84/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, (бр.02-02/185 од 14 март 2014 година), донесена од Сојузот на Здруженијата на пензионерите на Македонија.

2. Здружението на пензионери од Кавадарци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била спротивна на Уставот и на Законот за здруженија и фондации, од причини што со неа Сојузот на здруженијата на пензионерите вршел централизирање на здруженијата на пензионерите во Република Македонија и себе си се претставувал како највисок централен орган за здруженијата. На тој начин Сојузот на здруженијата на пензионерите ги узурпирал правата на здруженијата со цел да ги одземе и прелее на своја сметка средствата со кои што располагаат здруженијата, а кои се остварени од чланарината, се мешал во работата на собранијата и извршните одбори на здруженијата кои се самостојни и независни, со што бил нарушен основниот принцип на независност на здруженијата утврден во членот 10 од Законот за здруженија и фондации. Никој, па дури ни Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија немал право да се меша во финансиското работење на здруженијата и да им наложува на здруженијата како и за што ќе ги трошат средствата од наплата на членарината, бидејќи одлука за тоа можеле да донесуваат само највисоките органи на здруженијата – Собранието и извршниот одбор.

Сојузот на здруженијата на пензионерите во Македонија бил основан од здруженијата на пензионерите, кои со здружување во Сојузот на пензионерите не го губат својството и статусот на правното лице. Согласно одредбите од Законот за здруженија на граѓани (кои подносителот ги цитира во иницијативата) со здруженијата управуваат членовите непосредно или преку избраните претставници во органите на здружението, од што произлегувало дека здруженијата на пензионерите во своето работење се самостојни, а одлуките ги донесува нивното Собрание како највисок орган на управување, така што Сојузот на здруженијата на пензионерите немал право да се меша во финансиското и другото работење на здруженијата на пезнионерите, ниту пак да врши контрола на нивната работа.

Поради наведените причини, со инцијативата се предлага Судот да ја укине Одлуката за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионерите и Сојузот на Здруженијата на пензионери на Македонија (бр.02-02/185 од 14 март 2014 година, донесена од Сојузот на Здруженијата на пензионерите на Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија е донесена на 14 март 2014 година од страна на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија. Правниот основ за донесување на одлуката е член 15 став 1 алинеја 1 од Статутот на Соузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и член 50 од Законот за здруженија и фондации.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се утврдуваат единствени критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а заради усогласување и унапредување на активностите во врска со стекнувањето и употребата на финансиските средства.

Одлуката има 24 члена, поделени во неколку глави: Општи одредби (член 1- член 6), Критериуми за користење на средствата за социјални, солидарни и други намени (член 7 – член 9), Критериуми за користење средства за културни, спортски и други дисциплини (член 10 – член 13), Плати на вработените и единствени критериуми за надоместоци на членовите на органите и телата (член 14 – член 17), Парични награди и објави (членови 18 и 19) и Преодни и завршни одредби (член 20 – член 24).

4. Според член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политички партии и здруженија на граѓани.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наведената одредба од Уставот на Република Македонија произлегува дека во однос на здруженијата на граѓани, Уставниот суд е надлежен да ја цени само уставноста на програмите и статутите на здружението, а не и на другите акти што ги донесуваат органите на здружението.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е оспорен статутот на Сојузот на здружението на пензионери на Македонија, туку е оспорена Одлуката за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, согласно наведената уставна одредба, Судот утврди дека се исполнети деловничките одредби за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.84/2014
10.12.2014 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева