60/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Табелите 1 и 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2011).

2. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Табелите 1 и 2 од Тарифата означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во оспорените табели од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, не било напишано дали цените се со вклучен ДДВ (данок на додадена вредност) или без ДДВ. Со оглед на наведеното, според подносителот на иницијативата, тоа значело дека цените се со вклучено ДДВ, бидејќи тоа било поповолно за должникот од кого присилно се наплаќа ДДВ. Во поткрепа на ваквиот став, се наведува дека сите цени во Тарифникот завршувале без центи, што значело дека во нив е вклучен ДДВ.

Според Законот за ДДВ, извршителите можеле да бидат ДДВ обврзници ако прават голем промет (над 1.300.000 денари) и да не бидат ДДВ обврзници ако прават мал промет. Но тоа не значело дека должникот на извршителот кој е ДДВ обврзник специјално требало да му го плати ДДВ.

Требало да се прави разлика помеѓу трговците и извршителите.

Трговските друштва биле слободни субјекти на пазарот и тие слободно ја формирале продажната цена на производот или услугата на пазарот. Од таа продажна цена тие плаќале или не ДДВ, во зависност дали се ДДВ обврзници. Купувачот не бил обврзан да купи стока или услуга од ДДВ обврзник.

Извршителите биле јавни субјекти на пазарот. Цената што ја плаќаат должниците морала да биде еднаква без разлика дали извршителот е ДДВ обврзник или не, особено што истата присилно се наплаќа. Ако еден извршител наплаќа ДДВ, а друг не наплаќа, должниците се доведувале во нерамноправна положба пред Уставот и Законот за извршување.

Без јасно напишано во оспорените табели на Тарифата дали цените се со ДДВ или без ДДВ, се повредувале: член 9 од Уставот (граѓаните пред Уставот и законите се еднакви), член 30 од Уставот (се гарантира сопственоста), член 43 од Законот за извршување ( извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката…со незаконско спроведување на извршни дејствија..), затоа што извршителот не поднесувал никаква одговорност до колку наплаќа ДДВ, а знаел дека Претседателот на судот тоа не го дозволува.

ДДВ бил голем данок и во Табелите јасно требало да биде напишано дали се цените со вклучен ДДВ или не.

3. Судот на седницата утврди дека Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите е донесена врз основа на член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010), од страна на министерот за правда, а по претходно прибавено мислење од Комората на извршители на Република Македонија.

Тарифата има 15 члена.

Според член 13 од Тарифата, Табелите 1 и 2 се составен дел на оваа тарифа.

Табелата 1 има 4 колони, и тоа:

Р.бр. Износ на главно побарување Цена за администрирање на предмет Награда за извршените дејствија

Табелата 2 има три колони, и тоа:

Р.бр. Извршни дејствија Чинење/Цена

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Со Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) законодавецот ги уредил правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, како и на извршување на брод и на воздухоплов (член 1).

Со член 40 од Законот се утврдени извршните дејствија кои ги презема извршителот, а со член 46 став 1 од истиот закон се пропишува дека извршителот за извршените дејствија има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот, која, според став 2 на истиот член, ја донесува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следните критериуми:
1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа;
2) цена на извршните дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување и
3) награда на извршителот за извршените дејствија, која се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, како и според износот на главното побарување утврдено во извршната исправа кај паричните побарувања, односно вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања утврдена во извршната исправа.

Според став 3 на истиот член, доколку вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на пресметувањето.

Според член 43 став 1 од Законот, извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката или спрема трети лица, со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон.

Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, е донесена врз основа на член 46 став 2 од Законот за извршување, од министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители на Република Македонија.

Според член 1 од Тарифата, со Тарифата се определуваат наградата и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите.

Според член 2 од Тарифата, извршителот за преземање на извршните дејствија наплаќа награда и надоместок на трошоците според: цена за администрирање; цена на извршните дејствија и награда на извршителот за извршените дејствија.

Според член 13 од Тарифата, Табелите 1 и 2 се составен дел на оваа тарифа. Со Табелата 1 се определува цената за администрирање на предмет определена преку износот на главното побарување, како и наградата за извршните дејствија, а со Табелата 2 се определува цената на ивршните дејствија кои ги презема извршителот. Во наведените табели не е наведено дека во цените на дејствијата е вклучен ДДВ, ниту таква обврска произлегува од Законот за извршување, кој е правен основ за донесување на Тарифата.

Според член 1 став 2 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“број 44/1999, 59/1999, 86/1999, 11/2000, 93/2000, 8/2001, 21/2003, 17/2004, 19/2004, 33/2006, 45/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/2010, 102/2010, 24/2011, 135/2011, 155/2012, 12/2014 и 112/2014), данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако не е поинаку пропишано со овој закон.

Согласно член 9 став 1 од Законот, даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Според член 16 од овој закон, даночна основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, или што треба да се добие за прометот, во кој не е вклучен данокот на додадена вредност (став 1). Под надоместок во смисла на став 1 од овој член се подразбираат пари, добра, услуги и други бенефиции според пазарната цена која ја плаќа или треба да ја плати примателот на доброто или корисникот на услугата или некое друго лице (став 2).

Согласно член 51 став 1 од истиот закон (прва реченица), сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 2.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност. Според став 3 на овој член, даночни обврзници – резиденти во земјата кои не се обврзани за регистрација според став 1 првата реченица не должат данок на додадена вредност за прометот на добра и услуги извршени од нив. Тие не се овластени одделно да искажуваат данок во фактурите или во други документи и немаат право на одбиток на претходни даноци. Според став 4 на истиот член, даночните обврзници во смисла на став 3 од овој член, можат доброволно да се регистрираат за данокот на додадена вредност од почетокот на секоја календарска година. Во тој случај не се применува став 3 од овој член.

Од наведената законска регулатива произлегува дека извршителите кои ги исполнуваат условите од член 51 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност (остваруваат промет на услуги за кои добиваат надоместок во износ над 2.000.000 денари во изминатата календарска година), се обврзани за регистрација на данок на додадена вредност и за негова наплата, а извршителите кои не ги исполнуваат овие услови (прометот на услуги во изминатата календарска година не надминал износ од 2.000,000 денари), не должат данок на додадена вредност за услугите извршени од нив. Даночна основа за пресметување на данокот на додадена вредност претставува реалниот трошок на извршителите за преземените извршни дејствија при спроведување на извршувањето, утврдени во Табелите 1 и 2 на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите. Данокот на додадена вредност не е приход на извршителот, а извршителот е должен како даночен обврзник по основ на данок на додадена вредност истиот да го наплати согласно закон.

Дали извршителите го исполнуваат условот да бидат регистрирани како даночни обврзници за данок на додадена вредност е фактичко прашање, кое зависи од тоа дали извршителот ги исполнува законски пропишаните услови за тоа.

При таква состојба, произлегува дека утврдувањето на наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на извршителите во Тарифата, без вклучено ДДВ, ги става во еднаква положба сите извршители и должници во однос на пресметката на наведените трошоци за кои постои законски основ. Дали извршителот ќе треба да пресмета ДДВ на тие трошоци зависи од тоа дали истиот ги исполнува условите пропишани со Законот за данокот на додадена вредност, односно дали е обврзан за регистрација за данокот на додадена вредност, и тоа не е прашање за кое одлучува претседателот на судот кој одлучува по приговор за неправилности во извршувањето, како што погрешно се наведува во иницијативата.

Фактот што во оспорените табели 1 и 2 на Тарифата не е посебно наведено дека цените се без вклучен ДДВ, не е од влијание за уставноста и законитоста на Табелите. Ова затоа што обврската за пресметка и начинот на плаќање на данокот на додадена вредност е уредено со Законот за данок на додадена вредност, а со наведената тарифа се определува наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на извршителите во согласност со Законот за извршување.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека без јасно напишано во Тарифата дали цените се со ДДВ или без ДДВ, граѓаните должници не биле еднакви пред Законот за извршување и дека наплатата на ДДВ-то водело кон неуставно одземање на дел од сопственоста на должникот, поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на Табелата 1 и Табелата 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите со член 9 и член 30 од Уставот и со член 43 од Законот за извршување.

Прашањето за тоа дали одредбите од Законот за данокот на додадена вредност кои овозможуваат некои извршители да се регистрирани обврзници за данок на додадена вредност и да имаат обврска за пресметка и наплата на овој данок, а некои не, ги ставаат во иста положба извршителите и должниците во однос на тоа еден должник да плаќа повеќе а друг помалку за исто извршување, во зависност од тоа дали плаќа ДДВ или не, не е предмет на оспорување со оваа иницијатива.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.60/2014
8 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева