У.бр.32/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Девеана“ УЕ „Д“ Блок Д 7 дел општина Кичево, 2013-2018 (4,06 ха) општина Кичево, бр.07-326/4, донесена од Советот на општина Кичево на 31.01.2014 година.

2. Иванка Радеска, Лазе Вељаноски и Илија Нестороски сите од Кичево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека на вонредна седница одржана на 31 јануари 2014 година, Советот на општината Кичево ја донел оспорената одлука. Како директно засегнати со оваа одлука подносителите на иницијативата со знаење дека ќе се вршат измени на Деталниот урбанистички план на наведениот реон, поднеле барање до Секторот за урбанизам при општина Кичево под бр.09-890/1 од 25 март 2013 година за задржување на нивните времени објекти како урбана опрема согласно со постоечкиот Детален урбанистички план усвоен со Одлука бр.07-839/4 од 14 јуни 2000 година. На нивното барање, до поднесување на иницијативата пред Уставниот суд, не добиле одговор.

Исто така, од нивна страна било поднесено барање до Општинскиот јавен правобранител, под бр. Р.09-19/13 од 2 април 2013 година, да го заштити државниот имот, односно да се вклучи во постапката за измена на Деталниот урбанистички план и доколку измената е на штета на државното земјиште, соодветно да реагира согласно законските прописи.

Истото циркуларно барање со информација било доставено и до Секторотза урбанизам при општина Кичево, бр.10-1042/1 од 16 април 2013 година.

На овие барања подносителите не добиле одговор од наведените органи.

Подносителите доставиле барање и до нивниот колега М.М. Секторот за урбанизам како приговор за предлог за измена на Деталниот урбанистички план, како и приговор до ДООЕЛ Перкан-Проект – Прилеп на 29 јули 2013 година да не се постапува спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи, при што на нивните приговори не добиле одговор.

Понатаму, подносителите наведуваат дека како круна за непочитување на законите и прописите и игнорирање на нивните барања бил и фактот што на организираната јавна анкета во просториите на општина Кичево одржана на 24 јули 2013 година тие доставиле анкетен лист со забелешки, за што не добиле одговор.

На крајот, подносителите наведуваат дека и покрај нивната настојчивост измената на планот да се реализира по законски пат, наведените органи до кои доставиле приговори противзаконски, а по идеја на барателот за финансирање на измената на Планот, планот бил донесен без законско покритие.

Имајќи го предвид наведеното, подносителите со предметната иницијатива бараат Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста, како и решение за запирање од извршување и на актите и дејствијата преземени врз основа на оспорената одлука, а по спроведување на јавна расправа, Судот да донесе одлука со која ќе ја укине оспорената Одлука бр.07-326/4 од 31 јануари 2014 година, при што наведуваат дека, покрај другото, Уставниот суд својата одлука треба да ја заснова на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 и член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со член 26 став 5 алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (пречистен текст бр.70/2013), Советот на општина Кичево на 31.01.2014 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Девеана“ УЕ „Д“Блок Д7 дел општина Кичево, 2013-2018 (4,06 ха) општина Кичево, бр.07-326/4.

Според член 1 од наведената одлука, со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за нас. „Девеана“ УЕ „Д“ Блок Д 7 дел во Кичево со Предлог планот изговен од ДГТП ПЕРКАН ПРОЕКТ ДООЕЛ, Прилеп со тех.бр.9/13 од декември 2013 година.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека планот содржи: документациона основа, планска документација, текстуален дел, нумерички дел, графички дел, извештај од извршената стручна ревизија, стручно мислење по нацрт планот, извештај по јавната анкета, согласност на предлог планот.

Според член 3 од одлуката, планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесување во 7 примероци со потпис и печат од доносителот на планот и се доставува до надлежните служби согласно член 27 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, еден се чува во архивата на донесувачот на планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите за уредување на просторот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за катастар на недвижности и седмиот примерок се изложува во седиштето на општина Кичево заради достапност во јавност.

Според членот 4, планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и сообраќај на општина Кичево.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во службеното гласило на општина Кичево.

4. Од увидот во документацијата што ја достави доносителот Советот на општина Кичево, а пред донесување на оспорената одлука, Судот утврди дека се преземени следните дејствија односно донесени се следните акти:

– На 17.01.2013 година Советот на општина Кичево донел Одлука за отпочнување на постапка за изработка на измена и дополна на Деталниот урбанистички план за населба „Девеана“ УЕ „Д“ Блок Д7 општина Кичево бр.07-108/17.

Изработката на планот ќе се врши со самофинансирање на група граѓани на општина Кичево.

– На 28 февруари 2013 година Стручната комисија по урбанистичкиот план до градоначалникот на општина Кичево доставила Предлог за одобрување на планска програма за измена на ДУП бр.09-648/2.

– Измената и дополнувањето на ДУП во фаза на Нацрт-план од јуни 2013 година изработувач на планот е ДООЕЛ „Перкан-Проект“ – Прилеп.

– Извештај за стручна ревизија на нацрт-планот од април 2013 година извршен од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови тех.бр.021/13.

– Извештај за постапување на забелешки од стручната ревизија на измена и дополнување на ДУП од 11.04.2013 година извештајот од изработувачот на планот „Перкан-Проект“ – Прилеп бр.09-648/4 од 7 јуни Сектор за урбанизам.

Стручната комисија формирана од градоначалникот на општината на 7 јуни 2013 година до градоначалникот на општината и до Секторот за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, комунални дејности и уредување на градежното земјиште и локален економски развој Одделение за урбанизам и сообраќај доставила мислење бр.09-648/4.

На 25 јуни 2013 година Советот на општина Кичево донел Одлука за утврдување на Нацрт Деталниот урбанистички план за измена и дополна за населба „Девеана“ УЕ „Д“ Блок 7 дел од општина Кичево.

– Одлуката за организирање на јавна анкета и јавна презентација на Нацрт-ДУП за населба „Девеана“ УЕ „Д“ Блок 7 дел од општина Кичево е донесена од градоначалникот на општината бр.09-648/6 на 15 јули 2013 година.

– Соопштение од градоначалникот на општина Кичево бр. 09-648/7 од 15 јули 2013 година во кое е предвиено дека нацрт-планот ќе биде изложен во просторијата бр.17 во административната зграда на општината во рок од 10 дена односно од 17.07.2013 до 30.07.2013 година.

– Во определениот рок заинтересираните правни и физички лица можат да достават забелешки на анкетни листови и јавната презентација ќе се врши на 24.07.2013 година.

– Соопштението за спроведување на јавната анкета и јавната презентација била доставена до Радио „Александар Македонски“ – Кичево и Радио „Ускана“ – Кичево кои потврдиле дека во точно наведениот термин го емитувале соопштението за спроведување на јавна анкета и јавна презентација.

– Градоначалникот на општина Кичево на 6.08.2013 година донел Решение бр.09-648/17 со кое формира стручна комисија за изработка на извештај од јавната анкета за урбанистичкиот план.

– Стручната комисија изготвила Извештај бр.09-648/18 од 22.08.2013 година по забелешките од јавната презентација и јавната анкета на Нацрт-ДУП.

– Во Извештајот се наведува дека на јавната презентација присуствувале: претставник на Секторот за урбанизам, претставник на ЈП „Комуналец“, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување, претставник на ЕВН Македонија, како и заинтересирани граѓани.

По однос на нацрт-планот забелешките од јавната анкета се дадени на пет анкетни листа од кои 2 биле усвоени, а 3 не биле усвоени.

Во анкетниот лист 2 подносителите Иванка Радеска, Лазе Вељаноски и Илија Нестороски (кои се подносители и на предметнава иницијатива) како засегнати граѓани барале нивните времени објекти како и урбаната опрема во кој обавувале дејност со измената на планот истите да бидат потврдени.

Барањето не било усвоено со образложение дека со ДУП не можат да се планираат или задржат постојни времени објекти и урбана опрема, а истовремено се напоменува дека барателите не биле сопственици на градежното земјиште туку имале одобрение за поставување на времени објекти.

На крајот од извештајот се заклучува дека Комисијата писмено ќе ги извести лицата кои поднеле анкетен лист со образложение за прифаќање односно неприфаќање на неговите забелешки.

Во врска со јавната презентација и стручна консултација на која бил изложен планот одржана на 24 јули 2013 година составен е Записник бр.09-648/16 од 6 август 2013 година на кој присуствувале претставник на Одделението за урбанизам, претставник на ЕВН, претставник на Македонски телеком,претставник на ЈП „Комуналец“ претставник на Дирекцијата зазаштита и спасување и заинтересирани граѓани, при што претставникот на Дирекцијата за заштита и спасување изјавил дека до нив не било доставено барање, а од страна на граѓаните биле поставени одредени забелешки.

На 6 септември 2013 година Градоначалникот на општина Кичево доставил барање до Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот за добивање согласност на планот.

Министерството за транспорт и врски со допис бр.14-8597/2 од 30 септември 2013 година по разгледување на предлог-планот и документацијата не издало согласност на планот и ги вратил списите на градоначалникот на општина Кичево. Согласноста била вратена и биле дадени насоки да се отстранат одредени недостатоци и забелешки кои во писмениот акт децидно се наведени.

Министерството за транспорт и врски наведува дека по усогласување и постапување по забелешките предлог-планот да се достави до Министерството за транспорт и врски за согласност.

По дадените и вградените забелешки изготвен е Извештај за постапување по забелешките од неиздавање на согласност од страна на изработувачот на планот ДООЕЛ „Перкан Проект“ – Прилеп (ноември 2013 година).

Во декември 2013 година е утврден Предлог-планот и по истиот на 22.01.2014 година е побарана согласност од Министерството за транспорт и врски.

Согласност е дадена на 24 јануари 2014 година, а на 31 јануари 2014 година е донесена оспорената одлука.

Од утврдената фактичка состојба недвосмислено произлегува дека Деталниот урбанистички план за населба „Девеана“ е донесен во постапка предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место и
– урбанистички план за четврт

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, утврдената фактичка состојба во однос на донесување на планот, наводите од иницијативата, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот план во поглед на постапка за донесување предвидена со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

Во однос на наводите на иницијативата според кои подносителите на иницијативата не добиле одговор од Секторот за урбанизам, општинскиот јавен правобранител, Советот на општина Кичево, изработувачот на планот „Перкан Проект“ – Прилеп, видно од самите поднесоци од подносителите на иницијативата истите се поднесени пред одржување на јавната анкета, согласно надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека не е надлежен да се впушта по однос на тоа дали некој надлежен орган во определен рок на подносителот на барањето доставил одговор или не.

Во врска со поднесениот анкетен лист на лицата кои истовремено се подносители и на предметната иницијатива пред Уставниот суд, видно од извештајот од јавната анкета и од одговорот барањето не било усвоено, од причина што на предвидениот простор кој е опфатен со планот имале поставено времени објекти и барале истите да се потврдат. Одговорот на анкетните листови неспорно е доставен по донесување на планот од објективни причини што и самиот доносител Советот на општината чекал да добие согласност од надлежното Министерство по предлог планот (член 24 од Законот).

Од увидот извршен во врска со поднесените анкетни листови е констатирано дека одговор за прифатени и неприфатени забелешки се доставени до сите подносители на 14 март 2014 година за што има доказ дека се доставени до лицата и дека се примени.

Според Судот, доставувањето на забелешките за прифатени односно неприфатени барања, а кои се доставени по донесување на планот, не претставува таква повреда што би ја довела во прашање постапката за донесување на планот и би го довела во прашање опстојувањето на планот во правниот поредок.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.32/2014
9 јули 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева