У.бр.45/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 15 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 ставовите 1 и 3 од Законот за финансиска дисциплина („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013).

2.Зоран Петревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, како и со став 2 од истиот член на Уставот, потоа со член 51 ставовите 1 и 2, како и со член 55 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Во образложението на иницијативата се наведува дека „врз основа на горните одредби недозволиво е да се ограничи пазарот и конкуренцијата внатре во приватниот сектор каде секој приватен субјект самиот одлучува под какви услови за плаќање ќе му го понуди својот производ или услуга на својот клиент. Дали тој ќе се согласи односно ќе понуди рок на плаќање подолг од 60 дена или пак 120 или повеќе дена за плаќање, зависи единствено само од учесниците во деловниот потфат. Сопственоста е загарантирана во Република Македонија и согласно на тоа секој сопственик може да располага со сопственоста во било кое време без ограничување. Давањето на одложено плаќање со подолг рок на плаќање при силна конкуренција е еден од начините одредени правни субјекти да можат да опстанат во одреден стопански сектор. Во спротивно одредени големи правни субјекти кои веќе држат голем дел од пазарот, ќе бидат во предност односно ќе им се даде можност на монополско однесување, посредно ќе се намали можноста за конкуренција во начините на плаќањето на одредени правни субјекти. Токму помалите правни лица кои се почетници во одреден стопански сектор ќе бидат оневозможени односно ограничени да ги понудат своите производи и услуги под подолги рокови на плаќање за да можат да ги докажат своите квалитетни производи и услуги наспроти гигантите кои се немилосрдни. Во Република Македонија само 10% од правните субјекти се големи и средни трговци, другите 90% се мали и микро трговци.Секое правно лице има деловна способност за склучување на трговски договори и сите други договори кои се потребни за успешно работење на деловниот зафат. Самото правно лице одлучува односно одговара за ризикот од работењето со сиот свој имот – материјално и кривично доколку стори кривично дело.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „државата има изградено систем за судска заштита од непочитувањето на договорените услови или од криминално однесување на одредени правни субјекти кои без ограничување може да ги покрене секој засегнат субјект. Ако државата смета дека не е ефикасен или не е соодветен судскиот систем, треба да интервенира со одредени промени токму во судскиот систем а никако да го ограничува пазарот и претприемништвото со ограничувачки членови. Иако насловот на Законот е Закон за финансиска дисциплина, со членот 5 од Законот не може да се постигне финансиска дисциплина, туку арбитрерност и страв од почнување на деловен потфат односно склучување на договор. После ваков член секоја фирма ќе се замисли добро или ќе остане цело време замислена дали да склучи договор со одредена фирма или пак подобро воопшто да не склучува имајќи во предвид колку е краток рокот за исполнување на обврската. Со тоа ќе се ограничи секој правен субјект да може слободно да одлучува за рокот на плаќање односно заеднички и купувачот односно корисникот на услугата од една страна и продавачот односно давателот на услугата од друга страна заеднички да одлучат слободно за рокот. Членот 5 може да доведе до намалување на економската активност во прометот и на пад на економијата во односите помеѓу правните лица односно многу повеќе во трговијата на големо и производството, што ќе резултира со зголемување на цените на мало и пад на стандардот на граѓаните.“
Подносителот на иницијативата, на крајот, наведува дека „државата може слободно да утврди задолжителни рокови за плаќање по договорите за јавни набавки каде државата се јавува како должник, и со тоа ќе постигне финансиска дисциплина и во приватниот сектор.“
3.Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 од Законот, „во деловна трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор не може да се предвиди рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.“

Во став 3 од истиот член на Законот се определува дека „по исклучок од ставот 1 на овој член во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор може да се предвиди рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 од истиот член на Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Со член 51 став 1 од Уставот се определува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 од истиот член на Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, според став 2 од истиот член на Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според став 3 слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 3 од Законот за облигационите односи, учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

Во член 14 од наведениот закон се определува дека учесниците можат својот облигационен однос да го уредат поинаку отколку што е определено со овој закон, ако од одделна одредба на овој закон или друг закон или од нејзината смисла не произлегува нешто друго.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која се остварува, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Слободата на пазарот и претприемништвото е, исто така, темелна вредност на уставниот поредок, која е загарантирана со Уставот така што се обезбедува еднаквна правна положба на сите субјекти на пазарот, се спречува монополска положба и монополско однесување на пазарот и таа слобода може да се ограничи со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од изнесените законски одредби произлегува дека учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи, но во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, при што со Законот за облигационите односи или друг закон може да се определи некој елемент од облигациониот однос меѓу учесниците во прометот.

Во конкретниот случај, членот 5 ставовите 1 и 3 од Законот за финансиска дисциплина определува рокот за плаќање меѓу правните субјекти односно економските оператори во приватниот сектор да изнесува до 60 дена, односно до 120 дена при постоење изречна писмена согласност меѓу двете страни, без притоа да се фаворизира некој конкретен правен субјект (економски оператор) односно тие законски одредби се однесуваат подеднакво на сите правни субјекти (економски оператори), со што таквите законски одредби се движат во рамките определени во наведените уставни и законски одредби, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и со став 2, како и со членовите 51 и 55 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.45/2014
15 октомври 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева