Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 14 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Критериумите за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот во Општина Јегуновце, број 07-300/16 од 28.02.2013 година, донесени од Советот на Општина Јегуновце на седница од 28.02.2013 година, објавени во “Службен Гласник на Општина Јегуновце” број 47/2013 од 01.03.2013 година.
2. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, а по повод претходно поднесена иницијатива од ЈУГОХРОМ ФЕРОАЛОЈС ДООЕЛ од Јегуновце, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Јегуновце на седницата одржана на ден 28.02.2013 година, донел акт насловен како Критериуми за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот во Општина Јегуновце, број 07-300/16 од 28.02.2013 година, објавени во “Службен Гласник на Општина Јегуновце” број 47/2013 од 01.03.2013 година.
Судот исто така утврди дека оспорениот член 1 од Критериумите уредува:
А. ФИЗИЧКИ ЛИЦА
Утврдена зона одговара на зоната од методологијата бодови
1-ва зона XVIII ЗОНА 5
Утврдена зона НАСЕЛЕНИ МЕСТА
1-ва зона Јегуновце, Вратница, Жилче, Шемшово, Прељубиште, Ратае, Сиричино, Јанчиште, Копанце, Беловиште, Подбреѓе, Ротинце, Туденце, Јажинце, Орашје, Рогачево и Старо Село
Б. ПРАВНИ ЛИЦА
Утврдена зона одговара на зоната од методологијата бодови
1-ва зона XV ЗОНА 40
Утврдена зона НАСЕЛЕНИ МЕСТА
1-ва зона Јегуновце, Вратница, Жилче, Шемшово, Прељубиште, Ратае, Сиричино, Јанчиште, Копанце, Беловиште, Подбреѓе, Ротинце, Туденце, Јажинце, Орашје, Рогачево и Старо Село
4. Спoред член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со член 1 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011 и 84/2012), е определено дека предмет на уредување со Законот е начинот на оданочувањето на следниве видови даноци на имот: данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.
Согласно член 4 став 1 од Законот, обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице сопственик на имотот.
Со членот 5 став 1 од Законот е уредено дека основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.
Според став 2 од член 5 од Законот, утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот, ја врши лице проценувач кое е вработено во единиците на локалната самоуправа, а по барање на единиците на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач.
Според став 3 од член 5 на Законот, пазарната вредност од ставот 1 на овој член се утврдува според Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.
Според ставот 4 од членот 5 од Законот, Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот 3 на овој член ја пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за финансии, а според став 5 од наведениот член од Законот, контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од ставот 2 на овој член, врши Министерството за финансии.
Со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот (“Службен весник на Република Македонија” број 50/2005, 40/2010, 46/2010 и 183/2011), се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.
Според членот 2 од Методологијата, пазарната вредност на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска се утврдува на видовите недвижен имот кои се подробно наведени во овој член (згради, земјишта и други градежни објекти).
Согласно член 3 од Методологијата, пазарната вредност на зградите, земјиштата и другите градежни објекти се утврдува во пресметковни бодови по м2 функционална површина за зградите и другите градежни објекти и по м2 површина за земјишта, во зависност од видот на имотот и според основни и дополнителни елементи содржани во оваа методологија и во обрасците кои се нејзин составен дел.
Со останатите одредби од Методологијата поодделно се уредува пресметувањето на пазарната вредност по видовите на имот.
Конкретно член 12 став 1 од Методологијата уредува дека при утврдување на пазарната вредност на градежното земјиште се зема предвид: местоположбата на земјиштето (микро и макролокација), планираното односно утврдено право на градење и степенот на уреденост.
Со член 16 од Методологијата е уреден начинот на утврдувањето на пазарната вредност според зоните.
Според став 1 од наведениот член од Методологијата, пазарната вредност според зоните се утврдува со пресметковните бодови по м2 функционална површина која се додава на утврдената градежна вредност намалена за амортизација и тоа за:
прва зона 600
втора зона 550
трета зона 500
четврта зона 450
петта зона 400
шестта зона 350
седма зона 300
осма зона 250
деветта зона 200
десетта зона 150
единаесетта зона 120
дванаесетта зона 100
тринаесетта зона 80
четиринаесетта зона 50
петнаесетта зона 40
шеснаесетта зона 30
седумнаесетта зона 15
осумнаесетта зона 5
Ставот 2 од членот 16 од Методологијата, определува дека пресметувањето на пазарната вредност според зоните на населените места од страна на општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје, се врши според локални услови, односно според постигнатите пазарни цени за пооделните видови недвижен имот во моментот на продажбата, а ако за тоа нема податоци според податоците во годината која и претходи на годината за која се врши утврдување на данокот.
Од наведените законски одредби и одредбите од Методологијата, произлегува дека во зависност од видот на недвижноста и останатите основни и дополнителни елементи содржани во Методологија, се утврдува пазарната вредност на недвижноста која е основа за данокот на имот (член 5 став 1 од Законот) кој се плаќа од страна на даночниот обврзник.
Советот на Општина Јегуновце на седницата одржана на ден 28.02.2013 година, донел акт насловен како Критериуми за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот во Општина Јегуновцеги, број 07-300/16 од 28.02.2013 година, објавени во “Службен Гласник на Општина Јегуновце” број 47/2013 од 01.03.2013 година.
Со оспорениот член 1 од Критериумите, Советот на Општина Јегуновце, утврдил зони на населените места Јегуновце, Вратница, Жилче, Шемшово, Прељубиште, Ратае, Сиричино, Јанчиште, Копанце, беловиште, Подбреѓе, Ротинце, Туденце, Јажинце, Орашје, Рогачево и Старо Село, кои припаѓаат на Општината Јегуновце.
Од табеларниот приказ во оспорениот член 1 од Критериумите, произлегува дека за наведените населени места е утврдена 1-ва зона, со тоа што за физичките лица сопственици на недвижен имот во наведените населени места, утврдената 1-ва зона одговарала на XVIII зона од Методологијата – вреднувана со 5 бодови, додека за правните лица сопственици на недвижен имот во истите наведени населени места, утврдената 1-ва зона одговарала на XV зона од Методологијата – вреднувана со 40 бодови.
Критериумите во кои е содржан оспорениот член 1, се донесени на 28.02.2013 година, со нивна примена од 01.03.2013 година (член 8 од Критериумите).
Во конкретниот случај Советот на Општина Јегуновце, со оспорениот член 1 од Критериумите, за недвижниот имот од населените места наведени во табеларниот приказ содржан во наведениот оспорен член, како критериум за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, предвидел да се цени дали сопственикот на имот е физичко или правно лице.
Законот за даноците на имот и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, не предвидува пресметувањето на пазарна вредност на недвижен имот да се врши во зависност од титуларот на сопственоста, туку во зависност од видот на имотот и според основни и дополнителни елементи содржани во Методологија и во обрасците кои се нејзин составен дел.
Оттука, според Судот, не постои уставна оправданост за нормативниот потег на доносителот на актот по однос оспорениот член 1 од Критериумите, а при состојба на јасно уредена норматива за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот во законските и подзаконските прописи од областа на даноците на имот.
5. Од погоре наведените причини, Судот оцени дека со вака уредниот член 1 од Критериумите се доведува во прашање начелото на владеење на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 од Критериумите со одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и одредбите од Законот за даноците на имот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У. Бр. 152/2013
11 јуни 2014 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева