У.бр.76/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1, во делот на новододадениот став 5 и член 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со одредбата од новододадениот став 5, Регулаторната комисија за енергетика повеќе субјекти ги третира како една фотонапонска електроцентрала со соодветна вкупна моќност, кои произведената електрична енергија ќе ја продавале по цена од 12€¢кWh, која цена била за 14€¢кWh помала од цената која би ја добивале доколку Регулаторната комсија за енергетика ги решела поднесените барања пред донесувањето на оспорениот став од Правилникот.

Подносителот смета дека ваков услов за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија, можел да се пропише само со закон, а не и со подзаконски акт и дека Регулаторната комисија немала овластување и надлежност да ја пропише оваа одредба, од причина што, согласно чле 151 став 3 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика донесува Правилник за повластени производители, во кој се пропишува начинот и постапката за стекнување на статусот на повластен производител, начинот и постапката за донесување на одлука за користење на повластена тарифа, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на повластени производители.

Одредбата според тоа не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51 и членот 96 од Уставот на Република Македонија и со членот 151 став 3 од Законот за енергетика.

Во однос на втората оспорена одредба, во иницијативата се наведува дека со неа се повредувала правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, од причина што барањата што биле поднесени за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија требало да се решат според прописите кои важеле во моментот на поднесените барања. Поради измените и дополнувањата на Правилникот, кои биле понеповолни за граѓаните, не можело да се доведува во прашање остварувањето на ова право, ниту пак да се доведуваат во прашање легитимните очекувања на странките според условите што биле утврдени во тогаш важечките прописи. Со тоа се создавала правна ситуација, односно можност Правилникот да се применува и на односи кои биле поднесени пред неговото влегување во сила, со што Правилникот имал повратно дејство.

Поради тоа со оспорениот член 3 од Правилникот, не само што се повредувал принципот на владеењето на правото, туку и принципот на забрана на повратно дејство на законите и другите прописи утврдени во член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 2, став 5 и член 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија и истите да ги поништи или укине. Со иницијативата, исто така, се предлага да се донесе и времена мерка, со оглед на тоа што со нивната примена би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека новододадениот став 5 на членот 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија, гласи: Во случај на изведба на повеќе проекти од ист тип или сроден тип (според технологијата), на една градежна или катастарска парцела, за сите проекти ќе се примени иста повластена тарифа која би се применила како и во случај на изведба на единствен проект на една фотонапонска електроцентрала со соодветна вкупна моќност.

Според членот 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија, постапките отпочнати пред донесувањето на овој Правилник, за кои не е донесено Решение за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија, ќе продолжат согласно одредбите од овој Правилник.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 во Уставот, во Република Македонија законоите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Согласно член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 1 од Законот за енергетика, со овој закон се уредуваат целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетската ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.

Со цел да се стимулира користењето на обновливите извори на енергија, во Законот за енергетика е предвидено дека производителите на енергија од обновливи извори, можат да се стекнат со стаус на повластен производител, а со тоа и со право за продажба на произведената електрична енергија по повластени тарифи.

Статусот на повластените производители на електрична енергија е уреден во посебна глава од Законот за енергетика (членови 149-152).

Во членот 150 од Законот е утврдено дека Владата на Република Македонија, на предлог на министерот, со уредба за повластени тарифи за електрична енергија, за секој вид повластен производител одделно, ги пропишува:
1) специфичните услови што треба да ги исполни електроцентралата за да се стекне со статус на повластен производител;
2) горната граница на инсталираната моќност на електроцентралата што може да се стекне со статус на повластен производител и
3) повластените тарифи за електрична енергија и периодот на нивно користење.

Во членот 151 став 1 од Законот се утврдени условите за стекнување со статус на повластен производител. Согласно ставот 1 од Законот, електроцентрала може да се стекне со статус на повластен производител ако ги исполнува следниве услови:
1) произведува електрична енергија од обновливи извори на енергија или во високоефикасни комбинирани електроцентрали;
2) ги исполнува специфичните услови и горната граница на инсталирана моќност, пропишани со уредбата од членот 150 на овој закон и
3) збирот на инсталираната моќност на електроцентралата и вкупната инсталирана моќност на електроцентралите од ист тип што до тој момент се заведени во регистарот на повластени производители да не ја надминува вкупната инсталирана моќност на повластени производители од тој тип, предвидена во одлуката на Владата на Република Македонија од членот 150 став (3) на овој закон.

Во ставот 2 на член 151 од Законот е определено дека покрај условите од ставот 1 на овој член, за стекнување на статус повластен производител е потребно да биде исполнет и еден од следниве услови:
1) има добиено овластување за изградба на енергетски објекти во согласност со овој закон или
2) има обезбедено одобрение за градење за енергетските објекти за кои не е потребно овластување или
3) има склучено договор за концесија за користење на природно добро за производството на електрична енергија или
4) правото на изградба на енергетски објект е стекнато во постапка со јавен повик, во согласност со овој закон.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот, Регулаторната комисија за енергетика издава решение за стекнување на статус на повластен производител и води регистар на повластените производители. Регулаторната комисија за енергетика донесува Правилник за повластени производители во кој се пропишува начинот и постапката за стекнување на статусот на повластен производител, начинот и постапката за донесување на одлука за користење на повластена тарифа, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на повластени производители.

Во ставот 4 е предвидено дека заинтересираните страни доставуваат барање за стекнување на статус на повластен производител до Регулаторната комисија за енергетика и со барањето ја доставуваат потребната документација пропишана со Правилникот за повластени производители.

Доколку предвидената електроцентрала ги исполнува условите за стекнување статус на повластен производител, Регулаторната комисија за енергетика, во рок не подолг од 30 дена од денот на доставувањето на барањето, на барателот ќе му издаде привремено решение за упис во регистарот на повластени производители. Во привременото решение ќе се предвиди и рок до кој електроцентралата треба да биде пуштена во употреба и истиот треба да биде усогласен со рокот од документот доставен во согласност со ставот 2 на овој член (став 5).

Регулаторната комисија за енергетика ќе ја избрише постројката од регистарот на повластени производители ако електроцентралата не е пуштена во употреба во рокот предвиден со привременото решение од ставот (5) на овој член и на електроцентралата и престанува статусот на повластен производител (став 7).

Во ставот 8 е предвидено дека повластените производители ќе ја користат повластената тарифа според условите што важеле на денот на добивањето на привременото решение од ставот (5) на овој член.

Според ставот 9, Регулаторната комисија за енергетика ќе ги започне постапките за издавање на лиценцата за производство на електрична енергија и за издавање на решение за повластен производител кога барателот ќе ја достави потребната документација за издавање на лиценца и за стекнување на статус на повластен производител. Во постапката за издавање на решение за стекнување на статус на повластен производител, Регулаторната комисија за енергетика од Агенцијата за енергетика ќе побара потврда дека постројката е изградена и ги исполнува специфичните услови и инсталираната моќност утврдени со уредбата од ставот 2 и од одлуката од ставот 3 на членот 150 од овој закон што биле во сила на денот на издавање на привременото решение за повластен производител.

Доколку потврдата издадена од Агенцијата за енергетика е позитивна, Регулаторната комисија ќе издаде решение за повластен производител и одлука за користење на повластена тарифа со важност од денот на донесувањето на решението, со што повластениот производител се стекнува со сите права што произлегуваат од овој закон (став 10).

5. Врз основа на законското овластување од членот 150 Владата на Република Македонија ја донела Уредбата за повластени тарифи за електрична енергија („Службен весник на Република Македонија бр.56/2013) во кој се пропишани специфичните услови што една елктроцентрала треба да ги исполни за да може да се стекне со статус на повластен производител на електрична енергија, горната граница на инсталираната моќност на елктроцентралата, повластените тарифи за електрична енергија и периодот на нивнот користење.

Согласно членот 3 од Уредбата, електроцентрала која е запишана во Регистарот на постројки кои користат обновливи извори на енергија, може да се стекне со статус на повластен производител на електрична енергија ако ги исполнува следниве специфични услови:
1) Произведува електрична енергија од следниве обновливи извори на енергија (хидроенергија, ветерна енергија, сончева енергија преку фотонапонски келии, биомаса, биогас)
2) Инсталираната моќност на електроцентралата не ја надминува инсталираната моќност пропишана во оваа уредба, за секој вид електроцентрала одделно
3) Опремата и објектите за производство на електрична енергија и за поврзување со преносниот или дистрибутивниот систем претставуваат функционална целина и електроцентралата има приклучок на соодветниот систем со независно мерно место и истите се исклучиво наменети за електроцентралата и во електроцентралата се користи само еден облик на обновливи извори на енергија,
4) Збирот на инсталиранта моќност на електроцентралата и вкупната инсталирана моќност не елктроцентралите од ист вид што до тој момент се заведени во Регистарот на повластени производители што го води Регулаторната комсија за енергетика да не ја надминува вкупната инсталирана моќност на повластени производители од тој вид,
5) Да е пуштена во употреба после 18 февруари 2011 година.

Во членот 9 од Уредбата е утврдено дека фотонапонска електроцентрала може да се стекне со стаус на повластен производител ако инсталираната моќност на електроцентралата е помала или еднаква на 1Мw. Повластените тарифи за електричната енергија прозиведена и испорачана од фотонапонски електроцентрали, во зависност од инсталираната моќност на електроцентралата се:

Инсталирана моќност на електроцентралата Повластена тарифа (€¢кWh)
˂0,050 МW 16
˃ 0,050 MW 12

Според ставот 3 на овој член од Уредбата, повластениот производител има право да ги користи повластените тарифи за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали во период од 15 години.

6. Оспорениот Правилник за повластените производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија („Службен весник на Република Македонија бр.18/2012, 97/2012 и 63/2013) е донесен врз основа на член 151 став 3 од Законот за енергетика и со него се уредува начинот и постапката за стекнување на статусот на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија, начинот и постапката за донесување на одлука за користење на повластена тарифа, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на повластени производители од обновливи извори на енергија (член 1).

Во членот 2 од Правилникот е утврдено дека статус на повластен прозводител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија се стекнува врз основа на решение за стекнување статус на повластен производител, кое го издава Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во постапка утврдена со овој Правилник.

Согласно ставот 2 на овој член, во случаи кога исто правно лице располага со повеќе електроцентрали од ист обновлив извор на енергија, распоредени на различни локации, треба да се стекне со статус на повластен производител, во постапка утврдена со овој Правилник, за секоја електроцентрала поодделно. Во ставот 3 на истиот член е утврдено дека во случаи кога исто правно лице располага со повеќе електроцентрали од различни видови на обновливи извори на енергија, распоредени на иста или на различни локации, треба да се стекне со статус на повластен производител, во постапка утврдена со овој Правилник, за секоја електроцентрала поодделно.

Според ставот 4 на овој член, електроцентрала за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во смисла на овој Правилник претставува постројка за производство на електрична енергија како засебна техничко-технолошка целина и се наоѓа на една градежна парцела.

7. Со иницијативата се оспорува измената на Правилникот, со која во членот 2 од Правилникот, после ставот 4 е додаден оспорениот став 5 од Правилникот кој предвидува дека во случај на изведба на повеќе проекти од ист тип или сроден тип (според технологијата), на една градежна или катастарска парцела, за сите проекти ќе се примени иста повластена тарифа која би се применила како и во случај на изведба на единствен проект на една фотонапонска електроцентрала со соодветна вкупна моќност.

Од анализата на содржината на самата оспорена одредба на член 1 став 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот, но и во контекст на наведените одредби од Законот за енергетика и Уредбата за повластени тарифи за електрична енергија, произлегува неоснованоста на наводите во иницијативата. Имено, од наведените одредби на Законот за енергетика произлегува дека условите за стекнување на статус на повластен производител се уредени во самиот Закон, кој ги утврдува општите услови за стекннување на овој статус (член 151 ставови 1 и 2), додека пак специфичните услови се утврдени со Уредбата на Владата што е донесена врз основа на законското овластување од членот 150 став 2 од Законот за енергетика.

Правилникот воопшто не утврдува услови за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија кои се надвор од оние што се веќе утврдени во Законот и Уредбата, туку се повикува, односно упатува на веќе утврдените услови. Судот смета дека со оспорената одредба од ставот 5 на член 2, не утврдува дополнителен услов, туку ја појаснува одредбата од ставот 4 кој определува дека електроцентрала за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија претставува постројка за производство на електрична енергија како засебна технолошка-целина и се наоѓа на една градежна парцела. Со оспорената одредба само се прецизира дека во случај која исти или сродни проекти се изведуваат на една парцела, за сите нив се применува повластена тарифа која би се применила како и во случај на изведба на единствен проект на една фотонапонска централа со соодветна вкупна моќност.
Според одговорот добиен од Регулаторната комисија за енергетика, со тоа се спречува практиката, што ја констатирала Комисијата, според која правните лица сакајќи да добијат поголема повластена тарифа, наместо да градат на една градежна локација една голема фотонапонска електроцентрала, го раситнуваат капацитетот на моќности на помали централи.

Од наведеното Судот заклучи дека со оспорената одредба од Правилникот се разработуваат и операционализираат одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на предметната материја, што е во функција на неговото извршување, и дека со тоа не се повредува уставното начело на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, поради што Судот не го постави постави прашањето на согласноста на оваа одредба со Уставот и со Законот за енергетика.

8. Во однос на второоспорената одредба од член 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновлови извори на енергија, од анализата на одредбите од Законот, Уредбата и Правилникот, произлегува дека наводите на подносителот и во однос на оваа оспорена одредба се неосновани.

Имено, оспорената одредба предвидува дека постапките отпочнати пред донесувањето на овој Правилник, за кои не е донесено решение за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија, ќе продолжат согласно одредбите од овој Правилник.

Подносителот смета дека барањата што се поднесени за стекнување на привремен статус треба да се решат според прописите кои важеле во моментот на поднесувањето на барањата и дека со оваа одредба се повредувала правната сигурност и легитимните очекувања, со што таа имала и повратно дејство.

Овие наводи за Судот се неосновани од причина што станува збор за сеуште нерешени барања за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија, односно сеуште неиздадено привремено решение од страна на Комсијата. Од наведените одредби од Законот за енергетика (член 151 став 8) произлегува дека повластените производители ќе ја користат повластената тарифа според условите што важеле на денот на добивање на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија (привремено решение). Во конкретниот случај станува збор за ситуации кога такво привремено решение сеуште не е донесено, така што согласно и наведената законска одредба на овие производители не им гарантирано користењето на повластената тарифа пред издавањето на привременото решение, туку според условите што важеле на денот на добивањето на привременото решение.

Оттука произлегува дека оспорената одредба нема повратно дејство бидејќи се однесува на оние постапки кои сеуште траат и се во определена фаза од постапката. Според воспоставената уставно-судска практика на овој Суд, една норма има повратно дејство ако таа се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а повратно дејство нема, ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај со сеуште нерешените барања за стекнување на привремен статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Поради наведените причини Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија со начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и забраната на повратното дејство на прописите од член 52 став 4 од Уставот.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2013
12 ноември 2014
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева