117/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8 став 1 точките В и Г од Статутот на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „ММИ“-Скопје, донесен од Собранието на Организацијата на 22 февруари 2012 година.

2.Славе Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на член 8 став 1 алинеја 3, член 30 став 3, член 47 став 2, член 51 став 1 и член 112 став 2 од Уставот, па потоа ги цитира оспорените точки В и Г од став 1 на член 8 од Статутот, член 10 ставовите 1 и 2 од Статутот според кои Собранието е највисок орган на Организацијата составен од 8 члена од редот на произведувачите на фонограми и 8 члена од редот на уметниците – музички изведувачи, како и член 18 став 1 точка 4 од Статутот според кој Собранието донесува општ акт за распределба на надоместоците. Понатаму, во иницијативата се цитираат членовите 1, 101, 131 и 132 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010 и 51/2011), па се наведува: „Од погоре изнесените уставни и законски одредби произлегува дека уметниците – изведувачи, како физички лица и носители на интелектуалната сопственост и на правата кои произлегуваат од неа, како такви се единствени кои можат да основаат организација-здружение за колективното управување на своите изведувачки права кои, согласно членот 131, колективно се управуваат и тие се:
-право на надоместок на изведувач за изнајмување фонограми или видеограми;
-право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопштување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка.

Тоа всушност значи дека колективното управување со напред наведените права на уметникот – изведувач може да ги управуваат само уметниците – изведувачи како единствени носители на тие права бидејќи произлегуваат од користење на нивните уметнички изведби. Така што донесувањето на статутот, општите акти и другите одлуки на организацијата-здружението за колективно управување на правата од членот 131 од Законот за авторското право и сродните права, како и изборот на уметниците – изведувачи во органите на организацијата е во надлежност на носителите односно сопствениците на напред наведените права. Сите тие права се гарантирани со Уставот на Република Македонија.“

Меѓутоа, подносителот на иницијативата смета дека колективното управување на напред наведените права од членот 131 од Законот за авторското право и сродните права, на уметниците – изведувачи во целост биле нарушени со членовите 8, 10 и 18 од Статутот на Организацијата на тој начин што со нив се определувало Собранието на Организацијата да донесува општ акт за распределба на надоместоците (член 18 став 1 точка 4 од Статутот) иако Собранието не го сочинуваат само членови од редот на уметници – изведувачи, туку и од редот на произведувачите на фонограми кои не биле сопственици односно носители на оспорените права од член 8 на Статутот.

Во иницијативата се наведува дека: „според Законот, авторското дело односно уметничката изведба претставува индивидуална и интелектуална творба создадена од физичко лице кое има морално право (член 103 од Законот), па оттаму треба да се истакнат и одредбите на членовите од 6 до 9 и 11 од Законот кои се однесуваат на содржината на авторското односно сродното право и на односот меѓу авторското односно сродното и сопственичкото право. Значи, авторското и сродното, изведувачкото право му припаѓа на авторот и на уметникот – изведувач врз основа на самото создавање на делото односно изведувањето на делото, независно дали делото е објавено. Авторското односно изведувачкото право е единствено право и неразделно е од авторот односно изведувачот, содржи лично-правни овластувања (морални права), исклучиви имотно-правни овластувања (материјални права) и други овластувања на авторот односно изведувачот (други права), од што произлегува дека авторот односно уметникот – изведувач како физичко лице е носител на интелектуалната сопственост и на правата кои произлегуваат од неа, во конкретниот случај тие права произлегуваат од уметничкото или друг вид интелектуално творештво кои како такви се јасно гарантирани со членот 47 од Уставот. Уставот токму и ја гарантира таа сопственост. Според член 30, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.“

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби од Статутот била создадена хаотична состојба, бидејќи тие одредби давале можност за сопственоста на уметниците – изведувачи да одлучуваат паритетно сопствениците (уметниците – изведувачи) и несопствениците (произведувачите на фонограми). Поради тоа, се предлага поведување на постапка и потоа укинување или поништување на оспорените одредби од Статутот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 8 став 1 од Статутот се определува: „Организацијата колективно ги управува следните права:

„(1В) Правото на надоместокот на уметниците музички изведувачи за радиодифузно емитување и друго јавно соопштување на нивните изведби, што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка (член 131 ст.1 т.5 од ЗАПСП)“.

„(1Г) Правото на уметниците музички изведувачи за изнајмување на фонограми и видеограми (член 131 ст.1 точка 4)“.

4.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 51/2011 и 147/2013),„со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.“

Според член 101 од Законот, „уметници – изведувачи, во смисла на овој закон, се артисти, пеачи, музичари, балетски уметници и други лица кои со игра, песна, танц, говорење, рецитирање или на друг начин, изведуваат книжевни или уметнички дела или дела од народното творештво (во натамошниот текст: изведувачи)“ –став 1. „Како изведувачи, во смисла на овој закон, се сметаат и режисери на сценски дела, диригенти на оркестри и хорови, обличувачи (мајстори) на тон или на тонска снимка“ (став 2).

Според член 131 од Законот, „права што колективно се управуваат по правило се:
точка 4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми;
точка 5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопштување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка;

Според член 132 став 1 од Законот, „колективното управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).“

Според член 132 став 2 од Законот, „организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата на конкуренција“ (став 2). Според став 3 од истиот член, „организацијата може да биде основана за одредени видови права или за права што припаѓаат на одделни носители.“

Според член 134 став 2 од Законот, „организацијата што врши колективно управување од овој закон, ги управува правата на сите носители на правата за кои има добиено дозвола од Министерството за култура, во согласност со овој закон и статутот, односно договорот за основање.“
Во член 137 од Законот се утврдуваат основите врз кои се определуваат надоместоците за користење на авторското дело односно на предметот на сродните права, во член 138 од Законот се уредуваат критериумите за определување на висината на надоместоците, во член 139 од Законот се пропишуваат актите со кои се определува висината на надоместоците, а во членовите 144 и 145 од Законот се уредува општиот начин на распределба и посебните случаи за распределба на надоместоците.

Во член 147 став 1 точка 1 од Законот се определува дека со статутот на организацијата за колективно управување се утврдуваат, покрај другото, видовите и обемот на правата што се остваруваат преку таа организација, а во член 146 став 2 и член 151 точка 2 од Законот се пропишува дека организацијата го доставува статутот до Министерството за култура пред да и’ се издаде дозвола за колективно управување и дека Министерството ќе го одбие барањето за издавање дозвола ако статутот не е во согласност со овој закон.

Според член 154 став 1 од Законот, „организацијата е должна за секоја календарска година во која се вршела распределба на надоместоците, во рок од шест месеци по завршувањето на календарската година да: 1) обезбеди независен ревизорски извештај за финансиската состојба на организацијата и работењето во смисла на усогласеноста со овој закон, општите акти на организацијата и склучените договори од членот 139 став 1 точки 1 и 2 од овој закон и 2) достави годишен финансиски извештај до Владата на Република Македонија.“ Покрај тоа, според став 2 од истиот член, надлежните органи на организацијата можат да побараат: 1) годишни извештаи од извршните и надзорните органи на организацијата за прибраните средства, нивната распределба, работата на организацијата, како и 2) предлози за финансискиот план и трошоците за работење за наредната година.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, потоа што никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, и што се гарантираат правата што произлегуваат од уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со Законот за авторското право и сродните права се уредуваат:
-правата на, покрај другите, уметниците – изведувачи, меѓу кои и на пеачите и музичарите (член 1 и член 101 став 1), дека
-тие лица имаат, покрај другото, право на надоместок за изнајмување на фонограми или видеограми и право на надоместок за радиодифузно емитување и друго соопштување на нивната изведба, кои права колективно се управуваат (член 131 точките 4 и 5), дека

-колективното управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување (член 132 став 1), дека
-организацијата за колективно управување работи врз непрофитна, рационална и транспарентна основа (член 132 став 2), дека
-организацијата може да биде основана за (1) одредени видови права или за (2) права што припаѓаат на одделни носители (член 132 став 3), дека
-организацијата за колективно управување ги управува правата на сите носители на правата за кои има добиено дозвола од Министерството за култура (член 134 став 2), дека
-надоместоците за користење на изведбата се определуваат врз основа, критериуми, акти и на општ и посебен начин за нивната распределба уредени со Законот (членовите 137, 138, 139, 144 и 145), дека
-организацијата за колективно управување со статутот ги утврдуваат видовите и обемот на правата што се остваруваат преку таа организација (член 147 став 1 точка 1), дека
-содржината на статутот на организацијата за колективно управување подлегнува на оцена на согласност со Законот од страна на орган на државната управа, а последица на неусогласеноста е недобивање на дозвола за колективно управување со правата (член 146 став 2 и член 151 точка 2), дека
-распределбата на надоместоците од страна на организацијата за колективно управување подлегнува на повеќе годишни контроли: (1) финансиски, а/ извршени од независен ревизор и б/ од Владата на Република Македонија; (2) други, извршени од надлежните органи на самата организација (член 154 ставовите 1 и 2).

Според тоа, Судот смета дека предвидувањето во член 8 став 1 точките В и Г од Статутот, уметниците – музички изведувачи да имаат право на надоместок за радиодифузно емитување и друго јавно соопштување на нивните изведби, како и право на надоместок за изнајмување на фонограми и видеограми, кои права според член 131 точките 4 и 5 од Законот колективно се управуваат, и тоа во ситуација кога за нивната висина, со општ акт за распределба на надоместоците, одлучува Собранието на Организацијата составено не само од уметниците – музички изведувачи, туку и од произведувачите на фонограми, има директна основа во член 132 став 3 од Законот според кој организацијата може да биде основана за одредени видови права, не само за одделни носители, потоа во член 134 став 2 од Законот според кој организацијата за колективно управување ги управува правата на сите носители на правата за кои има добиено дозвола од Министерството за култура, и во член 147 став 1 од Законот според кој организацијата за колективно управување со статутот ги утврдуваат видовите и обемот на правата што се остваруваат преку таа организација. Притоа, уредувањето на висината на надоместоците и нивната распределба на уметниците – музички изведувачи се врши врз основа, критериуми, акти и на општ и посебен начин утврдени со Законот (членовите 137, 138, 139, 144 и 145), контролата над нормите ја спроведува Министерството за култура и надлежните органи на самата организацијата, а финансиската контрола ја вршат независен ревизор, Владата на Република Македонија и надлежните органи на самата организација.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од точките В и Г на став 1 од член 8 на Статутот со наведените законски одредби, а со тоа ниту со член 8 став 1 алинеја 3, член 30 став 3, член 47 став 2 и член 51 став 1 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У бр.117/2013
11 јуни 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева