Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 15 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за регулирање на права и обврски од солидарните погребни трошкови и услуги на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија бр.02-49/4 донесен од Управниот одбор на претпријатието на 21 јануари 2005 година, одобрен од Советот на општина Гевгелија како основач на 28 јануари 2005 година.
2.Петар Дебников од Гевгелија до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот Правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 51 и член 55 од Уставот, со Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на РМ“ бр.86/2008, 156/2010 и 53/2011), со Законот за комунални дејности („Службен весник на РМ“ бр.45/1997, 5/1999, 52/2001, 45/2002, 16/2004 и 5/2009), Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на РМ“ бр.38/2004, 77/2007, 103/2008 и 24/2011), како и со одредбите од Законот за облигационите односи („Службен весник на РМ“ бр.18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).
Подносителот понатаму во иницијативата ги цитира одделните одредби од наведените закони при што констатира дека: ЈПКД „Комуналец“ нема право да врши дејност управување и одржување на гробишта со истовремено вршење на погребални услуги, погребалните услуги согласно Законот за гробишта и погребални услуги погребалната дејност се јасно издвоени и не се вклучени во дефиницијата за комунални дејности според Законот за комунални дејности што значи дека истите не треба да се фактурираат во сметките што се доставуваат до корисниците на комунални услуги и неплатените сметки да се собираат од исто претпријатие.
Понатаму, ЈПКД ја злоупотребувало својата доминантна позиција на начин што го условува склучувањето на договори со прифаќање од другите договорни страни на дополнителни обврски што по својата природа не се во врска со предмет на договорот, односно со плаќање на надомест за користење на вода, ѓубретарина, надомест за јавна чистота итн. Имено ова претпријатие наместо правото да ги наплати сметките за комунални дејности со вообичаени правни лекови, го врши со склучување на спогодби за преземање на долгот за комунални услуги.
Воедно, според подносителот оспорениот Правилник не бил во согласност и со членовите 4, 5, 6 и 7 од Законот за облигационите односи од причини што ЈПКД ја користи својата економска правна положба и техничка моќ за да им наметне обврски и услови на другата договорна страна која е во крајна нужда и со намалена моќ на расудување.
3.Судот на седницата утврди дека според член 1 од Правилникот со оспорениот правилник се регулираат правата и обврските што произлегуваат со собирањето и користењето на средствата од солидарните погребални трошкови и услуги.
Во членот 2 од Правилникот се утврдени корисниците на солидарните погребални трошоци:
– Сите домаќинства чии членови се жители на град Гевгелија и ги имаат платено месечните сметки за комунални услуги кои ги содржат и солидарните погребални услуги, а се водат во евиденцијата на ЈП „Комуналец“ Гевгелија како корисници на комунални производи и услуги.
– Домаќинствата кои се во потстанарски односи, а се жители на град Гевгелија и не се водат во евиденцијата во точката 1 на овој член, но ќе се стекнат со право на користење на тие права доколку сами се пријават во ЈПКД „Комуналец“ и го платат надоместокот за погребални трошкови и услуги.
– Потстанарите што по стапување во сила на овој Правилник ќе се населат и станат жители на град Гевгелија со пријавувањето во ЈПКД „Комуналец“, ќе плаќаат надоместок за солидарните погребни трошкови и услуги од денот на нивното населување во Гевгелија, па со тоа ќе се здобијат и со право на користење на овие права.
– Домаќинствата што се во странство, кои ќе се вратат во град Гевгелија на постојано живеење и се стекнат со жителство на град Гевгелија, ќе можат да го користат правото на солидарни погребални трошкови и услуги доколку го платат надоместокот од денот на пријавување на ЈПКД „Комуналец“.
– Домаќинствата од друга вероисповест, жители на град Гевгелија можат да бидат корисници на правата од солидарните погребални трошкови и услуги самите се пријават во ЈПКД „Комуналец“ од денот на пријавувањето.
Во членот 3 од Правилникот е предвидено дека домаќинствата што ќе изјават дека не сакаат да го платат утврдениот надоместок за солидарни погребални трошкови и услуги од 120,00 денари месечно, а подоцна изразат желба да бидат вклучени ќе бидат должни да го платат надоместок во висина на износ што ќе се утврди сметано од денот кога изјавиле дека не сакаат да плаќаат надоместок односно престанале да го плаќаат надоместокот.
Во членот 4 од Правилникот е предвидено дека доколку покојниот се закопа во старо гробно место, од солидарните погребални тршкови и услуги, односно од пресметката ќе се изземат средствата за гробното место (локација) и бетонираниот рам.
Во членот 5, пак, е предвидено дека резервација може да се изврши само со посебен договор за резервирање. За резервирање ќе се плаќа според член 2 на Одлуката за утврдување на надоместокот за солидарни погребални трошоци и услуги, за грбното место (локација) валоризирана со денот на резервацијата.
Според член 6, лицето што не живее во Гевгелија и не е жител на град Гевгелија, а сака да биде погребан во Гевгелија ќе ја плати целокупната сума за потребните трошоци и услуги.
Во членот 7 е предвидено дека доколку дојде до двоспратност на гробното место, за вториот закоп ќе важи истото како во член 4 на овој Правилник.
Во член 8 од Правилникот е предвидено дека доколку жител на град Гевгелија, чие домаќинство го плаќа надоместокот, почине во друго место во Република Македонија, надвор од Гевгелија надоместокот за превоз од местото на смртта до град Гевгелија ќе го плати во целост.
Во член 9 е предвидено дека при смрт на член од домаќинството правото на користење на солидарни погребни трошоци и услуги ќе се докажува со платените сметки за комунални услуги (да нема заостанат долг) или со потврда од финансова служба на претпријатието.
Според член 10 од Правилникот ЈПКД „Комуналец“ ќе води грижа за навремено собирање на солидарните погребални трошкови и услуги.
Доколку корисникот ги нема платено сметките, ЈП „Комуналец“ има право да ги наплати сметките или да го укине правото на корисникот од солидарните погребални трошкови и услуги.
Во член 11, пак е предвидено дека ЈПКД „Комуналец“ е должен да води посебна евиденција на сите корисници на солидарните погребални трошкови и услуги.
Според член 12 измени и дополнување на Правилникот ќе се вршат на ист начин и постапка на кој е донесен
.
Во членот 13 е предвидено дека Правилникот стапува во сила 8 дена од денот на добивање согласност од Советот на општината Гевгелија.
4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 2 од Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на Република Македонија“) бр.86/2008,156/2010, 53/2011 и 26/2013, гробиштата како добра во општа употреба се во сопственост на Република Македонија, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со овој закон.
Согласно член 3 став 1 точка 13 од наведениот закон, Оператор на погребални услуги е физичко или правно лице кое врши
работи на преземање на умреното лице од местото каде починало, превезување до мртовечница, чување, опремување и превоз на умреното лице до местото на погреб, погребување или кремирање.
Во членот 4 став 2 од Законот е предвидено дека вршењето на дејноста управување со гробишта и вршење на дејноста погребални услуги се неспоиви.
Според член 5 од Законот управувањето со гробиштата и давањето на погребални услуги како дејности од јавен интерес во надлежност на единиците на локалната самоуправа, се вршат под услови и начин утврдени со овој закон.
Според член 5 став 1 точка 12 од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“бр.95/2012,163/2013 и 42/2014) покрај другите како комунални дејности во смисла на овој закон се одржување на гробишта, крематориуми и давање на погребални услуги, под што се подразбира определување, изградба и одржување на гробиштата,гробните места, гробниците, придружните објекти и инфраструктурата во гробиштата и давање погребални услуги, како што се преземање, чување,опремување и превоз на умрените до местото за погреб и погреб или кремирање.
Во преодните и завршни одредби односно во членовите 45 и 47 од наведениот закон е предвидено дека јавните претпријатија формирани од Владата на Република Македонија,општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, за вршење на одделни комунални дејности и правните и физички лица регистрирани за вршење на комунална дејност, се должни своето работење да го усогласат со одредбите од овој закон во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, а според член 47 со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија” број 45/97, 23/99, 45/2002, 16/2004 и 5/2009).
Во членот 2-а од Законот за јавните претпријатија(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/96, 6/2002 ,40/2003, ,49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/10, 6/12 ,119/13 и 27/2014), во јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес подлежат на правилата на конкуренција, освен во случаите кога примената на тие правила би го спречило вршењето на услугите од јавен интерес. Јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес имаат еднаков третман во вршењето на услугите од јавен интерес, освен ако поради посебен интерес не им се доделат ексклузивни или посебни права.”
Со Законот за заштита на конкуренцијата („ Службен весник на Република Македонија“бр.145/10 136/11 и 27/2014), се уредуваат забранетите облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, мерките и постапките во врска со ограничувањата на конкуренцијата,со цел обезбедување слободна конкуренција на домашниот пазар заради поттикнување на економска ефикасност и благосостојба на потрошувачите.
Според член 3 овој закон се применува на облиците на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата (во натамошниот текст: нарушување на конкуренцијата) што произведуваат дејство на територијата на Република Македонија, дури и кога тие произлегуваат од акти и дејствија сторени или преземени надвор од територијата на Република Македонија.
Овој закон, покрај другото, се применува и на јавни претпријатија, претпријатија на кои им е доверено извршување на услуги од општ економски интерес, кои по својата природа претставуваат монополи кои прибираат приходи или имаат посебни и ексклузивни права или концесии, освен во случаите кога примената на одредбите од овој закон би го спречило извршувањето на надлежностите утврдени со закон или за кои што тие субјекти се основани.
Според член 11 став 1 од Законот, забранета е секоја злоупотреба на доминантната позиција од едно или повеќе претпријатија на релевантниот пазар или негов суштински дел.
Во ставот 2 од наведениот член е предвидено дека:
Злоупотребата од ставот (1) на овој член особено постои во случај на:
1) директно или индиректно наметнување на нефер куповни или продажни цени или други нефер услови на тргување;
2) ограничување на производството, пазарите или техничкиот развој на штета на потрошувачите;
3) примена на различни услови за исти или слични правни работи со други трговски партнери, со што се ставаат во понеповолна конкурентска позиција;
4) условување на склучување договори со прифаќање од другите договорни страни дополнителни обврски, што по својата природа или согласно со трговските обичаи, не се во врска со предметот на договорот и други.
За заштита на конкуренцијата согласно наведениот Закон се формира Комисија за заштита на конкуренцијата која согласно член 28 ја контролира примената на одредбите на овој закон, Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овие закони, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош.
За прекршоците определени со овој закон, надлежен прекршочен орган е Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдува правила и мерки за заштита на конкуренцијата и мерки за воспоставување на ефективна конкуренција.
Комисијата за заштита на конкуренцијата дава мислење по предлози на закони и други акти со кои се уредуваат прашања што се однесуваат на економската активност, а кои можат да имаат влијание на конкуренцијата на пазарот и во писмена форма го доставува до надлежниот орган.
Во Законот за облигационите односи („ Службен весник на Република Македонија„ бр 18/2001, 78/2001, 04/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008 ,81/2009 и 30/2009) покрај другото, е предвидено дека: учесниците во облигациониот однос се рамноправни; во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност; забрането е вршењето на право од облигационите односи спротивно на целта заради која е тоа со закон установено или признаено; забрана на создавање и искористување на монополска положба; во засновувањето на облигационите односи учесниците не можат да установат права и обврски со кои за кој и да е од нив или за друг се создава или се искористува монополската положба на пазарот.
Tргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби одредбите од законите на кои се повикува подносителот на иницијативата како и содржината на оспорениот правилник наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Правилник со Уставот и законите кои ги посочува подносителот на иницијативата .
Ова од причина што слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон и во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот. Во однос на добрата од општ интерес за Републиката, кои како такви се утврдуваат со закон и во кои спаѓаат и добрата во општа употреба, Уставот определува дека уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со закон.
Законот за гробишта и погребални услуги определува дека гробиштата се добра во општа употреба во сопственост на Република Македонија, членот 4 од Законот предвидува посебна заштита на гробиштата како добро во општа употреба, така што определува управувањето со гробиштата да биде посебна дејност одвоена од дејноста давање погребални услуги.
Со оглед на фактот што во конкретниов случај исто јавно претпријатие основано од општината управува со гробиштата како добра во општа употреба и дава погребални комунални услуги основано се поставува прашањето дали на тој начин на ова претпријатие му се овозможува монополска положба односно монополско однесување на пазарот.
Според мислењето на Судот, со овозможувањето на ова комунално претпријатие да управува и да врши погребални услуги се доведуваат во прашање наведените уставни и законски одредби .
Воедно,Судот смета дека со оспорениот правилник, а посебно со членовите 9 и 10 од правилникот јавното претпријатие кое врши наплата на сметки за вода, ѓубретарина и друго искористувајќи ја својата монополска положба кое истовремено вриши дејност на управување со гробиштата и давање на погребални услуги им наметнува обврска на корисниците,односни ги условува во смисла на тоа што граѓаните за да можат да ги користат средствата од солидарниот фонд за погребални услуги мора да ги подмират давачките кои се однесуваат за неплатени сметки за вода и ѓубретарина. Имено, наместо ова претпријатие правото да ги наплати сметките за другите комунални услуги со поднесување на вообичаени правни лекови, ги условува граѓаните кои уплатувале во солидарниот фонд да ги намират заостанатите или неплатените сметки па дури и да ги исклучи од правото да ги користат средствата од солидарниот фонд за погребални услуги,со што според Судот се доведува во прашање уставното начело на владеење на правото и начелата утврдени во Законот за облигационите односи.
5. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од оваа решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска,Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски,Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова,Сали Мурати,д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.38 /2014
15 октомри 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева