У.бр.149/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12 став 1 точка 10 од Правилникот за спроведување на Законот за акцизите (”Службен весник на Република Македонија” број 40/2001, 72/2001, 89/2001, 50/2002, 86/2002, 19/2003, 54/2003, 6/2004, 6/2005, 44/2006, 137/2006, 25/2008, 54/2008, 125/2008, 53/2009, 94/2009, 122/2009, 46/2010, 85/2010, 156/2010, 29/2012 и 106/2012).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

3. Јулијана Масларкова од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба според која барањето за издавање на акцизна дозвола требало да содржи уверение дека против барателот не се води кривична постапка, издадена од надлежен суд, не била во согласност со член 13 став 1 од Уставот и член 2 став 1 од Законот за кривичната постапка, односно за ваквото барање за издавање на акцизна дозвола не важело начелото – презумпција на невиност.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба како неуставна и незаконита.

Истовремено, се предлага Уставниот суд, до донесувањето на конечна одлука по иницијативата, да донесе привремена мерка со која ќе го стави вон сила извршувањето на оспорената одредба.

4. Судот на седницата утврди дека според член 12 точка 10 од Правилникот за спроведување на Законот за акцизите, барањето за издавање на акцизна дозвола што се поднесува до Царинската управа треба да содржи уверение дека против барателот не се води кривична постапка, издадена од надлежен суд.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ број 32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011 и 82/2013) се уредуваат акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: акцизна територија), на: минерални масла, алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски добра (член 1).

Во членот 2 на овој закон се дефинираат поимите употребени во Законот. Така, одделните поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
в) Акцизен склад: секое место, на кое под услови утврдени со овој закон, во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг од страна на имател на акцизна дозвола се произведува, складира, прима или испраќа добро подлежно на акциза;
г) имател на акцизна дозвола: е лице, овластено од надлежниот орган, при извршувањето на својата дејност во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг во акцизен склад да произведува, складира, прима или испраќа добра подлежни на акциза.

Според член 6 став 1 од Законот, акцизна дозвола може да стекне само лице кое ги исполнува следниве услови:
1) врши или има намера самостојно да врши дејност и има седиште во Република Македонија;
2) води уредно деловни книги согласно со важечките прописи и редовно поднесува годишни пресметки во последните две години;
3) против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација и
4) редовно ги исполнува даночните и царинските обврски.

Согласно член 7 став 1 од Законот, акцизната дозвола се издава врз основа на писмено барање. Според став 2 на истиот член, писменото барање од ставот 1 на овој член треба задолжително да ги содржи следниве податоци: опис на дејноста и вид на акцизното добро за кое се бара акцизна дозвола; идентификација на лицето кое побарало акцизна дозвола; исполнетост на услови за спроведување на надзор на надлежните органи; природа и опис на поединечни производни постапки; податоци за уредите кои овозможуваат мерење на произведените, преработените, складираните и испорачаните акцизни добра, согласно со меѓународните стандарди; начин на испорака на акцизните добра, висина на сопственичкиот капитал и на капиталот на содружниците, планирано годишно производство по количина, локација и опис на производните и складишните простории. Лицата кои се заведени во трговски или судски регистар треба да приложат извод од регистрација.

Според член 8 од Законот, акцизната дозвола ја издава Царинската управа (став 1). Акцизната дозвола се издава на подносителот на барањето и истата може да се отповика (став 2). Во акцизната дозвола треба да се наведат: имателот на акцизна дозвола, локацијата на акцизниот склад, односно складовите; видовите акцизни добра кои можат да се произведуваат, складираат, примаат и испраќаат во и од акцизниот склад; другите обврски на имателот на акцизниот склад; начинот на обезбедување на плаќањето на акцизата; кој орган е надлежен за надзор и периодот за кој се издава акцизната дозвола (став 5).

Според член 58 од Законот, поблиски прописи за спроведување на овој закон донесува министерот за финансии.

Со Правилникот за спроведување на Законот за акцизите, донесен од министерот за финансии, помеѓу другото се уредува и содржината на барањето за издавање на акцизна дозвола. Покрај другите пропишани податоци, кон барањето за издавање акцизна дозвола, според оспорениот член 12 став 1 точка 10 од Правилникот, треба да се приложи и уверение дека против барателот не се води кривична постапка, издадено од надлежен суд. Наведената одредба е содржана во основниот текст на Правилникот сметано од неговото донесување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2001 од 22 мај 2001 година) и не е изменета и покрај бројните изменувања и дополнувања на Правилникот.

Според Судот, наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се повредува уставното начело на презумпција на невиност, се основани.

Имено, од содржината на членот 13 од Уставот на Република Македонија произлегува дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Во наведената уставна одредба се утврдува принципот на презумпција на невиност на лицето до правосилноста на судската одлука, како еден од принципите на казнено-правниот однос. Овој принцип е застапен и во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 и 100/2012), каде што во член 2 став 1 од Законот се пропишува дека лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда, а според став 2 на истиот член, државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото од ставот 1 на овој член, а со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.

Значењето на принципот на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба според која кон барањето за издавање на акцизна дозвола треба да се приложи и уверение издадено од надлежен суд дека против барателот не се води кривична постапка, произлегува дека со оспорената одредба од Правилникот се повредува принципот на презумпција на невиност утврден во член 13 став 1 од Уставот и член 2 од Законот за кривичната постапка, што воедно укажува и на повреда на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причини што, во конкретниот случај, лицето кое поднесува барање за издавање на акцизна дозвола, која законодавецот пропишал дека е задолжителна за лицата кои сакаат да произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг (член 5 став 2 од Законот), со оспорената одредба се смета за виновно за сторено кривично дело пред да биде утврдена неговата вина со правосилна судска одлука поради што таа одредба по својата суштина во овој дел всушност е казнена одредба, односно има елементи на правна последица од осуда врз лицето што не произлегува од осудата, но настапува по сила на законот (ex lege) и на овој начин се проширува правното дејство на осудата, за што не постои уставен основ.

Дополнително, Судот имаше предвид дека обврската за доставување на уверението дека против лицето не се води кривична постапка, не произлегува од Законот за акцизите, туку е изворно утврдена со Правилникот. Ова затоа што законодавецот, во член 7 став 2 од Законот за акцизите пропишал кои податоци треба да бидат содржани во барањето за издавање на акцизна дозвола, а оспореното уверение не е дел од овие податоци, од каде произлегува дека со Правилникот, како подзаконски акт, се пропишани одредени обврски за граѓаните, надвор од закон, што уставно правно не е дозволено.

Поради наведеното, Судот оцени дека основано се поставува прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 51 од Уставот, член 2 од Законот за кривичната постапка, како и со член 7 став 2 од Законот за акцизите.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесувањето на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Правилникот.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.149/2013
9 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева