У.бр.63/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 во делот: „и со друг пропис“ и член 68 алинеја 6 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013)

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 3 алинеја 3, член 21-г став 4 во делот: „односно му престанува вработувањето доколку кандидатот е од друга институција“, став 5 во делот: „или за престанок на вработувањето доколку кандидатот е од друга институција“, член 30, член 31 став 1, член 44 став 1 точка 18, член 49, член 67 алинеи 4 и 6 и член 78-в став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 67 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби и делови од одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Судот на седницата утврди дека, според член 15 став 3 алинеја 3 од Законот, во јавната служба може да се вработи лице кое ги исполнува општите и посебните услови. Посебни услови (покрај означените во алинеите 1 и 2 од став 3) се и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места.

Подносителот на иницијативата наведува дека, оспорената одредба не била во согласност со член 32 став 5 од Уставот, бидејќи правата на вработените и нивната полжба се уредувала со закон и со колективни договори, а не со актите за систематизација како што предвидувала оспорената одредба. Според тоа, актот за систематизација се јавувал како акт надреден и повисок од законите и колективните договори и не бил поставен како акт кој произлегувал од нив. Со одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од анализата на членот 15 став 2 од Законот, произлегува дека во јавната служба може да се вработи лице кои ги исполнува општите услови од ставот 1 на истиот член од Законот и посебните услови како што се: соодветно образование (алинеја 1 од ставот 2), потребно работно искуство во струката (алинеја 2 од ставот 2) и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места (оспорена алинеја 3).

Според оцена на Судот, определбата дел од посебните услови за вработување во јавната служба, да бидат утврдени во актот за систематизација на работните места, за секоја одделна служба, не ги повредува уставните одредби посочени во иницијативата. Ова од причина што актот со кој се определуваат посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место е всушност актот со кој се утврдува бројот и структурата на потребите од работници во конкретна јавна служба. Во таа смисла актот за систематизација не претставува акт со кој се уредуваат права и обврски од работниот однос, бидејќи од наведените одредби од Уставот (член 32 став 5), но и од Законот за јавната служба произлегува дека општите и посебни услови веќе се уредени, односно пропишани.

Можноста, пак, со актот за систематизација да се утврдат и други посебни услови, кои произлегуваат од специфичните работи кои ги вршат јавните службеници, освен оние утврдени во Законот не ги повредуваат уставните одредби, бидејќи во законската одредба не може детално, за секое конкретно работно место, да се набројат: потребното образование по вид и степен, потребното работно искуство, потребниот степен на познавање на странски јазик или други квалификации кои треба да ги исполнува лицето кое се вработува во јавна служба. Во крајна линија тие други посебни услови зависат од конкретното работно место на кое треба да се вработи јавниот службеник и работните обврски што истиот треба да ги исполнува. Од друга страна, актот за систематизација на работните места не е, ниту пак може да биде извор на правото по однос на правата на државните службеници и нивната положба, туку е интерен акт со кој се доуредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата за секое конкретно работно место, но врз основа на претходно, законски уредените општи и посебни услови за вработување во јавната служба.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот член 15 став 2 алинеја 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека, според член 21-г став 4 од Законот, на избраниот кандидат за јавен службеник, односно избраниот јавен службеник, кој по завршување на пробната работа е оценет со оцена „не задоволува“, му престанува вработувањето во јавната служба, односно се враќа на работното место на кое претходно бил распореден доколку кандидатот е од истата институција, односно му престанува вработувањето доколку кандидатот е од друга институција.

Одредбата се оспорува во делот: „односно му престанува вработувањето доколку кандидатот е од друга институција“.

Според членот 21-г став 5 од Законот, раководното лице на институцијата од членот 3 точка 3 на овој закон, во рок од три дена по завршување на пробната работа донесува решение за стекнување со статус на јавен службеник и распоредување на работно место, или за престанок на вработувањето, односно за распоредување на работно место, или за враќање на претходното работно место доколку кандидатот е од истата институција, или за престанок на вработувањето доколку кандидатот е од друга институција.

Одредбата се оспорува во делот: „или за престанок на вработувањето доколку кандидатот е од друга институција“.

Според подносителот на иницијативата законодавецот не утврдил исти услови за престанок на вработување помеѓу кадидатот од истата институција и од друга институција, кога по завршувањето на пробната работа и двајцата се оценети со „не задоволува“. Тој што бил од друга институција не се враќал на претходното работно место, за разлика од оној што бил од институцијата каде било спроведено пробното работење кој се враќал во институцијата на претходното работно место. Бидејќи со кадидатите кои не биле од институцијата се постапувало како со странци, а не како со граѓани од друга институција и нееднакво се постапувало со нив, според подносителот на иницијативата се повредувал членот 9 од Уставот. Исто така, оспорените делови од законската одредба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот.

Според член 8 став 1 алинеа 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се едни од темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Во согласност со член 54 ставови 1, и 3 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 21-б став 1 од Законот, лицето кое за прв пат се вработува во јавна служба, односно јавен службеник кој се вработува на повисоко работно место од претходното има обврска за задолжителна пробна работа. Во членот 21-г став 1 од Законот е определено дека на крајот на пробната работа избраниот кандидат за јавен службеник, односно избраниот јавен службеник кој се вработува на повисоко работно место од претходното, се оценува, при што согласно алинејата 2 од истиот член од Законот оцената „не задоволува“, се добива кога врз основа на оцената на менторот за работењето и покажаното знаење и резултатите од стручниот испит од членот 21-в став (4) на овој закон не може да се очекува дека успешно ќе ги извршува работите од конкретното работно место.

Од натамошата анализа на членот 21-г од Законот произлегува дека одредбата разликува: лице кое прв пат се вработува, лице кое е вработено во институцијата и е на пробна работа за повисоко работно место и лице кое дошло на пробна работа од друга иснтитуција. Притоа само лицето кое веќе е вработено во институцијата и не ја завршило успешно пробната работа и е оценето со „не задоволува“ се враќа на претходното работно место со решение на раководното лице, бидејќи само тоа има претходно работно место и тоа кај истата институција. Она лице кое прв пат се вработува, нема претходно работно место каде би се вратило по неуспешната пробна работа. Исто така и лицето кое дошло од друга институција, нема работно место на кое може да се врати, бидејќи пред отпочнувањето на пробната работа во друга инститиција му престанал работниот однос во сопствената институција. Овие лица сносат сопствен ризик од напуштањето на претходното работно место и евентуалното неуспешно завршување на пробната работа на друго работно место, во друга институција. Во последните два случаи раководното лице од институцијата во која се вршела пробната работа не може со свој акт да наложи враќање на протходно работно место, како за својот вработен, бидејќи такво работно место и не постои.

Според тоа, наводите за нееднакво постапување во наведените случаи се неосновани, а како подносителот на иницијативата испуштил од предвид дека трите категории на јавни службеници имаат различна положба пред отпочнувањето на пробната работа, од каде е различна и нивната положба во случај да не ја поминат успешно пробната работа.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените делови од членот 21-г ставови 4 и 5 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот.

6. Судот на седницата утврди дека, според член 25 став 1 од Законот, јавниот службеник е должен да ја чува класифицираната информација на начин и под услови утврдени со закон и со друг пропис.

Одредбата се оспорува во делот: „и со друг пропис“.

Според подносителот на иницијативата јавниот службеник бил должен да ја чува класифицираната информација на начин и под услови утврдени само со Законот за класифицирани информации, кој бил специјален закон, но не и на начин и под услови утврдени со друг пропис, особено што не било јасно на кој друг пропис мислел законодавецот. Оттаму, оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 8 став 1 алиниеи 3 и 4 и член 51 став 2 од Уставот.

Според член 8 став 1 алина 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на членовите 8 став 1 алини 3 и 4 и 51 став 2 од Уставот произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) се определува дека „со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и другите органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон“.

Според став 2 од истиот член на Законот, „правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.“

Според членот 3 алинеја 2 од овој закон, „информација од јавен карактер“ е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности.

Од изнесените законски одредби произлегува дека условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат државните органи, органите на локалната самоуправа и правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања, се уредуваат со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и дека тоа право се остварува согласно со тој и друг закон.

Со член 1 од Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2004, 113/2007, 145/2010 и 80/2012) е определено дека со овој закон се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации.

Врз основа на вака направената анализа произлегува дека само со закон се уредуваат условите, начинот и постапката за пристап и за остварување на правото на информација од јавен карактер, како и тоа дека правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации се уредуваат со закон.

Наспроти тоа, во оспорениот дел од членот 25 став 1 од Законот за јавните службеници е определено дека јавниот службеник е должен да ја чува класифицираната информација и на начин и услови утврдени со друг пропис што, според наша оцена преставува премногу широк и неопределн правен поим. Имено поимот: „пропис“ во себе ги опфаќа сите видови на акти, вклучително и голем број на подзаконски акти, кои според своите овластувања ги донесуваат различни органи и тела. Во секој пропис не можат да бидат уредени начинот и условите за чување на класифицијана информација од страна на јавниот службеник, туку само во закон.

Со оглед на тоа што во оспорениот дел од член 25 став 1 од Законот се определува дека начинот и условите за чување на класифицираната информација од страна на јавен службеник да може да се уредат и со друг пропис кој може да биде и подзаконски акт, а не само со закон, Судот оцени дека овој оспорен дел може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

7. Судот на седницата утврди дека, според член 30 од Законот, јавните службеници заради остварување на своите економски и социјални права имаат право да основаат синдикати и да членуваат во нив под услови и на начин утврдени со закон.

Според член 31 став 1 од Законот, јавните службеници имаат право на штрајк организиран во согласност со закон.

Подносителот на иницијативата наведува дека јавните службеници имале право да основаат синдикати и да членуваат во нив и имале право на штрајк под услови и на начин утврдени првенствено во Уставот (член 37 став 1 и член 38). Тоа што во законските одредби било пропуштено да се нагласи дека со Устав биле уредени и утврдени овие права се стеснувала уставната основа за остварувањето и делувањето на гарантираното уставно право на јавните службеници за основање на синдикати и членување во нив и се негирал и девалвирал Уставот, а Законот за јавните службеници се јавувал како надреден и над Уставот на Република Македонија.

Според тоа оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 37, член 38, член 51 и член 54 од Уставот.

Во иницијативата се посочува на уставно-судската практика по предметот У.бр.102/2008.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Врз основа на анализата на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 37, член 38, член 51 и член 54 од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, произлегува дека прашањето поврзано со правото на синдикално организирање и правото на штрајк се уредени во членовите 37 и 38 од Уставот, а останатите уставни одредби, цитирани во иницијативата не се директно поврзани со правото на штрајк. Исто така, од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тие права се уставно загарантирани. Уставот препушта условите за остварување на правото на синдикално организирање и правото на штрајк да бидат уредени со закон.

Со оглед на тоа што Уставот ги издигнал овие права на ранг на основни, неприкосновени човекови права, ирелеватно е дали во законите со кои се конкретизираат уште еднаш е потенцирана нивната предвиденост во Уставот, (при уредувањето на условите и начинот) на што неосновано инсистира подносителот на иницијативата.

Инаку, посочувањето на уставно-судската практика по предметот У.бр.102/2008 е несоодветно, бидејќи во тој случај Судот донел интерентна одлука заради обрската на органите на управата во управната постапка да постапуваат во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, кое нешто не беше запазено во оспорената одредба.

За разлика од наведениот случај, во овој случај оспорените одредби не се однесуваат на уставно гарантираното право на синдикално организирање или пак правото на штрајк, туку во смисла на уставното овластување од членовите 37 и 38 од Уставот истите определуваат дека условите и начинот за нивно остварување се предмет на законско уредување.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените член 30 и член 31 став 1 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 37, член 38, член 51 и член 54 од Уставот.

8. Според член 44 став 1 точка 18 од Законот, дисциплински престап, меѓу другото, е: спречување на избори и гласање, повреда на избирачко право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори, повреда на тајноста на гласањето, уништување на изборни исправи, изборна измама што како член на изборен орган го извршил јавниот службеник.

Подносителот на иницијативата наведува дека не се работело за дисциплин ски престап, туку за кривични дела против изборите и гласањето (член 158-165 од Кривичниот законик), како и тоа дека наведените дисциплински престапи од оспорената одредба не преставувале повреда на работната дисциплина, неивршување, ненавремено и несовесно извршување на работите и работните задачи на работното место, од каде и не требало да постојат во Законот за јавните службеници. Оттаму, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во членот 32 од Законот за јавните службеници е определено дека јавниот службеник е должен да учествува во изборниот процес како член на изборен орган доколку биде избран од надлежен изборен орган. Јавниот службеник кој е избран за член на изборен орган може да не прифати да ја извршува должноста само ако поради здравствени и семејни причини изборниот орган што го избрал го утврдил тоа врз основа на приложена соодветна документација. Можните дисциплински престапи на вака поставената законска должност таксативно се наведени во оспорениот член 44 став 1 точка 18 од Законот.

Според оцена на Судот, од уставно-правен аспект не е од значење дали во конкретниот случај описот на дејствијата на дисциплинскиот престап и соодветното кривично дело сосема се идентични или различни, делумно се поклопуваат или пак асоцираат на извесен степен на сличност. Имено, дисцинската и кривичната одговорност меѓусебно не се исклучуваат, а надлежните органи во конкретната примена на оспорената одредба и одредбите од Кривичниот законик оценуваат дали одредено однесување на јавен службеник во себе содржи обележја само на дисциплински престап, или само на кривично дело, или пак и на двете повреди.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 44 став 1 точка 18 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

9.Судот на седницата утврди дека според член 49 од Законот, ако повредата на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи повлекува и кривична одговорност, дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на јавниот службеник не може да се поведе по изминувањето на две години од денот на дознавањето за повредата.

По однос на оваа одредба подносителот на иницијативата наведува дека, Според подносителот на иниција била нејасна, непрецизна и неизвршлива, затоа што не можело да се разбере кој бил тој субјект во правото, што го утврдувал фактот дали повредата на работната дисциплина повлекува или не повлекува кривична одговорност и врз основа на кој правен акт, тоа се утврдувало.

Поради ваквиот недостаток оспорената одредба била неприменлива или пак можела да се применува со одредени тешкотии, па и злоупотреби, што не смеело да биде цел на ниту една законска одредба. Недоволно прецизната и јасна норма не обезбедувала правна сигурност на јавните службеници од каде не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека со неа се уредува застареноста на дисциплинската постапка и нејзин предмет на уредување не е субјектот кој ја утврдува можната повреда, туку времето кога настапува застареност на повредата. Од овие причини и не може да се утврди субјектот кој ја спроведува дисциплинската постапка, а за да се расчисти ова прашање не е доволно да се анализира само оспорената одредба, како што направил подносителот на иницијативата, туку прашањето треба да се разгледува коплексно преку анализата на членовите 38 до 51 (Глава V. Одговорност на јавните службеници) од Законот. Оттаму, произлегува дека оспорената одредба разгледувана од аспектите на иницијативата е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во иницијативата за оспорена одредба нема аргументација во што би се состоела повредата на членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

10. Судот на седницата утврди дека, според член 67 алинеја 4 од Законот, на јавниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон, меѓу другото, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата – со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба не била прецизна, јасна и потполна, затоа што не можело да се разбере дали јавниот службеник требало да биде осуден на казна затвор или пак на било која казна и за кое конкретно кривично дело се работело. Инаку, во правниот поредок на Република Македонија не постоело кривично дело кое го правело лицето недостојно за јавна служба.

Поради наведените недостатоци, оспорената одредба била неприменлива или пак ќе се применувала според „расположението“ на тие што ја применуваат, што не било дозволено во правото. Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став1 и член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот, со Решение У бр.83/2010 од 27 април 2011 година, токму по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, не повел постапка за оценување на уставноста на
член 67 алинеја 4 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010). Одредбата била оценувана по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32, член 51, член 54 став 1 и Амандман XXV точка 1 на Уставот.

Од времето на одлучувањето по наведениот предмет до денот на изготвување на овој реферат одредбата не била предмет на измени и дополнувања.

Во овој предмет, повторно Стамен Филипов, бара Судот да се впушти во оцена на членот 67 алинеја 4 од Законот и тоа врз основа на идентични наводи како во постапката по предметот У.бр.83/2010.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба веќе била предмет на оценување, по повод идентични наводи, на ист подносител на иницијативата, од каде во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување.

11. Судот на седницата утврди дека, според член 67 алинеја 6 од Законот, на јавниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон, меѓу другото, ако наврши 64 години возраст.

Подносителот на иницијативата ја цитира оспорената законска одредба и наведува дека за разлика од неа во членот 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012 и 15/2013) било предвидено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Оттаму, со оспорената законска одредба, јавниот службеник жена ќе била неоправдано оштетена, од каде одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 42 и член 51 од Уставот.

Според член 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Поагајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека со неа се определува еден од законските основи за престанок на работниот однос по сила на закон на јавниот службеник, а тоа е навршување на 64 години живот. Притоа, одредбата не прави разлика помеѓу јавен службеник маж и јавен службеник жена. За разлика од оваа одредба со цитираниот член 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување не се уредува престанок на работен однос по сила на закон, туку остварување на право на пензија за маж на 64 години и жена на 62 години.

Дали пак жената ќе го искористи вака даденото право на користење на пензија со навршени 62 години живот или пак тоа ќе го направи на 64 години како останатите вработени мажи е право на нејзин избор, кое право не е намалено или ограничено со тоа што во оспорената одредба работниот однос во секој случај ќе и престане по сила на закон кога ќе наполни 64 години живот.

Од наводите во иницијативата не може да се согледа во што се состои повредата на членот 42 од Уставот и посебната заштита на мајчинството, децата и малолетните деца,од кои причини одредбата не беше оценувана од аспект на нејзината согласност со оваа уставна одредба.

Врз основа на направената анализа Судот оцени дека оспорениот член 67 алинеја 6 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот.

12. Судот на седницата утврди дека, според член 68 алинеја 6 од Законот, на јавниот службеник му престанува вработувањето и во случаите ако органот на државната управа надлежен за инспекцијата на трудот утврди дека јавниот службеник е вработен спротивно на одредбите на овој и друг закон.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била одржлива во правниот поредок од причина што кај работникот немало лична вина и одговорност за неговото вработување спротивно на одредбите од наведениот и друг закон, па одговорност за постапување спротивно на законот можело да сноси само и исклучиво оној што вработил некого спротивно на закон. Покрај тоа, тука се јавувал субјективизам и самоволие затоа што временски не бил определен рок во кој органот на државната управа надлежен за инспекција на трудот можел да утврди дека јавниот службеник бил вработен спротивно на одредбите на закон. Како што била формулирана одредбата, тоа можело да се случи и по 10 години од вработувањето, што не било прифатливо во социјална и правна држава.

Од наведените причини, одредбата не била јасна и прецизна и како таква била спротивна на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Во согласност со член 54 ставови 1, и 3 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Уставниот суд на Република Македонија, по повод слична уставно-правна проблематика, по иницијатива на Стамен Филипов одлучувал за уставноста на член 81-г став 5 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000,….и 35/2010) и со решение У.бр.168/2010 од 22.12.2010 година и не повел постапка за оценување на уставноста на наведената одредба.

Во постапката по наведениот предмет Судот завзамал став дека работникот не е виновен за незаконски спроведената постапка за негово вработување, туку работодавецот, но последицата од вработување на работникот спротивно на одредбите на закон, покрај дисциплинската, прекршочната или пак кривичната одговорност на работодавецот е и престанокот на работниот однос на незаконски вработеното лице, бидејќи на овој начин се афирмира начелото на владеење на правото и начелото на почитување на законите во нивното спроведување, односно начелото на законитост. Според Судот, одредба, создава обврска за надлежната инспекцијата на трудот, да го провери секое ново вработување во насока дали истото се заснова на законски спроведена постапка, но во рамките на законски определениот рок.

Според Судот со оспорената одредба, како различен основ од останатите предвидени во членот 81-г од Законот за државните службеници, законодавецот постигнал баланс, помеѓу правната сигурност на лицата што се вработуваат за спроведување на законита постапка при нивното вработување и обврската на надлежните органи за спроведување на постапка за вработување, согласно Законот.

Тргнувајќи од изнесените ставови на Судот, кои му се познати на Стамен Филипов, произлегува дека и во случајот со оспорениот член 68 алинеја 6 од Законот за јавните службеници е воспоставен баланс, помеѓу правната сигурност на лицата што се вработуваат за спроведување на законита постапка при нивното вработување и обврската на надлежните органи за спроведување на постапка за вработување, согласно Законот за јавните службеници.

Меѓутоа, законодавецот во овој случај, за разлика од уредувањето во Законот за државните службеници, кое го минало тестот на уставност, пропуштил да определи законски рокови во кои инспекцијата на трудот би можела да утврди незаконитости во спороведената постапка за вработување на секој поединец. Оттаму, пред Судот се поставува прашањето колкав временски опфат би бил предмет на оцена од страна на надлежната комисија. Овој недостаток, според Судот, не е во согласност со принципите за правна сигурност и владеење на правото, а неограничената рамка за преиспитување на секое поединечно вработување на јавните службеници би можела да доведе до нееднаков и неправеден третман како спрема работодавците, така и спрема вработените.

Врз основа на наведното Судот оцени дека оспорениот член 68 алинеја 6 од Законот би можел да се стави под сомнение по однос на неговата согласноста со член 8 став алинеја 3, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.

13.Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 78-в став 3 од Законот, заради отстранување на утврдените недостатоци инспекторот може да врши и други овластувања и одговорности во согласност со закон.

Подносителот на иницијативата наведува инспекторот можел да има само специјално и децидоно определени овластувања со закон, но не е дуги овластувања и одговорности, како што било предвидено во оспорената одредба. Во тој случај инспекторот се јавувал и во улога на законодавец, што не било во ред. Заради наведеното оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Законот.

Според Судот точно е тврдењето во иницијативата дека инспекторите можат да вршат само со закон, специјално и децидно, определени овластувања и одговорности. Но, подносителот на иницијативата немал предвид дека таквите овластувања и одговорности, ниту можат, ниту требаат да бидат предмет на исклучиво уредување во Законот за јавните службеници, туку како специфика се предмет на уредување во многу други закони, што всушност и значи одредницата „во согласност со закон“.

Оттаму, Судот оцени дека член 78-в став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.

14. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

15. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението на Судот по однос на оспорениот дел од членот 21-г став 4 од Законот е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.63/2013
21 мај 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева