У.бр.27/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за кадровски менаџмент во Воената служба за безбедност и разузнавање, донесен од министерот за одбрана (Дов.бр. 01-632/1 од 03.10.2008 година), во целина и посебно член 19 и член 27 од Правилникот.

2. Зоран Јовановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, Правилникот бил незаконит затоа што:
– Не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“;
– Со него се правел сериозен упад во системот на командување, едностарешинство и субординација во АРМ од страна на Министерството за одбрана кое имало сериозно попречување во донесувањето на воени одлуки;
– Со Правилникот се одземале законски надлежности на Генералштабот на АРМ (началникот на Генералштабот на АРМ) и командантот на здружената оперативна команда.

Поради наведеното, Правилникот во целина и посебно членовите 19 и 27 од Правилникот, не биле во согласност со член член 26 точките 2, 3 и 7, член 28 и член 126 точка 13 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр. 185/2011), како и член 13 ставовите 2 и 3 и член 41 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2012).

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за кадровски менаџмент во Воената служба за безбедност и разузнавање е донесен од страна на министерот за одбрана, врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, а во врска со член 136 став 3 од Законот за одбарана („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2001, 5/2003, 58/2006 и 110/2008).

Правилникот носи ознака ДОВЕРЛИВО и е заведен во деловодството на Министерството за одбрана под Дов.бр.01-632/1 од 03.10.2008 година.

Правилникот има 33 члена во кои се пропишуваат критериуми за прием и менаџирање со кариерата на персоналот во Воената служба за безбедност и разузнавање и секциите Г-2, С-2 и А-2 во Армијата на Република Македонија, како овластени службени лица.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучувa за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорениот правилник веќе бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд, при што со Решение У.бр.13/2013 од 16 април 2014 година, Судот оценил дека имајќи ја предвид содржината на оспорениот акт произлегува дека истиот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на субјекти во правото на општ начин и не се однесува на неопределен број на субјекти во правото. Правилникот претставува интерен акт и се однесува исклучиво на кадровските прашања во рамките на Армијата на Република Македонија и во него со ниту една одредба не се востановуваат односи за граѓаните надвор од Министерството. Имајќи предвид дека оспорениот правилник е интерен акт, барањето на подносителот на иницијативата тој да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија“ е неосновано. Врз основа на наведеното произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на Правилникот за кадровскиот менаџмент во Воената служба за безбедност и разузнавање, од кои причини иницијативата за оценување на неговата уставност и законитост е отфрлена согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека Уставниот суд веќе се произнел дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на Правилникот за кадровскиот менаџмент во Воената служба за безбедност и разузнавање, а нема основи за поинакво одлучување, поради што Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.27/2014
30 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева