Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 76 став 2 алинеа 12 и член 79 став 4 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија„ бр.52/2010 и 135/2011).
2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означени во точката 1 на ова решение.
3. Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба на член 76 став 2 алинеја 12 од Законот, се пропишувала обврска за доставување на доказ за осудуваност односно неосудуваност и на тој начин на поединецот му се наметнувале правни обврски кои во постапките пред државните органи можело по службен пат да се проверуваат и истата подеднакво се однесувала на физичките и правните лица, како субјекти на правото и нивниот деловен углед и интегритет требало да уживаат заштита. Од тие причини, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 11 став 1, член 13 став 1, член 25 и член 51 од Уставот.
Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорената законска одредба на член 79 став 4 од овој закон, на министерот за правда му била дадена законодавна функција, кој со подзаконски акт ги утврдувал начинот и критериумите за избор, како и причините за престанок на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата за организации со статус од јавен интерес, а тоа можело да се утврдува, односно уредува само со закон и со колективни договори. Од тие причини, во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
4. Судот на седница утврди дека согласно оспорениот член 76 став 1 од овој закон, здружението или фондацијата поднесува барање за добивање на статус на организација од јавен интерес до Комисијата за организации со статус од јавен интерес. Според ставот 2 од овој член, кон барањето се поднесува и: решение за запишување во Регистарот; статут; програма за работа за тековната година; опис на дејноста од јавен интерес дефинирана во статутот и активностите со кои е спроведувана,- препорака од организации или институции со кои соработувале,- опис на организациската структура; опис на кадровскиот капацитет потребен за дејност согласно со закон; изјава за судир на интереси од застапникот; информација за економска и финансиска состојба на организацијата; завршна сметка доколку здружението или фондацијата има заокружено еден фискален циклус; потврда дека не е отворена постапка за ликвидација и потврда дека со правосилна одлука не е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејност. (оспорена алинеја 12) Документите од ставот 2 на овој член не смеат да бидат постари од шест месеци и се доставуваат во оригинал или заверена копија на нотар. (став 3) Статусот од јавен интерес е непренослив на организациите настанати со статусни измени. (став 4)
Во оспорениот член 79 се определува дека статусот на организациите од јавен интерес го определува Владата на Република Македонија по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес (во натамошниот текст: Комисијата). (став 1). Комисијата од ставот 1 на овој член ја формира Владата на Република Македонија. (став 2) Комисијата е составена од претседател и десет члена од кои по еден претставник од Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за млади и спорт, како и двајца претставници на организации регистрирани во согласност со овој закон.(став 3) Начинот и критериумите за избор, како и причините за престанок на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата од ставот 3 на овој член ги уредува министерот за правда со подзаконски акт.(оспорен став 4) Мандатот на претседателот и членовите на Комисијата е четири години.(став 5)
5.Според членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
Во член 14 став 1 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија”бр.37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 81/2005, 60/2006, 73/2006 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 66/2012, 55/2013, 27/2014 и 28/2014) забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.
Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот.
Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Со членот 1 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010 и 134/2011) се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.
Според членот 2 од Законот, одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.
Согласно членот 73 од овој закон, организациите можат да се стекнат со статус од јавен интерес ако вршат дејности од јавен интерес, спроведување на програми и проекти на централно и/или локално ниво, самостојно или во соработка со органите на државната управа и органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и користење на финансиски средства за реализација на активностите.
Според членот 74 од Законот, дејности од јавен интерес се: развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права; помош и заштита на лица со физички или ментален хендикеп, лица со попреченост во развојот и лица со посебни потреби; заштита на деца и младинци; заштита на маргинализирани лица и нивно социјално вклучување; заштита од злоупотреба на дрога, сексуално преносливи болести, малолетничка деликвенција, алкохолизам, проституција и трговија со луѓе; здравство, унапредување на здравјето и медицинска грижа; уметност, култура и заштита на културното наследство; аматерски спорт; заштита на животната средина и одржлив развој; локален и инфраструктурен развој; наука, образование и обука во образовниот процес; развој на етиката и моралот; хуманитарна и социјална помош, намалување на сиромаштијата; справување со елементарни непогоди; заштита и грижа за животни; заштита на потрошувачите; унапредување на добротворството и волонтерството и друга дејност од јавен интерес определен со овој или друг закон.
Во членот 75 од Законот, утврдени се критериумите за тоа што е јавен интерес според кои здружението или фондацијата ќе се здобие со статус на организација од јавен интерес, ако: е регистрирана согласно одредбите на овој закон; дејноста од јавен интерес е главна приходна шифра во нејзиното работење; работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата; има потребна организациска структура согласно овој закон; има кадровски капацитети потребни за дејност согласно со законот; има соодветни финансиски ресурси, односно вкупна вредност на имотот или годишен приход од минимум 1.500 евра во денарска противвредност според курсот на Народна банка на Република Македонија; има пропишано правила за судир на интереси и за обезбедување на транспарентност и јавност во работењето и не е во стечај или ликвидација и нема блокирана жиро сметка.
Во оспорениот член 76 став 1 од Законот е уредено дека здружението или фондацијата поднесува барање за добивање на статус на организација од јавен интерес до Комисијата за организации со статус од јавен интерес. Според ставот 2 од овој член, кон барањето се поднесува и: решение за запишување во Регистарот; статут; програма за работа за тековната година; опис на дејноста од јавен интерес дефинирана во статутот и активностите со кои е спроведувана; препорака од организации или институции со кои соработувале; опис на организациската структура; опис на кадровскиот капацитет потребен за дејност согласно со закон; изјава за судир на интереси од застапникот; информација за економска и финансиска состојба на организацијата; завршна сметка доколку здружението или фондацијата има заокружено еден фискален циклус; потврда дека не е отворена постапка за ликвидација и потврда дека со правосилна одлука не е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејност. Документите од ставот 2 на овој член не смеат да бидат постари од шест месеци и се доставуваат во оригинал или заверена копија на нотар.(став 3) Статусот од јавен интерес е непренослив на организациите настанати со статусни измени. (став 4)
Со оспорениот член 79 став 1 од овој закон, се определува дека статусот на организациите од јавен интерес го определува Владата на Република Македонија по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес (во натамошниот текст: Комисијата). Комисијата од ставот 1 на овој член ја формира Владата на Република Македонија. (став 2) Комисијата е составена од претседател и десет члена од кои по еден претставник од Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за млади и спорт, како и двајца претставници на организации регистрирани во согласност со овој закон. (став 3) Начинот и критериумите за избор, како и причините за престанок на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата од ставот 3 на овој член ги уредува министерот за правда со подзаконски акт. (оспорен став 4) Мандатот на претседателот и членовите на Комисијата е четири години.(став 5)
Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 76 став 1 од Законот, со кој е уредено дека здружението или фондацијата за добивање на статус на организација од јавен интерес поднесува барање до Комисијата за организации со статус од јавен интерес, при што кон барањето покрај другото, поднесува и потврда дека со правосилна одлука не е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејност, Судот утврди дека во конкретниот случај, станува збор за одредбa коja се однесува на поднесување на докази за состојбата на здружението или фондацијата за тоа дали како правно лице му е изречена споредна казна или прекршочна санкција, односно, докази за осудуваност.
Ова од причина што предвидениот доказ за осудуваност односно неосудуваност не претставува ограничувачки фактор, туку услов за состојбата на здружението или фондацијата од која се бара да се докаже дали има или нема правни пречки да ја обавува дејноста од јавен интерес, дефинирана во статутот и активностите кои треба да ги спроведува, како и тоа дали може истите да ги реализира, односно дека судот, во конкретниот случај не изрекол споредна казна или прекршочна санкција за обавување на одредена дејност.
Оттука, не се основани наводите во иницијативата дека никој не може да бара од граѓанинот и правното лице да поднесуваат докази за осудуваност или неосудуваност. Ова дотолку повеќе, што и во член 106 став 5 од Кривичниот закон е предвидено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се достават на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казната, кои се состојат во забрана или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Во членот 96-г од наведениот закон е уредено прашањето на впишување и бришење на главните и споредните казни што му се изречени на правното лице, при што овие казни се впишуваат во Централниот регистар на Република Македонија и се бришат по службена должност, по истекот на времето за кое се изречени.
Оттука, може да се заклучи дека законодавецот воспоставил систем на евиденција и достапност на други субјекти на податоците за осудените и можните изречени забрани на правните лица, што е различен од режимот на казнената евиденција за осудени физички лица што се води кај надлежен суд.
Според тоа, погрешен е заклучокот на подносителот на иницијативата дека никој нема право да бара не само од граѓанинот туку и од правните лица да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност во согласност со член 106 став 5 од Кривичниот закон.
Во оспорената законска одредба на член 79 став 4 од овој закон, се наведува дека статусот на организациите од јавен интерес го определува Владата на Република Македонија по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес. Врз основа на направената уставно-судска анализа, даденото овластување на министерот за правда да ги пропишува начинот и критериумите за избор, како и причините за престанок на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата, со подзаконски акт, Судот утврди дека не се врши навлегување на извршната власт во законодавната, и истата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со останатите наведени членови од Уставот.
Имено, во конкретниов случај од анализата на оспорениот член 79 став 4 од овој закон, Судот утврди дека истиот е во функција на операционализација на законските одредби од член 75 од истиот закон, кој се однесува на определувањето на организациите со статус од јавен интерес, кој го определува Владата на Република Македонија, по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес, формирана од Владата на Република Македонија. Според наведениот член, министерот за правда ги уредува начинот и критериумите за избор, како и престанокот на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата од ставот 3 на член 79 од овој закон. Имајќи ја во предвид содржината на одредбите од членот 75 од Законот, во конкретниот случај не станува збор за норма со која изворно се утврдуваат права и обврски за тоа дали одредени здруженија или фондации ќе добијат статус од јавен интерес, туку се разработува утврдена законска норма.
Поради наведеното, Судот утврди дека не е прифатлив наводот во иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со Законот за здруженија и фондации и дека со таквата одредба извршната власт навлегла во законодавната власт, со што биле повредени владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 51 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 76 став 2 алинеа 12 и 79 став 4 од Законот со наведените членови од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.69/2013
18 јуни 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.69/2013