Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 точка 1, член 32 став 3 точка 2 во делот „Решението се објавува на огласна табла на судот“,член 36 став 1 точка 12, член 37 став 6 во делот „Доставата на решението за определување на награда на стечајниот управник се врши преку огласна табла на судот “ член 37 став 7 во делот „од денот на објавувањето на решението на огласна табла на судот, член 68 став 4 во делот „од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007,47/2011,79/2013, 164/2013 и 29/2014).
2.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од ова решениние од Законот за стечај.
Подносителот на иницијативата ги оспорува член 8 точка 1,член 17 став 3 точка 2 во делот „Решението се објавува на огласна табла на судот, член 20 став 1 точка 12, член 21 став 6 во делот „Доставата на решението за определување на награда на стечајниот управник се врши преку огласна табла на судот, член 21 став 7 во делот „од денот на објавувањето на решението на огласна табла во судот и член 40 став 4 во делот „од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013).
Според мислењето на Судот во конкретниов случај за соодветно согледување на целината на одредбите, предмет на разгледување ќе бидат одредбите од основниот текст на Законот со сите измени и дополнувања на Законот за стечај, а не само наведените измени.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 21 точка 1 (член 8 точка1) и член 36 став 1 точка 12 (член 20 став 1точка 12) од Законот и содржината на членовите се повредувале член 1 алинеја 1, 3 и 4, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 54 став 1 и Амандман 25 став 1 и 2 од Уставот, од причини што осудуваноста на граѓаните за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши должност стечаен управник по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (судска забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука. Со таквото ограничување се повредувал уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето исе ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција.
Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со конкретна правосилна судска одлука.
Понатаму, според подносителот на иницијативата оспорениот член 32 став 3 точка 2 (член 17став 3 точка 2), член 37 став 6 и 7 и член 68 став 4 од Законот не биле во согласност со начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Ова од причина што со оспорените законски делови се предвидувало дека против решението засегнатите странки имаат право на жалба од денот на објавувањето на решението на огласна табла на судот или од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија, при што во овој случај постапката требало да се спроведува согласно одредби на Законот за општата управна постапка, од причина што станувало збор за решавање на права и обврски за поединечни работи,поради што право да поднесе жалба му се дава на засегнатите страни кои се субјекти за чие право односно интерес се решава во стечајната постапка. Оттука, рокот за поднесување на жалба мора да тече од денот на доставувањето на решението до странката, како што предвидува Законот за општата управна постапка како специјален закон во кој е регулирана постапка за доставување на решенијата и за поднесување на жалба. Според тоа рокот за поднесување на жалба треба да тече од денот на доставувањето, односно од осознавањето на субјектот за постоење на ваков акт, а не од денот на објавување на решението на огласна табла на судот или во „Службен весник на Република Македонија“.
Доставувањето на решението преку огласна табла на судот да се смета за уредно на денот на прикачувањето е правно нејасно и неиздржано. Не е јасно од каде и накаков начин субјектот на кој се однесува решението ќе добие сознание дека за него, на огласната табла е објавено решението, на конкретен датум па да вложува жалба или пак пристапи кон исполнување на обврската.
3.Судот на седницата утврди дека според член 21 точка 1 (член 8 точка 1) од Законот за стечај, со лиценца за вршење на работите на стечаен управник не може да се стекне физичко лице, односно друштво.
(1) „Ако со правосилна одлука на Судот е утврдено дека физичкото лице со умисла односно правното лице предизвикало стечај поради што доверителите не можеле да ги наплатат своите побарувања, додека трае забраната утврдена со одлука на судот.(оспорен)
(2) Според член 32 став 3 точка 2 (член 17 став 3 точка 2) во оспорениот дел од Законот е предвидено дека „Решението се објавува на огласна табла на Судот“ (оспорен дел)
(3) Во оспорениот член 36 став 1 точка 12 (член 20 став 1 точка 12) од Законот е предвидено дека стечајниот управник може да биде разрешен од должност и пред одржувањето на првото извештајно собрание на доверители како и во текот на целата стечајна постапка „доколку во текот на стечајната постапка со правосилна пресуда е осуден за кривично дело кое го прави неподобен за стечаен управник се додека траат последиците од пресудата“ (оспорен дел).
(4) Во оспорениот член 37 став 6 (член 21 точка 6) од Законот, во делот „Доставата на решението за определување на награда на стечајниот управник се врши преку огласна табла на Судот“.
(5) Во оспорениот член 37 став 7 (член 21 став 7) од Законот, во делот е предвидено „од денот на објавувањето на решението на огласна табла на судот“.
(6) Во оспорениот член 68 став 4 (член 40 став 4) од Законот е предвидено дека од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4.Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот,едни од
темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член од Уставот, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Со член 54 став 1 од Уставот се уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно Амандман XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2).
Cо Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013 и 29/2014) се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот (член 1).
Во членот 21 точка 1 од Законот е предвиден дека со лиценца за вршење на работите на стечаен управник не може да се стекне физичко лице односно друштво.
„Ако со правосилна одлука на Судот е утврдено дека физичкото лице со умисла односно правното лице предизвикало стечај поради што доверителите не можеле да ги наплатат своите побарувања, додека трае забраната утврдена со одлука на судот.(оспорен)
Во оспорениот член 36 став 1 точка 12 од Законот е предвидено дека стечајниот управник може да биде разрешен од должност и пред одржувањето на првото извештајно собрание на доверителите како и во текот на целата стечајна постапка „доколку во текот на стечајната постапка со правосилна пресуда е осуден за кривично дело кое го прави неподобен за стечаен управник се додека траат последиците од пресудата“ (оспорен дел).
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја притоа содржината на член 21 точка 1 (член 8 точка 1) и член 36 став 1 точка 12 (член 20 став 1 точка 12) од Законот за стечај (оспорени членови ) во контекст на наведените уставни одредби, како и одредбите од Кривичниот законик,Судот оцени дека во конкретниов случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на закон, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата.
Според тоа ограничувањето на правото на добивање на лиценца за стечаен управник во случајот кога лицето со правосилна пресуда е утврдено дека со умисла предизвикало стечај при што доверителите не можат да си ги наплатат своите побарувања додека трае забраната утврдена во пресудата или во случаите кога стечајниот управник ќе биде осуден за кривично дело кое го прави неподобен се додека траат последиците од пресудата, не се врши непосредно со оспорените членови од Законот, туку, тоа ограничување произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена казната односно забраната. Тоа со други зборови значи дека лицето наведената дејност, не може да ја врши односно не може да добие лиценца за вршење на таа дејност или кога е осуден за кривично дело кое го прави неподобен не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука што ја изрекол судот.
Оттука, имајќи во предвид дека забраната односно неможноста за добивање на лиценца за вршење на определена дејност не е трајна, туку трае додека траат правните последици, Судот оцени дека оспорените одредби не може да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Во членот 3 од Законот се утврдени целите на стечајната постапка. Имено според ставот 1 на овој член од законот, стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник (во натамошниот текст: должник) со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат.
Според ставот 2 од овој член од Законот, со реорганизација може да се врши и порамнување на побарувањата пред отворањето на стечајната постапка под условите утврдени со овој закон.
Според членот 6 од Законот, во стечајната постапка месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа седиштето на должникот. Еднаш заснована месна надлежност на судот, од денот на поднесувањето на предлогот за отворање стечајна постапка, не може да се измени без оглед на околностите на случајот.
Според ставот 2 на овој член од Законот, судот кој донел решение за отворање на стечајната постапка е исклучиво надлежен за решавање по тужбите за утврдување на оспорените побарувања кои настанале по отворањето на стечајната постапка. Судот пред кој се водат постапките е должен по барање на судот кој што донел решение за отворање на стечајна постапка, без одлагање, да го достави предметот со сите списи.
Во членот 7 од Законот е утврдено дека на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.
Начелата на стечајната постапка се утврдени во членот 8 од Законот и тоа:
(1) Стечајната постапка се поведува по предлог.
(2) Стечајната постапка е итна.
(3) Судот може да ги донесува одлуките и без усна расправа.
(4) Судот може да се откаже од сослушување на должникот кога тоа е пропишано со овој закон, или ако лицата овлстени за застапување на должникот врз основа на закон или лицата кои имаат удел или акции кај должникот, односно самиот должник – поединец, се со непознато престојувалиште или се наоѓаат во странство, па нивното сослушување би довело до прекумерно одолжување на постапката.
(5) Предлози, изјави и приговори не можат да се даваат, односно да се поднесуваат, ако се пропушти рокот или рочиштето, односно собранието на кое требало да се дадат или поднесат, освен ако со овој закон поинаку не е определено.
(6) Табелите и извештаите можат да се изработуваат и обработуваат во електронска форма.
Од содржината на членот 7 од Законот, меѓу другото, произлегува дека стечајната постапка е итна, дека приговори не можат да се поднесуваат ако се пропушти рокот или рочиштето и дека во стечајната постапка не може да се бара враќање во поранешната состојба, освен ако со овој закон не е поинаку определено. Во оваа смисла законодавецот во Законот за стечај не ги предвидува вонредните правни лекови, токму поради итноста на постапката (член 14).
Според членот 11 од Законот, одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок.
Според ставот 2 од овој член од Законот со заклучокот се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење одделни дејства, а за сите други случаи судот одлучува со решение, ако со овој закон поинаку не е определено.
Прашањето за отворањето на стечајната постапка со оглас е уредено со членот 71 од Законот.
(1) За отворањето на стечајната постапка доверителите се известуваат со оглас.
(2) Огласот се објавува на огласна табла, во “Службен весник на Република Македонија”, како и во два дневни весника кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија. Огласот мора да биде истакнат на огласната табла истиот ден кога е донесено решението за отворање на стечајната постапка.
(3) Стечајниот управник е должен огласот, кој се објавува во два дневни весника во Република Македонија, да го објави во рок од три дена од приемот на решението со кое е именуван.
(4) Огласот за отворање на стечајната постапка содржи:
1) назив на судот што го донел решението за отворање на стечајната постапка;
2) име на стечајниот судија;
3) денот на истакнувањето на огласот на огласната табла на судот;
4) име и адреса на стечајниот управник;
5) фирма, седиште, единствениот матичен број на субјектот на уписот
(ЕМБС) и даночниот број и бројот на сметката на должникот;
6) известување за доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 30 дена од денот на објавувањето на огласот;
7) место, ден и час на испитното рочиште и извештајното собрание, ако се спојат и
8) повик на должниковите должници да ги намират своите долгови без
одлагање.
Во оспорениот член 32 став 3 точка 2 ( член 17 став 3 точка 2) од Законот е предвидено дека стечајниот судија може да донесе решение со кое ќе одбие именување на стечаен управник согласно со одлуката на доверителите донесена на првото извештајно собрание само во случај ако„ е очигледно дека со оглед на бројот на стечајните постапки во кои е именуван и обемот на работите во постапките,постапувањето на стечајниот управник во роковите определени со закон, неговата стручност и компетентност нема да може успешно да ја спроведе стечајната постапка. „Решението се објавува на огласна табла на Судот“ (оспорен дел). Против ова решение, право на жалба има секој доверител кој гласал за именување на нов стечаен управник.
Во оспорениот член 37 ставовите 6 и 7 од Законот е предвидено дека:
(6) Во случај кога одборот на доверители не донел одлука со која го одобрува предлогот за исплата на наградата на стечајниот управник или го одбил предлогот за исплата на наградата, решението за определување на наградата на стечајниот управник ќе го донесе стечајниот судија во рок од три дена од приемот на одлуката на одборот на доверители со која е одбиен предлогот или известието дека одборот на доверители не донел одлука по предлогот. Доставата на решението за определување на награда на стечајниот управник се врши преку огласна табла на судот.( оспорен дел ).
(7) Против решението на стечајниот судија за определување на награда на стечајниот управник право на жалба имаат доверителите, одборот на доверители и стечајниот управник во рок од осум дена од денот на објавување на решението на огласна табла на судот.“( оспорен дел).
Во оспорениот член 68 став 4 од Законот е предвидено дека:
(4) Против решение од ставовите (1) и (2) на овој член доверителите имаат право на жалба во рок од осум дена од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“. По правосилноста на решението должникот се брише од регистарот во кој е запишан.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и од анализата на целината на Законот за стечај како и оспорените делови од наведените членови,Судот оцени дека целта на законодавецот со Законот за стечај била врз основа начелата на итност, судското раководење со постапката, како и воспоставување на органи на стечајната постапка, престанок на постоење на извесен правен субјект кој се бави со дејност од која остварува приходи при што тој правен субјект не работи рентабилно.
Со вака поставениот концепт, државата не сака на пазарот во недогледно време да егзистираат правни субјекти кои во определен временски период не ги испочитувале законите и работат нерентабилно и тие треба да бидат ликвидирани во интерес на слободата на пазарот и претприемништвото,а со тоа во правниот промет да егзистираат платежно способни правни субјекти.
Оттука, според мислењето на Судот,а имајќи го предвид фактот што со оспорените законски делови од денот на објавувањето на решението на огласна табла на судот, односно од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија на засегнатите странки им е овозможено да го користат правото на жалба, се оправдува со цел да не се одолговлекувала постапката што би било директно во спротивност со начелото на итност на постапката и интересите на доверителите.
Ваквиот начин на информирање на доверителите и другите заинтересирани учесници во стечајната постапка произлегува и од самиот Закон за стечај кој предвидува дека во стечајната постапка согласно членот 7 соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено. Според тоа повикувањето на подносителот на иницијативата дека во оваа постапка по однос на доставувањата на решенијата треба да се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка се неосновани,поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
. 7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.141/2013
28 мај 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева