Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22-б став 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010 и 55/2013).
2. Снежана Станковиќ, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им било признато правото на сопственост. Имено, правниот основ по кој државата била сопственик на одземените имоти, веќе бил престанат со денот на влегување во сила на Уставните амандмани на Уставот на СР Македонија од 1990 година, кога биле ставени вон сила последните т.н. „присилни прописи“, односно доколку бил одземен имот подоцна тоа се сметало дека е во согласност со јавниот интерес, а особено со донесувањето на Законот за денационализација. Со овој закон, државата всушност ја исполнила својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици.
Тргнувајќи од напред наведените уставни основи, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот Закон за дополнување на Законот за денационализација објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013 или членот 1 од истиот, граѓаните се доведувале во нерамноправна пложба и тоа на граѓани на кои им се враќал и на граѓани на кои не им се враќал одземениот имот. Всушност, преку „ново воведениот приод“ за оценка на јавниот интерес преку урбанистичкиот план што е во сила во време на одлучување се повредувал уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Имајќи ја во вид содржината на член 30 од Уставот vis a vis содржината на оспорениот Закон, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член од Законот се ограничувале правата што произлегувале од сопственоста, со оглед на нерамноправната положба на сопствениците зависно од фактот кога било одлучувано по нивното барање, па се ставале во понеповолна положба граѓаните на кои што се уште не им било одлучено по поднесените барања поради неефикасност на надлежните органи или пак од било кои други причини.
Оттука,произлегувал заклучок дека граѓаните заинтересирани за враќање на имотите биле ставани во нерамноправна положба со другите граѓани сопственици на одземените имоти на кои имотот им бил вратен согласно урбанистичкиот план што важел во моментот на поднесувањето на барањето, а поради што оспорениот Закон недвосмислено бил спротивен на начелото на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите (член 8 и 9 од Уставот).
Според подносителот на иницијативата,со донесување на оспорениот Закон, во Законот за денационализација егзистирале две одредби, сосема различни по својата суштина, имајќи предвид дека во меѓувреме во овие 16 години, биле донесени и изменети многу урбанистички планови, а граѓаните согласно смислата на Законот и Уставот имале право да се надеваат на остварување на своите права кои ги имаат во време на поднесување на своите барања.
Со оспорениот Закон, практично се воведувало ретроактивно дејство на Законот, кое било понеповолно за граѓаните. Вака поставениот Закон со две сосема контрадикторни решенија, ги доведувал надлежните комисии за денационализација во состојба да ја применуваат единствено одредбата од оспорениот Закон, сметајќи дека на тој начин работат за „државен“ интерес.
Во иницијативата се наведува дека согласно член 64 од Законот за денационализација, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот не било дозволено, а правните дела и едностраните изјави на волја што биле во спротивност со таквата забрана, биле ништовни, тоа значело дека постои апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денационализација, без никакви дополнителни услови, на кој начин всушност се заштитувал имотот предмет на денационализација и правата на поранешните сопственици или на нивните наследници врз тој имот, со што се овозможувало остварување на целта на законот – враќање на имотот на поранешните сопственици, односно нивните наследници.
Со донесување на оспорениот Закон, на барателите на кои се уште не им било одлучено по барањето за денационализација (без нивна вина!!!) им се вршела молкумна „насилна“ експропријација бидејќи не им се враќал имотот и не им се плаќала пазарна цена и de facto им се „одземал имот“ со Законот за дополнување на Законот за денационализација објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, односно со оспорениот член 22-б став 2 од Законот за денационализација.
3. Судот на седницата утврди дека според член 22-б став 2 од Законот за денационализација не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за градежно неизградено земјиште на кое со урбанистичките планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањетоза денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон.
4. Според член 110 од Уставот на Република Ма-кедонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У..бр.168/2013 од 30 април 2014 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 22-б став 2 од Законот за денационализација. Во Решението, меѓу другото се наведува дека предвидената намена на земјиштето за реализација на јавен интерес утврден со закон и испланиран со урбанистичкиот план, како и изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста, според Судот, во постапката за денационализација претставува само законска пречка за враќање на земјиштето во сопственост на поранешниот сопственик, но токму поради тоа Законот за денационализација, поточно оспорената одредба, предвидува право на надомест во вакви случаи. Значи, овој имот и покрај тоа што постои не се враќа заради постоење на јавен интерес утврден со закон, или поради предвидена изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста со урбанистички планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација, но затоа од причина што истиот е предмет на денационализација, се определува надомест за истиот.
Целта на законодавецот е изедначување на барателите во постапката за денационализација без оглед на состојбите кои фактички и реално постојат на терен, од една страна, како и остварување на целта на законот – враќање на имот, односно давање надомест во зависност од фактичката состојба на терен.
Понатаму, според Судот, со оспорената одредба не се повредува член 30 од Уставот, од причина што при постоење на јавен интерес утврден со закон допуштено е одземање и ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што и сега оспорената одредба неможе да се доведе под сомнение по однос на начелото на повреда на правото на сопственост и правната заштита на сопственоста .
Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба Судот оцени дека истата е уставно оправдана, поради што по направената уставно-судска анализа оспорениот член 22-б став 2 од Законот за денационализација, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11,член 9, член 30 и член 51 од Уставот.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на членот 22-б став 2 од Законот за денационализација и одлучил дека истата е во согласност со Уставот на Република Македонија, а во конкрениот случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба. Имено, ова од причина што во конкретната иницијатива не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.43/2014
11 јуни 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева