Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за исплата на надомест на членовите на Управниот одбор на јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево бр.02-88/2, донесена од Управниот одбор на 14.09.2009 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Зорица Мановска директор на јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево застапувана од адвокатот Анета Темчева од Делчево, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена воточката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законот.
4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на јавната локална библиотека „Илинден“во Делчево на 14.09.2009 година, донел Одлука за исплата на надоместок на членовите на Управниот одбор.
Според член 1 од одлуката на членовите на Управниот одбор ќе им се исплатува надомест од 3000 денари на претседателот и по 2000 денари на другите членови.
Според член 2 од одлуката,членовите на Управниот одбор ќе примаат надомест за секоја одржана седница.
Според член 3 од одлуката,таа стапува во сила со денот на донесувањето.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 1 од Законот за библиотеките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004, 89/2008, 116/2010 и 51/2011) со овој закон се уредуваат вршењето на дејноста на библиотеките, работењето на библиотеките, основањето, видовите библиотеки, организацијата, координација, стручните звања, надзорот и други прашања што се од значење за вршење на дејноста на библиотеките во Република Македонија.
Согласно членовите 3, 4 и 5 од наведениот закон, библиотеката е непрофитна установа од областа на културата која врши дејност од јавен интерес, при што на основањето, работата и престанокот на библиотеките раководењето, управувањето, одлучувањето, финансирањето и надзорот се применуваат одредбите на Законот за културата.
Во членовите 11,12,13 и 14 од Законот за библиотеките се уредени прашањата кои се однесуваат на основањето, раководењето, управувањето и финансирањето на локалните библиотеки.Орган на управување на локалната библиотека е Управниот одбор кој го сочинуваат пет преставници кои ги именува советот на општините,од кои тројца се претставници од редот на истакнати поединци од областа на културата и двајца претставници од редот на вработените во библиотекта.
Според член 34 став 4 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998,49/2003, 82/2005,24/2007, 116/2010, 47/2011, 51/2011, 136/2012, 23/2013 и 187/2013) на претседателот и на членовите на Управниот одбор на националната установа (библиотека) им следува соодветен надомест што го определува министерот за култура, а согласно членот 37 од законот, одредбите од овој закон што се однесуваат на националната установа, соодветно се применуваат и на општинска-градска установа, особено за основање, работа, раководење, управување, одлучување и финансирање на националната установа, доколку со Законот за локалната самоуправа или со закон за одделни дејности во културата поинаку не е утврдено.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека библиотеката е јавна установа која врши дејност од јавен интерес и може да биде национална и локална при што како основач може да се јави државата односно Владата, единицата на локалната самоуправа и приватана која ја основа физичко или правно лице. Со библиотеката управува Управен одбор чии членови ги именува основачот. На членовите на Управниот одбор им следува надоместок кој го определува основачот.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека на членовите на Управниот одбор им следува надоместок. Од содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека во конкретниов случај Управниот одбор на јавната локална библиотека ги надминал овластувањата во смисла на тоа што тој за своите членови, а не основачот определил надоместок за присуство на седниците на Управниот одбор, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и законите.
6. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.153/2013
8 октомври2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева