Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 точка 4 во делот: “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките, услугите и работите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок”, член 6 став 2, член 7 точка 4 во делот: “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките и услугите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок”, член 11 став 2 и член 12 од Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија” број 187/2013).
2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорените делови од член 5 став 2 точка 4 и член 7 точка 4 од Законот за финансиска дисциплина биле непрецизни, нејасни и непотполни правни норми, бидејќи од истите не можело да се заклучи кои се тие специфичности на стоките, услугите и работите кои налагале подолг рок за преглед од 30 дена, а не било предвидено кој субјект, на кој начин и во кој рок тоа ќе го утврдувал, а тоа доведувало и до нееднакво постапување меѓу субјектите на пазарот, што претставувало повреда на правната сигурност на субјектите на пазарот и претприемништвото, како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 51 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Оспорениот член 6 став 2 од Законот, исто така бил спротивен на погоре наведените одредби од Уставот, бидејќи според оспорената законска одредба само кога субјектот од јавниот сектор се јавувал како должник, рокот за исполнување на паричната обврска можел да биде подолг од 60 дена, ако се работело за договор чиј предмет е повеќе годишна јавна набавка.
Оспорениот член 11 став 2 и оспорениот член 12 од Законот, исто така не биле јасни, прецизни и потполни одредби и не биле во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Ова затоа што судовите, извршителите и нотарите, немале пропишана надлежност во законите од нивната област, да ги известуваат државните органи наведени во оспорените одредби од Законот, со цел тие да утврдат дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на субјектот од јавниот сектор (член 11 став 2) или од страна на економскиот оператор од приватниот сектор (член 12) во случаите наведени во овие оспорени законски одредби. Судот, извршителот или нотарот, не можело да бидат потчинети, односно подредени на Министерството за финансии-Финансиската инспекција во јавниот сектор и на Управата за јавни приходи, затоа што тоа морало тие да го работат по службена должност. Во оспорените одредби од Законот, исто така не бил определен рок во кој овие субјекти се должни да го достават тоа писмено известување, а не било определено ниту што ќе се случи ако не се постапело според оспорените одредби и на чиј трошок ќе се правело писменото известување, кое според подносителот а иницијативата, највероватно ќе паднело на трошок на економскиот оператор од приватниот сектор, што не бил во ред од уставно-правен аспект.
Поради наведеното оспорените одредби од член 11 став 2 и член 12 од Законот, не биле во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 5 став 2 точка 4 од Законот уредува дека рокот за исполнување на паричната обврска започнува да тече првиот нареден ден од денот на истекот на рокот за преглед и потврдување на стоките и услугите, односно прием на извршените работи, ако со закон или договор е предвидена постапка за преглед, потврдување или прием со која се утврдува сообразноста на стоките, услугите и работите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на потврдувањето, при што рокот за преглед на предметот не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на стоката или извршената услуга, односно работа, “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките, услугите и работите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок” (оспорен дел).
Со оспорениот член 6 став 2 од Законот е уредено дека по исклучок од ставот 1 на овој член рокот за исполнување на паричните обврски меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, може да биде подолг од 60 дена ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Според оспорениот член 7 точка 4 од Законот, должникот треба да ги исполни своите парични обврски во рок од 30 дена од денот на истекот на рокот за преглед и потврдување на стоките и услугите, ако со закон или договор е предвидена постапка за преглед и потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките, услугите и работите, а должникот ја примил фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на потврдувањето, при што рокот за преглед на предметот не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на стоката или извршената услуга, односно работа, “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките и услугите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок” (оспорен дел).
Со оспорениот член 11 став 2 од Законот е уредено дека доколку економскиот оператор од приватниот сектор поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени законските рокови за плаќање на обврските од страна на субјектот од јавниот сектор, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да го известат Министерството за финансии – Финансиска инспекција во јавниот сектор, со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на субјектот од јавен сектор.
Според оспорениот член 12 од Законот, во договорите меѓу економски оператори од приватниот сектор, во случај кога должникот нема да ја исполни паричната обврска во роковите предвидени со овој закон и доверителот ќе поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени законските рокови за плаќање на обврските од страна на должникот, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да ја известат Управата за јавни приходи со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на економскиот оператор од приватниот сектор.
4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Со член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија“ број 187/2013 се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови согласно со овој закон (член 1).
Со член 5 став 1 од Законот е уредено дека во деловна трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор не може да се предвиди рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена, а според став 3 од наведениот член, по исклучок на ставот 1 на овој член во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор може да се предвиди рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни.
Со ставот 2 точки 1-4 од член 5 од Законот, законодавецот го пропишал времето од кога започнува да тече рокот за исполнување на паричните обврски од ставот 1 на овој член.
Според оспорениот член 5 став 2 точка 4 од Законот, рокот за исполнување на паричната обврска започнува да тече првиот нареден ден од денот на истекот на рокот за преглед и потврдување на стоките и услугите, односно прием на извршените работи, ако со закон или договор е предвидена постапка за преглед, потврдување или прием со која се утврдува сообразноста на стоките, услугите и работите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на потврдувањето, при што рокот за преглед на предметот не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на стоката или извршената услуга, односно работа, “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките, услугите и работите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок” (оспорен дел).
Од анализата на оспорениот дел на одредбата од член 5 став 2 точка 4 од Законот, произлегува дека тој е предвиден како исклучок од вообичаените постапки за преглед чија горна граница е определена до 30 дена, поради причините наведени со оспорениот дел од одредбата од членот од Законот. Поточно кажано рокот за исполнување на паричната обврска во случаите опфатени со оспорениот дел од одредбата, ќе започне да тече првиот нареден ден од денот на истекот на предвидениот подолг рок за преглед.
Законодавецот земајќи ја во предвид можноста од потребата за подолг рок од 30 дена за преглед (посложени машини за производство, утврдување на својства на одредени материјали и слично), го уредил оспорениот дел од член 5 став 2 точка 4 од Законот, со цел утврдување на можноста за флексибилност во делот на роковите за преглед и потврдување на стоките и услугите, исклучиво само во случаите кога предмет на преглед и потврдување се стоки и услуги кои имаат специфични карактеристики, поради што не може да се примени рокот од 30 дена од точката 4 од членот 5 став 2 од Законот.
Според Судот, уредената можност со оспорениот дел од законската одредба за подолго траење на постапката за преглед ако тоа го налага самата специфика на стоката, услугата или природата на договорот, не ги ограничува субјектите на пазарот слободно да настапуваат на пазарот и да влегуваат во деловни односи.
Законот за финансиска дисциплина за сите прашања кои не се уредени со овој закон, упатува на примена на одредбите од Законот за облигациони односи (член 16 став 1 од Законот за финансиска дисциплина). Воедно според член 3 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009), учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.
Законот за облигационите односи уредил низа инструменти за обезбедување и заштита на интересите на двете договорни страни во деловната трансакција. Правилата во деловната трансакција се производ на волјата на двете договорни страни, така и во поглед на рокот за преглед на стоки и услуги, кој евентуално како исклучок подолго би бил одреден поради причините содржани во оспорениот дел од законската одредба.
Поради изнесеното, како и имајќи ги во вид причините поради кои делот од одредбата од членот од Законот за финансиска дисциплина се оспорува со иницијативата, а кои се сведени на прашања по однос на тоа што не содржела, а требало да содржи оспорениот дел од законската одредба, според Судот, тоа не е основа за уставна оцена на една норма, поради што оцени дека од аспект на тие наводи не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од членот 5 став 2 точка 4 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот.
Согласно член 6 став 1 од Законот за финансиска дисциплина, во договор меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор не може да се предвиди рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник.
Со оспорениот член 6 став 2 од наведениот закон е уредено дека по исклучок од ставот 1 на овој член рокот за исполнување на паричните обврски меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, може да биде подолг од 60 дена ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Со став 3 од член 6 од Законот е наведено дека рокот за исполнување на паричните обврски од ставовите 1 и 2 на овој член започнува да тече од денот утврден во членот 5 став 2 од овој закон.
Од содржината на член 6 став 1 од Законот, произлегува дека при договарање на елементите на договорот, конкретно по однос на елементот-рок за исполнување на парична обврска, субјектите наведени во овој член од Законот, не може да предвидат подолг рок од 60 дена во случај кога како должник се јавува субјектот од јавниот сектор. Тоа значи дека рокот за исполнување на паричната обврска со договорот може да биде уреден и помалку од 60 дена, но, не над овој рок.
Според тоа, рокот за исполнување на паричната обврска (кој страните со договорот можат да го уредат од…до најмногу 60 дена), започнува да тече првиот нареден ден од денот на приемот на фактурата или друго барање за плаќање од доверителот, како и во останатите случаи од член 5 став 2 од Законот.
Во оваа смисла, гледано од аспект на членот 6 став 1 од Законот, во случај кога субјектите со договорот утврдиле рок за исполнување на паричната обврска од 60 дена, (како најдолг можен рок согласно наведениот член), должникот (субјектот од јавниот сектор) долгуваниот паричен износ, може на економскиот оператор, да го исплати веднаш по приемот на фактурата, може и 5-тиот, 10-тиот ден, но најдоцна до истекот на договорениот 60-ти ден. Периодот до 60 дена, е период за намирување на паричната обврска и тоа е период во кој должникот не паѓа во задоцнување, доколку заклучно со договорениот 60-ти ден, ја намири паричната обврска.
Секое плаќање на паричната обврска после овој рок, значи запаѓање на должникот во задоцнување, што значи дека покрај главницата во вакви случаи, доверителот има право да бара законска казнена камата во висина утврдена со закон, но, согласно Законот за финансиска дисциплина, доверителот исто така има право и на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот (член 8 став 1 од овој закон). Притоа, правото на надоместок за доцнењето, не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон (член 8 став 2 од Законот).
Законодавецот со Законот за финансиска дисциплина, уредил и одредби со кои се заштитува доверителот од значително неправедна и нефер договорена одредба во смисла на овој закон (член 10), односно право на негова судска заштита и заштита пред други органи. За непридржувањето на одредбите од овој закон, субјектот кој се јавува како должник (економскиот оператор од приватниот сектор или субјектот од јавниот сектор), одговара и прекршочно.
Исто така, согласно член 15 од Законот за финансиска дисциплина, одредбите од деловните трансакции за кои е склучен договор меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, кои не се во согласност со одредбите од овој закон, се сметаат за ништовни и немаат правно дејство.
Гледано во целина, законодавецот со Законот за финансиска дисциплина уредил рокови за исполнување на парична обврска, како за должниците од приватниот сектор, така и за должниците од јавниот сектор. Во оваа смисла законодавецот и за должниците од приватниот сектор и за должниците од јавниот сектор, уредил начелна одредба за рокот за исполнување на паричната обврска и тој и за едните и за другите не може да се предвиди подолго од 60 дена (член 5 став 1 и член 6 став 1 од Законот). Исто така, законодавецот и за едните и за другите уредил исклучоци како можност од уредување на подолг рок од начелно уредениот рок од 60 дена (член 5 став 3 и член 6 став 2 од Законот кој се оспорува).
Пропишаните рокови со овој закон за субјектите должници, законодавецот ги уредил, не како рокови со кои се дозволува задоцнување на должникот без последици за тоа по доспеан договорен рок за плаќање утврден со договорот. Тие не значат продолжување на претходно договорени и утврдени рокови за намирување на парични обврски, туку станува збор за рок кој договорните страни врз основа на нивната слободна волја и процена, може да го предвидат со договорот како најдолг рок што може да се предвиди за исполнување на парична обврска, и кој започнува да тече првиот нареден ден од денот на приемот на фактурата (и другите случаи во член 5 став 2 од Законот), а по истекот на предвидениот рок, должникот паѓа во задоцнување.
Од анализата на оспорениот член 6 став 2 од Законот, произлегува исклучок од рокот од ставот 1 на овој член, при што рокот за исполнување на паричната обврска, може да биде подолг од 60 дена ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Оттука произлегува дека во деловните трансакции помеѓу овие субјекти каде како предмет на договор се јавува повеќегодишна јавна набавка, се однесува исклучокот од оспорениот став 2 на членот 6 од Законот. За сите останати случаи на деловни трансакции помеѓу овие субјекти, рокот за исполнување на парична обврска кога должник е субјектот од јавниот сектор, не може да се предвиди за подолго од 60 дена.
Во случај на повеќегодишна јавна набавка, договорниот орган ги планира средствата врз основа на одобрение на Владата на Република Македонија, што значи дека во овој случај, извесно е исполнувањето на должниковите обврски спрема другата договорна страна, а со тоа и остварување на целта на Законот за финансиска дисциплина, односно спречување на неисполнување на парични обврски.
Имено, согласно член 26-а став 1 од Законот за јавните набавки (“Службен весник на Република Македонија” број 136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011, 15/2013, 148/2013, 160/2013, 28/2014 и 43/2014), пред започнување на постапката за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка, договорниот орган е должен да ги планира средствата потребни за негова реализација со буџетот во годините за кои е планирана набавката. Според ставот 2 од наведениот член од Законот, буџетските корисници и единките корисници на централната власт, постапката за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка, кој е предвиден со програма опфатена со развојниот дел од Буџетот, ја започнуваат врз основа на одобрение кое го издава Владата на Република Македонија, по претходно мислење на Министерството за финансии.
Според ставот 3 од членот 26-а од Законот за јавни набавки, Владата на Република Македонија дава одобрение по претходно мислење на Министерството за финансии, за промена на динамиката на реализација и/или плаќање на обврските од склучените договори за јавни набавки кои се предвидени со програма опфатена со развојниот дел од Буџетот, а за чија промена е обезбедена претходна согласност од другата договорна страна.
Исто така согласно член 26-б од наведениот закон, во услови на намалување на средствата со Буџетот на Република Македонија, буџетските корисници можат да извршат промена на динамиката на реализација и/или плаќање на обврските од склучените договори за јавни набавки кои не се опфатени со развојниот дел од Буџетот, по претходно обезбедена согласност од другата договорна страна, со склучување на анекс на договорот за продолжување на рокот за следната година или повеќе. Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за склучување на анекс на договорот по претходно мислење на Министерството за финансии.
Оттука, законодавецот како исклучива причина од кои се раководел при уредувањето на оспорениот член 6 став 2 од Законот за финансиска дисциплина, е видот на јавната набавка, односно кога предмет на договарање е повеќегодишна јавна набавка, а не поради тоа што како должник се јавува субјект од јавен сектор, па целта на уредувањето била повластена положба на договорниот орган-субјектот од јавниот сектор, како што се наведува со иницијативата.
Во случајов оспорената одредба од член 6 став 2 од Законот, се однесува на конкретна деловна трансакција која значи повеќегодишна јавна набавка, па во услови каде буџетските средства се извор на финансирање, во кои случаи договорниот орган ги планира средствата потребни за негова реализација со буџетот, инвестиционата програма или со финансискиот план за соодветната година, односно во годините за кои е планирана набавката, неосновано со иницијативата се тврди дека со ваквото уредување на законската одредба, субјектот од јавниот сектор се ставал во привилегирана положба во однос на економските оператори од приватниот сектор.
Ова од причини што имајќи го во вид изворот на парите од каде се намирува паричната обврска, не може да се зборува за нееднакво уредување по однос можноста од уредување на подолг рок за плаќање, како што се наводите од иницијативата (тоа се однесувало само за субјектот од јавниот сектор, а не и за економскиот оператор од приватниот сектор), бидејќи економскиот опаретор од приватниот сектор во овој вид на деловни трансакции, и не може да се јави како должник на буџетски парични средства, туку само субјектот од јавниот сектор како буџетски корисник.
Евентуална нееднаквост во уредувањето од аспект на член 55 од Уставот, би постоела доколку можниот исклучок би се однесувал за дел од буџетските корисници-должници кои се во деловна трансакција-повеќегодишна јавна набавка, а за останат дел буџетски корисници-должници кои се во иста таква деловна трансакција, тоа да не се однесува, па да се постави прашањето за уставна оправданост или неоправданост на евентуално такво можно уредување.
Оттука, нејасно е гледиштето на подносителот на иницијативата дека оспорениот член 6 став 2 од Законот го привилегирал должникот-субјект од јавниот сектор наспрема економскиот оператор од приватниот сектор, по однос исклучокот кој предвидува можност да се уреди рок за исполнување на паричната обврска подолго од 60 дена, која можност во секој случај е предмет на договор при склучувањето на деловната трансакција меѓу субјектот од јавниот сектор (договорен орган) и субјектот од приватниот сектор и со кој субјектот од приватниот сектор однапред се согласува или не се согласува.
Исклучокот од оспорената законска одредба, кој е уреден како можност, не ги спречува субјектите на пазарот слободно да влегуваат во деловни трансакции од овој вид, ниту пак ваквиот можен исклучок создава монополско однесување на субјектите на пазарот, бидејќи оспорениот член 6 став 2 од Законот, се однесува подеднакво за сите субјекти на пазарот кои во деловната трансакција имаат за предмет договори кои значат повеќегодишна јавна набавка.
Со член 7 точки 1-4 од Законот за финансиска дисциплина, е определен рокот во кој должникот треба да ја исполни паричната обврска во случај кога рокот за плаќање не е утврден во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, или кога договорите содржат ништовна одредба во однос на рокот за плаќање, согласно со одредбите од овој закон.
Според оспорениот член 7 точка 4 од наведениот Закон, должникот треба да ги исполни своите парични обврски во рок од 30 дена од денот на истекот на рокот за преглед и потврдување на стоките и услугите, ако со закон или договор е предвидена постапка за преглед и потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките, услугите и работите, а должникот ја примил фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на потврдувањето, при што рокот за преглед на предметот не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на стоката или извршената услуга, односно работа, “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките и услугите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок” (оспорен дел).
Бидејќи за членот 7 точка 4 во оспорениот дел од Законот, со иницијативата се оспорува со истите наводи како и за оспорениот дел од одредбата од член 5 став 2 точка 4 од Законот, правно мислење изнесено за овој оспорен дел од законската доредба, соодветно се однесува и за оспорениот член 7 точка 4 во оспорениот дел: “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките и услугите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок”.
Според член 11 став 1 од Законот за финансиска дисциплина, надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор, во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, врши Министерството за финансии преку Финансиската инспекција во јавниот сектор.
Со оспорениот член 11 став 2 од Законот е уредено дека доколку економскиот оператор од приватниот сектор поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени законските рокови за плаќање на обврските од страна на субјектот од јавниот сектор, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да го известат Министерството за финансии – Финансиска инспекција во јавниот сектор, со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на субјектот од јавен сектор.
Членот 11 од Законот определува кој е овластен субјект за вршење надзор над спроведување на одредбите од Законот за финансиската дисциплина во деловна трансакција помеѓу субјект од јавен сектор во случај кога се јавува како должник и економски оператор од приватниот сектор, односно дека таков надзор врши Министерството за финансии преку Финансиската инспекција во јавниот сектор.
Од содржината на оспорениот став 2 од член 11 од Законот, произлегува должност за судот, извршителот или нотарот, кога економскиот оператор од приватниот сектор повел тужба пред суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог пред нотар, заради пречекорени законски рокови за плаќање на обврските од страна на субјектот од јавниот сектор, писмено да го известат Министерството за финансии – Финансиската инспекција во јавниот сектор, со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на должникот-субјектот од јавниот сектор.
Со оваа оспорена одредба од членот од Законот, која предвидува постапка за известување, всушност се воспоставува комуникација и соработка со наведените органи и субјекти со јавни овластувања со цел да се следи поведението на субјектите на пазарот од јавниот сектор и да се преземаат соодветни мерки за постигнување на доследна примена на Законот. Во оваа смисла законодавецот го пропишал член 13 од Законот, со кој е уредена понатамошната постапка на надзорните субјекти, по применото писмено известување, при што обврска за известување е уредена и за надзорните субјекти, односно да ја известат странката која поднела тужба до судот, односно барање за извршување до извршител, односно подносителот на барањето за платен налог, за поднесената прекршочна пријава или за констатацијата дека нема повреди на одредбите од овој закон.
Според Судот, со доставување на соодветните писмени известувања, судот, извршителот или нотарот, не стануваат потчинети на Министерството за финансии – Финансиската инспекција во јавниот сектор, но напротив со постапката за известување се унапредува соработката меѓу Министерството за финансии – Финансиската инспекција во јавниот сектор, како органи на државна управа кои вршат надзор од една страна и судот, извршителот или нотарот, како активни чинители во спроведувањето на законот, од друга страна.
Оттука, од аспект на наводите изнесени во иницијативата, според Судот, нема уставна пречка за опстојување на оспорената одредба од член 11 став 2 од Законот во правниот поредок.
По однос наводите дека оспорената законска одредба не била докрај уредена во смисла на отсуство од уредување на рок во кој овие субјекти се должни да го достават тоа писмено известување, произлегува дека одредбата од Законот се оспорува од аспект на тоа дека не содржела пропишување што според подносителот требало да биде пропишано, а кое е во надлежност на доносителот на Законот, поради што од аспект на ваквите наводи не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената содржина од член 11 став 2 од Законот со одредбите од Уставот. Исто така, паушалните констатации на подносителот на иницијативата дека веројатно трошоците за известувањето ќе бидат на товар на економскиот оператор од приватниот сектор, тие наводи не можат да бидат основа за оценка на уставноста на оспорената одредба од членот од Законот.
Според оспорениот член 12 од Законот, во договорите меѓу економски оператори од приватниот сектор, во случај кога должникот нема да ја исполни паричната обврска во роковите предвидени со овој закон и доверителот ќе поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени законските рокови за плаќање на обврските од страна на должникот, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да ја известат Управата за јавни приходи со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на економскиот оператор од приватниот сектор.
Со оглед дека со иницијативата од истите причини и со истите наводи како и за оспорениот член 11 став 2 од Законот, се оспорува и член 12 од Законот, погоре изнесеното правно мислење соодветно се однесува и за овој оспорен член од Законот.
5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на член 5 став 2 во делот: “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките, услугите и работите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок”, член 6 став 2, член 7 точка 4 во делот: “доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките и услугите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок”, член 11 став 2 и член 12 од Законот, со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението во однос на член 6 став 2, член 11 став 2 и член 12 од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.19/2014
12 ноември 2014 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.19/2014