У.бр.73/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 8, член 47 став 5 и член 117 ставови 1 и 4, од Колективниот договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр. 02-103/1 од 17.01.2014 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје.

2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 73/2014 oд 25 јуни 2014 и 2 јули 2014 година, година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8, член 47 став 5 и член 117 ставови 1 и 4, од Колективниот договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр. 02-103/1 од 17.01.2014 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Колективниот договор, за потребата за прием на нови работници одлучува работодавачот. Пред пополнување на слободните работни места по пат на конкурси или огласи, работодавачот ќе утврди дали постои можност за пополнување на работните места од страна на постоечките работници. За таа намена работодавачот може да користи интерно огласување. Доколку слободните работни места не можат да се пополнат од страна на постоечките работници, истите се пополнуваат со објавување на јавен оглас во дневниот печат. Интерниот оглас ќе биде објавен на огласните табли на работодавачот и на интернет страницата на работодавачот.

Според оспорениот член 47 став 5 од Колективниот договор, во согласност со одредбите од овој член се утврдуваат коефициентите за различните звања. Истите претставуваат службена тајна, а се дефинирани во анекс 1 кој претставува составен дел на овој колективен договор.

Оспорениот член 117 став 1 предвидува дека на синдикалните претставници, за време на извршување на таа должност и две години по престанување на должноста, без нивна согласност односно без согласност од репрезентативниот синдикат, не е можно:
– да им се откаже договорот за вработување;
– да се распоредат на друго работно место;
– на некој друг начин да се стават во понеповолна положба во однос на другите работници.

Во ставот 4 од истиот член е определено дека Синдикатот се обврзува на работодавачот да му достави усогласен попис на претставниците што ја уживаат заштитата од овој член. На синдикатот кој има најголем број членови му припаѓа право на два носитела на тоа право, а останатите синдикати имаат право на по еден носител на правото од овој Колективен договор.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, остварувањeto на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Работните односи се регулирани со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13 и 25/13), 170/2013).

Согласно Уставот и Законот за работните односи (член 1 став 2) работните односи се уредуваат покрај со закон, колективен договор и договор за вработување.

Според член 203 од Законот, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Во членот 206 од Законот е определено дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните, односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој закон, се применува колективниот договор.

Во врска со одредбата од член 8 од Колективниот договор, од анализата на оспорениот Колективен договор, произлегува дека оспорената одредба од членот 8 е поместена во Глава II – Склучување на договор за вработување. Членот 8 носи наслов Прием на работници. Од самата содржина на одредбата произлегува дека таа го регулира прашањето на прием на нови работници, односно пополнување на слободните работни места, при што предвидува приоритет на постоечките работници при пополнувањето на слободните работни места, со користење на институтот интерен оглас.

Во членот 22 од Законот за работните односи, работодавачот потребата од работници ја обезбедува преку:
1) огласување на јавен оглас во дневниот печат на товар на работодавачот;
2) објавување во службата надлежна за посредување при вработување, без наплата, во согласност со закон;
3) посредување на службата надлежна за посредување при вработување преку упатување на лица за вработување од евиденцијата на невработените лица;
4) агенција за посредување при вработување со наплата од работодавачот, во согласност со закон.
(2) Во јавна установа, јавно претпријатие и друго правно лице што врши дејност на јавна служба, орган на државната власт и орган на единицата на локалната самоуправа, при вработувањето се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија, односно во единиците на локалната самоуправа, без да се нарушат критериумите на стручност и компетентност.
(3) Во јавна установа, јавно претпријатие и друго правно лице што врши дејност на јавна служба, орган на државната управа и орган на единицата на локалната самоуправа, потреба од работник се обезбедува со објавување на јавен оглас во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
(4) По исклучок, работодавачот од ставот (2) на овој член, за итни и неодложни работи, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработување.
(5) По исклучок од ставот (1) точка 1 на овој член, за вршење на сезонска работа може да се заснова работен однос и без јавно огласување, но најмногу до 90 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработување.

Од наведената содржина на членот 22 од Законот за работните односи, произлегува дека работодавачот потребата од работници ја обезбедува преку јавен оглас или со посредство на службата надлежна за посредување при вработување или агенција за посредување при вработување. Единствениот исклучок кој го предвидува Законот кога работниот однос се заснова без јавно огласување, се однесува на итни и неодложни работи, но најмногу до 30 дена. Значи Законот за работните односи воопшто не предвидува можност при пополнувањето на слободните работни места приоритет да им се дава на лицата што се веќе вработени кај работодавачот, ниту пак за таа цел го предвидува институтот интерен оглас. Поради наведеното, Судот оцени дека одредбата од членот 8 од оспорениот колективен договор на А.Д. М-НАВ е спротивна на член 22 од Законот за работните односи.

Во оспорениот член 47 став 5 од Колективниот договор е предвидено коефициентите за различните звања да бидат службена тајна и тие се дефинирани во анекс кој е составен дел на Колективниот договор.

Во членот 232 од Законот за работните односи е определено дека колективните договори мора јавно да се објават. Поединечниот колективен договор се објавува на начинот утврден со договорот. Од оваа одредба произлегува дека законодавецот не предвидел можност делови од колективниот договор да претставуваат службена тајна и да не се објавуваат.

Платата претставува еден од основните елементи на работниот однос поради што и законодавецот во членот 28 од Законот за работните односи во кој е уредена содржината на договорот за вработување определил дека договорот за вработување особено содржи одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување. Оттука произлегува дека платата и сите елементи што ја определуваат висината на платата, во кои што спаѓаат и коефициентите за сложеност на работните места, на работникот треба да му бидат познати уште при склучувањето на договорот за вработување. Работодавачот, согласно член 25 став 9 од Законот, мора пред склучувањето на договорот за вработување да го запознае кандидатот со работата, условите за работа како и правата на работниците кои се поврзани со вршењето на работата на работното место за кое што се склучува договорот за вработување.

Колективниот договор е двостран договор помеѓу договорните страни, која имплицира заемна обврска и на работодавачот и на синдикатот за воспоставување на целосна комуникација без ограничување по однос на информациите за правата од работен однос, што претставува и обврска согласно одредбите од Законот за работните односи. Оттука оспорената одредба од членот 47 став 5 која утврдува дека коефициентите за различните звања претставуваат службена тајна, претставува ограничување на правото на работникот да биде информиран за прашање кое е од исклучително значење за социјалната положба на работниците, и не е во согласност со цитираните одредби од Законот за работните односи.

Одредбата од членот 117 став 1 од Колективниот договор се оспорува од причина што за откажување на договорот за вработување, распоредување на друго работно место или ставање во понеповолна положба на синдикалните претставници, се бара покрај нивната согласност и согласност од репрезентативниот синдикат, а не од синдикатот кој ги избрал тие синдикални претставници. Подносителот смета дека со тоа се создавала можност за пресметка со, односно уништување на останатите синдикални организации со тоа што ќе се давала согласност за откажување на договорите за вработување на синдикалните претставници на синдикатите што не се репрезентативни, што веќе и се случило во практиката со неколкумина синдикални претставници кај работодавачот.

Во однос на одредбата од ставот 4 на член 117 од Колективниот договор, во иницијативата се наведува дека таа била спротивна на член 199 став 2 од Законот за работните односи кој не предвидува ограничување по однос на бројот на синдикалните претставници, така што и заштитата од членот 200 од Законот за работните односи се однесува на сите синдикални претставници.

Во врска со овие прашања, во член 199 став 2 од Законот за работните односи е утврдено дека синдикатите кои имаат членови вработени кај одреден работодавач можат да именуваат или изберат еден или повеќе синдикални претставници кои ќе ги застапуваат кај тој работодавач. Синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот (став 3). Според ставот 7 на овој член, синдикатот е должен да го извести работодавачот за именувањето на синдикалниот претставник.

Заштитата на синдикалните претставници е уредена во членот 200 од Законот за работните односи. Според тој член, синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно со овој закон. На синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување. На синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување само со претходна согласност на синдикатот. Ако синдикатот во рок од осум дена не се изјасни за давање или ускратување на согласноста, се смета дека е согласен со одлуката на работодавачот. Ако синдикатот не даде согласност, согласноста може да се надомести со судска одлука. Заштитата пред отказ за лицата од ставот (1) на овој член трае цело време за времето на траењето на мандатот и најмалку две години по престанување на мандатот.

Од наведените одредби од Законот за работите односи јасно произлегува дека со Законот не е ограничен бројот на синдикалните претставници што може да бидат избрани од страна на синдикатот заради заштита на правата и интересите на членовите на синдикатот кај работодавачот и дека заштитата на синдикалните претставници се однесува на сите синдикални претставници, односно не е ограничена на одреден број на синдикалните претставници, ниту пак зависи од фактот дали тие се членови на репрезентативен синдикат или синдикат кој не е репрезентативен.

Исто така од одредбата од членот 200 став 3, произлегува дека на согласноста за откажување на договорот за вработување на синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста се бара од синдикатот, што логично подразбира да биде синдикатот кој го избрал работникот и чии што интереси кај работодавачот ги застапува избраниот синдикален претставник. Значи законот не предвидува согласноста да се бара од репрезентативниот синдикат, како што тоа е предвидено со оспорената одредба од член 116 став 1 од Колективниот договор на М-НАВ.

Поради наведените причини Судот утврди дека со одредбите од членот 117 став 1 и став 4, положбата на синдикалниот претставник и неговото право на заштита се уредени на начин што е понеповолен од оној предвиден со член 199 и член 200 од Законот за работните односи, што е недопуштено согласно член 12 став 2 од Законот за работните односи, според кој со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон и дека поради тоа истата е во спротивност со Законот за работните одоси.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.

8. Оваа одлука, Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2014
8 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева