, но нема надлежност да одлучува за тоа што прописите не содржеле, а трабало да содржат, ниту да нормира односи, на што се однесува барањето во предметната иницијатива.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби во однос на барањето во иницијативата да се оценува акт кој не содржи одредба каква, според подносителот, би требало да содржи, Судот утврди дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува по истата и дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.107/2014
17декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева