У.бр.163/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за КП бр.2232 КО Струга, бр.07-795/29, донесена од Советот на општина Струга на 22 февруари 2013 година („Службен гласник на општина Струга“ бр.8) и на

б) Заклучокот за потврдување на Одлуката за утврдување на потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за КП бр.2232 КО Струга, бр.07-1081/14, донесен од Советот на општина Струга на 12 март 2013 година („Службен гласник на општина Струга“ бр.8).

2. Зиадин Села-градоначалник на општина Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорените одлука и заклучок не биле во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 57 став 1 од Законот за градење, член 4 став 2 и член 10 став 4 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и со член 7 став 2 и член 50 од Законот за заштита на културното наследство.

Потоа, во иницијативата се прикажува фактичката состојба во врска со локацијата и објектот на кој се однесуваат оспорените одлука и заклучок така што се наведува: -Пулумб Ќура од с.Велешта, во време кога бил член на Советот на општина Струга, побарал и, тогашниот градоначалник на Општината, му издал Одобрение за поставување урбана опрема-монтажен објект, шанк бифе, во траење од 1 година (Одобрение бр.03-925/3 од 2 септември 2010 година) согласно на Програмата за поставување урбана опрема на општина Струга за 2010 година (Програма бр.07-1505/27 од 29 јуни 2010 година);
-наместо монтажен објект, Пулумб Ќура изградил приземен деловен објект-затворен шанк со површина од 72 м2 на само 7 метри од кејот на Охридското езеро, а на 14 март 2011 година побарал од Општината да го легализира неговиот објект (Барање бр.09-119);
-со решенија од Управата за заштита на културно наследство на Министерството за култура (УП бр.18-187 од 23 март 2011 година и од 15 мај 2012 година) локацијата на која бил изграден објектот на Пулумб Ќура (поширокиот простор) била прогласена за значајно културно наследство и трајно заштитено добро запишано во националниот регистар на културното наследство, поради што во годишната програма за поставување на урбана опрема за 2013 година Советот на Општината ја укинал локацијата за постапување на урбана опрема-монтажен објект, шанк бифе (Програма бр.07-795/10 од 22 февруари 2013 година);
-Комисијата за постапување по бесправно изградени објекти на Општината, постапувајќи по барањето за легализација на Пулумб Ќура, на 2 јуни 2011 година констатирала дека објектот е изграден на локација која е заштитено културно наследство согласно решенијата на Министерството за култура, поради што барањето за легализација било доставено до Министерството за транспорт и врски на 5 август 2011 година, заради нивно натамошно постапување;
-иако Министерството за транспорт и врски (Комисијата за легализација) не се произнеле по барањето на ниеден начин (не ја прекинале постапката, не го вратиле предметот на Општината на нивна натамошна постапка, ниту дале согласност за легализација), Советот на општина Струга на 22 февруари 2013 година ја донел оспорената одлука и со неа се обврзал дека бесправно изградениот објект ќе го вклопи во урбанистичката планска документација односно во урбанистичкиот план на Општината;-согласно генералниот урбанистички план на Струга, објектот бил изграден на локација со намена Д-зеленило и рекреација.

При таква состојба, подносителот на иницијативата донел решение на 5 март 2013 година со кое го запрел објавувањето на оспорената одлука (Решение бр.08-1022/2). Но, Советот на Општината на 12 март 2013 година го донел оспорениот заклучок и со него го потврдил утврдувањето на потребата од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на градежното земјиште на КП бр.2232. Поради тоа, Градоначалникот доставил иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлука и заклучок, при што предлага поведување на постапка и изрекување на привремена мерка.

3.Судот на седницата утврди дека член 1 од оспорената одлука гласи: „се утврдува потреба од донесување на урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за бесправниот објект – деловно-угостителскиот објект од Пр на КП бр.2232 КО Струга во сопственост на РМ, поднесено од страна на лицето Пулумб Ќура од с.Велешта.“

Во член 2 од Олуката се определува дека „објектот, согласно ГУП на град Струга, е изграден на површина со намена Д-зеленило и рекреација.“

Според член 3 од Одлуката, „оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга.“

Во однос на оспорениот заклучок, Судот утврди дека член 1 гласи: „се одбива Решението за запирање на објавување на Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за КП бр.2232 КО Струга, бр.08-1022/1 од 05.03.2013.“

Според член 2 од Заклучокот, „се потврдува Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за КП бр.2232 КО Струга, бр.07-795/29, донесена од Советот на општина Струга на седницата одржана на 22.02.2013 година.“

Во член 3 од Заклучокот се определува дека „Заклучокот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга.“

4.Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите.

Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените одлука и заклучок не се акти со кои се врши планирање на просторот во смисла на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа тие не содржат општи норми на однесување, односно не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото, туку утврдуваат потреба од донесување урбанистичка планска документација, поради што тие претставуваат поединечни акти, па Уставниот суд не е надлежен да одлучува по таквата иницијатива. Поради тоа, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.163/2013
28 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева