111/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 11 точка 3 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи, број 01-824/1 од 30 јуни 2011 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставност и законитост на член од актот, означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се бара оцена на уставност и законитост на членот 11 точка 1) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи, кој се однесува на пресметковните елементи за определување на цена на испорачана електрична енергија на тарифните потрошувачи. Со оспорената одредба потрошувачот бил задолжен да плаќа и за активна моќност, но според наводите од подносителот на иницијативата немало основ во Законот за облигационите односи за ваквото задолжување, од причини што се наплатувало нешто за кое немало давање, бидејќи моќноста претставувала мерило за способност да се изврши работа во единица време и како таква таа не можела да биде предмет на облигационен однос, бидејќи моќноста претставувала само особина, а поседувањето на некоја особина не можело да биде основ за плаќање, туку делото, работата, а не способноста да се изврши некоја работа.

Со иницијативата подносителот изнесува неколку примери по однос на тоа колку би било плаќањето за активната моќност во зависност дали се врши или не се врши мерење на врвната моќност. Во таа насока подносителот преку примери наведува дека без оглед на тоа дали се врши или не се врши мерење на врвната моќност, активната моќност не претставувало давање.

Според подносителот, насекаде во светот врвната моќност се мереле и следела, но, во ниедна друга земја не нашол пример дека врз неа се вршела наплата, бидејќи таа не била и не можела да биде предмет на облигационен однос. Единствено во Република Македонија се уште се наплатувала врвната моќност, но тоа било бесмислено и според подносителот единствена причина зошто Република Македонија се уште предвидувала да се наплатува за врвна моќност, било тоа што Регулаторната комисија за енергетика не сакала или едноставно од мрзливост, да го модернизира Тарифниот систем и да го направи таков како што бил во сите други земји. Според подносителот измерената врвна моќност не претставувала индикатор за некои други трошоци. Трошоците за снабдување со струја се делеле на варијабилни и фиксни трошоци. Варијабилните трошоци зависеле од количината на испорачаната струја, односно од активната електрична енергија, а тоа значело дека активната моќност која според членот 13 став 1 од Тарифникот, се определувала врз основа на врвната моќност остварена од потрошувачите, не била репрезентативен показател на варијабилните трошоци, а не била ниту на фиксните трошоци, бидејќи основната особина на фиксните трошоци било тоа што тие не зависеле од количината на испорачаната струја, бидејќи постоеле и кога воопшто не се испорачувала струја.

Според наводите од иницијативата тоа било доказ дека активната моќност не била и не можела да биде предмет на облигационен однос, поради што подносителот бара оспорената одредба да се оцени во однос на одредбите од член 8 став 1, член 38 и член 39 од Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 11 точка 1) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи, број 01-824/1 од 30 јуни 2011 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012), е уредено дека активната моќност е еден од пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои тарифните потрошувачи ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачите со електрична енергија на тарифни потрошувачи.

Судот, исто така утврди дека актот во кој е содржан оспорениот член, со донесување на нов Тарифен систем за продажба на електрична енергија на домаќинствата и мали потрошувачи, број 01-482/1 од 17 февруари 2014 година, престанал да важи.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 11 точка 1) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи, број 01-824/1 од 30 јуни 2011 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012), со кој оспорен член е уредено дека активната моќност е еден од пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои тарифните потрошувачи ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачите со електрична енергија на тарифни потрошувачи.

Со иницијативата како оспорен е означен член 11 став 1 алинеја 1) од Тарифниот систем. Меѓутоа, член 11 од Тарифниот систем има само еден став и три точки. Оттука, оспорената одредба гласи член 11 точка 1) од Тарифниот систем.

По поднесувањето на иницијативата (13.07.2013 година), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на ден 17.02.2014 година, донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на домаќинствата и мали потрошувачи, број 01-482/1 од 17 февруари 2014 година, објавен на 24 февруари 2014 година во “Службен весник на Република Македонија” број 38/2014.

Со членот 26 став 1 од наведениот Тарифен систем, е определено дека со денот на отпочнувањето на примената на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012).

Според ставот 2 од погоре наведениот член, овој Тарифен систем влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 април 2014 година.

Со оглед дека со денот на отпочнување на примената на ново донесениот Тарифен систем, Тарифниот систем во кој е содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативите заради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр. 111/2013
16 април 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева