164/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 алинеја 1 и член 14 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 29/2014).
2. Васко Лазески од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 79 став 2 од Уставот на Република Македонија и со член 28 став 1 од Законот за одбрана. Ова од причина што командувањето во Армијата било уставно и законско право, и истовремено должност на претседателот на Република Македонија (утврдено во Законот за одбрана и Уставот на Република Македонија). Со издавањето на наредба за поставување на должност од страна на министерот за одбрана на воени и цивилни лица на служба во Армијата, врховниот командант, претседателот на Република Македонија, се ставал во состојба да не може да командува со тие лица, бидејќи министерот за одбрана се поставувал од Собранието на Република Македонија, а не од страна на претседателот на Република Македонија. На овој начин, според иницијативата, поставувањето на должност на воените лица од страна на министерот за одбрана, се нарушувал принципот, односно системот на командување во Армијата, бидејќи именуваните лица од член 13 ги извршувале наредбите на оној кој ги поставил (министерот), но не и на врховниот командант, што било спротивно на уставните овластувања дефинирани во член 79 став 2 од Уставот и член 28 став 2 од Законот за одбрана.
3. Судот на седницата утврди дека во член 13 став 1 алинеја 1 од Законот се предвидува дека наредба за поставување, унапредување разрешување, преместување, упатување,застапување и други односи во службата донесуваат министерот за одбрана или од него овластено лице за офицерите со чин полковник и за воените старешини поставени на должност во Министерството за одбрана, воените претставништва и другите мисии и тела.
Според член 14 став 1 алинеите 1 и 2 од истиот закон, против наредбите од членот 13 на овој закон, во рок од осум дена, може да се изјави жалба, и тоа против наредбите донесени од министерот за одбрана или од него овластено лице до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, и против наредбите донесени од началникот на Генералштабот на Армијата до министерот за одбрана.
4. Во Глава III од Уставот со наслов: „Организација на државната власт“, точка 2 со наслов: „Претседател на Република Македонија“, содржани се членовите 79 – 87, во кои децидно и таксативно се наведени улогата и надлежноста на претседателот на Република Македонија.
Според член 79 од Уставот, Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката. Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Надлежностите на Претседателот на Република Македонија таксативно се наведени во член 84 од Уставот, кој е допрецизиран со Амандман XII и Амандман XXII од Уставот.
Во Главата VII од Уставот, со наслов: „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“ е поместен член 122 во чиј став 2 е предвидено дека одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во членот 28 став 2 од Законот за одбрана се предвидува дека со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката.
Законот за служба во Армијата на Република Македонија, како lex specialis го уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (член 1).
Според член 2 став 1 од Законот, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата.
Во член 3 став 1 од истиот закон, се предвидува дека служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.
Членот 8 од Законот, кој е поместен во Глава II со наслов: „Права и обврски на воениот и цивилниот персонал“ во ставот 1 предвидува дека воениот и цивилниот персонал е должен да извршува наредба на претпоставен старешина која се однесува на вршење на службата. Ставот 7 на истиот член од Законот, предвидува дека начинот на издавање и извршување на наредбите ги утврдува претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, неспорно произлегува констатацијата дека персоналот кој ја врши службата во Армијата (како воениот така и цивилниот) се карактеризира со свои специфичности, кои што се сосема поинакви од останатите, во вршењето на своите работни и професионални обврски.Самата специфика на работа бара брзо, категорично и ефикасно реагирање со цел одржување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија.Оттука, како неопходна се јавува потребата врз основа на утврдениот начин на издавање и извршување на наредбите од страна на претседателот на Република Македонија, надлежноста за донесување на наредбата за поставување, унапредување, разрешување, преместување, застапување и други работи во службата, да биде во рацете на министерот за одбрана или од него овластено лице за офицерите со чин полковник и за воените старешини поставени на должност во Министерството за одбрана, воените претставништва и другите мисии и тела.
Според Судот, во конкретниов случај станува збор за надлежност за донесување на наредби со кои всушност се уредуваат определени статусни односи во службата, односно се уредува одредено статусно прашање за кое најсоодветен субјект за решавање на истото е хиерархиската директна поставеност во редовите на Армијата.
Наредбата како акт со кој се решава одредено статусно прашање претставува поединечен, конкретен акт, од причина што истиот како таков се однесува исклучиво на точно утврден субјект, односно воено или цивилно лице на служба во Армијата на Република Македонија и на точно определено дејствие – поставување на соодветно формациско место, поточно негово унапредување, преместување, застапување, упатување и слично. Тргнувајќи од ваквиот карактер на актот сосема е уставно оправдано законското решение за правото на жалба против овој акт кое се предвидува со оспорениот член 14 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, со што се испочитувани уставните овластувања на Амандманот XXI став 2 на Уставот и во таа насока законодавецот го утврдува правото на жалба против наредбите предвидени во член 13 од Законот, што е во согласност со уставните норми.
Со имплементација на оваа одредба всушност се обезбедува примена и на член 29 став 1 и 2 од Законот за одбрана, според кој, пополнувањето на постојаниот состав на Армијата на Република Македонија се врши со професионални војници, воени старешини, војници на доброволно служење на воениот рок и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија, според организацијата и формацијата на Армијата на Република Македонија.
Со Законот за одбрана како системски закон кој согласно член 122 од Уставот на Република Македонија се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, се уредува системот на одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија при што е утврдено дека одбраната на Република Македонија ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили на Армијата на Република Македонија.
Заради остварување на овие цели, во овој закон покрај другото, децидно, јасно и недвосмислено законодавецот ги утврдува надлежностите на сите субјекти во одбраната, меѓу кои и надлежностите на претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија. Покрај сите утврдени надлежности, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија, ги има и следниве надлежности: пропишување на организација и формација на Армијата на Република Македонија, пропишување на командувањето со Армијата на Република Македонија, поставување старешини на формациски места генерали и унапредување и разрешување на генерали, како и други прашања.
Во член 20 на овој закон се утврдени надлежностите на Министерството за одбрана во остварувањето на одбраната, при што покрај другите надлежности, утврдено е дека: Министерството за одбрана врши пополнување на Армијата на Република Македонија (точка 14), води кадровска политика (точка 35), води сметка за составот на армискиот раководен кадар и другите лица ангажирани во Армијата на РепубликаМакедонија, од аспект на националната припадност, без да се наруши критериумот на професионалност и стручност и друго.
Членот 25 на овој закон утврдува дека оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата на Република Македонија ги врши Генералштабот на Армијата на Република Македонија како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана, за прашањата кои се однесуваат на Армијата на Република Македонија, при што во овој член како и во членот 26, децидно се наведни надлежностите на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
Одредбата од член 27 од Законот за одбрана на која се повикува подносителот на иницијативата се однесува на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија кого го поставува и разрешува претседателот на Република Македонија за период од три години и кој за својата раабота му одговара на претседателот на Република Македонија и на министерот за одбрана.
Со одредбата од член 28 на овој закон, покрај другото, се утврдува дека претседателот на Република Македонија е врховен командант на Армијата на Република Македонија, а со единиците на Армијата на Република Македонија непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување, донесени од претседателот на Републиката.
Во однос на извршувањето на наредбите, подносителот на иницијативата се повикувана член 8 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и при тоа ги цитира ставовите 1 и 7 на овој член, односно наведува дека воениот и цивилниот персонал е должен да извршува наредба на претпоставен старешина која се однесува на вршење на службата, односно дека начинот на издавање и извршување на наредбите ги утврдува Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија.
Одредбата од член 8 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија се однесува на извршување на наредба и со неа меѓу другото, се пропишува дека: воениот и цивилниот персонал е должен да извршува наредба на претпоставен старешина која се однесува на вршење на службата, дека е должен да извршува и наредби на постар старешина кога не е присутен претпоставениот старешина и кога е неопходно да се преземат мерки за извршување на неодложни и значајни задачи,дека истите се издаваат усно и писмено, дека наредбата не се извршува ако нејзиното извршување претставува кривично дело односно дека начинот на издавање и извршување на наредбите ги утврдува Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија.
Од анализата на сите погоре наведени уставни и законски одредби, според Судот јасно и недвосмислено може да се констатира дека наведената правна регулатива ги уредува прашањата во врска со остварувањето на одбраната на Република Македонија како уставна обврска за зачувување на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, обврските и надлежностите на субјектите во одбраната за остварувањето на овие цели како и начинот на остварувањето на истите.
Актите и наредбите кои во смисла на оспорениот закон треба да се донесуваат заради остварување на овие цели, се строго детерминирани и истите во ниту еден случај не може и не треба да се поистоветуваат со наредбите кои се донесуваат во смисла на член 13 од Законот, бидејќи тие се донесуваат исклучиво во рамките на вршење на службата во Армијата и со единствена цел за непречено вршење и функционирање на работите и задачите на службата во Армијата.
Оттука, неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, на претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија му се одземала надлежноста за командување врз дел од воените лица, со што се нарушувал системот на командување во Армијата на Република Македонија што било во спротивност со член 79 став 2 од Уставот на Република Македонија и со член 28 став 2 од Законот за одбрана.Ова, дотолку повеќе што Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на два закона( Закон за служба во Армијата на Република Македонија vis a vis Законот за одбрана).
Врз основа на наведената уставно-судска анализа, според Судот оспорените членови 13 став 1 алинеја 1 и член 14 став 1 алинеја 1 и 2 од Законот, не може да се доведат под сомнение по однос на членовите од Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.164/2013
16 април 2014 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева