У.бр.179/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 алинеја 4 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на: Одлуката за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012); и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одлуките наведени во точката 2 на ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценка на оспорените одлуки со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2010).

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на група граѓани од Тетово, со Решение У.бр. 179/2012 од 4 јуни 2013 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките наведени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законите. Со наведеното решение, Судот го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на наведените одлуки.

Постапката беше поведена поради основано сомнение дека Советот на општина Тетово не ја почитувал постапката за донесување на оспорените одлуки, од причина што во текот на постапката, во подолг временски период од поднесувањето на иницијативата, и покрај неколкуте писмени барања на Уставниот суд, не ја достави комплетната документација за донесувањето на оспорените одлуки.

По поведувањето на постапката, со допис од 18 јуни 2013 година, Општина Тетово ги достави документите што недостасуваа.

5. Судот на седницата утврди дека првооспорената Одлука за измена на Генералниот урбанистички план за блок 80, бр.07-1556/14 ја донел Советот на општина Тетово на 31 мај 2012 година и таа е објавена во „Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012 година.

Според членот 1 од наведената одлука, се усвојува Предлог на ГУП за урбан блок 80 со површина (16.26 ха) за плански период 2011-2021, помеѓу улиците „Браќа Миладиновци“, “Б.Тоска“, „Вонвардарска“ и „В.С.Бато„ – општина Тетово, техничка документација со технички број 3-1/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово.

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека составен дел на оваа Одлука е техничката документација бр.3-1/12, изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово, која не се објавува, а од која еден примерок се чува во архивата на општина Тетово, еден кај органот што го спроведува овој план – Секторот за урбанизам на општина Тетово, еден во надлежниот Државен архив, еден примерок кај Министерство за транспорт и врски, еден примерок кај Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за запишување на правата на недвижности – ПЕ Тетово, а седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот (општина Тетово) заради достапност на јавноста.

Согласно членот 3 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон. Картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижностите на чување и користење, како подлоги за издавање на нумерички податоци.

Во членот 4 од Одлуката е наведено дека донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 на оваа Одлука.

Според членот 5 од Одлуката, одлуката стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

Судот на седницата утврди дека второоспорената Одлука за измена на Деталниот урбанистички план за блок 80, бр.07-2674/9 ја донел Советот на општина Тетово на 29 август 2012 година и таа е објавена во „Службен гласник на општина Тетово“ бр.43/2012 од 31 август 2012 година.

Според член 1 од наведената одлука, со оваа Одлука се усвојува Предлог за измена и дополнување на ДУП за урбан блок 80 површина (3,26 ха) за плански период 2012-2017, помеѓу улиците: „Браќа Миладинови, ул. “Видео Смилевски Бато“, ул.„Киро Ристовски Дрнц крак“ и „Браќа Миладинови крак“ општина Тетово, техничка документација со технички број 6-2/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово.

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека составен дел на оваа Одлука е техничката документација 6-2/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово, која не се објавува, а од која еден примерок се чува во архивата на општина Тетово, еден кај органот што го спроведува овој план – Секторот за урбанизам на општина Тетово, еден во надлежниот Државен архив, еден примерок кај Министерство за транспорт и врски, еден примерок кај Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за запишување на правата на недвижности – ПЕ Тетово, а седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот (општина Тетово) заради достапност на јавноста.

Согласно член 3 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон. Картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижностите на чување и користење, како подлоги за издавање на нумерички податоци.

Во членот 4 од Одлуката е наведено дека донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 на оваа Oдлука.

Според членот 5 од Одлуката, таа стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

6. Судот на седницата и во претходната постапка, врз основа на документацијата што ја достави Советот на општина Тетово, ја утврди следната фактичка состојба во однос на постапката за донесување на оспорениот ГУП:

Општина Тетово на 27 јануари 2011 година донела Програма за изработка на урбанистички планови на Општина Тетово за 2011 година.

Со Решение под бр. 09-835/1 од 5 март 2012 година, градоначалникот на општина Тетово го уважил барањето за отпочнување на постапка за Измена и дополнување на ГУП за урбан блок 80 Тетово со површина од 16,60 ха, согласно точка „Д“ од Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Тетово.

Планската програма за изработка на ГУП за блок 80 Тетово, општината ја донела на 12 март 2012 година, под бр. 09-834.

Стручна ревизија на Генералниот урбанистички план за блок 80 Тетово, била изготвена од страна на Заводот за урбанизам, проектирање и инжинеринг „Комунапроект“ АД Тетово, под бр. 0701/98 од 19.03.2012 година.

Одговор на ревизијата дал „Урбан-план“ ДОО Тетово, под број 0307/1-3112 од 20.03.2012 година, во кој било констатирано дека е постапено по сите забелешки на стручната ревизија.

Градоначалникот на општина Тетово донел Решение за формирање на комисија за изработка на урбанистички планови со задача да го разгледа нацрт ГУП за Урбан блок 80 Тетово и да даде мислење по нацртот. Решението е под бр. 09-834/2 од 22.03.2012.

Комисијата дала позитивно мислење по Нацрт измената и дополнувањето на ГУП за урбан блок 80 (бр.09-834/3 од 22.03.2012).

Одлуката за утврдување Нацрт измена и дополнување на ГУП – Тетово за Урбан Блок 80 за плански период 2011-2012 технички број 3-1/12 површина 16.60ха, била донесена на 29.03.2012 под бр.07-783/41.

Градоначалникот на општина Тетово на 18.04.2012 донел Решение (бр. 09-834/4) за организирање на стручна расправа по Нацртот за измена и дополнување на ГУП за УБ 80 во Тетово, со кое определил стручната расправа да се одржи на 25.04.2012 во 11 часот во просториите на општина Тетово.

Градоначалникот на општина Тетово на 20.04.2012 година донел соопштение за организирање на стручна расправа по нацрт-планот за измена и дополнување на ГУП за УБ 80.

Соопштението за организирање на стручна расправа било објавено во весниците „Нова Македонија“ и „Лајм“ од 20.04.2012.

Писмени покани за стручната расправа биле доставени до Јавна здравствена установа „Клинички центар“ Тетово, МЗ – Подрачна единица Тетово, МВР „Сооабраќај“ ПЕ Тетово, „ППЗ и Спасување“, ЈП „Геоинжинеринг“, ЈКП „Тетова“, ЈП „Телеком“ ПЕ Тетово, АД „ЕВН/ЕСМ“ ПЕ Тетово, МТВ-ДИТ Тетово, Одделени за сообраќај и патишта, Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, ПЕ Тетово, Одделение за образование, култура и спорт. За приемот на поканите во списите се доставени доставници.

Градоначалникот на општина Тетово донел Решение за формирање на Комисија за изготвување на извештај од спроведена стручна расправа (бр.09-834/7 од 20.04.2012).

Комисијата изготвила записник од стручната расправа под бр.09-834/8 од 25.04.2012 кон кој е приложен список на присутните лица од кој се гледа дека на стручната расправа присуствувал подносителот на иницијативата Арбен Руси. Во записникот е констатирано дека еден од присутните граѓани побарал во планската документација да се изработи идејно решение за бензинската пумпа и дека од страна на претседавачот му било одговорено дека за ваков вид на план не било предвидено да се изработи идејно решение.

Извештајот за стручната расправа бил изготвен под бр.09-834/11 од 11.05.2012.

Градоначалникот на општина Тетово донел известување за постапување по Извештајот од стручната расправа (бр.09-834/12 од 14.05.2012

Општината, со писмени дописи под бр. 09-934/9 од 9.05.2012, до „ЕВН“ ПЕ Тетово, ЈКП „Тетова“, Министерство за култура – Управа за културно наследство, Дирекција за заштита и спасување – ПЕ Тетово, ЈП „Телеком“ ПЕ Тетово, побарала да дадат писмено мислење за измената и дополнувањето на ГУП за урбан блок 80.

Позитивни писмени мислења доставиле ЈКП „Тетово“(07-752/2 од 10.05.2012), Дирекција за заштита и спасување, ПЕ Тетово (бр.10-120/2 од 11.05.2012); Министерство за култура – Управа за заштита на културното наследство (бр.17-1308/2 од 08.05.2012); ЕВН Македонија (бр.27-593/2 од 14.05.2012), Македонски телеком АД Скопје 9бр.25-172926/1).

Општината доставила до Министерството за транспорт и врски барање на согласност за планот (бр. 09-934/13 од 16.05.2012)

Министерството за транспорт и врски дало писмена согласност на Измената и дополнувањето на Предлог ГУП за Блок 80 на општина Тетово (бр.16-12520/2 од 30.05.2012).

Советот на општина Тетово на седницата одржана на 31.05.2012 година ја донело оспорената Одлука за усвојување на Предлог на ГУП за Урбан блок 80 Тетово (бр.07-1556/14 од 31.05.2012).

7. Во однос на постапката што претходела на донесувањето на оспорената одлука за ДУП, врз основа на документацијата која ја достави Советот на општина Тетово, Судот на седницата и во претходната постапка ја утврди следната фактичка состојба:

Советот на општина Тетово на 29 март 2012 година донел Програма за изработка на урбанистички планови на Општина Тетово за 2012 година (бр.07-783/38).

Со Решение под бр. 09-2596/2 од 12 јуни 2012 година, градоначалникот на општина Тетово го уважил барањето на Насер Ибиши за отпочнување на постапка за изработка на ДУП за дел од УБ 80 Тетово, со површина од 3.26ха, согласно точка „Г“ на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Тетово за 2012 година.

Планската програма за изработка на дел од ДУП за блок 80 во Тетово била донесена на 15.06.2012 под бр. 09-2596/2-1.

Советот на општина Тетово на 28.06.2012 година донел Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Тетово за 2012 година, во која во членот 2 е предвидено да се изработи ДУП за дел од Урбан блок 80, во површина 3.26ха, со намена индустрија и хотелски комплекси.

Стручна ревизија на Деталниот урбанистички план за дел од блок 80 Тетово, била изготвена од страна на Заводот за урбанизам, проектирање и инжинеринг „Комунапроект“ АД Тетово, под бр. 0701-224/1 од 20.06.2012 година.

Одговор на ревизијата дал „Урбанплан“ ДОО Тетово, под број 0302-1231/1 од 21.06.2012 година, во кој било констатирано дека е постапено по сите забелешки на стручната ревизија.

Градоначалникот на општина Тетово донел Решение за формирање на комисија со задача да го разгледа нацрт ДУП за Урбан блок 80 Тетово и да даде мислење по нацртот. Решението е под бр. 09-2596/3 од 22.03.2012.

Комисијата дала позитивно мислење по Нацрт измената и дополнувањето на ДУП за УБ 80 (бр.09-2596/4 од 25.06.2012).

Одлуката за утврдување Нацрт ДУП за дел од Урбан блок 80 – Тетово за плански период 2012-2017 технички број 6-2/12 површина 3,26ха, била донесена на 28.06.2012 под бр.07-1800/5.

Градоначалникот на општина Тетово на 02.07.2012 година донел Решение за формирање Комисија за изготување на Извештај за спроведената јавна презентација и јавна анкета (бр.09-2596/5).

Градоначалникот на општина Тетово на 03.07.2012 донел Одлука (бр. 09-2596/6) за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт ДУП за УБ 80 во Тетово во која е определено јавната анкета да трае од 06.07.2012 до 26.07.2012, додека јавната презентација да се одржи на 10.07.2012 во 11 часот во просториите на општина Тетово.

Градоначалникот на општина Тетово на 04.07.2012 година донел соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт ДУП за УБ 80 во Тетово.

Соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета било објавено во весниците „Нова Македонија“ и „Лајм“ од 06.07.2012.

Писмени покани за стручната расправа биле доставени до МЗ – Подрачна единица Тетово, МВР „Сооабраќај“ ПЕ Тетово, „ППЗ и Спасување“, ЈП „Геоинжинеринг“, ЈКП „Тетова“, ЈП „Телеком“ ПЕ Тетово, АД „ЕВН/ЕСМ“ ПЕ Тетово, МТВ-ДИТ Тетово, Одделение за сообраќај и патишта, Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, ПЕ Тетово. За приемот на поканите во списите се доставени доставници.

Доставена е листа на присутни на јавната презентација одржана на 10.07.2012.

Со писмени дописи под бр. 09-2596/9 од 11.07.2012, до „ЕВН“ ПЕ Тетово, ЈКП „Тетова“, Министерство за култура – Управа за културно наследство, Дирекција за заштита и спасување – ПЕ Тетово, ЈП „Телеком“ ПЕ Тетово, општината побарала да дадат писмено мислење за измената и дополнувањето на ДУП за урбан блок 80.

Комисијата изготвила записник од јавната презентација под бр.09-2596/10 од 13.07.2012. Во записникот е констатирано дека во текот на предвиденото време за јавна презентација не се појавила ниедна заинтересирана странка и дека немало ниту писмени, ниту усмени забелешки од граѓаните кои се опфатени со планската документација.

Комисијата изготвила записник од јавната анкета под бр.09-2596/14 од 30.07.2012. Во записникот е констатирано дека за време на јавната анкета не бил поднесен ниту еден анкетен лист.

Градоначалникот на општината на 30.07.2012 година поднел Извештај за јавната презентација и јавната анкета (бр.09-2596/12 од 30.07.2012).

Градоначалникот на општина Тетово донел известување за постапување по Извештајот од јавната презентација и јавната анкета (бр.09-2596/13 од 31.07.2012).

Со допис бр.09-2596/9-7 од 30.07.2012 градоначалникот побарал од Министерството за животна средина и просторно планирање да дадат мислење за ДУП за УБ 80.

Министерството за животна средина доставило писмено известување на 01.08.2012 година.

Писмени мислења доставиле ЈКП „Тетова“(03-1086/2 од 10.08.2012), Дирекција за заштита и спасување, ПЕ Тетово (бр.10-194/2 од 16.07.2012); Министерство за култура – Управа за заштита на културното наследство (бр.17-2367/2 од 23.07.2012); ЕВН Македонија (бр.27-829/1 од 19.07.2012), Македонски телеком АД Скопје (бр.25-296637/2 од 31.08.2012).

На 09.08.2012 година општина Тетово до Министерството за животна средина и просторно планирање доставила Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за ДУП за УБ 80 Тетово, заедно со пополнет формулар.

Министерството за животна средина и просторно планирање со допис бр. 15-7817/2 од 24.08.2012 ја известило општината дека ја прифаќа Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието на животната средина.

Министерството за транспорт и врски дало писмена согласност на Предлог ДУП за дел од Блок 80 во Тетово (бр.16-17919/2 од 29.08.2012).

Советот на општина Тетово на седницата одржана на 29.08.2012 година ја донело оспорената Одлука за усвојување на Предлог за измена и дополнување на ДУП за дел од Урбан блок 80 во Тетово (бр.07-2674/9 од 29.08.2012).

8. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Републиката е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 124/2010 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење се донесени оспорените одлуки.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Генерален урбанистички план се донесува за населено место град утврдено со закон. Генералниот урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели. (член 10 ставови 1 и 2). Генералниот урбанистички план се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон. Изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план со кое се врши проширување на планскиот опфат, се врши врз основа на услови за планирање за просторот за делот за кој се проширува планскиот опфат. (став 6)

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според член 13-а од Законот, со урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамките на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура. Во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во членот 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.

Според член 15 став 1 од Законот, за согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план, донесувачот на планот е должен да побара услови за планирање на просторот, од органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање, согласно со закон. Услови за планирање на просторот не се бараат при изработување на урбанистички планови и измени и дополнувања на урбанистички планови доколку тие се прават во период кога е на сила истиот Просторен план на Република Македонија според кој претходно се издадени услови за планирање на просторот за истиот плански опфат.

Според член 15-а, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска , урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел. Планската програма ја изработува овластено правно лице од членот 18 на овој закон по барање на донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, односно по барање на барателот за одобрување на државната и локалната урбанистичка планска документација односно урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп. Планската програма за урбанистичките планови од членот 7 точка 2 и за локалната урбанистичка планска документација од овој закон ја одобрува градоначалникот на предлог на Комисијата од членот 17 став 4 на овој закон, а за државната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп ја одобрува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот на предлог на Комисијата од членот 31 став 2 на овој закон. Одобрената планска програма се заверува со печат и потпис од страна на членовите на надлежната комисија.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Изработување на урбанистички планови, согласно член 18 од Законот, вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).

Според членот 22 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план. По нацртот на генералните урбанистички планови се организира стручна расправа со учество на субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон и други заинтересирани лица од подрачјето опфатено со планот. Заинтересираните лица и субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон можат да достават забелешки по нацртот на планот, во рок од десет дена од одржувањето на стручната расправа а доколку истите не бидат доставени ќе се смета дека немаат забелешки на планското решение. Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член, организира градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај. Извештајот од ставот 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот. Извештајот од ставот 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.

Во членот 24 од Законот поблиску е уредена постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Според ставот 1 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината. Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според членот 25 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

9. Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека законодавецот предвидел комплексна постапка во која се донесуваат урбанистичките планови која се состои од повеќе фази и повеќе дејствија. Секоја фаза во постапката резултира со донесување на соодветна документација во форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба утврдена врз основа на доставената документација, произлегува дека општината Тетово во постапката за донесувањето на двете оспорени одлуки за измената на ГУП и ДУП за урбан блок 80 во Тетово ги испочитувала фазите на постапката предвидени со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, не стојат наводите во иницијативата дека не била почитувана законската процедура односно одредбите од Законот кои се однесуваат на јавната презентација и јавната анкета од причина што од доставената документација, произлегува дека подносителот на иницијативата учествувал на стручната расправа за измената на оспорениот ГУП и дал усмени забелешки што е констатирано и во записникот од стручната расправа на кои што забелешки му било одговорено од страна на изготвувачот на планот. Што се однесува пак до јавната презентација и јавната анкета во постапката за измена на оспорениот ДУП, од доставената документација на општината, произлегува дека истите биле одржани, но дека во текот на нивното траење не биле доставени забелешки односно не биле поднесени анкетни листови.

Од наведеното произлегува дека, по утврдувањето на фактичката и правната состојба врз основа на доставената документација од општина Тетово, отпаднале основите за сомневање во уставноста и законитоста на оспорената Одлука за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012) и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово, поради што Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката.

Во најголем дел во иницијативата, подносителите укажуваат на непочитување на нормативите и стандардите за урбанистичко планирање кои се однесуваат особено на големината на површините и нивната намена, оддалеченоста помеѓу планираните објекти и постојните изградени објекти, висината на објектите, намената на градежните парцели и сл. Уставниот суд во досегашната уставно-судска практика во повеќе предмети укажал дека не е надлежен да ја оценува согласноста на урабнистичките планови со нормативите и стандардите за урбанистичко планирање (пр решенија У.бр.12/2013 од 3 април 2013, У.бр.19/2013 од 13 март 2013, Убр.7/2013 од 27 февруари 2013 и други). Ова затоа што во случај Судот да се впушти во оценка и на овие наводи, тогаш тоа во суштина би значело оценување на меѓусебната усогласеност на плановите со правилникот за нормативи и стандарди за урбанистичко планирање, а со оглед дека се работи за прописи од ист правен ранг, согласно член 110 од Уставот Судот не е надлежен да одлучува за тоа.

10. Тргнувајќи од наведеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова Решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.179/2012
11 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева