162/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 3 алинеја 9 од Правилникот за начинот на користење на погодности на осудени лица, (“Службен весник на Република Македонија” број 173/2011), донесен од министерот за правда.

2. Никола Тодоровски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 3 алинеја 9 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата упатува на содржината на членот 42 од Законот за извршување на санкциите, како и на Правилникот за начинот на користење на погодности на осудените лица, кои акти биле во корелација со оспорениот член 3 алинеја 9 од Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на утврдените и пропишани права во член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1 и член 51 став 1 од Уставот, бидејќи имала последици по однос на правата и погодностите на осудените лица, а тие можеле да се дозволат, а не предвидат само со закон. Последиците можеле да настапат само по правосилност на пресудите, а не по предвидувањата дека истите ќе се случат или врз основа на хипотетичката претпоставка дека лицето ќе биде осудено секогаш кога против него се води постапка за друго дело. На овој начин осудените лица ги губеле погодностите, а во казнените установи им се одземале права и погодности, само доколку се водела друга постапка против нив. Со тоа дополнително биле казнети и не била земена предвид презумпцијата на невиност, а им се ускратувале и правата во начинот на сместување во установите.

Наместо ваквото уредување, според подносителот на иницијативата, министерот за правда морал да биде „попрецизен“.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да го запре извршувањето, односно по поведување на постапка оспорената одредба да ја укине, а со тоа да биле изедначени правата на засегнатите граѓани пред законот.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 3 алинеја 9 од Правилникот, при класификација на осудените лица, се земаат во предвид, меѓу другото и околноста дали против осуденото лице се води друга постапка или му е изречена друга казна затвор.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот, со Решение У.бр. 26/2012 од 10 октомври 2012 година, веќе се произнел за сега оспорениот член 3 алинеја 9 од Правилникот, кога одлучувал за уставноста и законитоста на членовите 3, 6, 7 и 8 од Правилникот распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Македонија“ број 173/2011) донесен од министерот за правда.

Според ставот на Судот изразен во овој предмет, класификацијата на осудените лица во казнено поправни установи се темели на објективни (вид на кривично дело, должина на казната и видот на казнената евиденција) и субјективни критериуми кои почиваат на карактеристики на личноста на деликвентот од што зависи флексибилноста во примената на методи на третман и постојано преструктуирање на групите што е битна претпоставка за остварување на ресоцијализацијата.

Оттука, според Судот предвидениот услов во Правилникот осуденото лице на казна затвор да биде распореден во определена група во затворени, полуотворени и отворени установи, ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор, резултира од карактерот на осуденото лице односно од субјективните елементи на осуденото лице и со предвидениот услов не се доведува во прашање остварување на права на осудени како што потенцирал подносителот на иницијативата, поради што Судот не го поставил прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со законите.

Исто така, Судот, со решение У.бр.61/2003 од 11 септември 2013 година, по повод слични наводи, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина и посебно на членот 3 алинеја 9 во делот: „дали против осуденото лице се води друга постапка”.

Оспорената одредба веќе била предмет на оценување, а во предметната иницијатива не се наведуваат причини кои би преставувале основ за поинакво одлучување на Судот од каде произлегува дека во конкретниот случај, се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.162/2013
11 јуни 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева