У.бр.27/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Насер Селмани, од Скопје, Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова од Прилеп, Снежана Лупевска од Скопје, Билјана Богдановска од Скопје и Тони Ангеловски од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавното изразување поднесено преку Адвокатската канцеларија Филип Медарски од Скопје.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Здружението на новинари на Република Македонија (ЗНМ) застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на ЗНМ, Насер Селмани од Скопје, Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова од Прилеп, Снежана Лупевска од Скопје, Билјана Богдановска од Скопје и Тони Ангеловски од Скопје, преку Адвокатската канцеларија на Филип Медарски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на јавното изразување.

Според наводите во барањето, на 24 декември 2012 година, поголема група новинари меѓу кои и подносителите на барањето биле присутни во галеријата на собраниската сала на Собранието на Република Македонија за да ја следат седницата на која требало да се усвои Буџетот на РМ за 2013 година. Донесувањето на Буџетот било од исклучителен интерес за јавноста од причина што постоел конфликт помеѓу пратениците од власта и опозицијата околу тоа дали била запазена постапката за донесување на Буџетот. Во еден момент поголема група луѓе од собраниското обезбедување пристапиле во галеријата и почнале да ја празнат галеријата од присутните новинари. Некои од новинарите реагирале на таквиот начин на отстранување од галеријата, од причина што конфликтната ситуација во собраниската сала во тие моменти ескалирала и јавноста имала интерес да биде непречено известувана за тие случувања. Некои од новинарите, меѓу кои биле и подносителите на барањето се спротивставиле на отстранувањето од галеријата, по што биле присилно исфрлени со употреба на физичка сила. На нивните прашања кој наредил нивно присилно отстранување и кој е основот и потребата за тоа, не добиле одговор. На тој начин тие биле спречени да ја вршат својата професионална должност да известуваат за тој настан, за кој постоел огромен легитимен интерес кај јавноста.

По настанот, Здружението на новинарите на Македонија реагирало до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и барало да биде утврден идентитетот на лицата кои ги исфрлиле новинарите од салата како и идентитетот на лицата кои дале наредба за тоа со цел истите да бидат санкционирани. Во одговорот било наведено дека критичниот ден Претседателот на Собранието, заради закани по безбедноста бил евакуиран од Собранието и врз основа на член 43 од Законот за Собранието, одобрил полициските службеници задолжени за безбедноста во Собранието да воспостават ред и да создадат услови за отпочнување на пленарната седница. Во одговорот било наведено дека не била констатирана прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата, дека постапувањето на полициските службеници било во согласност со законот и не бил откриен идентитетот на лицата кои ги исфрлиле новинарите.

Здружението на новинарите писмено побарало и од Претседателот на Собранието да се расветли инцидентот и да се санкционираат одговорните. На ова обраќање до Здружението на новинарите било препратено соопштението до јавноста на Претседателот на Собранието. Во соопштението било наведено дека испразнувањето на галеријата било наредено за да се спречи поголем инцидент и дека Претседателот изразува жалење за настанот за новинарите.

На 25 декември 2012 година, Премиерот Никола Груевски во изјава за медиумите изразил жалење за отстранувањето на новинарите од галеријата на Собранието на Република Македонија, дека тоа не требало да се случи и дека била донесена проценка, која според него, не требало да се донесе.

Здружението на новинарите во врска со настанот се обратило со претставка и до Народниот правобранител со барање тој да утврди дека во случајот е прекршено правото на слобода на изразување и правото на информирање. Народниот правобранител го информирал ЗНМ дека нема надлежност да постапува по случајот.

Во барањето се наведува дека со актот на насилното исфрлање на новинарите од галеријата на собраниската сала била сторена повреда на слободата на изразување гарантирана со член 16 од Уставот и член 10 од Европската конвенција за човекови права. Правото на примање и пренесување на информации, било интегрален дел од слободата на изразување и со правото на јавно информирање го опфаќало правото на медиумите непречено да ја обавуваат својата дејност и да ја информираат јавноста. Во барањето се цитираат ставовите на Европскиот суд за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата (случаи Sunday Times v. U.K, Lingens v. Austria, News Verlags GmbH & Co. KG v. Austria) за улогата на медиумите во демократското општество. Се наведува дека ограничувањата на слободата на изразување мора да бидат пропишани со закон, да се неопходни во едно демократско општество, да имаат за цел заштита на точно определени вредности.

Во конкретниот случај интервенцијата на државата со исфрлањето на новинарите од собраниската сaла и спречувањето да го следат текот на седницата, не го исполнувал условoт на пропишаност со закон и неопходност во едно демократско општество. Членот 43 од Законот за Собранието на кој се повикувало Министерството за внатрешни работи и Претседателот на Собранието, не ја легитимирал интервенцијата на собраниското обезбедување, бидејќи тој член (цитиран во барањето) не давал можност за интервенција на собраниското обезбедување како во конкретниот случај, со насилно исфрлање на новинарите од собраниската сала и дека станувало збор за непрецизна норма која не го задоволува тестот на предвидливост или јасност кој го барал Судот во Стразбур за една норма да претставува закон и да дава основа за ограничување на слободата на изразување.

Интервенцијата била спротивна и на низа одредби од Деловникот на Собранието (членови 2, 225, 227) како и на членот 70 од Уставот на Република Македонија кој се однесувал на јавноста на седниците на Собранието. Отстранувањето на новинарите од собраниската сала претставувало во суштина исклучување на јавноста од седницата на Собранието, а тоа според членот 70 од Уставот е можно само со одлука со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Оттука, конкретната интервенција не можело да се третира дека била предвидена со закон само заради фактот што не била донесена одлука за отстранување на јавноста со двотретинско мнозинство, туку и заради фактот што надвор од оваа, не постоела ниту една друга правна можност за отстранување на новинарите од собраниската сала како во конкретниот случај.

Интервенцијата на државата не го задоволува тестот за неопходност и пропорционалност во едно демократско општество, кој бил воспоставен во судската практика на Судот во Стразбур.

Седницата која новинарите биле оневозможени да ја следат, оневозможувањето да известуваат за настаните кои се одвиваат во текот на седницата (конфликтната ситуација која резултира со присилно исфрлање на пратениците од опозицијата) како и текот на седницата на Собранието што следела потоа, била една од најважните седници на Собранието во текот на годината за која бил евидентен јавниот интерес за следење и известување. Со насилното отстранување на новинарите од собраниската сала било јасно дека станува збор за диспропорција помеѓу интервенцијата (мешањето) на државата и легитимната цел, која со таа интервенција требало да се оствари, поради што таквата интервенција не можела да се третира како „неопходна во едно демократско општество“ во смисла на ЕКЧП.

Особено битно е тоа што новинарите не придонеле за конфликтната ситуација на ниту еден начин, бидејќи тие на ниту еден начин не го нарушиле редот во зградата на Собранието, немале непосреден допир со Претседателот на Собранието, ниту со пратениците, така што не е јасно зошто биле отстранети со цел да се воспостави редот, кога самите немале никаков удел во неговото евентуално нарушување. Апсурдно било објаснувањето дадено од Министерството за внатрешни работи дека одлуката за отстранување на новинарите била донесена поради нарушувањето на редот во салата од страна на пратеник, бидејќи во таков случај обезбедувањето можело, доколку тоа било потребно, да го отстрани тој пратеник, без никаква пречка од страна на присутните новинари. Не можело да се смета како легитимна причина за ваквата реакција на собраниското обезбедување ниту тоа што од надвор пристигнувале информации за можна ескалација на протестите, како и насилно пробивање на полициските кордони, што дополнително ја усложнувало безбедносната ситуација во Собранието.

Во барањето се предлага врз основа на член 55 од Деловникот, Уставниот суд да одлучува на јавна расправа на која ќе бидат повикани подносителите на барањето и нивниот полномошник и по одржаната расправа Уставниот суд да утврди дека со дејствијата на присилно отстранување на подносителите од салата на Собранието на Република Македонија на 24 декември 2012 година со што тие биле спречени да ги следат и да известуваат за настаните во салата, е повредена слободата на изразување гарантирана со член 16 од Уставот и со член 10 од Европската конвенција за човекови права.

4. Судот на седницата врз основа на доказите што беа приложени кон барањето за заштита на слободите и правата и одговорот добиен од Собранието на Република Македонија, ја утврди следнава фактичка состојба:

На 24 декември 2012 година во Собранието на Република Македонија била закажана седница на која требало да се донесе Законот за усвојување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година.

За седницата постоел голем интерес од страна на јавноста и медиумите со оглед на значењето на Буџетот и поради фактот што во деновите пред одржувањето на седницата, поточно во текот на месец ноември и декември се воделе повеќедневни, интензивни, на моменти и тензични расправи на пратениците од парламентарното мнозинство и од опозицијата по предлог Буџетот во рамките на матичната комисија за финансирање и Буџет при Собранието на Република Македонија.

На 24 декември 2012 година претставниците на средствата за јавно информирање, меѓу кои биле и подносителите на барањето биле влезени во зградата на Собранието, дел од нив се наоѓале во прес центарот, дел во ходниците на Собранието, а дел во галеријата на собраниската сала со цел да ја следат седницата.

При обидот за отпочнување на закажаната пленарна седница, во салата дошло до нарушување на редот од страна на група пратеници кои започнале да ја уништуваат техничката опрема во салата, ја блокирале собраниската говорница, го опколиле претседателот на Собранието попречувајќи го во извршувањето на функцијата. Опколувањето и физичкото посегнување кон претседателот било проследено со навреди и закани.

Заради закани по безбедноста, претседателот на Собранието од страна на обезбедувањето бил изнесен од салата, но инцидентите во салата продолжиле.

Врз основа на член 43 од Законот за Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието одобрил полициските службеници задолжени за безбедност во Собранието да воспостават ред во собраниската сала и да создадат услови за отпочнување на седницата. Собраниското обезбедување проценило дека е потребно галеријата да се испразни, заради безбедност на присутните во галеријата и на лицата кои се наоѓале во салата.

Сите присутни на галеријата, меѓу кои се наоѓале и подносителите на барањето, биле замолени од обезбедувањето да ја напуштат галеријата од безбедносни причини и случувањата да ги следат од прес центарот.

Најголем дел од новинарите постапиле по укажувањето, а помал дел од присутните меѓу кои и подносителите на барањето започнале да се конфронтираат со собраниското обезбедување, се оглушиле на наредбите на полициските службеници и пружиле активен и пасивен отпор при што еден од полициските службеници бил повреден во пределот на ногата.

Подносителите на барањето заедно со останатите претставници на средствата за јавно информирање по напуштањето на салата останале внатре во Собранието и од другите простории (прес центарот, холот непосредно до галеријата) можеле да го следат преносот во живо од седницата.

Истовремено надвор од Собранието на Република Македонија се одржувале собири на две спротивставени групи при што неколку лица биле повредени.

Седницата на 24 декември 2012 година била јавна и достапна за следење. Таа одела од почеток до крај во пренос во живо на Собранискиот канал на Македонската радио телевизија и преку веб стриминг на собраниската интернет страница. По завршувањето на седницата видео запис од истата бил прикачен и достапен за сите посетители на интернет страницата на Собранието, а исто така и стенографските белешки.

Следниот ден по настанот, во изјава дадена пред средствата за јавно информирање, премиерот Никола Груевски изразил жалење за отстранувањето на новинарите од галеријата на Собранието на Република Македонија: „Веројатно во целиот тој хаос се донела таква проценка која според мене не требало да се донесе. Меѓутоа се донела таква проценка и се случило тоа што се случило.“

Здружението на новинарите на Македонија, на 26 декември 2012 година поднело писмена претставка до Министерството за внатрешни работи – Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди со кое што побарало да се утврди идентитетот на лицата кои биле дел од собраниското обезбедување и да покрене постапка за утврдување на нивната одговорност и да се открие идентитетот на лицата кои дале наредба на собраниското обезбедување насилно да ги исфрли новинарите и да се утврди нивната одговорност.
Министерството за внатрешни работи доставило одговор дека од извршените проверки не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата, односно дека постапувањето на полициските службеници било во согласност со Законот за Собранието, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти на Министерството.
Здружението на новинарите на 26 декември 2012 година, исто така писмено побарало од претседателот на Собранието на Република Македонија г-дин Трајко Велјановски да достави информација за тоа кој наредил исфрлање на новинарите, кој бил правниот основ на одлуката како и да се преземат законски мерки за расветлување на инцидентот.

На 26 декември 2012 година Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски дал соопштение за јавноста во кое меѓу другото се вели:

„Имајќи во предвид дека беше најавено дека опозицијата нема да дозволи буџетот да се донесе и беа најавени протести и инциденти, врз основа на Законот за Собранието член 43 побарав од собраниското обезбедување да обезбеди редовен тек на седницата. Сакам да потсетам дека потребните мерки ги планираат и преземаат припадниците на собраниското обезбедување. Да потсетам дека на почетокот новинарите без никакви забрани беа присутни на галеријата од пленарната сала. Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собранието бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала, надлежното собраниско обезбедување имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала, донело оценка дека галеријата мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент.

За оваа оценка кога станува збор за присутноста на новинарите, како претседател изразувам жалење. Ќе побарам да се спроведе постапка од надлежните институции да се утврди одговорноста за настанот, при што сакам уште еднаш да апелирам дека и пoнатаму ќе се завземам за максимална отвореност и транспарентност на Собранието“.

На 26 декември 2012 година Здружението на новинарите со допис се обратило до Народниот правобранител и побарало тој да покрене постапка за случајот и да утврди дека во случајот било повредено правото на слобода на изразување и правото на информирање.

Народниот правобранител писмено ги известил дека побарал од МВР да утврди дали службените лица од собраниското обезбедување постапиле согласно прописите за одржување на редот во зградата на Собранието и за добиениот одговор од МВР, но дека и покрај изразената загриженост и ставот на Народниот правобранител за важноста на слободата на информирање, тој нема надлежност да постапува.

Здружението на новинарите преку својот претседател Насер Селмани, тој во свое лично својство, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, преку адвокатската канцеларија Филип Медарски на 22 февруари 2013 година до Уставниот суд го доставиле барањето за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мисла.

5. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Устав ниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 16 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштитата од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Во врска со јавноста во работењето на Собранието, присуството на новинарите и одржувањето на редот во Собранието, релевантни се следниве одредби од Уставот, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието:

Во членот 67 став 2 од Уставот е определено дека претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието.

Според членот 70 од Уставот, седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 43 став 1 од Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 104/2009), одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба. Лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на истакнато место на облеката носи обележје на Собранието на Република Македонија.

Според ставот 2 на овој член, овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите од ставот (1) на овој член, ниту да преземаат мерки спрема пратениците, работниците во Службата и спрема други граѓани.

Во ставот 3 на наведениот член од Законот е определено дека носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието.

Согласно ставот 4, за одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Според член 91 од Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2008, 119/2010 и 23/2013) за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието. За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот.

Според членот 92 од Деловникот, претседателот на Собранието ќе го опомене пратеникот ако со своето однесување, со земање на збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор на говорник или со слична постапка го нарушува редот на седницата. Претседателот на Собранието ќе му го одземе зборот на пратеникот, кога тој со својот говор на седницата го повредува редот, а на истата седница два пати е повикан да се придржува за редот на седницата.

Во членот 93 од Деловникот е предвидено дека претседателот на Собранието го отстранува пратеникот од седницата, кога и покрај опомената, односно одземањето на збор го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието. Пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти салата во која се одржува седницата. Ако претседателот на Собранието не може да го одржи редот на седницата, ќе одреди краток прекин на седницата.
Согласно членот 94 од Деловникот, одредбите за одржување на редот на седницата на Собранието се однесуваат на сите учесници на седницата.

Според член 225 од Деловникот на Собранието, Собранието обезбедува информирање на јавноста за работата на Собранието и на работните тела, како и на постојаните делегации во меѓународните организации.
Според член 227 од Деловникот, претставниците на средствата за јавно информирање, во согласност со прописите за внатрешниот ред на Собранието, можат да присуствуваат на седниците на Собранието и на седниците на работните тела заради известување на јавноста за нивната работа.

6. Слободата на изразувањето претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност и е предуслов за остварување на многу други слободи и права. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето, што меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување на информации, исто така претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста.

Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална, ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид горе цитираните меѓународни документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите.

Од наведените одредби од Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија произлегува дека јавноста во работењето на Собранието се обезбедува преку присуство на новинарите на седниците на Собранието и на работните тела. Од наведените одредби (член 91 од Деловникот на Собранието на Република Македонија) исто така произлегува дека за одржување на редот на седниците се грижи претседателот на Собранието, кој за повреда на редот на седницата може да преземе повеќе мерки (опомена, одземање на збор на пратеник, отстранување на прaтеникот од седницата). Одредбите за одржување на редот на седницата на Собранието се однесуваат на сите учесници на седницата.

Според оценката на Судот, дејствието на отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала претставува попречување на правото на новинарите непречено да ја обавуваат својата дејност и да ја информираат јавноста за настан кој е од несомнено големо значење за граѓаните на Република Македонија – случувањата во Собранието во врска со донесување на Буџетот за 2013 година и за кој јавноста имала голем интерес да го следи и да биде известувана.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека остварувањето на слободата на јавно информирање и слободата на примање и пренесување на информации и кои се гарантирани со член 16 од Уставот на Република Македонија и членот 10 од Европската конвенција за заштита на слободите и правата како составни елементи на слободата на изразувањето не се апсолутни, односно подлежат на ограничувања кои се предвидени во ставот 2 на членот 10 од Европската конвенција. Имено, согласно ставот 2 на членот 10 од Европската конвенција овие ограничувања мора да се пропишани со закон и да се неопходни во едно демократско општество заради остварување на некоја од легитимните цели наведени во оваа одредба како што се заштита на безбедноста, јавната сигурност, заради заштита од немири или кривично дело и заради заштита на правата на другите.

Правниот основ за примената на оспорената мерка е членот 43 од Законот за Собранието кој определува кој е задолжен за одржување на редот во зградата на Собранието – посебна собраниска служба за обезбедување и кој го овластува претседателот на Собранието да одлучува и да донесува мерки за одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието.

При оценката на оправданоста и неопходноста на примената на оспорената мерка, односно дејствието на отстранувањето на новинарите од собраниската сала мора да се тргне од конкретните околности на случајот односно случувањата на 24 декември 2012 година внатре во зградата на Собранието, односно во салата за седници, како и немирите и нарушувањата на редот што се одвивале пред зградата на Собранието. Имено, мора да се има предвид тензичната атмосфера во собраниската сала што практично оневозможувала редовен и нормален почеток и тек на седницата. Во таа смисла, посебно треба да се земе во предвид фактот дека наведената ситуација настанала како последица на околноста дека по влегувањето на претседателот на Собранието во пленарната сала со цел отпочнување на закажаната седница, истиот бил нападнат од поголема група на пратеници и веднаш изнесен од обезбедувањето од салата. Во таквата настаната ситуација, проследена, во објективна смисла, со цела низа инциденти, настанато безредие, кршење на инвентар, кој кулминира и со фрлање на предмети низ салата и во правец на галеријата, обезбедувањето проценило, а во интерес на заштита на интегритетот и животите на новинарите присутни во галеријата, да постапи на тој начин што истите ќе ги упати на побезбедно место во кое нивните животи не би биле загрозени. Ваквата проценка на собраниското обезбедување, која е од исклучиво безбедносен карактер и е во функција на заштита на лицата присутни во Собранието, не би требало на ниту еден начин да се става во корелација со загарантираното право на новинарите да се присутни во Собранието и да известуваат за настаните чии непосредни сведоци се и самите тие. Впрочем, присутните новинари, повеќето од нив и истиот ден, ги доставија и објавија своите извештаи во вечерните изданија на своите медиуми, што укажува дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на слободата на изразување на групата присутни новинари.

Ваквата пракса на безбедносните органи е вообичаен начин на постапување во вакви и слични ситуации кога станува збор за загрозување, односно гарантирање на безбедноста на претставниците на средствата за информирање при известување од кризни подрачја, демонстрации, и други потенцијално опасни настани, или пак присуство на потенцијално безбедносно ризични инцидентни ситуации.

Самиот факт што новинарите уште од изутрината на 24 декември 2012 година биле присутни во Собранието како и пред зградата на Собранието и известувале за случувањата, укажува дека и покрај најавите и очекувањата дека расправата и донесувањето на Буџетот ќе се одвива во тензична атмосфера, на новинарите им бил овозможен пристап во зградата на Собранието и во галеријата на собраниската сала со цел да ја извршуваат нивната задача и да ја информираат јавноста за текот на седницата. Значи не постоела однапред намера новинарите да бидат попречени и оневозможени во известувањето за седницата. Исто така, по напуштањето на галеријата на салата, подносителите на барањето и другите претставници на медиумите имале можност да останат во другите простории во зградата – прес центарот кој е опремен со компјутерска техника од каде што можеле да го следат во живо преносот од седницата, кој што пренос исто така одел во живо преку веб стриминг на собраниската интернет страница и на собранискиот канал на МРТ.

Од наведеното произлегува дека само присуството на новинарите во салата и директното пренесување не ја прави една седница јавна, бидејќи постојат повеќе начини на кои Собранието овозможува јавност во неговото работење и кои што биле применети во конкретниот случај. Физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала кое го налагала конкретната ситуација на ескалација на хаосот и безредието во салата имало за цел истите да ги заштити и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи во вршењето на нивната дејност – информирање на јавноста и да им ја ограничи слободата на изразувањето.

Поради наведеното Судот утврди дека со насилното отстранување на новинарите – подносители барањето од галеријата на салата на Собранието на Република Македонија 24 декември 2012 година не им била повредена слободата на изразувањето.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.27/2013
16.04.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.27/2013