Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2014 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Тито Петковски од Скопје, за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата, кои барателот смета дека му се повредени со Пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје, VIII–O П4а-144/2013 од 15.07.2013 година и Пресуда на Апелациониот суд Скопје, КЖ бр. 5498/13 од 09.01.2014 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“
3. Тито Петковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата одчлен 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со пресудите наведени во точката 1 од оваа одлука.
Според наводите во барањето, со првостепената пресуда, потврдена во целост од второстепениот суд, Основниот суд Скопје 2 Скопје делумно го усвоил тужбеното барање на тужителот Никола Груевски и утврдил одговорност за клевета на тужениот Тито Петковски (подносителот на барањето за заштита на слободите и правата), затоа што во неделникот Фокус од 30.11.2012 година со намера да наштети на честа и угледот на тужителот изнел невистинити факти што биле штетни за честа и угледот на тужителот на начин што изјавил дека тужителот “Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје“, а која изјава била објавена во неделникот Фокус на страна 13 во посебна рамка со наслов „Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија-Скопје“, па го задолжил тужениот да плати на тужителот на име надомест на нематеријална штета износ од 650.000,00 денари со законска казнена камата сметано од денот на пресудувањето…во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Инкриминираната изјава на тужениот – подносителот на барањето Тито Петковски која претставувала израз на слободата на јавно изразување на мислата и на политичкото дејствување во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот и член 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се однесувала на настан од 2008 година (Самитот во Букурешт).
Во таа изјава не се тврдело дека тужителот Никола Груевски (претседател на Владата на Република Македонија) се откажал од референдум во врска со спорот за името на Република Македонија.
Објективно, тежиштето на изјавата била вистинскиот факт дека претседателот на Владата на Република Македонија, впрочем заедно со претседателот на Република Македонија, на Самитот во Букурешт во врска со политичкиот спор за името, отишле со заеднички политички став: Република Македонија (Скопје).
Овој факт (името), што всушност и не бил спорен меѓу парничните странки во граѓанската судска постапка, бил од пресудно значење за разбирањето и оценувањето на целовитата смисла на политичката вистинитост на предметната изјава и ја претставувал нејзината вистинска политичко-правна релевантна суштина.
За целовитата смисла на политичката вистинитост на предметната изјава, од споредно и помало значење било дали премиерот лично или министерот за надворешни работи упатил писмо до Советот за безбедност и Генералното собрание на ООН во коешто писмо инаку неспорно стоело горенаведеното име или дали премиерот или министерот предложил или се согласил со таков предлог, како што погрешно сметале граѓанските судови, од следните причини:
а) во однос на првиот факт (писмо) – затоа што вон од секакво сомнение било разумно и неизбежно да се заклучи дека политичкиот став на министерот за надворешни работи, г-дин Антонио Милошоски (министерството несомнено било орган на државна управа, а министерот член на Владата, според Уставот, Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа, и еден од најблиските соработници на премиерот) во врска со промената на името официјално искажан во службен документ испратен до ООН претставувал истовремено и официјален преговарачки политички став на Владата на Република Македонија, а тоа нужно значело и на премиерот, со кој став бил запознаен и претседателот на САД (предложен како сведок во граѓанската парница од страна на тужениот, т.е.подносителот на ова барање, но одбиен од страна на граѓанскиот суд).
Понатаму, во барањето се укажува што претставувало законски основ за исклучување на одговорност во смисла на член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (ЗГОНК):
Тврдење на факт дадено во вршење на политичка дејност (одговор на пратеник за политички став во врска со спорот со името даден на новинарско прашање), во одбрана на слобода на јавно изразување на мислата (различни политички и политичко-партиски ставови и оценки) и при заштита на јавен интерес (спор за името на државата) и друг оправдан интерес (заштита на јавно изразен сопствен политички и политички став на својата партија НСДП во релација со претходни политички дисквалификации од страна на друга политичка партија ВМРО-ДПМНЕ чиј претседател е премиерот што кулминирало во оцрнувачки видео спот против подносителот на предметното барање), бидејќи всушност се изнесувало тврдење (според формално „невистинит“ факт: писмо, предложил) што било содржано во акт и активност на државен орган МНР.
Незамисливо било министерот за надворешни работи за така важно прашање од јавен, политички и државен интерес какво што е спорот за името, во службеното писмо до Генералниот секретар на ООН да не го изнесувал истовремено и нужно и ставот на Владата и на премиерот. Напротив, постоела извесност дека претходно утврдениот став на Владата и на премиерот била само сублимиран во писмото формално потпишано од министерот за надворешни работи. Затоа, кога се ставал знак на политичко равенство, во гореопишаната смисла, помеѓу министерот и премиерот, тоа не претставувало изнесување „невистинити“ факти кои штетат на честа и угледот на г-дин Никола Груевски, како што погрешно сметале граѓанските судови. Сосема било легално и легитимно и во согласност со политичкиот обичај и пракса, а особено кога се давал одговор на новинарско прашање, да ставот за акцептирањето на името „Република Македонија (Скопје)“ формализиран во писмо поднесено од министерот за надворешни работи, се поистовети со став и писмо поднесено од премиерот, бидејќи се членови на истата влада. Според тоа, суштински, писмото од министерот за надворешни работи претставувало писмо на Владата и премиерот, што произлегувало од уставната и законската поставеност на нивниот меѓусебен однос.
б) Во однос на вториот факт (предложил) – затоа што неспорно било и општо познато дека во политичкиот спор со името не учествуваат непосредно и непосредувано само две држави (Република Македонија и Република Грција), туку дека меѓу нив повеќе години активно посредувал меѓународниот фактор г-дин Метју Нимиц кој во интерес на решавање на спорот го формулирал горе наведеното име пред Самитот во Букурешт во 2008 година.
Понатаму, во барањето се укажува дека за проценување на постоење на клевета во остварувањето на уставната слобода на политичко изразување и дејствување, од една страна, и од друга страна, за проценување дали во поединечна судска пресуда со која се утврдува одговорност за клевета всушност се ограничува и суспендира уставната слобода на изразувањето, покрај одредбите на ЗГОНК применети на конкретниот фактичко-процесуален градеж, ipso iure биле релевантни и стандардите и духот на одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и праксата на Европскиот суд за човекови права, за кои што граѓанскиот суд не водел сметка. Имено, од анализата на првостепената пресуда произлегувало дека судот не ги земал предвид одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, ниту праксата на Европскиот суд за човекови права, додека од второстепената пресуда произлегувало дека судот само ја споменувал Конвенцијата, без соодветен коментар и без наведување на пракса на Европскиот суд за човекови права – res interpretata.
А во смисла на истите (конвенцијата и праксата), во едно демократско општество дозволени биле и претерувања ако тоа требало да предизвика дебата, политички дискурс, јавна дискусија, без што било невозможно да се одвива било кој политички живот воопшто, бидејќи на тој начин се пројавувала живеела освоената уставна слобода на јавно политичко изразување и дејствување: во придобивките на јавната дискусија се состоела оригинерната непроменлива суштина на парламентарната демократија lato sensu.
Горното, ако се доведело во врска со дисквалификаторните претерувања од пропагандниот политички спот насочен против подносителот на барањето – кој сепак не истапил со тужба за навреда и клевета, водејќи сметка токму за значењето на слободата на јавно политичко изразување и дејствување, што нужно подразбирало и одредени претерувања кои во современи услови мора да се поднесуваат од секој носител на јавна функција, подеднакво укажувало дека со конечната правосилна поединечна одлука на граѓанскиот суд било повредено уставното право на јавно политичко изразување на подносителот на барањето.
Учесниците во граѓанската судска постапка биле носители на јавна функција, а исто така и инкриминираната изјава се однесувала на подрачје и прашање од јавен интерес, и тоа државен, политички интерес. За решавањето на спорот за името, помеѓу учесниците и политичките партии кои ги предводат, постоеле познати разлики во политичките ставови, коишто би можеле, условно, да се квалификуваат како потврди и помеки политички ставови.
Суштината на предметната изјава на подносителот на барањето: променетото име Република Македонија (Скопје), имала за легитимна цел директно да укаже на јавноста дека премиерот и Владата немале баш таков тврд став во врска со спорот со името, како што тоа произлегувало од негови други изјави во Република Македонија, пред и по Самитот во Букурешт (а сепак никој не правел дисквалификаторни видео спотови за таа цел).
Дека тежиштето на изјавата била вистинит факт (променето име), инаку во јавноста потиснуван, јасно се потврдувало и од Одговорот на демантот објавен во Фокус од 14.12.2012 година (значи пред поднесување на граѓанската тужба од 26.02/2013 година), во кој подносителот на барањето експлицитно појаснувал дека „Владата на Република Македонија официјално доставила согласност до Советот за безбедност на ОН за името – Република Македонија (Скопје).
Од изјавата, демантот и одговорот на демантот, како и од целокупноста на парничната постапка, произлегувало дека суштината на изјавата се однесувала на вистинит факт дека премиерот и Владата се согласиле и на Самитот во Букурешт отишле да преговараат за променето име.
Политичката смисла на спорната изјава во сојуз со одговорот на демантот, а во врска со ставот на премиерот, но и во врска со слободата на политичко изразување на подносителот на барањето, што во политичко-дебатна смисла од јавен интерес никако не подразбирало строга формално-правна и математичка точност и прецизност, произлегувало и од предложениот но од граѓанскиот суд неоправдано одбиен доказ ЦД со видео снимка на која поранешниот министер за одбрана Лазар Еленовски пред ЦО на НСДП исто така појаснувал дека ставот на премиерот во врска со спорот со името на Самитот во Букурешт во 2008 година и не бил така цврст и непроменлив како што произлегувало од неговите јавни изјави во Република Македонија.
Спорот со името бил од голем јавен интерес и од големо значење било народот и граѓаните да осознаат што точно се случувало (на Самитот во Букурешт во 2008 година) и се случува, каков бил поконкретно и поточно ставот на премиерот и Владата и што тоа во политичка смисла поконкретно значи, за што малку или воопшто отворено јавно и аргументирано, непосредно спротивставувачки, не се зборувало и дискутирало, поради што била поизразена потребата за тоа јавно да се проговори, особено ако се имале предвид различните ставови на политичките партии и нивните меѓусебни конфронтации во врска со тој спор.
Дури, кога тоа е потребно за предизвикување дебата, како што претходно било укажано, дозволени биле и одредени претерувања (споредните факти: писмо, предложил) со кои не се негира туку се потенцира централниот, носечки и вистинит факт на „спорната“ изјава, а тоа било дека Владата, значи и премиерот, на Самитот во Букурешт во 2008 година сепак го прифатиле предлогот за променето име („мек пристап“), иако во други јавни настапи во Република Македонија и после тој самит тврделе поинаку („тврд пристап“).
Оттука, постоел законски основ за исклучување на одговорност и во смисла на член 10 став 1 точка 3 од ЗГОНК, според кој невистинитите факти, содржани во тврдењето (писмо, предложил) имале споредно значење во однос на вистинитите факти на кои се однесува тврдењето (променето име) и битно не ја менувале неговата целовита смисла на вистинито тврдење.
Секој знаел дека во спорот со името бил вклучен медијатор и дека по природа на работите, при преговарање, се претресуваат различни предлози и опции. Која била разликата ако медијаторот или другата страна дале еден предлог, а ние сме се сложиле, од ситуацијата кога ние сме дале одреден предлог, а другата страна се сложила? И во двата случаи, прифаќаме да преговараме за одредено променето име. Зошто би било штетно ако ние предложиме одредена опција, а другата страна се сложи, а не би било штетно ако таа опција ја предложила другата страна, а ние сме се сложиле? Кога и во двата случаи се сложуваме да преговараме за променето име, кое што во изјавата било вистинито пренесено. Имајќи предвид дека станувало збор за преговори, кои имплицираат компромис, небитно било кој што предложил, а кој прифатил, туку било битно какво променето име е прифатено (не:кој туку: што)
Она на што премиерот, Владата и владеачката партија најмногу се повикувале: референдумот и неговото апсолутизирање, во што тие го гледале својот тврд и исправен став (во писмото од министерот за надворешни работи до ООН, кога се наведувало прифаќање на променетото име, никаде изречно не се оградувало и условувало со дополнителен референдум; на судски записник од 15.07.2013 година тужителот прво се согласил со писмото на министерот, потоа се повикал на точка 136 од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг), во инкриминираната изјава никаде не се споменувал, не се негирал и воопшто не се актуелизирал. Поентата на изјавата била насочена кон актуелизирање на новото сознание, веста за променето име, што систематски се потиснувало и политички се минимизирало.
Но затоа сите оние што јавно се согласувале за одредено променето име со цел за побрза евро-атлантска интеграција, стабилност и просперитет на државата, биле дискредитирани и етикетирани (предавници, непатриоти), иако истовремено и премиерот и Владата и владеачката партија на репрезентативниот Самит во Букурешт во 2008 година отишле со политички преговарачки став за променето име.
Според тоа, во изјавата на подносителот на барањето немало елементи за утврдување на граѓанска одговорност за клевета, односно во најмала рака постоеле законски основи за исклучување на неговата одговорност; но затоа, многу поважно, со конечниот поединечен судски акт – пресуда, се нарушувало и повредувало уставното право на слободно политичко изразување и дејствување на подносителот на барањето, пратеник, претседател на опозиционерска политичка партија, носител на јавна функција, давање одговор на новинарско прашање од јавен интерес, изразување на различен политички став од владеачката партија, оневозможување на поттикнување политичка дебата и сериозна критика, спречување демистификација и разобличување на „тврдите“ ставови, а истовремено се оневозможувало и казнувало остварувањето на уставно загарантираната слобода на јавно изразување и запознавање на народот, граѓаните и електоратот со вистинската смисла на важни политички ставови на власта, со што се оневозможувал демократскиот политички процес и живот.
Притоа, не се водело сметка за задолжителните становишта на Европскиот суд за човекови права, на кои било укажано во жалбата од 16.09.2013 година, според кои „витално е значението на политичките партии кои според Судот ја имаат клучната улога при промоцијата на плурализмот и обезбедување на здраво функционирање на демократијата; на политичките партии им се овозможува полна заштита на слободата на политичко изразување од член 10 од ЕКЧСП во насока на тоа да нивните активности се сметаат како практикување на слободата на изразување… суштината на демократијата е во нејзиниот капацитет да ги разрешува проблемите преку јавни и отворени дебати… Судот секогаш испитува дали изјавата е поврзана со тема од општ јавен интерес сфатен во широка смисла на поимот…“
Со правосилно утврдување на одговорност и осуда на подносителот на барањето со (енормнен) надомест на нематеријална штета, со конечната поединечна граѓанско судска одлука, од една страна: спротивно на ЗГОНК, под изговор и со правно несупстанцирано образложение за наводно изнесување на невистинити факти – клевета, службено се оневозможувала најшироката јавност и граѓаните на Република Македонија да бидат легитимно и очекувано соочени со изнесување на различни политички мислења што ги имаат политичарите од различна и спротивставена политичка провиниенција и определба, конкретно премиерот како ексклузивен претставник и симбол на власта и владеачката партија, и подносителот на барањето, пратеник од редовите на опозицијата, и нивно авторитарно анулирање и етатистичко укинување (во корист на првиот, на штета на вториот), а од друга страна: се повредувала уставната слобода на политичко изразување, кое што имало вистинска раздвижувачка смисла и де факто можело да ужива уставно-судска заштита само доколку било per deffinitionem различно од она на актуелната власт.
Особено ако се имало предвид дека во современи услови прагот на толеранција кај политичарите in genere, а пред се оние кои биле на власт sub speciae, праведно и разумно било објективно да мора да биде поставен на едно повисоко ниво, да се бара и да се очекува од нив зголемена трпеливост и намалена осетливост, во корист на демократијата и слободата на изразување, за што најдобар правен доказ била самата декриминализација на клеветата и навредата, на која линија биле недвосмислено и тнр.основи за исклучување на одговорност пропишани со ЗГОНК. Со други зборови, затоа што јавниот интерес бил попретежен vis a vis приватниот.
Слободата на политичко изразување претставувала уставна материја par excellance, а нејзиното почитување, вклучително и од страна на граѓанските судови, сигурен барометар за вистинската демократичност и уставност на правниот и политичкиот поредок. Современиот демократски политички живот и (онаа) уставно-судска пракса, во која се вградени најдобрите традиции и придобивки на политичко – филозовските и метафизичките барања и стремежи со конституционална содржина и конотација, не се задоволувале со демократија од понизок интензитет (парламентарни избори, основни човекови права), туку барале политичка демократија и слобода од повисок интензитет, особено во однос на остварувањето и заштитата на уставните права и слободи.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ги прифати наводите, аргументите и гледиштата изнесени во ова барање.
Во изјавата на подносителот на барањето (како тужен), немало елементи на клевета и на негова граѓанска одговорност за штета нанесена на чест и углед на тужителот, бидејќи барем постоеле законски основи за исклучување на одговорноста на страна на подносителот на барањето, а од друга страна, истовремено со донесувањето на усвојувачката правосилна конечна судска пресуда, се ограничувала и повредувала уставната слобода на подносителот на ова барање на јавно изразување и политичко дејствување и дебатирање, бидејќи истиот неоправдано бил казнет и санкциониран, а граѓанскиот суд спротивно на правно-цивилизацискиот принцип fiat iustitiam pereat mundus се ставил во заштита на тужителот и де факто во осуда на слободата на политичко изразување на подносителот на барањето (тужениот).
Во контекст на наведеното, исто така, граѓанскиот суд го повредил начелото на контрадикторност – бидејќи на подносителот на барањето, како тужен во граѓанската судска постапка, не му дозволил и овозможил поставување на прашања, значи активен процесуален однос, во врска со пресудата на Судот во Хаг, што во првостепената пресуда се користело за докажување на наводната невистинитост на неговиот исказ- изјава.
Во таа смисла, според подносителот на барањето, неоправдано биле одбиени неговите доказни предлози, а со формалното образложение дека истите не биле презентирани во одговор на тужба односно на подготвително рочиште де факто се уназадила неговата процесуална положба, ако се имало пред вид дека дополнително добил потврда од сведоците, а во секој случај, од аспект на принципот на еднаквост на оружјата, во чувствителен граѓанско-правен спор со уставно-политички консеквенции за кои судот не водел сметка, неприфатливо било да ниеден негов доказ не биде прифатен од страна на граѓанскиот суд.
И одмерувањето на висината на надоместокот на нематеријална штета бил без аргументи и без конкретно правно образложение, туку се темелел на еден паушален стереотип, без изведување на доказ со соодветно вештачење, што во примената на институтскиот член 9-а став 2 и член 189 од Законот за облигационите односи, кои не правеле разлика на кој начин се повредени личните права (lege non distinguente, nec nostrum est distinguere!), според досегашната граѓанско судска пракса, а уште повеќе во смисла на член 235 од новелираниот ЗПП, неопходно било тужителот да достави доказ невропсихијатриско вештачење заради утврдување на интензитетот, степенот и времетраењето на наводната душевна болка (или евентуално на некој друг критериум) бидејќи станувало збор за стручни прашања за кои судот немал познавања во смисла на ЗПП, дотолку повеќе што правилното одмерување на висината на износот на досудената сатисфакција во владеачката судска пракса се супсумирал под одредбите за правилна примена на материјалното право: без соодветно вештачење истиот не може да се провери ниту втемели, а да не се западне во недозволена судска арбитрерност (отворено говорејќи: без вештачење тужбеното барање морало да биде одбиено или во најмала рака тужбата отфрлена како неуредна).
Со оглед на наведеното се предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека со Пресудата на Основниот суд Скопје 2 Скопје, VIII–OП4а-144/2013 од 15.07.2013 година и Пресудата на Апелациониот суд Скопје, КЖ бр. 5498/13 од 09.01.2014 година е повредена слободата на јавно изразување на подносителот на барањето, утврдена со член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што наведените пресуди се поништуваат.
Истовремено, се предлага Уставниот суд, согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да донесе решение, со кое, до донесување на конечна одлука, ќе го запре извршувањето на оспорените пресуди.
4. Судот на седницата утврди дека во неделникот Фокус од 30.11.2012 година, на страна 13 во посебна рамка со наслов „Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија-Скопје“, објавена е следната изјава од подносителот на барањето, Тито Петковски: “Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје“.
Никола Груевски, преку свој полномошник во смисла на член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побарал објавување на демант. Демантот бил објавен во неделникот Фокус на ден 14.12.2012 година.
Исто така, Никола Груевски, преку свој полномошник во смисла на член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побарал извинување и јавно повлекување на дадената изјава од Тито Петковски.
Ниту после објавениот демант, ниту после применото барање за повлекување на изјавата и за извинување, Тито Петковски не ја повлекол изјавата, поради што Никола Груевски, преку свој полномошник, на 26.02.2013 година поднел до Основниот суд Скопје 2 Скопје тужба за утврдување на одговорност за клевета и надомест на штета за клевета, по која бил оформен предметот VIII-О П4а-144/13.
Во тужбата се наведува дека не било вистина дека тужителот со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје. Тоа биле факти измислени од страна на тужениот, со намера да се наштети на честа и угледот на тужителот. Изнесените факти биле штетни за честа и угледот на тужителот бидејќи пред јавноста го прикажувале како човек кој скриен од јавноста со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации предложил ново име на државата, спротивно на своите јавни настапи како премиер и лидер на политичка партија јасно декларирал дека за прашањето на името можеле да одлучуваат граѓаните на референдум. Со овие невистини на опишаниот начин тужителот бил всушност претставен како лице кое се однесува спротивно на угледното и чесното однесување. Особено што тужителот секогаш изјавувал дека нема да прифати ниту едно решение за проблемот со името без спроведување референдум. Поради тоа тврдењето на тужениот објавено во весникот Фокус од кое заклучокот бил дека тој постапува нечесно, претставувало повреда на неговата чест и углед. На тој начин, со изнесените невистини повредени биле личните права на углед и чест на тужителот. Тужителот бил чесен и угледен човек и неговата чест и углед биле респектирани и од неговата потесна средина и од огромен број граѓани на Република Македонија и надвор од неа што резултирало со јавно искажана доверба на огромен број граѓани при избори на кои што била искажана поддршка на неговата личност. Повредата на угледот и честа кај тужителот предизвикала душевни болки и од субјективното чуство на повреденост и од потенцирањето на тоа чувство со реакции од неговата поблиска и поширока околина. Сето тоа предизвикало јака душевна болка кај тужителот поради повреда на неговата чест и углед што претставувало нематеријална штета поради повреда на честа и угледот која што тужениот бил должен да ја надомести на тужителот, во вид на справедлив надоместок врз основа на одредбите од член 189 од Законот за облигационите односи, во висина од 950.000,00 денари.
По одржано подготвително рочиште (на 02.07.2013 година) и рочиште за главна јавна расправа (на 11.07.2013 година), Основниот суд Скопје 2 Скопје, на 15.07.2013 година донел Пресуда VIII-О П4а-144/13, со која тужбеното барање на тужителот Никола Груевски делумно се усвојува и се утврдува одговорност на тужениот Тито Петковски за клевета затоа што во неделникот Фокус од 30.11.2012 година, со намера да наштети на честа и угледот на тужителот изнел невистинити факти што се штетни за честа и угледот на тужителот на начин што изјавил дека „тужителот Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје“, а која што изјава е објавена во неделникот Фокус на страна 13 во посебна рамка со наслов „Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија-Скопје“. Со пресудата се задолжува тужениот Тито Петковски да плати на тужителот на име надомест за нематеријална штета за нарушена чест и углед на тужителот износ од 650.000,00 денари со законска казнена камата сметано од денот на пресудувањето, а поголемото барање за надомест на штета за разликата од побараниот износ од 950.000,00 денари, до досудениот износ од 650.000,00 денари, се одбива како неосновано.
Во образложението на пресудата се наведува дека Судот ја утврдил следната фактичка состојба:
„ Во неделникот Фокус од 30.11.2012 година на страна 13 објавена е следната изјава од тужениот Тито Петковски: „Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје“.
Ваквата изјава претставува изнесување на невистинити факти што се штетни за честа и угледот на тужителот и се со намера да се наштети на неговата чест и углед.
Тужителот преку својот полномошник во смисла на член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побара објавување демант. Демантот е објавен во неделникот Фокус на ден 14.12.2012 година, а во смисла на член 13 од истиот закон, од тужениот побарал и повлекување на изјавата и извинување, но тој тоа не го сторил.
Ваквата фактичка состојба судот ја утврди од изведените докази и тоа:
Содржината на самата изјава објавена во весникот „Фокус“ не беше спорна меѓу странките, кои во ниту еден момент не приговорија дека весникот објавил текст кој не е автентичен со изјавата дадена од тужениот. Во таа смисла и тужениот при својот распит изјави дека неговата изјава во Фокус е во суштина автентично пренесена.
По однос на околноста дали воопшто постои такво писмо тужениот преку својот полномошник изјави дека воопшто не се ни сомнева дека постои такво писмо со што околноста дека такво писмо не постои за овој суд е неспорен факт.
Воедно и самиот тужен при распитот воопшто не тврдеше дека такво писмо навистина постои туку изјави дека инкриминираната реченица се должи на телевизиски спот подготвен од партијата на тужителот на која се дискредитирал и тој спот му дал за право да го изговори тоа што стои во тужбата и дека кога ја дал изјавата за Фокус мислел на ставот на Република Македонија што тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во името на Владата на РМ му го соопштил на генералниот секретар на ООН како и самото признание на Никола Груевски на македонските медиуми од 25.02.2011 година кога на средба на новинарите Никола Груевски покрај другото го кажал и следното: пред Букурешт во 2008 година, тука во Скопје, ми беше понудена опција од г-дин Нимиц односно конкретен предлог а тоа беше Република Македонија (Скопје), и ми беше кажано дека тоа е последен предлог пред самитот и дека треба да се изјасниме, ние одлучивме да се изјасниме да го прифатиме и да го ставиме на референдум.
Судот наоѓа дека изјавата која е предмет на тужбеното барање е со сосема поинаква содржина од објаснувањето што го дава тужениот, а опишано во претходниот став и со тоа всушност тужениот ја признава невистинитоста на изјавата што ја дал за Фокус, која што гласи: Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје. Во таа конотација е и насловот ставен на изјавата: Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија – Скопје.
Ваквото објаснување на тужениот судот го оцени како обид да ја одбегне граѓанската одговорност за изречените невистинити факти и замена на предметот на расправањето на овој спор.
Меѓу странките неспорно е дека тужителот од тужениот побарал повлекување на изјавата и извинување, но тужениот ниту ја повлекол изјавата ниту се извинил, туку во бројот 911 на неделникот Фокус дал изјава дека ќе му се извинел само доколку не бил премиер во 2011 година, а е ноторен факт дека тужителот бил премиер во таа година.
За судот е неприфатливо објаснувањето на тужениот дадено при неговиот распит дека не му се извинил затоа што на конференцијата на 01 март 2011 година по жестока реторика од изјавата на Фокус, но тогаш не добил тужба и мислел дека таа работа е завршена. Имено, во случајов не се работи за конкретна изјава дадена на 30.11.2012 година за која во смисла на член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од него е побарано извинување и јавно повлекување на изјавата. Целта на оваа одредба е ублажување на штетата по конкретниот случај, па е без значење дали за изјава дадена во друг период имало тужба или не.
Дека се работи за изречени невистини, покрај од исказот на самиот тужен, јасно произлегува и од исказот на тужителот распрашан во својство на странка, кој категорично изјави дека е груба невистина дека со официјално писмо до генералниот секретар на ООН предложил новото име на РМ да биде Република Македонија-Скопје и дека секогаш ги застапувал ставовите на партијата на која е претседател да не се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, ниту идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и да не се дозволи кое било решение за спорот кој го наметнува Грција да биде прифатено од страна на политичари, поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум и притоа мнозинството на граѓани кои ќе излезат на референдумот да се согласат со можното решение. Исто така, од распитот на тужителот во својство на странка судот утврди дека во пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со примената на времената спогодба меѓу Република Македонија и Грција која што е донесена во наша корист и во која во точката 136 е точно опишано што во 2008 година се случувало по однос на прашањето за името при што тужителот го изнесе следниот цитат на т.136 од Пресудата:„ Во март месец 2008 година посредникот на ООН предложи тужителот да го усвои името „Република Македонија (Скопје)“ за сите цели. Според доказите пред судот, тужителот изразил волја да организира референдум за овој предлог.“
Содржината на оваа пресуда и содржината на точка 136 не ја оспори ни тужениот во својот исказ, па со тоа судот утврди дека тоа што се случувало во месец март 2008 година е токму описот на т.136 од Пресудата цитиран од тужителот при распитот, а кој цитат претставува правосилно утврден факт, но тужениот иако тоа можел да го знае бидејќи е тоа јавно достапен факт, а како што изјави при распитот и ја знаел содржината на т.136 од Пресудата, сепак ги објавил невистинитите факти предмет на тужбата и овој спор.
Од сето изнесено за судот јасно произлегува дека изјавата што е предмет на тужбата претставува изнесување на целосно невистинити факти кои што тужениот ги изнесувал, а бил должен и можел да знае дека се невистинити.
Во случајов од самиот исказ на тужениот произлезе дека тој не само што можел туку и знаел дека тоа што го кажува е невистинито, што произлегува од неговиот исказ дека инкриминираната реченица имал право да ја каже како одговор на одреден спот, а мислел на нешто сосема поинаку како што претходно детално е опишано.
Судот наоѓа дека изнесените невистинити факти се штетни за честа и угледот на тужителот бидејќи пред јавноста го прикажуваат како нечесен човек кој скриен од јавноста презема постапки спротивни на своите јавни залагања и тие скриени постапки ги чини со официјално писмо до генералниот секретар на ООН предлага промена на името во Република Македонија – Скопје, а при јавните настапи се залага да не е прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, ниту идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и да не дозволи кое било решение за спорот кој го наметнува Грција да биде прифатено од страна на политичари, поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум и притоа мнозинството на граѓани кои ќе излезат на референдумот да се согласат со можното решение.
Тоа за овој суд секако значи претставување на тужителот како лице кое се однесува спротивно на угледното и чесното однесување.
Овој суд наоѓа дека невистинитите факти тужениот ги изнел со намера да наштети на честа и угледот на тужителот. Имено, тужениот самиот во својот исказ распрашан како странка потврди дека инкриминираната реченица се должела на телевизиски спот во кој како што изјави „ на најподол и примитивен начин“ бил дискредитиран тој лично и дека тој спот му дал право да го изговори тоа што стои во тужбата. Тоа за овој суд значи дека тој намерно ги изнел невистините со цел да наштети на честа и угледот на тужителот. Од друга страна неговата намера произлегува од фактот што и покрај тоа што од медиумите кои што ги цитираше на распитот, долго време пред да ја даде изјавата за Фокус, уште на 25.02.2011 година знаел дека тужителот не испратил никакво официјално писмо со свој предлог за промена на името, туку содржината што ја цитираше беше во однос на прифаќањето на предлог на господин Нимиц и ставање на тој предлог на референдум, сепак на 30.11.2012 година за Фокус ја дал изјавата предмет на тужбеното барање кое претставува изнесување на невистинити факти. Во тој правец е и делот од неговата изјава дека ја знаел и содржината на пресудата на Меѓународниот суд и содржината на точката 136 која ја опиша тужителот, тужениот не ја оспори, а намерата да се наштети на честа и угледот конечно произлегува и од околноста што ниту после јавно објавениот демант од тужителот ниту после барањето за јавно повлекување на изјавата, тој својата изјава не ја повлекол, туку напротив повторно во весникот Фокус изјавил дека ќе му се извинел само ако не бил премиер во 2011 година.
Судот го ценеше делот на одговорот на тужбата на тужениот и наводите на подготвителното рочиште и на главната расправа и тоа:
– Дека тужениот немал активна легитимација и дека не се знаело дали тужител е премиер или граѓанин, но ги оцени како неосновани бидејќи тужбата е поднесена од тужителот Никола Груевски како физичко лице при што е наведен неговиот ЕМБГ а што е во склад со одредбата од член 19 ст.4 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, според кој лице кое врши јавна функција оштетено со навреда или клевета може да се повика како тужител само во негово својство на физичко лице. Поради тоа овој навод судот го оцени како неоснован.
– Како неосновано судот го оцени и повикувањето на член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, според кој нема одговорност за исклучување на одговорноста за клевета ако се изнесува тврдење содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган…затоа што тужениот ниту презентираше ниту наведе документ во кој што би било содржано тврдење дека тужителот Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје.
Од цитирањето на содржината на писмото на Антонио Милошоски, дадено при распитот на тужениот како странка, исто така не произлезе дека во тоа писмо е наведено дека тужителот Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје. Имено, тужителот наведе дека во тоа писмо стои дека Република Македонија прифаќа предлог за промена на името Р.Македонија (Скопје), а тоа не е изјавата на тужениот објавена во весникот Фокус од 30.11.2012 година, која е предмет на тужбата.
Судот не ги прифати доказите предложени од полномошниците на тужениот со поднесок од 08.07.2013 година, затоа што согласно член 271 став 2 од Законот за парничната постапка, странките се должни најдоцна на подготвителното рочиште да ги изнесат сите факти и докази врз кои ги засноваат своите наводи како и да ги достават исправите и предметите кои имаат намера да ги употребат како доказ во постапката. Во случајов доказите не се изнесени ниту во одговорот на тужбата ниту на подготвителното рочиште. Наводот во одговорот на тужба дека тужениот го задржува правото да предложи докази до почетокот на главната расправа е без влијание, затоа што може да се задржи само право кое што е предвидено во закон, а согласно цитираните одредби доказите треба да се изнесат најдоцна на подготвителното рочиште. Повторениот предлог на главната расправа за изведување на истите докази со повикување на член 275 став 2 од ЗПП судот го одби затоа што оваа одредба се однесува на повторување на предлозите за докази кои се благовремено предложени согласно член 271 став 2 а судот не ги усвоил, што не беше случај во овој предмет, каде тужениот ги предложи доказите после законскиот рок, па судот нема законска основа да одлучи поинаку освен да не ги усвои.
Врз основа на погоре изнесеното судот го усвои тужбеното барање за утврдување на одговорност на тужениот за клевета, како во диспозитивот на оваа пресуда, затоа што согласно член 8 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за клевета одговора тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест или углед пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.
Во однос на тужбеното барање за надомест на нематеријална штета за нарушена чест и углед судот донесе одлука со која го задолжи тужениот да му плати на тужителот 650.000,00 денари со камата, како во диспозитивот, а за останатиот дел од побараниот износ да го одбие поради следното:
Согласно член 9-а од Законот за облигационите односи, секое физичко и правно лице има право на заштита на своите лични права согласно со закон. Како лични права се подразбираат и правото на чест и углед.
Во делот од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со меѓунаслов надоместување на штета за клевета, во член 16 е предвидено дека надоместувањето треба да биде пропорционално со предизвиканата штета и да ја опфаќа нематеријалната штета нанесена на честа и угледот на оштетениот, како и докажаната материјална штета како вистинска штета и изгубена добивка.
Согласно член 17 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, судот при определувањето на висината на надоместокот на нематеријална штета во смисла на овој закон ќе ги има предвид одредбите од Законот за облигационите односи.
Согласно член 189 став 1 од ЗОО во случај на повреда на личните права судот, ако најде дека тежината на повредата и околностите на случајот го оправдуваат тоа, ќе досуди справедлив паричен надоместок, независно од надоместокот на материјалната штета, како и во нејзино отсуство.
Согласно став 2 од истиот член, при одлучувањето за барањето за справедлив паричен надоместок судот ќе води сметка за силината и траењето на повредата со која биле предизвикани физички болки, душевни болки и страв, како и за целта за која служи надоместокот, но и за тоа надоместокот да не е во спротивност со стремежите кои не се спојливи со неговата природа и општествената цел.
Во случајов судот наоѓа дека на тужителот му се повредени личните права на чест и углед со изнесените невистинити факти токму со намера да се наштети и тоа тужителот лично го погодило. Веднаш откако го прочитал написот тоа го доживеал емоционално многу непријатно, со чувство на загриженост и внатрешен немир од можноста ваквото тврдење да биде прифатено макар и од дел од неговата потесна и поширока средина и од можноста за осуда базирана врз невистината дека тужителот предложил промена на името. Овие непријатни чувства ги имал подолго време. Тоа се душевни болки кои се последица на намерно изнесените невистини од страна на тужениот. Овие околности судот недвосмислено ги утврди од јасниот исказ на тужителот распрашан во својство на странка, а на кој му поклони целосна верба. Судот смета дека досудениот износ од 650.000,00 денари претставува справедлив паричен надоместок за повреда на личните права – чест и углед на тужителот. При одлучувањето за висината на справедливиот паричен надоместок судот водеше сметка и за силината и траењето на повредата, со која биле предизвикани понапред опишаните душевни болки, при што најде дека се работи за исклучително силна повреда на личните права чест и углед која е извршена со објава на невистинити факти во многу читан печатен медиум, а поради односот на тужениот кој не ја повлекол изјавата и не се извинил, туку ја потенцирал одбивајќи да се извини, како е опишано понапред во оваа пресуда. Со тоа тужениот не сторил ништо да ја искористи можноста која ја дава член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Траењето на повредата на личните права според овој суд е долготрајно бидејќи и после објавувањето се одбива давањето на извинување со изјава во истиот печатен медиум при што тоа фактички претставува натамошно пролонгирање и потенцирање на повредата, тоа се чини и во текот на постапката по овој предмет во кој како што е понапред опишано тужениот суштински останува на тоа дека нема потреба од повлекување на изјавата, а се разбира дека сето тоа се пренесува преку јавни медиуми.
Овој суд го имаше предвид приговорот на тужената страна дека повредата на личните права треба да се утврдува со невропсихијатриско вештачење, но најде дека таквиот навод нема правна основа бидејќи се работи за повреда на лични права сторена со изнесување на невистинити факти и судот оценува колку е силна таа повреда и трајна врз основа на доказите изведени во текот на постапката. За оцена на доказите на судот не му е потребно вештачење а по однос на душевната болка предизвикана од повредите на личните права релевантен доказ е јасниот и категоричен исказ на тужителот сослушан во својство на странка. Судот досудува надомест во вид на нематеријална штета поради повреда на личните права која повреда е сторена со фактички дејствија – објавување невистинити факти во јавен медиум. Не се работи за повреда од медицински карактер туку за повреда сторена со фактички дејствија – објавување на невистини во печатен медиум. За утврдување на постоење на ваква повреда, нејзина силина и траење не е потребно медицинско знаење затоа што се работи за утврдување на факти врз основа на оцена на докази, што судот го врши во текот на расправањето а согласно своите законски овластувања од член 8 од ЗПП според кој кои факти ќе ги земе како докажани одлучува судот по свое убедување врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка.“
Незадоволен од донесената пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје, тужениот, преку своите полномошници, доставил жалба против пресудата VIII –O П4а-144/2013 од 15.07.2013 година . Апелациониот суд во Скопје, постапувајќи по жалбата, донел Пресуда, КЖ бр. 5498/13 од 09.01.2014 година со која жалбата на тужениот ја одбил како неоснована, а првостепената пресуда ја потврдил.
Во оваа пресуда Апелациониот суд оценил дека „правилно првостепениот суд не ги прифатил доказите предложени од полномошниците на тужениот со поднесок од 08.07.2013 година, затоа што како утврдил, согласно членот 271 став 2 од Законот за парничната постапка, странките се должни најдоцна на подготвителното рочиште да ги изнесат сите факти и докази врз кои ги засноваат своите наводи како и да ги достават исправите и предметите кои имаат намера да ги употребат како доказ во постапката, а во случајот, доказите не се изнесени ниту во одговорот на тужбата, ниту на подготвителното рочиште, туку за прв пат со поднесок после одржувањето на подготвителното рочиште. Наводот во одговорот на тужба, дека тужениот го задржува правото да предложи докази до почетокот на главната расправа, правилно првостепениот суд утврдил дека е без влијание за поинакво одлучување, затоа што тужениот не може да задржи право кое што не е предвидено во законот. Оттука, неосновани се жалбените наводи дека првостепениот суд по секоја цена настојувал да ја води постапката во полза на тужителот и дека не дозволувал никакви предлози и докази од тужениот и неговите полномошници.
…………
Во поглед на жалбениот навод за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба истиот е неоснован, од причина што фактичката состојба по предметот е утврдена врз основа на изведените докази, при тоа првостепениот суд постапувајќи согласно член 7 и 8 од ЗПП, утврдил правилна и целосна фактичка состојба кога утврдил дека во неделникот Фокус од 30.11.2012 година на страна 13 објавена била следната изјава од тужениот Тито Петковски: “Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје“. Утврдил дека ваквата изјава претставува изнесување на невистинити факти што се штетни за честа и угледот на тужителот и се со намера да се наштети на неговата чест и углед, како и дека тужителот преку својот полномошник во смисла на член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побарал објавување Демант, кој бил објавен во неделникот Фокус на ден 14.12.2012 година, а во смисла на член 13 од истиот закон од тужениот побарал и повлекување на изјавата и извинување, но тој тоа не го сторил, поради што е поднесена предметната тужба.
Утврдената фактичка состојба се оспорува со жалбата на тужениот и се истакнува дека првостепениот суд требал пошироко да ја толкува изјавата на тужениот кој е лидер на политичка партија и има право на заштита на слободата на изразување, во смисла на член 10 од Европската конвенција за заштита на основните човекови права, како и дека не ги ценел одредбите од член 7 став 1 точка 2, член 9 став 3 и член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во смисла на кои во случајот постои основ за исклучување на одговорноста на тужениот.
Овој суд ги ценеше ваквите жалбени наводи, но за истите најде дека се неосновани. Имено, точно е дека во член 10 од Европската конвенција за човекови права се наведува:Секој има право на слобода на изразување и дека ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Меѓутоа, остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од намери или кривично дело, на здравјето или моралот, репутација или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството.“
Значи, Европската конвенција на која се повикува тужениот, од една страна ја гарантира слободата на изразување, но од друга страна се наведува дека истата не е апсолутна. Според Европската конвенција, слободата на изразување опфаќа слобода на мислење и слобода на примање и давање информации и идеи без мешање на јавната власт. Меѓутоа, оваа слобода не е апсолутна. Државите потписнички на Конвенцијата имаат право на нејзино ограничување. Што се однесува пак конкретно до слободата на изразување од една страна и честа и угледот од друга страна, Конвенцијата не дава предност ниту на една од наведените вредности, туку истакнува дека државите имаат овластување слободата на изразување да ја доведат под контрола, услови и казни кои се предвидени со закон, за да се остварат интересите на заштита на здравјето, моралот, угледот и правата на другите. Од ова јасно произлегува дека слободата на изразување не е вредност која заслужува и ужива апсолутна заштита, туку е еден сегмент на основните слободи и права кои ги уживаат сите лица и дека со одредбите од Европската конвенција за човекови права се дава јасна и недвосмислена заштита на честа и угледот на секоја индивидуа. Не случајно, на оваа линија застанува и уставно-правната теорија која во сегментот на човековите слободи и права поставува теза дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат до степен што ќе обезбеди истовремено почитување на слободите и правата на другите.
Оттука, правилно првостепениот суд од изведените докази утврдил дека изјавата која што е предмет на тужбата – „ Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија-Скопје“ претставува изнесување на целосно невистинити факти од страна на тужениот, дотолку повеќе што и самиот тужен во неговиот исказ навел дека знаел да тоа што го кажува е невистинито, не тврдел дека такво писмо навистина постои, туку дека инкриминираната реченица имал право да ја каже како одговор на одреден спот подготвен од партијата на тужителот во кој спот тужениот се дискредитирал, односно дека кога ја напишал изјавата мислел на нешто сосема поинакво – на ставот на Република Македонија што тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во името на Владата на РМ му го соопштил на Генералниот секретар на ООН како и самото признание на Никола Груевски на македонските медиуми од 25.02.2011 година кога на средба со новинарите Никола Груевски покрај другото го кажал и следното: пред Букурешт во 2008 година, тука во Скопје ми беше понудена опција од г-дин Нимиц, односно конкретен предлог, а тоа беше Република Македонија (Скопје) и ми беше кажано дека тоа е последен предлог пред Самитот и дека треба да се изјасниме, ние одлучивме да се изјасниме да го прифатиме и да го ставиме на референдум.
Со оглед на наведеното, правилно првостепениот суд нашол дека изнесените невистинити факти претставуваат очигледна клевета со зла намера и се штетни за честа и угледот на тужителот, бидејќи пред јавноста го покажува како нечесен човек, кој скриен од јавноста преземал постапки спротивни на своите јавни залагања и тие скриени постапки ги чини со официјално писмо до Генералниот секретар на ООН и предлага промена на името во Република Македонија – Скопје, а при јавните настапи се залага да не се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, ниту идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и да не се дозволи кое било решение на спорот кој го наметнува Грција да биде прифатено од страна на политичари, поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум да се согласат со можното решение. Оттука, правилно првостепениот суд утврдил дека невистинитите факти тужениот ги изнел со намера да наштети на честа и угледот на тужителот, дотолку повеќе што како е погоре утврдено тужениот самиот во својот исказ распрашан како странка потврдил дека инкриминираната реченица се должела на телевизиски спот во кој како што изјавил „на најподол и примитивен начин“ бил дискредитиран тој лично и дека тој спот му дал за право да го изговори тоа што стои во тужбата, од каде се утврдува дека тој намерно ги изнел невистините за тужителот со цел да наштети на неговиот углед и чест, што произлегува и од околноста што ниту после јавно објавениот демант од тужителот, ниту после барањето за јавно повлекување на изјавата, тој својата изјава не ја повлекол, туку напротив, повторно во весникот Фокус изјавил дека ќе му се извинел само ако не бил премиер во 2011 година.
Со оглед на сето погоре наведено, по оцена на овој суд во конкретниот случај не наоѓаат примена одредбите од член 7 став 1 точка 2, член 9 став 3 и член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, а во смисла на кои постои основ за исклучување на одговорноста на тужениот.
Ова од причина што согласно член 7 став 1 точка 2 од наведениот закон, нема одговорност за навреда ако е пренесено мислење содржано во службен документ на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на управата, судовите или други државни органи, соопштение или други документи на меѓународни организации или конференции, соопштение или друг документ за информирање на јавноста издадени од надлежни државни органи, установи или други правни лица, соопштение или друг службен документ од истраги за сторени кривични дела или прекршоци. Имајќи ја предвид содржината на погоре цитираната законска одредба, јасно се утврдува дека истата не може да се примени во конкретниот случај, бидејќи не се работи за пренесено мислење содржано во службени документи, туку од изведените и правилно ценети докази во текот на постапката, се утврдува дека тужениот директно, самиот дал изјава која е со невистинита содржина и која не е содржана претходно во никаков документ. Во смисла на наведеното, како правилно утврдил и првостепениот суд, како неосновано е и повикувањето на член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, според кој нема одговорноста за исклучување на одговорноста за клевета ако се изнесува тврдење содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган… …затоа што, како правилно утврдил првостепениот суд, тужениот ниту презентирал, ниту навел друг документ во кој што би било содржано тврдењето дека тужителот Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје“. По оцена на овој суд во случајот, не наоѓа примена ниту одредбата од член 9 став 3 од наведениот закон, согласно која товарот на докажување на вистинитоста на фактите паѓа врз тужителот, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес, а ова од причина што по оцена на овој суд од доказите не се утврдува дека тужениот имал основани причини за да мора во интерес на јавноста да ја даде изјавата, како би можело да се смета дека товарот на докажување би паднал на тужителот.
Врз основа на погоре изнесеното, по оцена на овој суд, правилно првостепениот суд го усвоил тужбеното барање за утврдување на одговорност на тужениот за клевета, како во изреката на пресудата, затоа што согласно член 8 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Во случајот, правилно првостепениот суд утврдил дека на тужителот му се повредени личните права на чест и углед со изнесените невистинити факти, токму со намера да се наштети, кое нешто тужителот лично го погодило, во смисла што откако го прочитал написот, тоа го доживеал емоционално многу непријатно, со чувство на загриженост и внатрешен немир од можноста ваквото тврдење да биде прифатено макар и од дел од неговата потесна и поширока средина и од можноста за осуда базирана врз невистината дека тужителот предложил промена на името. Овие непријатни чувства тужителот ги имал подолго време и тоа се душевни болки кои се последица на намерно изнесените невистини од страна на тужениот.
Имајќи го предвид погоре наведеното од една страна, а од друга страна пред се одредбата од член 189 од ЗОО, при постоење на душевните болки кај тужителот поради повреда на угледот и честа од искажаната изјава на тужениот преку погоре наведениот медиуми манифестацијата на душевните болки во наведениот временски период, овој суд цени дека правилно првостепениот суд сметал дека износот од вкупно 650.000,00 денари претставува справедлив паричен надоместок за повредата на личните права на тужителот, а при одлучувањето за висината на справедливиот паричен надоместок, правилно првостепениот суд водел сметка и за фактот да надоместот се ограничи само на релевантни напади кои според интензитетот и според приликите на општествената средина предизвикуваат јасно манифестирана повреда на честа и угледот на човековата личност. Притоа, првостепениот суд го ценел и фактот дека објавата на невистинитите факти била преку многу читан печатен медиум, а тужениот не ја повлекол изјавата и не се извинил, туку ја потенцирал одбивајќи да се извини, со што тужениот не сторил ништо да ја искористи можноста која ја дава член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во смисла за ублажување на штетата.“
Незадоволен од наведените пресуди, Тито Петковски доставува барање до Уставниот суд со кое бара заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата повредени со претходно цитираните пресуди.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Уставот на Република Македонија тргнува од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода. Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно-правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или пак е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.
Слободата на изразувањето наоѓа своја заштита и со меѓународните документи, но и ограничување. Имено, според членот 12 од Универзалната декларација за човекови права: “Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Овие слободи и права се уредени и со членот 18 од Универзалната декларација, според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19 од Декларацијата, секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од истата декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.
Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”
Според членот 19, исто така од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење.
Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.
Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:
а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”
Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според членот 10 од Конвенцијата:
“Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето”.
Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.
Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.
Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.
Во оваа смисла, со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се уредува граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета (член 1).
Според член 2 на овој закон, Законот ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество (став 1). Ограничувањата на слободата на изразување и информирање законски се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права (став 2).
Согласно член 7 став 1 точка 2 од Законот, нема одговорност за навреда, ако е пренесено мислење содржано во службен документ на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на управата, судовите или други државни органи, соопштение или други документи на меѓународни организации или конференции, соопштение или друг документ за информирање на јавноста издадени од надлежни државни органи, установи или други правни лица, соопштение или друг службен документ од истраги за сторени кривични дела или прекршоци.
Според член 8 на овој закон, за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.
Согласно член 9 став 3 од овој закон, по исклучок од ставовите (1) и (2) на овој член, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој како носител на јавна функција има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес.
Според член 10 став 1 точка 1 од Законот, исклучена е одговорноста за тврдење на факти штетни за честа и угледот на друг што е дадено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика , во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, ако се изнесува или пронесува тврдење што е содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган, установа или правно лице, или е изнесено на јавен собир, во судска постапка, или друга јавна манифестација на активноста на државни органи, установи, здруженија или правни лица или се пронесува тврдење што е јавно соопштено од друг.
Врз основа на напред наведеното, произлегува дека не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот, поради што тоа треба да се утврди во секој конкретен случај.
Во конкретниот случај, судовите преку донесените судски одлуки, го санкционирале изнесеното јавно мислење на барателот Тито Петковски како мерка што ја сметале за неопходна за заштита на честа, угледот и авторитетот на друг граѓанин, бидејќи барателот Тито Петковски, користејќи го правото на слобода на јавно изразување, загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниот случај на лицето Никола Груевски.
Оттука, потребно е да се направи анализа на утврдената одговорност и изречената санкцијата на Тито Петковски за делото клевета, утврдени со правосилната пресуда, во насока на тоа дали утврдената одговорност и санкција претставува оправдано ограничување на неговите слободи и права или пак тоа не е случај, односно дали судовите постигнале фер баланс помеѓу потребата за заштита на угледот и честа на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето во контекст на околностите на случајот.
Во таа смисла, Судот го имаше предвид следното:
Не е спорно дека во неделникот Фокус од 30.11.2012 година, во посебна рамка под наслов „Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија –Скопје“ е објавена следаната изјава на подносителот на барањето Тито Петковски: „Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје“.
Никола Груевски, преку својот полномошник, во смисла на член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побарал објавување на демант, кој бил објавен во неделникот Фокус на ден 14.12.2012 година, а во смисла на член 13 од истиот закон, од Тито Петковски побарал и повлекување на изјавата и извинување, но тоа не било сторено.
Наведената изјава Никола Груевски ја доживеал како клевета искажана со намера да се наштети на неговите чест и углед, поради што побарал судска заштита.
По спроведената судска постапка (пред првостепениот и Апелациониот суд), во која се сослушани двете страни, изведени сите докази предложени во согласност со Законот за парничната постапка кој се применува во случаите на утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета и утврдената фактичка и правна состојба, Апелациониот суд ја потврдил пресудата на првостепенот суд со која е утврдена одговорност на Тито Петковски за клевета со изнесување на невистинити факти што се штетни за честа и угледот на Никола Груевски и со која е задолжен тужениот на име надомест за нематеријална штета за нарушена чест и углед на тужителот да му плати износ од 650.000,00 денари.
Во однос на одбраната на тужениот, дека првостепениот суд требало пошироко да ја толкува изјавата на тужениот кој е лидер на политичка партија и има право на заштита на слободата на изразување, во смисла на член 10 од Европската конвенција за заштита на основните човекови права, како и дека не ги ценел одредбите од член 7 став 1 точка 2, член 9 став 3 и член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во смисла на кои во случајот постои основ за исклучување на одговорноста на тужениот, Апелациониот суд во пресудата искажал став дека ваквите наводи се неосновани, затоа што Европската конвенција на која се повикува тужениот, од една страна ја гарантира слободата на изразување, но од друга страна се наведува дека истата не е апсолутна. Според Европската конвенција, слободата на изразување опфаќа слобода на мислење и слобода на примање и давање информации и идеи без мешање на јавната власт. Меѓутоа, оваа слобода не е апсолутна. Државите потписнички на Конвенцијата имаат право на нејзино ограничување. Што се однесува пак конкретно до слободата на изразување од една страна и честа и угледот од друга страна, Конвенцијата не дава предност ниту на една од наведените вредности, туку истакнува дека државите имаат овластување слободата на изразување да ја доведат под контрола, услови и казни кои се предвидени со закон, за да се остварат интересите на заштита на здравјето, моралот, угледот и правата на другите. Од ова јасно произлегува дека слободата на изразување не е вредност која заслужува и ужива апсолутна заштита, туку е еден сегмент на основните слободи и права кои ги уживаат сите лица и дека со одредбите од Европската конвенција за човекови права се дава јасна и недвосмислена заштита на честа и угледот на секоја индивидуа. Не случајно, на оваа линија застанува и уставно-правната теорија која во сегментот на човековите слободи и права поставува теза дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат до степен што ќе обезбеди истовремено почитување на слободите и правата на другите.
Оттука, Апелациониот суд оценил дека правилно првостепениот суд од изведените докази утврдил дека изјавата која што е предмет на тужбата претставува изнесување на целосно невистинити факти од страна на тужениот, дотолку повеќе што и самиот тужен во неговиот исказ навел дека знаел дека тоа што го кажува е невистинито, не тврдел дека такво писмо навистина постои, туку дека инкриминираната реченица имал право да ја каже како одговор на одреден спот подготвен од партијата на тужителот во кој спот тужениот бил дискредитиран. Според судот, изнесените невистинити факти претставуваат очигледна клевета со зла намера и се штетни за честа и угледот на тужителот.
Во однос на примената на одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, на кои се повикувал тужениот, а во смисла на кои постои основ за исклучување на одговорноста на тужениот (член 7 став 1 точка 2, член 9 став 3 и член 10 став 1 точка 1), Апелациониот суд, исто така, оценил дека во конкретниот случај не наоѓаат примена овие одредби. Ова од причина што имајќи ја предвид содржината на член 7 став 1 точка 2 од наведениот закон, јасно се утврдува дека истата не може да се примени во конкретниот случај, бидејќи не се работи за пренесено мислење содржано во службени документи, туку од изведените и правилно ценети докази во текот на постапката, се утврдува дека тужениот директно, самиот дал изјава која е со невистинита содржина и која не е содржана претходно во никаков документ. Во смисла на наведеното, како правилно утврдил и првостепениот суд, како неосновано е и повикувањето на член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, затоа што, како правилно утврдил првостепениот суд, тужениот ниту презентирал, ниту навел друг документ во кој што би било содржано тврдењето дека тужителот Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде „Република Македонија – Скопје“. Судот, исто така, оценил, дека не наоѓа примена ниту одредбата од член 9 став 3 од наведениот закон, согласно која товарот на докажување на вистинитоста на фактите паѓа врз тужителот, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес, а ова од причина што по оцена на овој суд од доказите не се утврдува дека тужениот имал основани причини за да мора во интерес на јавноста да ја даде изјавата, како би можело да се смета дека товарот на докажување би паднал на тужителот.
Врз основа на погоре изнесеното, Апелациониот суд оценил дека правилно првостепениот суд го усвоил тужбеното барање за утврдување на одговорност на тужениот за клевета, како во изреката на пресудата, затоа што согласно член 8 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Во случајот, правилно првостепениот суд утврдил дека на тужителот му се повредени личните права на чест и углед со изнесените невистинити факти, токму со намера да се наштети, кое нешто тужителот лично го погодило, во смисла што откако го прочитал написот, тоа го доживеал емоционално многу непријатно, со чувство на загриженост и внатрешен немир од можноста ваквото тврдење да биде прифатено макар и од дел од неговата потесна и поширока средина и од можноста за осуда базирана врз невистината дека тужителот предложил промена на името.
Тргнувајќи од наведеното, според Судот, првостепениот и второстепениот суд, постапувајќи во рамките на своите надлежности и водејќи сметка за основните начела на кои се заснова Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, ги засновале своите одлуки на прифатлива оценка за релевантните факти и донеле пресуда со која е направен фер баланс помеѓу правото на слобода на изразување и правото на заштита на честа и угледот на секој граѓанин, поради што Судот оцени дека наведените аргументи на основниот и апелациониот суд се прифатливи и дека вмешувањето на државата е пропорционално со легитимната цел за заштита на угледот на оштетениот повреден со дадената изјава.
Поради тоа, Судот не го прифати наводот во барањето дека со донесувањето на оспорените пресуди била повредена слободата на јавно изразување на подносителот на барањето, затоа што таа слобода не е апсолутна, туку е ограничена со правото за заштита на достоинството и честа на секој граѓанин.
Во однос на наводите во барањето дека утврдената нематеријална штета била превисока односно несразмерно утврдена од страна на првостепениот и второстепениот суд, Судот оцени дека станува збор за прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и д-р Гзиме Старова.
У.бр.47/2014
25 јуни 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева