У.бр.153/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за исплата на надомест на членовите на Управниот одбор на јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево бр.02-88/2, донесена од Управниот одбор на 14.09.2009 година.

2. Зорица Мановска директор на јавната локална библиотека
„Илинден“ од Делчево застапувана од адвокатот Анета Темчева од Делчево, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот и законот од причина што библиотеката е јавна локална установа, при што членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Советот на општина Делчево и истиот би требало да донесе одлука за висината на надоместокот.

Во Статутот на јавната локална библиотека со член 21 се определени надоместоците на Управниот одбор, при што никаде не било предвидено дека Управниот одбор е надлежен да донесува одлука со која ќе определи надоместок за своите членови.

Подносителот на иницијативата наведува дека од страна на локалната самоуправа добиле одговор дека за висината на надоместоците на член на Управниот одбор немаат донесено ниедна одлука до сега освен одлуката од 2005 година за надоместоци на членовите на комисии во рамките на Советот во износ од 700 денари кои се на ранг на членови на Управен одбор на библиотека.

Воедно, подносителот наведува дека висината на надоместокот што бил определен со одлуката не бил во согласност ниту со препораките на Министерството за култура предвидени со известување од 2010 година и со Заклучок на Владата, со кои се предвидуваат антикризни мерки и активности меѓу кои и намалување на надоместокот на членовите на Управниот одбор.

Од страна на Министерството за култура била донесена одлука за висината на надоместкот на членовите на Управниот одбор кој изнесува 500 денари за член и 700 денари за претседател, кој надоместок се однесува само за членовите кои не се вработени во установата.

Оваа одлука важела за сите установи од областа на културата-единки корисници на Буџетот на Република Македонија во кои се вбројувала и локалната библиотека.

Оттука, оспорената одлука била спротивна на начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок и начелото на еднаквост, од причина што членовите на Управниот одбор на локалната библиотека се ставале во привилегирана положба во однос на другите јавни установи.

Понатаму, подносителот наведува дека има интерес за поднесување на предметната иницијатива од причина што се водат судски постапки за исплата на надоместоци за седници на членовите на Управниот одбор за период од 2009 до 2013 година, по износ определен со оспорената одлука, што директно има влијание на одвивањето на процесот на вршење на дејноста.

Од друга страна, пак, постоело веројатност дека и ново избраните членови на Управниот одбор ќе се повикаат на истата одлука во врска со надоместоците за присуство на седници на Управниот одбор во ситуација кога локалната самоправа нема донесено одлука.

Од наведените причини со иницијативата се бара оспорената одлука да биде поништена.

3.Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на јавната локална библиотека „Илинден“во Делчево на 14.09.2009 година, донел Одлука за исплата на надоместок на членовите на Управниот одбор.
Според член 1 од одлуката на членовите на Управниот одбор ќе им се исплатува надомест од 3000 денари на претседателот и по 2000 денари на другите членови.

Според член 2 од одлуката,членовите на Управниот одбор ќе примаат надомест за секоја одржана седница.

Според член 3 од одлуката,таа стапува во сила со денот на донесувањето.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 1 од Законот за библиотеките („Службен весник на Република Македонија“бр.66/2004, 89/2008, 116/2010 и 51/2011) со овој закон се уредуваат вршењето на дејноста на библиотеките ,работењето на библиотеките, основањето, видовите библиотеки, организацијата, координација, стручните звања ,надзорот и други прашања што се од значење за вршење на дејноста на библиотеките во Република Македонија.

Согласно членовите 3, 4 и 5 од наведениот закон, библиотеката е непрофитна установа од областа на културата која врши дејност од јавен интерес, при што на основањето, работата и престанокот на библиотеките раководењето, управувањето, одлучувањето, финансирањето и надзорот се применуваат одредбите на Законот за културата.

Во членовите 11,12,13 и 14 од Законот за библиотеките се уредени прашањата кои се однесуваат на основањето, раководењето, управувањето и финансирањето на локалните библиотеки.Орган на управување на локалната библиотека е Управниот одбор кој го сочинуваат пет преставници кои ги именува советот на општините,од кои тројца се претставници од редот на истакнати поединци од областа на културата и двајца претставници од редот на вработените во библиотекта.

Според член 34 став 4 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“бр.31/1998,49/2003, 82/2005,24/2007, 116/2010, 47/2011, 51/2011, 136/2012, 23/2013 и 187/2013) на претседателот и на членовите на Управниот одбор на националната установа (библиотека) им следува соодветен надомест што го определува министерот за култура, а согласно членот 37 од законот, одредбите од овој закон што се однесуваат на националната установа, соодветно се применуваат и на општинска-градска установа, особено за основање, работа, раководење, управување, одлучување и финансирање на националната установа, доколку со Законот за локалната самоуправа или со закон за одделни дејности во културата поинаку не е утврдено.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека библиотеката е јавна установа која врши дејност од јавен интерес и може да биде национална и локална при што како основач може да се јави државата односно Владата, единицата на локалната самоуправа и приватана која ја основа физичко или правно лице. Со библиотеката управува Управен одбор чии членови ги именува основачот. На членовите на Управниот одбор им следува надоместок кој го определува основачот.

Имајќи го предвид наведеното, недвосмислено произлегува дека на членовите на Управниот одбор им следува надоместок. Меѓутоа, имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, се поставува прашањето дали во конкретниов случај Управниот одбор на јавната локална библиотека ги надминал овластувањата во смисла на тоа што тој за своите членови, а не основачот определил надоместок за присуство на седниците на Управниот одбор, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и законите.

5.Во однос на наводите од иницијативата според кои управниот одбор не го почитувал заклучокот на Владата како и Одлуката на Министерството за култура во однос на висината на надоместокот за членовите и претседателот на Управниот одбор во установите, не е прашање од надлежност на Уставниот суд или поточно речено Судот не е надлежен да ја цени оспорената одлука во однос на актот на Владата и надлежното министерство.

6.Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.153/2013
11 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева