У.бр.98/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 60 став 3 алинеја 1, член 96 став 8, член 218 став 3, член 223 став 4, член 231 став 8, член 241 став 5 алинеја 6, член 295 став 4 алинеја 2, и член 298 став 1 алинеја 4 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014 и 43/2014).

2. Славче Стаменков од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 60 став 3 алинеја 1 од Законот, не бил во согласност со Уставот на РМ, од причини што овој услов не може да се предвидува во Законот за здравствената заштита, туку само со Законот за пензиско и инвалидско осигурување во кој сосема поинаку е предвидено. Имено, во член 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување било предвидено дека на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство, му се запира исплатата на пензијата, а не како тоа било предвидено во оспорената алинеја.

Со член 96 став 8 и член 223 став 2 од Законот се наметнувало на субјектите задолжително организирање на здравствен пункт како внатрешна организациона единица со обезбеден дефибрилатор и најмалку пет обучени лица за управување со истиот. Ако државата налага нешто по сила на закон, тогаш, според иницијативата, тие здравствени услуги неможат да бидат на товар само на пациентите, туку и на Фондот.

Подносителот на иницијативата смета дека членот 218 став 3 од Законот бил во спротивност со Уставот, од причини што не може со подзаконски акт да се определува најдолгото прифатливо време за доаѓање и истиот бил спротивен со член 32 став 5 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека при определувањето на висината на надоместокот кој се пропишувал со член 231 став 8 од Законот, не биле утврдени критериумите врз основа на кои иницијаторот ја определува висината на надоместокот, со што се повредувало начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска предвидено во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Оспорениот член 241 став 5 алинеја 6 од Законот, каде било предвидено дека Владата го разрешува директорот на Агенцијата ако работи спротивно на закон, бил многу воопштен и неприменлив и истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Одредбата на член 295 став 4 алинеја 2 и член 298 став 1 алинеја 4 од Законот, според подносителот на иницијативата, биле дискутабилни од уставно-правен аспект од причина што во правната теорија не било познато дека на правно лице може да му биде изречена јавна опомена, а дотолку повеќе и истата да биде објавена на веб страната. Отука, овие одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2, член 51 и Амандман XXI од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 60 став 3 алинеја 1 од Законот одговорниот носител на дејноста од ставот 1 алинеја 2 на овој член мора да го исполнува, меѓу другото и условот да не е корисник на право на пензија.

Во член 96 став 8 од Законот е предвидено дека здравствените услуги укажани во здравствените пунктови не се на товар на Фондот.

Согласно член 218 став 3 од Законот најдолгото прифатливо време за доаѓање на работно место во случај на ангажиран повик (готовност) со општ акт го определува здравствената установа.

Според член 223 став 4 од Законот здравствената услуга извршена преку дополнителна дејност е целосно на товар на пациентот како осигурано и неосигурано лице. Пациентот како осигурано лице нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга извршена како дополнителна дејност на Фондот.

Членот 231 став 8 од Законот предвидува најнизок износ за надоместок за лиценца, во зависност од географското подрачје во кое ќе се врши здравствената дејност го пропишува министерот за здравство.

Во членот 241 став 5 алинеја 6 од Законот се предвидува дека Владата го разрешува директорот на Агенцијата ако работи спротивно на закон.

Според член 295 став 4 алинеја 2 од истиот закон ако при надзорот на законитоста кај здравствената установа се утврдат недостатоци, односно неправилности министерот за здравство донесува решение за изрекување на јавна опомена на здравствената установа, кое се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.

Согласно член 298 став 1 алинеја 4 од Законот по разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став 3 од овој закон, министерот за здравство донесува решение за изрекување јавна опомена на установата кое се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.69/2012 од 11 септември 2013 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 60 став 3 алинеја 1 и член 96 став 8, член 218 став 3, член 223 став 4 и член 231 став 8 од Законот за здравствената заштита.
Тргнувајќи од фактот што наведените членови од Законот биле предмет на оценка на Уставниот суд на Република Македонија, а во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата по однос на наведените членови од Законот.

5. Што се однесува до член 241 став 5 алинеја 6, член 295 став 4 алинеја 2 и член 298 став 1 алинеја 4 од Законот,Судот утврди дека Уставниот суд со Одлука У.бр.69/2013 од 11 јуни 2014 година наведените членови од Законот ги укинал од причина што оценил дека истите не се во согласност со Уставот на Република Македонија.Меѓу другото, во одлуката на Судот се наведува дека изрекувањето на јавна опомена на правно лице како посебен вид на санкција , како и објавувањето на истата на WEB страната е во спротивност со одредбите од Уставот на Република Македонија, поради што истите повеќе не се во правниот поредок .

Од наведените причини погоре цитираните оспорени одредби не се повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот одлучи иницијативата по однос на овие оспорени одредби да ја отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и д-р Гзиме Старова .Решението по однос на член 60 став 3 алинеја 1, член 96 став 8, член 218 став 3, член 223 став 4 и член 231 став 8 од Законот е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.98/2012
25 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева