У.бр.34/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 точка 3 алинеја 1 и алинеја 3 во делот

2.Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Тарифниот систем означен во точката 1 од ова решение.

Во однос на член 3 став 1 точка 3 алинеја 1 и алинеја 3 во делот: „останати“ од Тарифниот систем, подносителот на иницијативата најнапред наведува дека тие одредби не биле во согласност со член 9 и член 55 став 2 од Уставот, член 8 став 1 од Законот за облигационите односи, член 24 став 4 алинеја 6 од Законот за енергетика и член 1 од Протоколот 12 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Пошироко образложувајќи ги причините за оспорување на наведените одредби од Тарифниот систем, подносителот на иницијативата наведува дека потрошувачите „домаќинства“ и „останати“ „добиваат електрична енергија од потполно исти нисконапонски трафостаници, што значи трошоците за нивното снабдување со електрична енергија се наполно исти. И електричната енергија која им се испорачува на сите потрошувачи кои се приклучени на нисконапонската мрежа, по своите технички карактеристики, е наполно иста. Но, и покрај тоа што примаат иста електрична енергија, според овие одредби, се распоредени во различни категории.“ Подносителот, понатаму, наведува пример дека граѓанин кој живее во стан на кат од зграда и во истата зграда на приземјето има дуќан, канцеларија, ординација или слично во кои врши стопанска дејност, иако е приклучен на иста трафостаница и станот и дуќанот односно иако потрошувачот троши иста струја, тој плаќа различна цена поради негово ставање во различна група на потрошувачи. Поради тоа, таквите две групи-„домаќинствата“ и „останатите“, во однос на другите потрошувачи, биле во поповолна положба, па тоа не било во согласност со уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот и во член 1 од Протоколот 12 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, потоа со член 55 став 2 од Уставот според кој „Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“, со член 8 став 1 од Законот за облигационите односи според кој „во засновање на двострани договори, учесниците тргнуваат од начелото на еднаква вредност на взаемните давања“ и со член 24 став 4 алинеја 6 од Законот за енергетика според кој „со прописите треба да се обезбеди отстранување на прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/ли нерегулираните енергетски дејности.“

Во однос на член 4 став 2 од Тарифниот систем, во иницијативата се наведува дека „веројатно Регулаторната комисија за енергетика сакала да постигне некаква социјална димензија, па на некои им доделила да бидат во групата „домаќинства“ “, но истовремено создала дискриминација така што, на пример, на детските јасли, градинки, интернати и домови за згрижување на деца (точка 3) им дала статус „домаќинства“, а не и на училиштата и факултетите, или на училишните и народните кујни (точка 4) исто така им дале статус на „домаќинства“, но не и на кујните во градинките, студентските мензи, учиничките, работничките, пензионерските домови.

Во однос на член 8 став 1 точките 1 и 3 од Тарифниот систем, во иницијативата се наведува дека „врвна активна моќност“ (точка 1) била најголема просечна активна моќност остварена во временски интервал од 15 минути во текот на пресметковниот период, за време на важење на цени за високи дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем-член 10 став 2 од Тарифниот систем, па од таквото значење на „врвната активна моќност“ произлегувало дека продавачот на електричната енергија не дал дополнителна електрична енергија од онаа што била потрошена, поради што не можело ниту одделно да се пресметува и наплатува бидејќи нејзиното наплатување го повредувал принципот на еднаква вредност во взаемните давања. За „прекумерно преземена реактивна електрична енергија“, пак, (точка 3), во иницијативата се наведува дека таа енергија била енергија која од потрошувачот се враќала кон производителот на електричната енергија поради физичките особини на наизменичната струја, дека реактивната електрична енергија била штетна појава од која никој немал корист бидејќи дел од оваа енергија неповратно се губела низ електричната мрежа и бескорисно ги оптоварувала електричните капацитети и дека постоела евтина опрема за растоварување на електричната мрежа од оваа енергија, па наплатувањето на електричната енергија од потрошувачите и врз основа на овој пресметковен елемент, иако тие ништо не примале, значело повреда на членовите 5, 7, 8, 9, 11 и 38 од Законот за облигационите односи, како и на членовите 30 и 55 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 3 став 1 од Тарифниот систем се предвидува дека „според напонското ниво на точката на испорака на електричната енергија, со овој Тарифен систем се определуваат следните категории, групи и подгрупи на потрошувачи:
1)категорија на потрошувачи приклучени на 35 кV напонско ниво, со групи:
-35 кV директни потрошувачи,
-35 кV потрошувачи.
2)категорија на потрошувачи приклучени на 6 кV, 10 (20) кV напонско ниво, и
3)категорија на потрошувачи приклучени на 0,4 кV напонско ниво, со групи:
-домаќинства
-јавно осветление,
-останати, со подгрупи:
-прв тарифен степен,
-втор тарифен степен.

Судот, понатаму, утврди дека според оспорениот член 4 став 2 од Тарифниот систем, „во групата на потрошувачи „домаќинства“ е опфатена и потрошувачката на електрична енергија во:
1)станбени објекти за посебни намени наменети за времено сместување на лица во социјален ризик согласно со прописите за социјална заштита, како и објекти за сместување на самци,
2)ученички, студентски, работнички, воспитни и пензионерски домови, како и домови за згрижување на стари и изнемоштени лица и домови за инвалиди и терапевтски групи,
3)детски јасли, градинки, интернати и домови за згрижување на деца,
4)училишни и народни кујни,
5)едностанбени објекти во кои се врши угостителска дејност сместување на туристи,
6)хидрофори кои се користат за снабдување на домаќинства со вода за пиење,
7)уметнички атељеа и
8)потрошувачка во верски објекти во кои не се врши стопанска дејност.“

Судот, исто така, утврди дека во член 8 став 1 од Тарифниот систем се определува дека „пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои потрошувачите ја плаќаат електричната енергија испорачана од снабдувачот во краен случај, се:
1)врвна активна моќност,
2) активна електрична енергија и
3) прекумерно преземена реактивна електрична енергија.“

4. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.

Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека граѓаните се еднакви меѓу себе во уставно утврдените слободи и права, како и пред Уставот и законите, на граѓаните им се гарантира правото на сопственоста, и сите субјекти на пазарот имаат еднаква правна положба, за што Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување.

Според член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14 и 151/14), со овој закон се уредува пазарот на електрична енергија (точка 5).

Во член 3 од наведениот закон е определено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, при што во точката 44 од означената законска одредба се утврдува дека под квалификуван купувач се подразбира купувач кој купува енергија од производители, снабдувачи или трговци по слободен избор, а во точката 89 се утврдува дека под регулирана енергетска дејност се подразбира енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.

Според член 82 став 1 од Законот, сите купувачи на електрична енергија се квалификувани купувачи на електрична енергија.

Во член 197 став 1 точка 5 од Законот, пак, кој е систематизиран во Поглавје XVII-Преодни и завршни одредби, Поддел XVII.1-Примена на поглавјето за пазар на електрична енергија, се определува дека „по исклучок од членот 82 став 1 на овој закон тарифни потрошувачи се домаќинствата и сите останати мали потрошувачи на електрична енергија, до 30 јуни 2020 година.“

Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека „до 30 јуни 2020 година снабдувачите за тарифни потрошувачи ќе ги снабдуваат потрошувачите кои, во согласност со одредбите на овој закон, ќе го имаат својството на тарифни потрошувачи“, а во став 7 се утврдува дека „во смисла на одредбите од оваа глава, тарифен потрошувач на електрична енергија е потрошувач кој купува електрична енергија по пропишани услови и цени и не може да го избира својот снабдувач.“

Од изнесените законски одредби произлегува дека пазарот на електрична енергија е уреден со Законот за енергетика, при што Законот определува дека постојат две групи на купувачи на електрична енергија: квалификувани купувачи, кои по слободен избор купуваат енергија од производителите, снабдувачите или трговците, и тарифни потрошувачи, кои купуваат електрична енергија под услови и цени пропишани односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и кои не можат да го избираат својот снабдувач. Тарифните потрошувачи на електричната енергија постојат привремено до истекот на рокот утврден во Законот (член 197 став 1 точките 1-4), со тоа што домаќинствата и малите потрошувачи под 25 МWh таквиот статус го имаат до 30 јуни 2020 година (член 197 став 1 точка 5).

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, како и членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот според кој темелна вредност на уставниот поредок е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста на кои упатува доносителот на оспорениот тарифен систем, Судот утврди дека член 3 став 1 точка 3 алинеја 1 и алинеја 3 во делот: „останати“,
член 4 став 2 и член 8 став 1 точките 1 и 3 од означениот тарифен систем имаат уставна и законска основа. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Тарифниот систем со наведените уставни одредби и одредбите од Законот за облигационите односи.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.34/2014
29 октомври 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева