66/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 31 став 1, во делот

2.Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во однос на член 31 став 1 од Законот, во иницијативата се наведува дека оспорениот законски дел бил нејасен и непрецизен, бидејќи не се знаело поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика каде се објавуваат, на огласна табла или пак во „Службен весник на Република Македонија“. Подносителот на иницијативата наведува дека согласно член 30 став 2 од Законот за енергетика, во постапката за донесување на одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применувала Законот за општата управна постапка, ако со овој закон не е предвидена поинаква постапка, а според член 230 од Законот за општата управна постапка, жалбата се поднесувала во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, ако со закон поинаку не е определено (став 1). Рокот за жалба за секое лице и за секој орган на кои им се доставува решението, се смета од денот на доставувањето на решението (став 2), а не „по објавувањето“ како што било предвидено со оспорениот законски дел. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот законски дел не бил во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, како дел од ова уставно начело. Според тоа, оспорениот законски дел не бил во согласност со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните односно со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на член 31 ставовите 10 и 11 од Законот, во иницијативата најнапред се цитира содржината на одредбите, а потоа се наведува: „од ова произлегува дека членовите на Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката и нивните заменици, покрај платата, примаат и дополнителен надоместок за нивната работна обврска во Комисијата, што не е во согласност со уставното начело на владеењето на правото. Оттука, произлегува дека работата во Комисијата за жалби претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која спаѓа во неговиот делокруг на работа односно претставува негова надлежност. Затоа, сметам дека вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на Регулаторната комисија за енергетика и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на вработените во Регулаторната комисија за енергетика, во Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надомест во вид на награда.“ Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека ставовите 10 и 11 на член 31 од Законот за енергетика не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3.Судот на седницата утврди дека во член 31 став 1 од Законот се определува дека „против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката (во натамошниот текст: Комисијата за жалби), најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.“

Судот, исто така, утврди дека според оспорениот член 31 став 10 од Законот, „на членовите на Комисијата за жалби и на нивните заменици им следува месечен надоместок за извршената работа што се исплаќа од вкупниот приход на Регулаторната комисија за енергетика“, а во оспорениот став 11 од истиот член на Законот се определува дека „месечните надоместоци од ставот 10 на овој член го определува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија и истите не можат да бидат повисоки од 50% од просечната плата исплатена во Република Македонија во претходната календарска година.“
Судот, понатаму, утврди дека со Одлука У бр.70/2013, донесена од Уставниот суд на 26 февруари 2014 година, укинат е член 31 став 1, во делот: „по објавувањето“ од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011 и 136/2011), а со Решение У бр.70/2013, донесено од Уставниот суд исто така на 26 февруари 2014 година, запрена е постапката за оценување на уставноста на член 31 ставовите 10 и 11 од Законот за енергетика.

4. Според член 112 од Уставот, „Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот“ (став 1). „Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни“ (став 3).

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд има уставно овластување, ако утврди несогласност на закон или законска одредба со Уставот, да го укине или поништи законот односно законската одредба, при што одлуките на Судот се конечни и извршни. Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека, ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот ќе ја отфрли иницијативата.

Со оглед дека членот 31 став 1, во делот: „по објавувањето“ од Законот за енергетика е укинат со Одлука У бр.70/2013 донесена од Уставниот суд на 26 февруари 2014 година, со што наведениот дел од законската одредба не е во позитивно-правниот поредок на Република Македонија, Судот утврди дека има процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијатива, поради што, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.“

Со оглед дека член 31 ставовите 10 и 11 од Законот беше предмет на оценување од Судот, при што со Решение У бр.70/2013 од 26 февруари 2014 година е запрена претходно поведената постапка, како и дека ни сега Судот не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановскаи, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.66/2013
28 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева