У.бр.41/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Mакедонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на законитоста, барањето на заштита на слободите и правата и иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93) во целина; на член 151 од наведениот закон; Решението СТ/И број 100, донесено од раководителот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија-Стручна служба во Струга на 6 октомври 2009 година; Решението бр.43-124/1, донесено од Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен од областа на пензиското и инвалидското осигурување на 29 март 2010 година; Пресудата У-4 бр.626/2010, донесена од Управниот суд на 29 февруари 2012 година; и на Пресудата УЖ бр.1045/2012, донесена од Вишиот управен суд на 16 октомври 2012 година.

2. Симо Симиќ од Загони, Суво Поле, Бијељина, Република Српска, Босна и Херцеговина, до Уставниот суд на Република Македонија достави поднесок со кој побара заштита на законитоста, заштита на слободите и правата и со кој иницира поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот и на одредбата од Законот, како и на решенијата и пресудите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесокот, на 6 август 1980 година во 13,30 часот подносителот на поднесокот имал несреќа на работа, работејќи за работодавачот Глигор Костојчиновски-приватен градежен работодавач од Вевчани. Таквата состојба ја констатирал Секретаријатот за инспекциски работи на СР Словенија во Копар, со акт број 183-1/81-8/20 од 4 март 1981 година, и за тоа го известил СИЗ за здравствено осигурување Тузла-Основна заедница во Бијељина.

Со Решение И бр.6265, донесено од СИЗ за пензиско и инвалидско осигурување-Основна заедница во Охрид на 13 април 1982 година, подносителот на поднесокот бил распореден во III категорија на инвалидност како потполно неспособен за вршење на своите работи нк-физички работник, што било последица од повредата.

Со Решение И бр.6265, донесено од истата СИЗ на 21 мај 1982 година, на подносителот му било утврдено телесно оштетување од 40% настанати како последица од несреќа при работа со признато право на паричен надоместок-отпремнина во износ од 517,45 динари, што било 16% од основицата 3.234,00 динари.

Во образложението на Решението Ж бр.1467, донесено од Комисијата на СИЗ на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија на 24 август 1982 година, пак, се наведува дека (1) од 29 декември 1981 година му се обезбедува привремен надоместок од 2.715,40 динари месечно на товар на Основната заедница во Струга, со оглед дека кај приватниот работодавач не постоела можност за прераспоредување на инвалид од III категорија на други слични работи и задачи, дека (2) привремениот надоместок се исплаќа до наоѓање на соодветна работа од страна на надлежната заедница за вработување и дека (3) инвалидот го губи правото на вработување односно правото на паричниот надоместок ако во рок од 30 дена не се пријави до надлежната заедница за вработување и натаму редовно не се пријавува.

Подносителот наведува дека на 5 јули 1982 година се пријавил во СИЗ за вработување во Бијељина и дека редовно се пријавувал се до 25 јануари 2008 година, кога наполнил 65 години од животот, поради што Фондот за вработување на Република Српска-Филијала Бијељина му соопштила дека повеќе нема право да биде пријавуван во евиденцијата на Фондот.

При таква фактичка состојба, на 25 септември 2009 година подносителот поднел барање за остварување на инвалидска пензија, но со Решение СТ/И бр.100 донесено од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување-Стручна служба во Струга на 6 октомври 2009 година, одбиено му било барањето со образложение, покрај другото, дека немал 15 години пензиски стаж колку било минимално потребно за остварување на тоа право, туку имал 12 години, 8 месеци и 22 дена (од 5 ноември 1979 година до 30 септември 1992 година), и тогаш подносителот дознал дека привремениот надоместок му бил прекинат на 30 септември 1992 година. Доколку не му бил прекинат привремениот надоместок на 30 септември 1992 година (а тоа можело да се направи само незаконски со оглед дека според Решението Ж бр.1467 од 24 август 1982 година правото на паричниот надоместок се губело само ако не се пријавел во надлежната заедница за вработување во рок од 30 дена и ако редовно не се пријавувал а тој ги исполнувал тие обврски), подносителот ќе имал преку 30 години пензиски стаж и ќе остварел право на пензија.
Тоа што Фондот на ПИОМ го прекинал исплатувањето на привремениот надоместок на 30 септември 1992 година, без донесување на било какво правосилно решение или известување до подносителот, подносителот го смета за повреда на неговото право на делотворен правен лек, правото на жалба, правото на двостепеност на постапката утврдени во член 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93) и на член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и на членовите 14 и 17 од наведената конвенција со кои се забранува дискриминацијата врз било која основа и се забранува злоупотребата на правата.

Подносителот наведува дека причината поради која му бил укинат привремениот надоместок ја дознал од Решението бр.43-124/1, донесено од Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување од 29 март 2010 година, во кое се наведува дека „согласно член 151 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93) паричниот надоместок не се исплатува бидејќи не е жител на Република Македонија.“ Подносителот потврдува дека со акт бр.12 од 20 мај 2003 година и акт бр.12 од 14 февруари 2005 година, наведени во означеното решение, бил известен дека паричниот надоместок не му се исплаќа, согласно член 151 од наведениот закон бидејќи не бил жител на Република Македонија, но смета дека тоа требало да се направи во 1992 година, а не толку години подоцна и, второ, во тие две известувања воопшто не се споменувал датумот 30 септември 1992 година, поради што известувањата не биле релевантни.

Потоа, подносителот наведува дека дискриминацијата ја забранува и Уставот на Република Македонија и членот 14 од Европската конвенција за човековите права, а со член 29 од Уставот било определено дека странците во Република Македонија ги уживаат слободите и правата гарантирани со Уставот под услови утврдени со закон и меѓународните договори. Во член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а во член 54 од Уставот било утврдено дека правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот. Притоа, Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93) согласно член 211 влегол во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“-30 декември 1993 година и дека ќе се применува од 1 јануари 1994 година, а уплатата на привремениот надоместок и на придонесите по тој основ во Фондот на ПИОМ престанала на 30 септември 1992 година, значи пред влегувањето на Законот во сила, но и покрај тоа Фондот и двата управни суда се повикувале на закон кој тогаш не постоел. На тој начин, Управниот суд и Вишиот управен суд, како и претходно Комисијата на Владата на Република Македонија, неправилно го примениле законот и погрешно заклучиле дека подносителот не ги исполнува условите за инвалидска пензија, занемарувајќи го фактот, утврден во Решението И бр.6265 од 13 април 1982 година, во Решението И бр.6265 од 21 мај 1982 и во Решението Ж бр.1467 од 24 август 1982 година, дека подносителот не бил професионално оспособен за вршење на своите работи и тоа половина од работното време како нк-физички работник без притоа долго да стои при работата, без да работи на висина и без да работи тешка физичка работа.

Поради тоа, подносителот предлага, „во согласност со одредбите од Законот за управните спорови на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/06) Судот да го одобри ова барање во целост, да ја укине пресудата на второстепениот суд и предметот да го врати на повторно постапување на второстепениот суд односно со пресудата да ја преиначи побиваната пресуда.“ Исто така, предлага: поништување на Решението бр.43-124/1 од 29 март 2010 година како незаконито; поништување на Решението на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување-Стручна служба во Струга, СТ/И бр.100 од 6 октомври 2009 година како незаконито; утврдување право на подносителот на паричен надомест за инвалидност и телесно оштетување; утврдување право на подносителот на пензија т.е. инвалидска пензија во согласност со Решението И бр.6265 од 21 мај 1982 година; се бара оцена на уставноста на член 151 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93); утврдување право на подносителот на исплата на паричен надомест за инвалидност и телесно оштетување почнувајќи од април 1992 година до исплатата, со законска затезна камата.

3.Судот на седницата утврди дека делот од поднесокот, со кој се бара заштита на законитоста, всушност значи дека се бара примена на закон, процедурален и материјален, на конкретниот случај, на тој начин што правилно и потполно ќе се утврди фактичката состојба, правилно ќе се спроведе постапката пропишана со закон и правилно ќе се примени материјалното право.

Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека надлежноста на Уставниот суд се протега на одлучување за согласноста на законските одредби со одредбите од Уставот и на согласноста на одредбите од другите прописи и од колективните договори со уставните и законските одредби, а не и на нивната примена. Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека иницијативата за која не е надлежен Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли.

Со оглед дека барањето за заштита на законитоста според Судот значи барање за примена на закон, согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот Уставниот суд не е надлежен да одлучува за таквото барање, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Судот за отфрлање на барањето, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

4.Судот на седницата утврди дека делот од поднесокот, со кој се бара заштита на слободите и правата, никаде, формално, не го наведува член 110 алинеја 3 од Уставот, кој е правна основа за постапување на Уставниот суд во вршењето на својата надлежност да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во наведената уставна одредба, ниту, пак, се наведува, содржински, која од трите корпуси на слободи и права што ги штити Уставниот суд се повредуваат со оспорените поединечни акти (дали слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата; политичкото здружување и дејствување; забраната на дискриминација на граѓаните по основа на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност). Тоа, пак, што поднесокот ја наведува забраната на дискриминација, не е доволно да се смета дека се бара заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација со оглед дека не се конкретизира основот по кој се смета дека има дискриминација-дали е тоа пол, раса, верска, национална, социјална или политичка припадност, кои ги штити Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во член 52 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека во барањето за заштита на слободите и правата „потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.“

Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека во барањето за заштита на слободи и права мора да се наведат, покрај другото, и причините поради кои се бара заштита.

Со оглед дека во поднесокот не се наведени причините поради кои се бара заштита на слободи и права на подносителот (дали е тоа дискриминација и по кој основ), Судот утврди дека има процесни пречки за постапување по поднесокот, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Судот на седницата утврди дека делот од поднесокот, со кој се иницира поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот и на одредбата од Законот, како и на решенијата и пресудите означени во точката 1 од ова решение, не ги изнесува причините поради кои се оспоруваат Законот и членот 151 од Законот, ниту се наведуваат уставните одредби што се повредуваат, а во однос на оспорените решенија и пресуди се постави прашањето дали може да се постапува по иницијатива со која се бара оценување на уставноста на поединечни акти односно може ли Уставниот суд да оценува акти кои не се општи акти.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, „иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причини за нивното оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.“

Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на закон односно на негова одредба мора да содржи, покрај другото, причини за нивното оспорување, како и одредби од Уставот што се повредуваат.

Со оглед дека во поднесокот не се наведени причините поради кои се оспорува Законот за пензиското и инвалидското осигурување-„Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, во целост, и одделно член 151 од наведениот закон, ниту се наведуваат уставните одредби кои се повредуваат, Судот утврди дека има процесни пречки за постапување по поднесокот, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на оспорените решенија и пресуди (Решението СТ/И број 100 од 6 октомври 2009 година; Решението бр.43-124/1 од 29 март 2010 година; Пресудата на Управниот суд од 29 февруари 2012 година; Пресудата на Вишиот управен суд од 16 октомври 2012 година), Судот одлучи како во точкатa 1 од ова решение од следните причини:

Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека надлежноста на Уставниот суд се протега на одлучување за согласноста на законските одредби со одредбите од Уставот и на согласноста на одредбите од другите прописи и од колективните договори со уставните и законските одредби, а не и на уставноста и законитоста на поединечните акти. Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека иницијативата за која не е надлежен Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли.

Со оглед дека Решението СТ/И број 100, донесено од раководителот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија-Стручна служба во Струга на 6 октомври 2009 година, Решението бр.43-124/1, донесено од Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен од областа на пензиското и инвалидското осигурување на 29 март 2010 година, Пресудата У-4 бр.626/2010, донесена од Управниот суд на 29 февруари 2012 година и Пресудата УЖ бр.1045/2012, донесена од Вишиот управен суд на 16 октомври 2012 година, се поединечни акти, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за таквата иницијатива според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, па Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.41/2013
16 aприл 2014 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева