Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 8 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на согласноста на член 133 став 2, член 134 став 4 и член 135 став 2 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011) со други одредби од тој закон како и со Законот за служба во АРМ.
2. Зоран Јовановски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на согласноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение со други одредби од истиот закон и со Законот за служба во АРМ.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби (кои предвидувале министерот за одбрана да ги определува овластените службени лица за разузнавање, контраразузнавање, откривање и спречување на кривични дела од Министерството за одбрана) биле противзаконити, од причина што министерот за одбрана тоа го правел не само од персоналот на министерството за одбрана, туку и од целата Армија, односно и за персоналот од воените единици без знаење на Началникот на Генералштабот, со што министерот за одбрана командувал и со дел од воениот персонал, иако немал таква надлежност.
Овие одредби биле спротивни на член 26 точка 2, 7, 13 и 15 од Законот за одбрана во кои се определени надлежностите на Генралштабот. Персоналниот менаџмент бил дел од борбената готовност на воените единици и доколку Министерот за одбрана врши определување и менување на лица во воените единици без предлог, согласност и знаење на Началникот на Генралштабот на АРМ, тој не бил во можност да ги спроведува одредбите од Законот за одбрана, а началникот на Генералштабот немал целосна командна функција врз персоналот и воените единици на АРМ.
Оспорените одредби биле спротивни и на член 28 став 2 од Законот за одбрана бидејќи Началникот на Генералштабот не би можел непречено да командува, односно да организира разузнавање и контраразузнавање во воените единици, доколку Министерот за одбрана ги определува лицата во воените единици без негово знаење и согласност.
Ова било спротивно и на член 55 точка 3 од Законот за служба во АРМ, бидејќи министерот не бил претпоставен на воените лица од воените единици за да ја оценува нивната работа и да ги определува и менува од должност.
Оспорените одредби според тоа биле спротивни на наведените одредби од Законот за одбрана и на Законот за служба во АРМ, затоа што со нив се одземале законски надлежности на Началникот на Генералштабот на АРМ и командантите на воените единици. Исто така се правел упад во системот на командување и субординација со воените единици, се спречувало непречено командување со воените единици, односно се појавувало двојно командување и надлежност врз воените единици што било неспоиво за воените организации.
3. Судот на седницата утврди дека, според членот 133 од Законот за одбрана, разузнавањето во Армијата опфаќа мерки, активности и постапки што се преземаат заради собирање, документирање и анализирање на разузнавачки податоци значајни за одбраната на Републиката. Според оспорениот став 2 на овој член, работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица на Министерството за одбрана кои ги определува министерот за одбрана.
Според членот 134 став 1 од Законот за одбрана, контраразузнавањето во Армијата опфаќа мерки, активности и постапки што се преземаат заради: откривање и спречување на разузнавачка и друга субверзивна дејност на странски воено-разузнавачки и разузнавачки служби, која се врши во земјата или од странство, а е насочена кон одбраната на Републиката; откривање и спречување на сите форми на терористичка дејност насочена кон одбраната на Републиката и спроведување на контраразузнавачка заштита на задачите и плановите, документите, материјално-техничките средства, подрачјата, зоните и објектите од интерес за одбраната на Републиката.
Во оспорениот став 2 на овој член од Законот е утврдено дека работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица на Министерството за одбрана код ги определува министерот за одбрана.
Судот на седницата исто така утврди дека во членот 135 став 1 од Законот за одбрана е предвидено дека спречување и откривање на кривични дела во воените единици и установи, на простори на кои логоруваат воени единици или се изведуваат вежбовни активности на Армијата, како и во објекти и зони што ќе ги определи Владата, опфаќа мерки, активности и постапки кои се преземаат заради спречување за вршење на кривични дела како и за откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежните органи. Во ставот 2 на истиот член од Законот, кој е оспорен со иницијативата, е определено дека работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица на Министерството за одбрана кои ги определува министерот за одбрана.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за одбрана биле противзаконски, односно спротивни на Законот за одбрана и на Законот за служба во АРМ. Во иницијативата не е наведена ниту една одредба од Уставот, туку сите аргументи на подносителот на иницијативата се сведуваат на несогласност на оспорените одредби од членовите 133 став 2, член 134 став 4 и член 135 став 2 од Законот за одбрана со други одредби од истиот закон, како и на нивна несогласност со одредби од друг закон – Законот за служба во АРМ.
Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд да ја оценува согласноста на законите со Уставот како и уставно-судската практика (Решение У.бр.62/2011 од 8 јуни 2011, Решение У.бр.197/2011 од 14 ноември 2012 и други) од која јасно произлегува дека Уставниот суд ги отфрлал како ненадлежен иницијативите за оценка на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, односно согласност на одредбите од два закои, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.41/2014
08.10.2014 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева