Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 23 април 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на член 7, член 46 став 5 и член 116 ставови 1 и 4 од Колективниот договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр.03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје.
2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Весна Трајчева, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.60/2013 од 5 март 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за работните односи.
3. Со писмен допис под бр.02-545/1 од 7 април 2014 година, Акционерското друштво за давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ, го извести Судот дека на 17 јануари 2014 година, помеѓу Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје и синдикалните организации при М-НАВ – Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) бил потпишан нов Колективен договор под бр.02-103/1 од 17.01.2014 година и дека оспорениот Колективен договор во меѓувреме престанал да се применува. Во прилог кон дописот беше доставен новиот Колективен договор.
Во членот 129 од Колективниот договор е предвидено дека овој Колективен договор се склучува на определено време од една година, а почнува да важи од датумот на потпишувањето. Во членот 131 од Колективниот договор е определено дека со денот кога започнува да важи овој Колективен договор, престанува да важи колективниот договор бр.03-1793/1 од 10.12.2012 година (за кој беше поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста).
4. Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.
Со оглед на тоа што оспорениот Колективниот договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр. 03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје, престанал да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.60/2013
23 април 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева