Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 17 став 1 точка 4 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011 и 79/2013 и 164/2013).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стрезо Стрезовски од Скопје, со Решение У.бр.93/2013 од 12 март 2013 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 точка 4 од Законот за енергетика, за член на Регулаторната комисија за енергетика може да биде именувано лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува следниве услови: да има препорака од три лица со најмалку десет години искуство во енергетиката, економијата или правото од кои најмалку двајца се доктори на науки.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за енергетика , со овој закон се уредуваат:
1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација;
2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности;
3) изградбата на енергетските објекти;
4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија;
6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и
7) други прашања од значење за енергетиката.
Регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон, според член 15 став 1 од Законот, ги врши Регулаторната комисија за енергетика. Според став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон. Регулаторната комисија за енергетика, според став 3 на истиот член, има својство на правно лице.
Според член 16 став 1 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика е составена од пет члена од кои еден е претседател. Согласно став 2 на истиот член, членовите и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на предлог на Владата на Република Македонија ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници. Според став 5 на истиот член, функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика се врши професионално и е неспојлива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. На членот на Регулаторната комисија за енергетика му престанува јавната функција или функцијата во политичка партија по сила на закон на денот на неговото именување. Доколку членот на Регулаторната комисија за енергетика пред именувањето бил во работен однос, работниот однос му мирува.
Со член 17 од Законот се утврдени условите кои треба да ги исполнува лице, државјанин на Република Македонија, за да може да биде именуван за член на Регулаторната комисија за енергетика, и тоа:
1) да има завршено најмалку високо образование од областа на електротехниката, машинството, технологијата, економијата или правото;
2) во последните 15 години пред именувањето да има најмалку десет години работно искуство во енергетиката;
3) најмалку една година пред изборот за член на Регулаторната комисија за
енергетика да не бил член на надзорен или управен одбор или одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност и
4) да има препорака од три лица со најмалку десет години искуство во енергетиката, економијата или правото од кои најмалку двајца се доктори на науки.
Со иницијативата се оспорува уставноста на член 17 став 4 од Законот, затоа што, според подносителот на иницијативата, постоење и користење на „препораки“, како услов за избор на јавни функции, не било предвидено со Уставот или со било кој закон на Република Македонија, поради што оваа одредба не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 23 од Уставот.
Во одговор на ова прашање Судот го имаше предвид следното.
Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција (член 23), од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон. Оттука, легитимно право на законодавецот е да пропише посебни услови за вршење на определени јавни функции, во конкретниов случај, да ги пропише потребните услови за именување член на Регулаторната комисија за енергетика. Притоа, законодавецот мора да води сметка дека Уставот гарантира дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, односно дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 од Уставот).
Пропишувањето на условите за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика со член 17 од Законот претставува операционализирање на уставната определба дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции под исти услови, од кој аспект, според Судот, нема повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните пред Уставот и закон.
Меѓутоа, за барањето на препорака од три лица со најмалку десет години искуство во енергетиката, економијата или правото од кои најмалку двајца се доктори на науки, како услов за именување на наведената јавна функција, според Судот, основано се поставува прашањето дали станува збор за услов кој е објективен, непристрасен и применлив за сите кандидати и дали е во согласност со начелото на владеењето на правото.
За Судот не е спорно дека законодавецот, имајќи ја предвид улогата на Регулаторната комисија за енергетика како независен и стручен орган во вршењето на својата дејност, како и комплексноста на работите што ги извршува, има основ да пропише услови со кои ќе овозможи за член на оваа комисија да бидат именувани стручни и искусни лица кои ќе можат да ги задоволат и исполнат потребите и очекувањата од извршување на една особено значајна и специфична јавна функција, како наведената. Меѓутоа, барањето на наведените препораки сепак упатува на субјективна оценка за тоа дали одредено лице ги исполнува законски пропишаните услови за именување на јавната функција, што може да го доведе во прашање тестот на објективност и непристрасност. Ова особено што според начинот на кој е пропишан овој услов, како елиминирачки (не како дополнителен), произлегува дека недоставувањето на трите препораки би значело дека лицето не ги исполнува условите за вршење на оваа јавна функција, односно неспорно произлегува дека фактот за тоа дали одредено лице ќе биде именувано на функцијата не зависи само од факти и докази кои се објективно мерливи и кои се докажуваат со документи како јавни исправи (доказ за образование и работно искуство), туку се бара и субјективна оценка од трети лица за тоа дали кандидатот би можел успешно да ја извршува функцијата. Тоа значи дека од субјективната проценка и во крајна линија волја на трети лица да дадат соодветна препорака, зависи дали лицето ќе ги исполни бараните законски услови за извршување на функцијата.
Поради наведеното, на овој начин пропишаниот услов за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика не ги задоволува критериумите на објективност, непристрасност и применливост, како елементи на владеењето на правото, поради што Судот оцени дека член 17 став 4 од Законот за енергетика не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.93/2013
28 мај 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева