Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за ставање во мирување на ДУП УЕ-11 Дел од блок 1, плански период 2010-2015, бр.07-4730/18 од 04.12.2013 година, донесена од советот на општина Струга.
2. Фејзи Мифтари од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука, без никаква причина, на незаконит начин бил ставен во мирување ДУП УЕ-11 Дел од блок 1, плански период 2010-2015, донесен со Одлука на советот на општина Струга со број 07-1505/23 од 26.06.2010 година.
Ова затоа што со Законот за урбанистичко и просторно планирање, биле пропишани постапките за донесување на урбанистичките планови (и тие што ги донесува Република Македонија и тие што ги донесуваат општините), меѓутоа во Законот немало поим или постапка за ставање во мирување на еднаш донесен план или пак друг акт за планирање. Самиот факт на имање мнозинство гласови во рамките на советот на општина Струга, само по себе не значело дека донесените одлуки се законити, туку напротив, на тој начин, со еден невиден волунтаризам, спротивно на сите правила и законски одредби, една одлука која претходно ги поминала сите фази на постапката (согласности, одобренија, известувања, стручни расправи, јавни анкети, фазите на нацрт одлука, предлог одлука и одлуката потоа), со една целосно незаконита одлука се ставала во мирување во една постапка која немала никаква допирна точка со законот и постапката, со една формулација која била новина во урбанистичко-правната терминологија – МИРУВАЊЕ (бидејќи законот не познавал ваков поим).
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ги преземе сите потребни мерки со кои оспорената одлука во иднина да не произведува никакви правни ефекти.
Истовремено, се предлага Уставниот суд, до донесувањето на конечна одлука по иницијативата, да донесе привремена мерка за забрана на примената на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за ставање во мирување на ДУП УЕ-11 Дел од блок 1, плански период 2010-2015, донесена од советот на општина Струга, има два члена.
Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се става во мирување ДУП УЕ-11 Дел од блок 1, плански период 2010-2015, донесен со Одлука бр. 07-1505/23 од 26.06.2010 година.
Според член 2 на истата одлука, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.
4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката на советот на општина Струга, донесена на 04.12.2013 година, со која се става во мирување ДУП УЕ-11 Дел од блок 1, плански период 2010-2015, донесен со Одлука бр. 07-1505/23 од 26.06.2010 година.
Тоа значи дека со иницијативата не се оспорува уставноста и законитоста на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, што е прашање од надлежност на Уставниот суд, туку се бара од Судот да се впушти во прашање кое се однесува на реализација на урбанистичкиот план, за што, Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Оттука, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски
У.бр.33/2014
21 мај 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева