У.бр.194/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2, во делот: „или недавање податоци за имотот и приходот“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

2.Владимир Стефановски-адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба била „во целост спротивна на Уставот на Република Македонија, Законот за кривична постапка и Кривичниот законик, а еве од кои причини:
-Во член 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок меѓу другите се наведени: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеење на правото;
-Во член 12 став 3 од Уставот се наведува „лицето повикано, приведено или лишено од слобода, мора веднаш да биде запознаено со причините за неговото повикување и од него не може да се бара изјава“;
-Во член 18 став 1 од Уставот се вели се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.“

Во натамошниот текст на иницијативата се наведува дека „имајќи ги во предвид погоре наведените уставни одредби за основните човекови права и слободи на граѓаните на Република Македонија, овие уставни одредби се вградени и во Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/97):
-Во член 3 став 1 од овој закон се вели „лицето повикано, приведено или лишено од слобода ….,од него не може да се бара изјава; Во став 2 од овој член се вели „Осомничениот односно обвинетиот мора најпрвин на јасен начин да се поучи за правото да молчи, …“;

Подносителот на иницијативата, понатаму, укажува на одредбите од Кривичниот законик, при што наведува дека „во член 29 од Кривиниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996) се вели кривичното дело може да се изврши со сторување или со несторување.

Кривичното дело “давање лажен исказ“ предвидено во член 367 од Кривичниот законик е кривично дело кое се врши со сторување односно со вршење дејствие-давање лажен исказ.
-Во член 367 став 1 од КЗ се вели: „сведок, вештак, преведувач или толкувач, кој пред суд или во управна, прекршочна или дисциплинска постапкаќе даде лажен исказ, ќе се казни со парична казна или затвор до три месеци.“
-Во став 2 од овој член се вели: „со казната од став 1 ќе се казни странка која при изведување на доказ со сослушување на странки, во процесна или управна постапка, ќе даде лажен исказ, а врз основа на тој исказ е заснована одлуката, донесена во таа постапка.“
-Во став 3 од овој член е предвидена санкција ако лажниот исказ е даден во кривична постапка.

Во Кривичниот законик постојат повеќе кривични дела кои се извршуваат со несторување, како на пример: „неукажување помош“ по член 136 од КЗ, „неучество во остварување на општа опасност“ по член 296 од КЗ.“

Според подносителот, „од погоре наведеното јасно произлегува дека кривичното дело „давање лажен исказ“ предвидено во член 367 од Кривичниот законик исклучиво може да се изврши со сторување-давање лажен исказ, а никако со несторување. Должникот, со тоа што нема да му даде податоци за својот имот и приход на извршителот (несторување), не може да стори кривично дело како што е давање лажен исказ, кое кривично дело исклучиво може да се изврши со сторување. Должникот, исто како и повиканиот, обвинетиот и приведениот, има право според Уставот и Законот за кривична постапка, да не даде изјава односно да молчи.“

Од друга страна, подносителот на иницијативата смета дека „согласно член 18 од Уставот, на должникот-граѓанинот му се гарантира сигурноста и тајноста на неговите лични податоци.“

Покрај тоа, подносителот на иницијативата наведува дека „Законот за кривична постапка е lex generalis закон што се носи со двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија, исто како и Уставот на Република Македонија. Од овие причини, сите закони кои што се носат со просто мнозинство во Собранието на Република Македонија, каков што е и Законот за извршување, мораат да бидат во согласност со Законот за кривична постапка и Уставот на Република Македонија.“

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека „јасно произлегува дека член 25 од Законот за извршување е спротивен односно не е во согласност со Уставот на Република Македонија, па предлага Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 112 од Уставот, да ги поништи одредбите од овој член.“
Во дополнително доставениот поднесок, пак, подносителот на иницијативата наведува дека „со овој поднесок би сакал да го прецизирам моето барање-иницијатива во смисла: барам да се поништи како неуставна одредбата од ставот 2 член 25 од Законот за извршување и тоа само во делот од ставот 2, кој гласи: „или недавање податоци за имотот и приходот.“

Подносителот на иницијативата наведува „дека никој според Устав и закон не смее да го тера – приморува должникот да тој чини дејствија кои се спротивни на неговите интереси (дејствија со кои би си нанел штета себеси или на својот имот).“

Во иницијативата се наведува дека „според член 221 од Законот за кривичната постапка, сведокот не мора (не е должен) да одговара на прашања, со кои ќе си наштети себеси или на свој близок роднина, со што би се изложил себеси на значителна материјална штета или кривично гонење. Исто така, обвинетиот, според член 210 став 2 од Законот за кривичната постапка, има право да не ја изнесе својата одбрана, ниту пак да одговара на поставените прашања, односно има право и да премолчи одредени факти кои одат на негов товар.“

Оттука, подносителот на иницијативата „поставува прашање зошто должникот, кој на извесен начин е изедначен во својот статус со обвинетиот, би имал помалку права од обвинетиот или пак сведокот, а кои права се гарантирани со Законот за кривична постапка и Уставот.“

3.Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во Дел втори „Извршување“, Раздел први
„Заеднички одредби“, Глава I „Извршна исправа“. Наведената глава од Законот е посветена на дефинирањето на извршните исправи кои можат да се извршуваат од извршителите, временскиот момент од кој можат да се извршуваат овие извршни исправи, елементите кои мора да ги содржи извршната исправа, наплатата на каматата на трошоците во постапката спроведена пред донесувањето на извршната исправа, предметот над кој може да се спроведе извршувањето, обврската на должникот да соработува со извршителот, почетокот на извршувањето со поднесување на барање за извршување, повлекувањето на барањето за извршување, прекинот на извршувањето, гаранциите во врска со извршувањето.

Во член 25 став 1 од Законот се определува дека „должникот е обврзан по барање на извршителот да ги изнесе сите неопходни податоци за неговиот личен имот и приход, неопходни за извршување на извршната исправа.“

Според член 25 став 2 од Законот, „за давање неточни или нецелосни податоци или недавање податоци за имотот и приходот, должникот и одговорното лице во правното лице кога должникот е правно лице одговараат како за давање на лажен исказ во постапка пред суд.“
Во член 41, пак, од Законот, кој член е систематизиран во Глава III „Извршни дејствија“, а која Глава припаѓа на истиот раздел „Заеднички одредби“ и истиот дел „Извршување“ од Законот како и оспорената законска одредба, се определува дека „со цел за непречено спроведување на извршувањето, извршителот има право на пристап до сите информации и податоци од работодавецот, банките, јавните книги и регистрите за конкретен должник“ (став 1), дека „извршителот при спроведување на извршувањето има право да побара податок од орган на државната управа или правно лице кое води регистар, како и асистенција од орган на државната управа за спроведување на предметот на извршувањето во согласност со овој закон“ (став 2) и дека „субјектите од ставот 2 на овој член се должни да соработуваат со извршителот“ (став 3).

4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, „тремелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 18 став 1 од Уставот, „се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.“

Членот 25 од Законот за извршување е систематизиран во делот од Законот во кој поблиску се уредуваат прашања во врска со заедничките одредби кои се однесуваат на различните постапувања при извршувањето на извршната исправа, при што во став 1 од член 25 на Законот се определува дека должникот е обврзан по барање на извршителот да ги изнесе сите неопходни податоци за неговиот личен имот и приход, неопходни за извршување на извршната исправа, а во ставот 2 се определува дека за давање неточни или нецелосни податоци или недавање податоци за имотот и приходот, должникот и одговорното лице во правното лице кога должникот е правно лице одговараат како за давање на лажен исказ во постапка пред суд. Покрај тоа, во член 41 од истиот закон се определува дека извршителот при извршувањето има право на пристап до сите информации и податоци за должникот кои постојат кај неговиот работодавец, во деловните банки, јавните книги и во регистрите, за што има право да побара податок од орган на државната управа или правно лице кое води регистар, како и асистенција од орган на државната управа и тие субјекти имаат обврска да соработуваат со извршителот.

Таквите законски одредби, па и оспорениот дел од член 25 став 2 од Законот, се во функција на овозможување на извршителот да дојде до податоците за имотот и приходот на должникот на најбрз и најефтин начин, а со цел брза реализација на правото и правдата востановени со извршната исправа.

Поради тоа, член 25 став 2, во делот: „или недавање податоци за имотот и приходот“ од Законот, не е во несогласност со одредбите од член 8 ставовите 1 и 3 и член 18 став 1 од Уставот, на кои упатува подносителот на иницијативата.

Во однос, пак, на согласноста на оспорениот дел од одредбата на Законот за извршување со член 12 став 3 од Уставот, како и со одредбите од Законот за кривична постапка и Кривичниот законик на кои упатува подносителот на иницијативата, спротивставените одредби уредуваат различна материја со оглед дека наведената уставна одредба и одредбите од двата закони посветени на кривична материја ги гарантираат правата на обвинетиот во една постапка во која треба да се утврдува нечија вина, а Законот за извршување, пак, се грижи да создаде услови да се реализира правосилна извршна одлука донесена од суд, управен орган или нотар, лимитирајќи ги можностите за избегнување на констатираните и востановени обврски, со што се придонесува за јакнење на принципот на владеење на правото, што на крајот за резултат ја наметнува констатацијата дека Република Македонија е правна држава, со јасни строго регулирани правила на постапување што не овозможуваат малверзации, ниту изигрувања на правата на доверителите, ниту пак непочитување на државната власт.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.194/2012
21 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.194/2012