102/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 113 став 4 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебната согласност на оспорениот дел од членот 113 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение со членовите 4, 8 и 38 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 78/2001, 04/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013-исправка).

3. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 113 став 4 од Законот за енергетика означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот дел од одредбата било предвидено на регулираниот производител да му се плаќа за нешто што не постоело и не било предвидено во друг закон, што не било однапред јасно, познато и дефинирано, што не било мерливо и едноставно било наметнато. Подносителот на иницијативата бара оспорениот дел од одредбата да биде оценет по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и членовите 4, 8 и 38 од Законот за облигационите односи.

Ова од причина што во членот 113 од Законот, каде што припаѓал оспорениот дел, не било објаснето што е „системска услуга“, а што е „системска резерва“ за кои требало да се плати. Притоа, во членот 3 точка 99 од Законот имало некакво појаснување за „системските услуги“, кои се дефинирале со соодветни мрежни правила, што значело дека овој поим не бил нешто што е материјално, мерливо, општопознато, однапред јасно и слично, туку требало дополнително да се дефинира со мрежни правила. Според членот 117 од Законот, мрежните правила ги донесувал операторот на системот за дистрибуција, кој бил само еден од учесниците во облигациониот однос и кој тоа го правел по донесувањето на Законот за енергетика.

Вториот поим „системска резерва“ воопшто не бил споменуван на друго место во Законот за енергетика, ниту во друг закон и не било разбирливо како тоа за постоењето на некаква резерва можело да бара возвратно плаќање.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 113 став 4 од Законот е предвидено дека, Регулаторната комисија за енергетика, по барање од регулираниот производител, го определува надоместокот што регулираниот производител ќе го добие за обезбедување на услугите во системот за топлинска енергија. При определувањето на надоместокот треба да се земат предвид фиксните и варијабилните трошоци на регулираниот производител, како и разумен повраток на капиталот. Надоместокот се состои од два дела: надоместок за обезбедување на системски услуги и системска резерва и регулирана цена за произведената топлинска енергија.

Одредбата се оспорува во делот: „надоместок за обезбедување на системски услуги и системска резерва“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во конкретниот случај оспорените делови од одредбата, според подносителот на иницијативата, не биле во согласност со наведената уставна одредба бидејќи содржеле недоволно јасни и недоволно дефинирани термини. Притоа за терминот: “системски услуги“ имало упатување дека се дефинира во соодветни мрежни правила, а за терминот „системска резерва“, немало никакво појаснување ниту во Законот за енергетика, ниту во друг закон. Сето ова го правело оспорениот дел од одредбата спротивен на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 113 став 5 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика донесува правилник за цени на топлинска енергија и системски услуги, заснован на начелата од членот 24 став 4 на овој закон, со кој ќе се уреди начинот, постапката и методологијата за определување на надоместокот за системските услуги и системската резерва, регулираната цена за произведената топлинска енергија од ставот 4 на овој член, како и начинот на пресметка и периодот за кој се пресметува просечната цена на топлинската енергија од членот 116 став 7 на овој закон.

Согласно член 116 став 3 точки 1 и 2 од Законот, операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, е должен да склучи договор со регулираниот производител на топлинска енергија со реметраење не покусо од една година, меѓу другото, за обезбедување на системска резерва и системски услуги за обезбедување на потребните работни параметри во дистрибутивниот систем.

Во членот член 117 став 1 точка 7 од Законот, меѓу другото, е определено дека операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика е должен да ги донесе и да ги објави во „Службен весник на Република Македонија“ и на својата веб страница мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија со кои, меѓу другото, се уредуваат начинот и постапката за обезбедување на системската резерва и системските услуги од страна на регулираниот производител.

Судот, имајќи ја предвид содржината на Законот за енергетика, како комплексна, сеопфатна проблематика, содржината на цитираните одредби, како и содржината на членот 113 став 4 од Законот, во кој е содржан оспорениот дел од одредбата, оцени дека наводите од иницијативата се неосновани. Ова од причина што анализата покажа дека законодавецот препушта проблематиката поврзана со системските услуги и системските резерви да биде предмет на доуредување со подзаконски акти како што се Правилникот за цени на топлинска енергија и системски услуги, Методологијата за определување на надоместокот за системските услуги и системската резерва, Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и други акти, кои на пазарот на енергијата ги донесуваат, со закон овластени органи и тела.

Со оглед на тоа што законодавецот има уставно овластување во функција на доуредување и доразработка на одредена законска проблематика да овласти одредени органи и тела да ја разработат одредена законска проблематика во подзаконски акти, особено во случаите кога станува збор за сложена, комплексна тематика, Судот оцени дека оспорените делови од одредбата се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Согласно член 110 од алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата бара оспорениот дел на законската одредба да биде оценуван и по однос на неговата согласност со членовите 4, 8 и 38 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“( бр.18/2001, 78/2001, 04/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013-исправка), што претставува барање за оценување на меѓусебната согласност на законски одредби од два различни закони, за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Оттаму, по однос на овој дел од иницијативата Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлиште, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2013
23 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева