Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 2 и член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.187/2013).
2. Авто Атом ДОО Кочани и други до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 14 став 2, во првата реченица, бил предвиден и употребен нов термин „конзорциум од превозници“ кој до сега не бил употребуван во овој закон, а законодавецот воопшто не дал објаснување за значењето на овој израз, односно не дал дефиниција за овој термин.
Понатаму, со втората реченица со која се врши дополнување, законодавецот не навел на кој начин превозникот ќе докажува дека превозот ќе го врши со возила кои ги навел при склучување на договорот за превоз и кои ги исполнувале техничко-експлоатационите стандарди. Поради ова подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 14 став 2 од Законот бил нејасен и непрецизен и спротивен со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Оспорениот член 27 од Законот бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, бидејќи истиот имал повратно дејство и со него се повредувал принципот на ретроактивност. Продолжувањето на започнатата постапка, согласно одредбите на овој закон, било со понеповолно дејство за граѓаните. Повратното дејство на законот било понеповолно од причина што дополнително се отежнувала постапката за издавање на дозволи. Според подносителот на иницијативата на овој начин се создавала правна несигурност во правниот промет.
Со иницијативата, истовремено, се предлага и Судот во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на овој закон.
3. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 2 од Законот, во ставот 6 на членот 43, по точката се додаваат три реченици кои гласат: Договорот мора да биде склучен исклучиво со превозник или со конзорциум од превозници кои имаат во сопственост или меѓусебно имаат склучено договор за користење на доволен број на возила за експлоатација на релациите кои се наведени во договорот. Превозникот или конзорциумот од превозници превозот ќе го врши исклучиво со возилата кои ги навеле при склучувањето на договорот за превоз и кои ги исполнуваат минималните техничко-експлоатациони стандарди определени во јавниот оглас или кои исполнуваат техничко-експлоатациони стандарди исти или повисоки од оние кои биле понудени на јавниот оглас. Непочитувањето на одредбите од овој став претставува основ за раскинување на договорот за превоз.
Во член 27 од истиот закон се предвидува дека започнатите постапки за издавање на дозвола за посебен линиски превоз пред влегување во сила на овој закон ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по искучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2),како и тоа дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија има уставно овластување да донесува закони односно да ги уредува правата и обврските на граѓаните, како и правната положба на сите субјекти на пазарот, при што Собранието е должно да обезбеди еднаквост на граѓаните во слободите и правата, како и да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, истовремено спречувајќи монополска положба и монополско однесување на пазарот. Со тоа се обезбедуваат темелните вредности за слободата на пазарот и претприемништвото и за владеењето на правото.
Законот за превоз во патниот сообраќај ги уредува условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај (член 1).
Согласно членот 2 од овој закон, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународните договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.
Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот каде во членот 4 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.
Членот 43 став 1 од Законот предвидува дека посебен линиски превоз на патници е превоз на само определена група патници со исклучување на други патници. Со посебниот линиски превоз на патници се врши превоз на ученици од дома до училиште и обратно, на работници од дома до местото на работа и обратно, на војни лица од дома до работа и обратно и превоз на лица кои имаат потреба од медицинска нега од дома до здравствената установа и обратно, доколку превозот на тие лица го организира истата. Патниците кои се превезуваат треба да се наведени во списокот на патници кој е составен дел на договорот за извршување на овој вид на превоз, при што во возилото може да има максимум 10% патници кои не се наведени во списокот на патници. Патниците треба во себе да имаат документ за идентификација издаден од нарачателот на превозот.
Според член 43 став 6 од Законот, посебниот линиски превоз на патници се врши со автобуси, а може да се врши и со патнички возила со 8 + 1 седиште, врз основа на договор склучен во писмена форма меѓу правното лице кое го нарачува превозот и превозникот правно лице.
Членот 43 став 6 од Законот, со сега оспорениот член 14 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај е дополнет така што по точката се додаваат три реченици, и тоа: Договорот мора да биде склучен исклучиво со превозник или со конзорциум од превозници кои имаат во сопственост или меѓусебно имаат склучено договор за користење на доволен број на возила за експолоатација на релациите кои се наведени во договорот. Превозникот или конзорциумот од превозници превозот ќе го вршат исклучиво со возилата кои ги навеле при склучуањето на договорот за превоз и кои ги исполнуваат техничко-експлоатациони стандарди исти или повисоки од оние кои биле понудени на јавниот оглас. Непочитувањето на одредбите од овој став претставува основ за раскинување на договорот за превоз.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 14 став 2 од Законот е во спротивност со принципот владеењето на правото, односно, дека истиот е нејасен и непрецизен бидејќи законодавецот, како тврди подносителот на иницијативата, не дал појаснување ниту дефиниција на изразот „конзорциум“ од превозници.
Според Судот, терминот конзорциум е термин кој е децидно и прецизно утврден и определен со Законот за трговските друштва, а дотолку повеќе што тргнувајќи од содржината на правниот лексикон неспорно се утврдува дека конзорциум по своето значење е здружение на две или повеќе лица или организации со намера за делување во заедничките активности или искористување на заедничките ресурси за постигнување на заедничката цел.
Оттука, јасно произлегува дека конзорциумот на превозници, кој термин е употребен во оспорениот член 14 став 2 од Законот, е здружение на две или повеќе лица кои искористувајќи ги своите заеднички ресурси, во конкретниот случај – возила, ја извршуваат договорната цел – превоз во патниот сообраќај.
По однос на наводите во иницијативата дека и втората реченица од оспорениот член 14 став 2 од Законот е нејасна, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што со наведените одредби се врши допрецизирање на веќе утврдените критериуми кои е потребно да ги исполни подносителот на барањето за издавање на дозвола за посебен линиски превоз на патници, а не како што е наведено во иницијативата дека се предвидуваат нови термини за кои нема објаснување на нивното значење. Имено досега во постапката за издавање на дозволи се бараа договори за вршење на превоз на патници за одредена група на патници и на одредена релација, односно неопходно е подносителот на барањето да достави докази за поседување на доволен број на возила во сопственост, со кои ќе се извршува превозот на патници.
Допрецизирањето на веќе постоечките одредби е со цел да се елиминира т.н. изигрување на законите, на пример како што во реалноста во постапката за јавна набавка на превозник кој ќе го врши превозот на патници може да се пријават возила кои исполнуваат повисоки еколошки стандарди, а потоа реално превозот да се извршува со возила со пониски еколошки стандарди, со што според Судот се почитува принципот на владеењето на правото и со тоа правната сигурност на граѓаните во Република Македонија бидејќи само јасни и прецизни норми можат да опстојат во правниот поредок на секоја демократска држава.
Со оспорениот член 27 од Законот се предвидува дека започнатите постапки за издавање на дозвола за посебен линиски превоз пред влегување во сила на овој закон ќе продолжат согласно со одредбите на овој закон.
Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 27 од Законот vis a vis уставната норма на која упатува инцијативата, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со овој член од Законот се повредува член 52 став 4 од Уставот, односно со истиот се повредувала забраната за ретроактивно дејство на законите.
Имено, од анализата на наведените уставни и законски одредби според Судот со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредувал принципот на забрана на повратното дејство на законите, утврден во член 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што со оспорениот член се предвидува започнатите постапки (што значи не завршени) ќе продолжат (во иднина) според одредбите на овој закон. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 27 од Законот има повратно дејство, бидејќи постапките за издавање на дозвола за посебен линиски превоз се во тек, изменувањето и дополнувањето на Законот всушност е примена на законот по кој се води постапката која во моментот има карактер на позитивна законска регулатива, односно истата ги обврзува органите веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот.
Од наведеното јасно произлегува дека одредбата на член 27 од Законот, се однесува само на оние постапки кои се уште траат и се во определена фаза од постапката и немаат се уште своја завршница поради што законската формулација на оспорениот член 27 од Законот, според Судот не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со истиот не се повредува принципот на владеењето на правото, и истовремено оспорената норма нема повратно дејство, како што тврди подносителот на иницијативата. Имено, важноста е за во иднина, односно по нејзиното влегување во сила и поради што од уставно правен аспект не може да се проблематизира оспорената одредба во однос на нејзиното важење и примена кое нема повратно дејство.
5. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.17/2014
18 јуни 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева