У.бр.9/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 3 став 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013. Меѓутоа, според содржината на иницијативата се оспорува дел кој е поместен во ставот 2 на членот 3 од наведениот закон, со кој во членот 8 од целината на Законот, по ставот 6 се додава нов став 7. Оттаму, предмет на анализа пред Судот беше оспорениот дел од член 8 став 7 од Законот за превоз во патниот сообраќај, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата забраната да се учествува на тендери и јавни набавки од оспорениот дел немала основ во Уставот на Република Македонија, бидејќи согласно членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок. Според тоа, при нормирањето на оспорениот законски дел законодавецот не ги почитувал означените уставни одредби, а оспорениот дел не обезбедувал гарантирана слобода на пазарот и претприемништвото, не обезбедувал еднаква правна положба на субјектите и поттикнувал монополско однесување на одделни субјекти, што уставно не било дозволено. Автоматски, оспорениот дел не бил во согласност и со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот.

Во иницијативата се посочува и на членот 2 од Законот за јавните набавки, според кој со наведениот закон се обезбедува: конкуренција меѓу економските оператори и еднаков третман и недискриминација на економските оператори. Воедно, со иницијати-вата се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот дел од одредбата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот, лиценца од членот 7 став 1 точки 1 и 2 на овој закон може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1) да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај;
2) да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународниот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22+1 седиште по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 16+1 седиште, за линиски превоз на патници во градот Скопје да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 16+1 седиште”, а зборовите: “а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило“ се заменуваат со зборовите: “а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку едно возило со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз;
3) да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;
4) да има вработено авто-такси возачи, кои поседуваат сертификат за авто-такси возач, кои поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска рефентна рамка за јазици (CEFR) на Советот на Европа;
5) во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат;
6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност;
7) да има солидна финансиска состојба;
8) да има добар углед и
9)да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Според ставот 2 од членот 8 од Законот, одредбите од ставот 1 точка 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за вршење на превоз во внатрешниот патен сообраќај.

Според ставот 3 од членот 8 од Законот, одредбите од ставот 1 точка 10 на овој член се однесуваат само за добивање на лиценца за меѓународен превоз на патници и стока.

Во ставот 4 на членот 8 од Законот е предвидено дека, одредбите од ставот 1 точки 1 и 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за превоз на патници и стока за сопствени потреби во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Како доказ за исполнување на условот од ставот 1 точка 3 на овој член се доставува список на вработени по обврзник не постар од 60 дена и копие од образец м1/м2 за секој возач одделно (став 5).

Општините и градот Скопје доколку поседуваат во сопственост возила за превоз на патници со повеќе од 8+1 седиште за вршење на превоз не треба да поседуваат лиценца (став 6).

Организација на превоз може да врши правно лице кое поседува лиценца за организација за превоз, кое во свое име, а за сметка на корисник на превоз склучува договор за превоз со превозник и кое не поседува возила со изводи од лиценца согласно со овој закон. Организатор на превоз не може да учествува на тендери и јавни набавки и истиот не може да биде носител на договор за превоз на патници или на стока (став 7).

Лиценца за организација на превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај може да добие правно или физичко лице кое има регистрирано шифра на дејност, придружни дејности во превозот и кое има запишана главнина и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојба од претходната година и/или запишана главнина за ново трговско друштво, односно гаранција издадена од банка или од осигурително друштво за обезбедување на финансиска стабилност (став 8).

Одредбите од ставовите 1 точки 1, 2, 3, 4, 5, 7 и 10 и 5 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за организација на превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај (став 9).
Начинот и постапката за добивање и одземање на лиценцата за одделни видови на превоз ги пропишува министерот за транспорт и врски (став 10).

Одредбата се оспорува по однос на делот: „Организатор на превоз не може да учествува на тендери и јавни набавки“ од ставот 7 на членот 8 од Законот.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприем-ништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката превзма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот.

Членот 7 од Законот за превоз од патниот сообраќај разликува три видови на лиценци: лиценца за вршење на превоз во внатрешниот патен сообраќај (став 1), лиценца за вршење на превоз во меѓународниот патен сообраќај (став 2) и лиценца за организација на превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Во членот 8 од Законот, каде е поместен и оспорениот дел од ставот 7, е определено дека организација на превоз може да врши правно лице кое поседува лиценца за организација за превоз, кое во свое име, а за сметка на корисник на превоз склучува договор за превоз со превозник и кое не поседува возила со изводи од лиценца согласно со овој закон. Во оспорениот дел од одредбата е определено дека организатор на превоз не може да учествува на тендери и јавни набавки и не може да биде носител на договор за превоз на патници или на стока.

Вака определените ограничувања за организаторот на превозот (да не поседува возила, како и да не може да учествува на тендери и јавни набавки и да не може да биде носител на договорот за превоз) се поврзани со јасно определените права и должности на превозникот, на организатор на превозот, како и на корисникот на превозот според одредбите на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Оваа проблематика на скоро идентичен начин е уредена и во одредбите на Законот за договорите за превозот во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013). Поточно, согласно член 3 став 2 од наведениот закон, корисникот на превозот и/или организаторот на превоз со договорните одредби превзема обврски кои не може да се поповолни од договорните одредби за превозникот, мора да ги исполнува и применува одредбите од овој закон кои се однесуваат на постапките за спроведување на тендери за избор на најповолен превозник, како и да ги почитува определените рокови за исплата на надоместок за извршениот превоз во патниот сообраќај.

Под поимот превозник, согласно член 5 став 1 точка 1 од Законот за договорите за превозот во патниот сообраќај се подразбира домашно или странско физичко или правно лице, сопственик на превозни средства, односно ги користи врз основа на договор за лизинг, кое врз основа на договор за превоз за одреден надоместок превезува патници и/или стока на територија на Република Македонија или надвор од нејзините граници.

Согласно точката 2 од истиот член од Законот, патник е лице кое превозникот за одредена цена или врз основа на договор за превоз го превезува со возило за превоз на патници во патниот сообраќај.

Согласно точката 3 од членот 5 став 1 од Законот, организатор на превоз е правно лице кое во свое име, а за сметка на корисник на превоз, со превозникот склучува договор за превоз.

Членот 7 став 1 од истиот закон разликува три видови на договор за превоз, во зависност од субјектите помеѓу кои се склучува договорот, и тоа:

-Договор за превоз помеѓу превозник и патник,
-Договор за превоз помеѓу корисник на превоз и организатор на превоз и
-Договор за превоз помеѓу превозникот и организаторот.

Имајќи предвид дека согласно член 5 став 1 точка 3 од Законот за договорите за превозот во патниот сообраќај, организаторот на превоз, во свое име, а за сметка на корисник на превоз, склучува договор за превоз со превозникот, произлегува дека законодавецот запазувајќи ја истата формулација од членот 8 став 6 од Законот за превоз во патниот сообраќај предвидел организаторот на превоз да не може да учествува на тендери и јавни набавки и да биде носител на договорот за превоз во ситуациите кога организаторот склучува договор за превоз со превозник. Впрочем од воведната реченица на членот 8 став 7 од Законот за превоз во патниот сообраќај произлегува дека организаторот на превоз, кој поседува лиценца за организација на превоз, не поседува возен парк за вршење на дејност превоз на патници, за разлика од превозникот (член 7 став 1 точка 2) од каде за објавените јавни набавки за превоз на патници, организаторот на превоз, кој не поседува возила со изводи од лиценца, не може да учествува на јавна набавка за вршење на превоз.

Оттаму, постоењето на различни законски услови за добивање на лиценца за превоз или пак лиценца за организација на превоз, de facto доведуваат до тоа организаторот на превоз да не може да учествува на јавна набавка за превоз на патници и стока, поради што Судот оцени дека во оспорениот дел само се потенцира ваквото ограничување, кое изворно не потекнува од оспорениот дел од одредбата, туку потекнува од законските услови за добивање на наведените лиценци. Треба да се има предвид и тоа што само она правно лице кое ја врши дејноста превоз одговара за квалитетот и безбедноста на услугата, на кој начин полесно би се лоцирала одговорноста при настанување на штета. Освен тоа можни се и ситуации кога организаторот на превозот се јавува како економски оператор во постапките за јавни набавки, кога тој за потребите на сопствената дејност спроведува јавна набавка во кои случаи само по себе е исклучено да земе учество во ваков вид на постапки.

Со оглед на тоа што анализата на законските одредби покажа дека станува збор за два различни субјекти на пазарот (организатор на превоз и превозник) кои стекнуваат лиценци под различни законски превидени услови, Судот оцени дека во иницијативата неосновано се тврди дека со оспорениот дел од одредбата се поттикнувало монополското однесување и се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото гарантирана во членот 55 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека оспорениот дел од членот 8 став 7 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2014
22 октомври 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева