106/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 57 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од „Карпош 2“ резиденцијални објекти, општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на општина Карпош на 31 мај 2013 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.6/2013).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Гоце Серафимов и група на станари на ул.„Орце Николов“од Скопје до Уставниот суд на република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законтоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата при донесување на Деталниот урбанистички план за Карпош 2 била повредена постапката за донесување на планот.

Имено согласно член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање извештајот за прифатените и неприфатените забелешки за нацрт планот бил изработен од комисија формирана од градоначалникот составена од 3 члена и тоа, носителот на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација задолжено за урбанистичко планирање и истакнати стручни и научни работници од сферата на урбанизмот.

Во конкретниов случај градоначалникот донел Решение бр.08-5164/13 од 30.10.2012 година со кое формирал комисија за изработка на извештајот од спроведената јавна анкета по нацрт-планот со кое како член на комисијата било назначено лице дипломиран правник за безбедност наместо истакнат научен и стручен работник од сферата на урбанистичкото планирање.

Исто така изготвениот извешатај по спроведената јавна анкета и јавна презентација не бил потпишан од изработувачот на планот, односно планерот одговорен за планирање. Оттука, според подносителите комисијата која ја формирал градоначалникот го потпишала извештајот од некомпетентни лица, а при тоа со планот се одлучувало за додавање на 6 нови маркици за изградба на колективни станбени објекти – повеќекатници во оформен парк.

4.Судот на седницата утврди дека согласно член 26 став 4 алинеја 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и член 16 од Статутот на општина Карпош, Советот на општината на 31 мај 2013 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од „Карпош 2“ резиденцијални објекти општина Карпош.

Во член 1 од одлуката е предвидено дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план „Карпош 2“ резиденцијални објекти, општина Карпош – Скопје. Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањето во Програмата за содржината на планот, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графика, обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови.

Во членот 2 од одлуката се утврдени границите на просторот во површина од 7,0 ха.

Во членот 3 од одлуката се утврени намените предвидени со планот согласно намената на Генералниот урбанистички план, максималната висина за градежните парцели наменети за колективно домување, големината на градежните парцели, регулационата линија, максималната развиена површина, максималната висина на објектот, паркирање, гаражирање, намена на објектот и др.

Според членот 4 од одлуката составен дел на одлуката се текстуален дел, графички прилози, основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ.

Според членот 5 од одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на општина Карпош и потпис на претседателот на Советот на општината.

Во членот 6 од одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанистичко планирање со општина Карпош.

Според членот 7, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службениот гласник на општина Карпош“ бр.6/2013 од 4 јуни 2013 година.

5 .Судот, во понатамошната постапка, а пред донесување на оспорената одлука од документација доставена од Советот на општина Карпош го утврди следното:

– Врз основа на член 22 став 1 точка 1 и член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа Советот на општина Карпош на 22 декември 2011 година бр.07-9497/3 донел Програма за детални урбанистички планови за 2012 година при што е предвидено донесување на предлог-одлука за утврдување на нацрт-Детален урбанистички план за дел од „Карпош 2“ – резиденцијални објекти и предлог одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од „Карпош 2“ – резиденцијални објекти.

– Согласно барањето на општина Карпош изготвен е геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени на ажурирана геодетска подлога за дел од населба Карпош 2 со утврдени граници во опфат од 6,75 ха, за што се извршени оперативни, теренски и канцелариски работи, како и векторизација и дигитализација на плановите од страна на ГЕО „Премер“ кат.бр.1007/52 од 3.02.2010 година.
Согласно одредбите од член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање на нацрт-плановите пред организирање на јавна презентација и јавна анкета извршена е стручна ревизија. Од увидот во Извештајот за извршена стручна ревизија е утврдено дека стручната ревизија е направена од трговско друштво за производство, трговија и услуги ДБ Стил КО Охрид тех.бр.117/10 кој се состои од текстуален и графички приказ на планскиот опфат со површина од 7.00 ха. Тех.бр.346/09/10 изработен од Тајфа План ДОО Скопје.

Изработувачот на планот Друштво за планирање, проектирање и инженеринг „Тајфа План“ ДОО Скопје по однос на стручната ревизија доставило одговор, односно Извештај за воочените повреди на Законот од страна на ревидентот и дал стручни препораки и решенија за одредени плански зафати.

– Согласно член 17 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Градоначалникот на општина Карпош формирал Комисија која дава мислење бр.33/0563/2 од 31 декември 2010 година за нацрт плановите од член 7 точка 2 од наведениот закон составена од 6 члена од кои 5 дипломирани инженери архитекти и еден правник.
– Советот на општина Карпош на 21 јануари 2011 година донел Одлука за утврдување на Нацрт-Детален урбанистички план за дел од „Карпош 2“ резиденцијални објекти, општина Карпош Скопје бр.07-442/2.

– На 8 февруари 2011 година, градоначалникот на општина Карпош донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од Карпош 2, резиденцијални објекти.

– Во одлуката е предвидено дека Соопштението за организирање на јавната презентација и јавната анкета ќе биде објавено во јавните гласила „Време“ и „Шпиц“. Наведеното соопштение било објавено во наведените весници на 9.02.2011 година. Понатаму во соопштение е наведено дека јавната презентација ќе се одржи на 17 февруари 2011 година во 15.00 часотво УЗ „Карпош 2“, а јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавувањето на соопштението.

– Стручната консултација со јавните претпријатија по нацрт-планот ќе се одржи на 17 февруари 2011 година во 13.00 часот во просториите на општина Карпош.

– Нацрт-деталниот урбанистички план ќе биде изложен во УЗ „Карпош 2“ во работни денови од 8.00до 16.00 часот.

– Заинтересираните граѓани и правни лица можат да учествуваат на јавната презентација, а за времетраењето на јавната анкета можат да дадат забелешки.

– Градоначалникот на општина Карпош согласно член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање на 24 февруари донел Решение за формирање на стручна комисија за изработка на Извештај од спроведената јавна анкета бр.08-31/8.

– Од увидот во Записникот од одржаната јавна анкета на Нацрт-Деталниот урбанистички план и Извештајот по спроведената јавна анкета е утврдено дека јавната презентација е одржана на 16.02.2011 година во 15.00 часот со изложување на Нацрт-планот и дека во предвидениот рок биле доставени 5 анкетни листови од кои бил прифатен еден анкетен лист, а четири не биле прифатени.

– Од увидот во Записникот од јавната презентација бр.34-31/9 од 28.02.2011 година е утврдено дека на јавната презентација уредно биле поканети АД „Топлификација“, АД „ЕВН Македонија“, АД „Македонски Телеком“, претставник на проектантот ДППИ „Тајфа План“ и претставници на општината. На презентацијата не присуствувале претставници на ЈП Водовод и канализација.

На 31 јули 2012 година, Комисијата формирана од градоначалникот согласно член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање поднела Извештај бр.34-5164/1 по забелешките од Министерството за транспорт и врски на Предлог изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од Карпош 2, резиденцијални објекти.

Во Извештајот се наведува дека на барањето за согласност на Предлог-ДУП бр.16-3715/2 од 17 мај 2011 година Министерството не издало согласност и ја вратило документацијата со барање за отстранување на констатираните недостатоци и забелешки.

По добивање на одговорот од надлежното министерство, Комисијата заклучила дека со отстранување на констатираните недостатоци и забелешки планот ќе претрпи значајни промени, поради што дала предлог до Градоначалникот да спроведе повторно јавна анкета и презентација на Нацрт-Планот.

Врз основа на член 24 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009 и 124/2010) градоначалникот на општина Карпош на 14.08.2012 година донел Одлука за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета на Нацрт-деталниот урбанистички план бр.08-5164/2.

Со наведената одлука се утврдува дека ќе се организира повторно јавна презенација и јавна анкета по Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од Карпош 2, резиденцијални објекти, дека Соопштението за организирање на повторно јавна анкета и јавна презентација ќе биде објавено во јавните гласила „Вест“ и „Утрински весник“.
Јавната презентација ќе се одржи на 23.08.2012 година во 15.00 часот, а јавната анкета ќе трае 10 работни дена, при што Нацрт-планот ќе биде изложен во УЗ „Карпош 2“ во работни денови од 8.00 до 16.00 часот.

Заинтересираните граѓани и правни лица можат да учествуваат на јавната презентација, а во времетраењето на јавната анкета ќе можат да дадат свои забелешки на анкетни листови.

По донесување на наведената одлука градоначалникот на 16.08.2012 година, донел Соопштение бр.08-5164/3 за организирање на повторно јавна презентација и јавна анкета за нацрт-планот, кое било објавено во „Вест“ и „Утрински весник“.

На 30.10.2012 година, градоначалникот на општината донел Решение бр.08-5164/13 за формирање на стручна комисија за изработка на извештај од спроведената повторна јавна анкета по нацрт-планот задел од Карпош 2, резиденцијални објекти.

Од увидот во Извештајот на Комисијата по спроведената повторно јавна анкета и јавна презентација бр.34-5164/14 од 30.10.2012 година која била составена од 3 члена од кои 1 правник и 2 дипломирани инженери архитекти на што се повикуваат подносителите на иницијативата е утврдено дека во предвидениот рок биле доставени 8 анкетни листови од кои 3 биле прифатени, 3 делумно прифатени и 2 не биле прифатени.

Од Записникот на повторната јавна презентација по Нацрт ДУП бр.34-5164/12 од 30.10.2012 година е утврдено дека на јавната презентација биле поканети и присуствувале претставници на ЈП „Водовод и каналиација“, ЕВН Македонија, претставници на изведувачот на планот, претставници на дистрбуција на топлинска енергија и претставник на општината.

На нацрт-планот Дирекцијата за заштита и спасување на 27.06.2013 година има доставено позитивно мислење.

На 21.05.2013 година градот Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот доставил известување до општина Карпош дека Предлогот за изменување и дополнување на планот е донесен во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012 – 2022 година.

По барање на општина Карпош – Министерството за транспорт и врски дало Согласност бр.14 4684/2 на 30 мај 2013 година.

Советот на општина Карпош по добивање на согласност на 31 мај 2013 година донело Одлука за донесување на ДУП за дел од „Карпош 2“ резиденцијални објекти Општина Карпош бр.07-3726/10 („Службен гласник на општина Карпош“ бр.4/2013 година).

Во постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на планот беше доставен и Записникот за констатација ИП 1бр.46-240 од 31 Јули 2013 година, изготвен од општинскиот урбанистички инспекторат во кој се констатирани одредени повреди на постапката за донесување на планот.

Во наведениот записник урбанистичкиот инспектор му предложил на градоначалникот на општината да ги отстрани неправилностите во рок од 10 дена ,а доколку не постапи по предлогот, урбанистичкиот инспектор ќе постапи согласно законот. Понатаму, во записникот се наведува дека со оглед на фактот што планот е во сила и се применува, Градоначалникот истиот да го стави вон сила како не би настапиле понатамошни последици со реализација на планот.

По добивање на наведените акти, Судот три пати се обрати до Советот на општината и до лицето за контакт во општината од областа на урбанизмот, со барање на Судот да му биде доставен нацрт-планот и предлог-планот, а со цел да се утврди што било презентирано на јавната презентација, а што било усвоено од страна на Советот на општина Карпош.

Со оглед на тоа што на Судот не му беа презентирани бараните акти рефератот е изготвен врз основа на доставената документација, поради што со основ се постави прашањето кои се причините што општината не ги доставува бараните акти.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3,6 и 10 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Тргнувајќи од наведените законски одредби,утврдената фактичка состојба во однос на донесување на планот ,наводите од иницијативата, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука,при што доносителот на одлуката не го достави нацрт-планот и предлог- планот,ниту пак достави одговор од кои причини и какви измени воочило надлежното министерство кое по одржувањето на првата јавна презентација и јавна анкета не дало согласнот од кои причини планот бил повторно на јавна презентација и јавна анкета,Судот оцени дека основано може да се постави прашањето дали оспорениот план е донесен во постапка предвидена со Законот.

Изразеното сомнение дека оспорениот план не е донесен во постапка предвиена со Закон говори и фактот што општинскиот урбанистички инспектор на Записник кој го доставил до општината констатирал низа пропусти во постапката за донесување на планот.

7.Во однос на наводот во иницијативата дека при повторната јавна презентација и јавна анкета Комисијата која ја формира градоначалникот не била формирана од стручни лица односно дека во комисијата членувал и дипломиран правник, а не стручно лице од областа на планирањето не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

8.Со оглед на фактот што пред Судот со основ се постави прашањето дали оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план е донесен во согласност со Уставот и Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и одлучи како во точката 2 од ова решение.

9.Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.106/2013 година
18 јуни 2014
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева