77/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 70 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) и член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992).

2. Чангова Миленка од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот и Деловникот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, согласно члено-вите 9, 50 и 54 од Уставот, право на пристап до суд можел да има само граѓанинот како физичко лице, но не и правното лице, бидејќи во наведените уставни одредби правното лице воопшто не било предмет на уредени права и слободи. Подносителката на иницијативата имала спротивни агрументи од изнесените во решението на Уставниот суд У.бр.90/2013 од 26 ноември 2013 година кога Судот не повел постапка за оценување на уставноста за истата оспорена законска одредба. Новиот факт од кој требал да се раководи Уставниот суд била токму содржината на членовите 9, 50 и 54 од Уставот.

Поаѓајќи од содржината на истите уставни одредби подносителката на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста и на членот 12 од Деловникот, бидејќи спротивно на Уставот предвидувал секој (тоа значело и правните лица), а не само граѓаните да можат да бараат заштита од противуставни и незаконити акти.

3. Судот на седницата утврди дека според член 70 став 1 од Законот за парничната постапка, странка во постапката може да биде секое физичко и правно лице.

Согласно член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој може да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, како и кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај на подносителката на иниција-тивата, правните гледишта на Судот изразени во решението У.бр.90/2013 од 26.11.2013 година и се познати. Меѓутоа, истата смета дека при одлучувањето Судот немал предвид дека од содржината на членовите 9, 50 и 54 од Уставот произлегувало дека само граѓани, но не и правни лица имаат право на пристап пред суд.

Од содржината на наведеното решение произлегува дека Судот ја оценувал оспорената законска одредба токму по однос на нејзината согласност со членовите 9, 50 и 54 од Уставот. Наспроти тоа со иницијативата се бара преспитување на гледиштата на Судот и повторна оцена на уставноста на оспорената одредба по однос на истите уставни одредби, од каде произлегува дека во оваа иницијатива не се посочуваат нови основи кои би можеле да доведат до изразување на поинакво гледиште од веќе изнесеното. Оттаму, Судот оцени дека по однос на оспорената законска одредба се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Согласно член 113 од Уставот начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот. По овој уставен основ, со Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, се уредени начинот на работата и постапката пред Уставниот суд.

Според оваа уставна одредба, но и од соджината на Деловникот на Судот, како целина, произлегува дека граѓаните не можат да иницираат промена на содржината на актот со кој се уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд на што се сведуваат наводите во иницијативата по однос на оспорената деловничка одредба. Имајќи предвид дека промените на Деловникот спаѓаат во исклучива надлежност на Уставниот суд, Судот оцени дека за овој дел од иницијативата постојат процесни пречки за постапување и се исполнети условите за отфрлање, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2014
9 јули 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева