У.бр.95/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 30 октомври 2013 година и седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 36, член 37 и член 38 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012) донесени од Операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ- Скопје.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби, се пропишувале права и обврски за дистрибутерот, како и за корисникот при присилно исклучување, како и за начинот и местото на исклучување, за што подносителот смета дека било нешто невидено во правото. Ова од причина што тоа можело да биде предмет на уредување на закон или договор, а не со мрежни правила што ги донесувал самиот дистрибутер, што произлегувало и од член 117 од Законот за енергетика врз основа на кои се донесени Мрежните правила.

Од наведените причини подносителот смета дека оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот, како и со член 117 од Законот за енергетика. При одлучувањето тој предлага да се имаат предвид одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа,според који со актите кои ги донесува министерот, директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлеженост на други органи, како и Решението на Уставниот суд У.бр.125/2012 со кое била поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 и член 53 став 1, од Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 36, 37 и 38 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 36 од Мрежните правила, секој потрошувач има право да побара исклучување од системот за дистрибуција на топлинска енергија. За исклучување по барање на потрошувачите во колективни објекти, дополнителен услов е претходно добиената согласност од останатите потрошувачи, согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија.

По барање на потрошувачот од став в1 на овој член, доколку снабдувачот утврдил дека потрошувачот ги исполнил сите достасани обврски за преземената топлинска енергија согласно договорот за снабдување, барањето на потрошувачот за исклучување го доставува до дистрибутерот. Дистрибутерот е должен да ги обезбеди потребните технички услови за извршување на исклучувањето и да го извести снабдувачот, за денот и часот кога може да се изврши исклучувањето (став 2).

Во случај да се исклучува целото мерно место, дистрибутерот го реализира исклучувањето. (став 3)

Контролата на извршеното исклучување во сите случаи е обврска на снабдувачот. За извршеното исклучување се составува Записник кој се потпишува од страна на снабдувачот и потрошувачот кој барал исклучување, а во колективните стамбени објекти Управителот или Претседателот на заедницата на станарите. (став 4)

Потрошувачот кој бара исклучување ги поднесува сите трошоци поврзани со исклучувањето. (став 5)

Исклучениот потрошувач има обврска да му овозможи на дистрибутерот и снабдувачот пристап до мерното место, односно грејната инсталација, заради контрола на неовластено користење на топлинска енергија и отчитување на мерачот или распределителот (став 6).

Судот на седницата, исто така, утврди дека во оспорениот член 37 став 1 е определено дека присилно исклучување на корисници од системот може да спроведе снабдувачот, во случај кога потрошувачот не ги исполнува условите од договорот за снабдување со топлинска енергија, а по известување и обезбедување на услови за реализација од страна на дистрибутерот.

Во ставот 2 на истиот член од Правилата е утврдено дека присилно исклучување на корисници од системот може да спроведе дистрибутерот во случај кога корисникот предизвикува дерегулација на системот, ја загрозува безбедноста на извршителите и функционалноста на системот од техничка неисправност на грејната инсталација и опремата во топлинската станица, за што писмено ќе ги извести корисникот и снабдувачот.

Во оспорениот член 38 од Мрежните правила е определено дека сите постројки за производство и потрошувачка на топлинската енергија, треба да бидат исклучени од дистрибутивната мрежа во согласност со важечките технички стандарди и со цел да се избегне нарушување на доверливоста на целиот систем.

Местото на исклучување кај корисниците е местото каде се врши примопредавање на топлинската енергија, при што се применува начин на исклучување кој што не предизвикува физичко оштетување на дел од системот, а се оневозможува повторно приклучување без најава кај дистрибутерот.

Место на исклучување кај потрошувачите се приклучоците на грејните тела или приклучокот на инсталацијата која ги поврзува грејните тела на потрошувачот.

Исклучениот корисник е физички одвоен од:
– дистрибутивната мрежа;
– топлинската станица;
– грејната инсталација.

Доколку сите потрошувачи од едно мерно место бараат да се исклучат, исклучувањето може да се реализира и од топлинската станица (доколку постои техничка можност) или од шахта, при што до снабдувачот се доставува писмена согласност од сите потрошувачи.

При исклучување на топлинската станица од дистрибутивниот систем, дистрибутерот треба да направи примопредавање на просторијата и топлинската станица на претставник на корисникот, со записник во кој се наведени елементите кои се вградени и остануваат на корисниците, како и записник за елементите кои дистрибутерот дополнително ги вградил и се негова сопственост и има право да ги извади за понатамошна експолатација, при што топлинската станица да остане во функција.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ – Скопје, по претходно одобрение од Регулаторната комисија за енергетика, на 6 мај 2014 година донесе нови Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергиј за за греење кои се објавени во Службен весник на Република Македонија бр.73/2014 година.

Во членот 64 од Мрежните правила е утврдено дека овие Мрежни правила влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Од наведеното произлегува дека со влегувањето во сила на новите Мрежни правила, по автоматизам оспорените Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија не се повеќе во важност и во примена, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе на седницата од 30 октомври 2013 година во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски и Владимир Стојаноски, а на седницата од 11 јуни 2014 година во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.95/2013
11 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева