Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1.СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, донесен од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија на 28.05.2006, 25.05.2007, 30.05.2009, 28.05.2011, 12.05.2012 и 18.05.2013 објавен во „Службен весник на РМ“ бр.76/2013).
2. Александар Цветков од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на инцијативата оспорениот член не бил во согласност со една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, со член 51 и 53 од Уставот како и со членовите 23 и 24 од Законот за адвокатурата.
Ова од причина што со оспорената одредба Адвокатската комора ги презела ингеренциите на законодавната власт и во статутот вметнала одредби кои воопшто не постојат во Законот за адвокатура. Имено, според подносителот неплатената чланарина според членот 23 и 24 од Законот за адвокатурата воопшто не претставуваат законска пречка или услов за остварување на правото на адвокатот да се откаже од правото на вршење на адвокатска дејност ниту правото да бара мирување на дејноста.
Според подносителот неспорно е јавното овластување на Адвокатската комора да врши упис во и бришење на адвокатите од именикот, но таквото овластување мора да биде во согласност со Законот за адвокатура во кој условот за платена членарина не постои.
Освен тоа како темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото кое подразбира јасност, применливот и непротивречност на правните норми со оспорената одредба која била противречна, нелогична и оскудна се повредува овој постулат.
Истовремено, оспорената одредба била противречна сама по себе со тоа што предвидува обврската за плаќање на нешто што сеуште не е доспеано за плаќање. Членарината се плаќа од 1.01. – 31.03 во тековната година.
Воедно, оспорената одредба била апсурдна од причина што по истекот на рокот во кој треба да се плати чланарината Комората ќе покрене постапка за наплата на долг при што постапката за наплата (став 6) на долг била независна од примената на одредбите за престанок на правото на вршење на адвокатска дејност заради неплаќање на чланарина.
Според подносителот согласно член 23 од Законот за адвокатура комората не само што не можела да го одбие барањето на адвокатот за престанок или мирување на дејноста поради неплатена чланарина, туку напротив била должна да му изрече престанок на дејноста на адвокатот.
Понатаму според подносителот, ако правото на Комората да покрене постапка за наплата што подразбира и наплата на чланарина е независна од правото да одбие барање за донесување на решение за престанок на дејноста на адвокатот или мирување на дејноста, тогаш е крајно проблематично зашто воопшто е предвидено такво право на одбивање и дали со тоа не се доведува во прашање уставно гарантираното право на слобода на вработување.
3. Судот на седницата утврди дека според член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора „Адвокатската комора има право да одбие барање на адвокат за донесување на решение за престанок на адвокатската дејност, мирување на адвокатската дејност или друго барање по однос на кое треба да постапи адвокатската комора доколку адвокатот има неплатено чланарина освен доколку до денот на одлучувањето адвокатот ја плати чланарината за одбивање на барањето решение донесува соодветниот органна Комората. Против ова решение е дозволена жалба во рок од 15 дена до Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија. Против конечното решение може да се поведе управен спор..“.
4. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Членот 53 од Уставот определува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од содржината на член 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.
Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011 и 113/2012) адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).
Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бршење од Именикот на адвокатите,Именикот на адвокатските друштва,Именикот на странските адвокати,Именикот на странските адвокатски друштва,Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Во членот 6 од овој закон е предвидено дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија (став 1). Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво (став 2). Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во именик на адвокатите кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).
Согласно членот 23 од Законот,(1) правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.
(2) Правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако:
1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
2) трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност
3) го изгуби државјанството на Република Македонија;
4) биде лишен од деловна способност за вршење адвокатска дејност
5) ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;
6) не врши уплата на коморска членарина;
7) му е одземена лиценцата за работа и
8) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката
(3) Против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска
дејност од ставот (1) на овој член е дозволена жалба во рок од 15 дена одденот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската
комора на Република Македонија.
(4) Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Македонија може да се поведе управен спор,пред надлежен суд определен со закон.
Согласно членот 24 од Законот:
(1) На адвокат избран или именуван на јавна функција, вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанувањето на функцијата.
(2) На барање на адвокатот вршењето на адвокатската дејност може да му мирува:
1) поради болест;
2) негово отсуство, односно отсуство на брачниот другар кога се упатени на работа во странство од страна на Република Македонија;
3) стручно усовршување и
4 ) засновање на работен однос
(3) Начинот и постапката за одобрување на мирување од ставот (2) на овој член се регулира со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.
Според член 35 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од: 1) коморска членарина; 2) коморски уписен влог; 3) подароци и фондации; 4) закупнина; 5) коморска маркичка; 6) други приходи во согласност со закон.
Во членот 37 од Закoнот е предвидено дека:“Со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија се уредуваат,особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората; начинот и постапката за упис во Именикот на адвокатите; Именикот наv адвокатските друштва; Именикот на странските адвокати; Именикот на странските адвокатски друштва; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници; органите што ја водат дисциплинската постапка и нивната надлежност и постапката за изрекување дисциплински мерки;актите и постапката за нивно донесување; водење на Именикот на адвокатите;Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници и правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници,како и одредбите за осигурување на адвокатите од одговорност за штета.“
Според член 1 од Статутот на Адвокатската комора е предвидено дека со овој Статут се уредуваат: јавните овластувања, делокругот на работа, организацијата и работата на Адвокатската комора на Република Македонија (во натамошниот текст Комората), нејзините органи и тела, општите акти и постапката за нивно донесување, начинот и постапката за прием, упис и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, постапката за издавање и одземање на лиценца, постапката за полагање на адвокатски испит, услови за осигурување од одговорност за адвокатот и адвокатското друштво од штета, финансирање на Комората и други прашања.
Во членот 82 од Статутот е предвидено дека: Комората се финансира од:коморска членарина; коморска маркичка; коморски уписен влог; подароци и фондации ; закупнина; други приходи во согласност со закон.
Според член 83 од Статутот,Адвокатите, се должни да плаќаат коморска членарина.
Висината на коморската членарина ја утврдува Управниот одбор и истата не може да биде помала од 50,оо Евра, ниту поголема од 200 Евра годишно, во денарска противредност.
Коморската членарина се плаќа еднаш годишно, однапред од 01.01. – 31.03. во тековната година.
По истекот на периодот од 01.01 – 31.01 предвиден во став 3, Комората доставува до адвокатите кои не платиле коморска членарина опомена пред тужба со обврска во рок од 3 (три) дена да ја платат коморската членарина.
По истекот на овој рок Комората ќе покрене постапка за наплата на долг.
Постапката за наплата на долг е независна од примената на одредбите за престанок на правото на вршење на адвокатска дејност заради неплаќање чланарина.
Адвокатската комора има право да одбие барање на адвокат за донесување на решение за престанок на адвокатска дејност, мирување на адвокатска дејност или друго барање по однос на кое треба да постапи адвокатската комора доколку адвокатот има неплатена членарина, освен доколку до денот на одлучувањето адвокатот ја плати членарината. За одбивање на барањето, решение донесува соодветниот орган на Комората. Против ова решение е дозволена жалба во рок од 15 дена до Управниот одбо на АКРМ. Против конечното решение може да се поведе управен спор.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби,анализата на Законот за адвокатура како и содржината на Статутот на Адвокатската комора со која се уредува финансирањето на Адвокатската комора и прашањето на престанок на вршењето на адвокатската дејност на адвокатот поради неплаќање на членарина, Судот смета дека наводите во иницијативата се основани.
Ова од причина што прашањето на престанок на вршењето на адвокатската дејност е една од причините поради кои на адвокатот согласно законот му престанува вршењето на дејноста.
Во конкретниов случај, Адвокатската комора поради фактот што адвокатот не ја платил членарината која му е законска обврска,нема да донесе решение односно ќе го одбие барањето на адвокатот кој самоволно бара да му престане адвокатската дејност или бара мирување освен ако во меѓувреме ја плата членарината.
Барањето ќе го одбие со решение против кое е дозволена жалба, по конечноста на решението адвокатот кој барал престанок или мирување на адвокатската дејност има право да поведе управен спор.
Според мислењето на Судот, Адвокатската комора со оспорениот член 83 став 7 од Статутот сакала да ги дисциплинира адвокатите во смисла навремено да ја исполнат законската обврска за плаќање на членарината што е пожелно, меѓутоа се поставува прашањето дали со ваквиот начин на уредување на барањето за престанок или мирување на адвокатската дејност ги надминала своите овластувања. Имено, според Судот,Адвокатската комора е должна да го прифати барањето за престанок на вршење или мирување на адвокатската дејност, односно да донесе решение за престанок , потоа определено според според временската рамка за секој случај пооделно да бара намирување на т.н долг плаќање на членарина..Тоа поточно значи дека донесувањето на решението за престанок на вршење на адвокатската дејност, Адвокатската комора не може да го условува со плаќање на членарината од причина што основано се поставува прашањето дали со таквото условување се доведува во прашање уставно гарантираното право на работа и слободен избор на вработување утврдено во член 32 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.1/2014
22 октомври 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева