121/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 алинеја 9 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 38 став 1 алинеја 4 во делот:„да не е казнет со казна, односно“ од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, соодветните мерки за заштита заради извршување на работи од јавен интерес, при обработка на посебните категории на лични податоци, можеле да се утврдуваат само со закон, а не и со одлука на Дирекцијата, како што било предвидено со оспорениот дел од член 8 став 2 алинеја 9 од Законот. Дека јавниот интерес мора да биде утврден со закон, се зборувало и во одредбата на член 30 став 3 од Уставот. Притоа, морало да се има предвид дека Дирекцијата за заштита на личните податоци го извршува Законот за заштита на личните податоци, па нелогично било Дирекцијата да ги утврдува соодветните мерки за заштита заради извршување на работи од јавен интерес. Поради тоа, оспорениот дел на одредбата од член 8 став 2 алинеја 9 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 18, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Со оспорениот член 14 став 3 во делот:„ освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци“, фактички се доведувала во прашање целата законска одредба, затоа што со ваквото дефинирање на работите, контролорот секогаш можел да најде изговор дека тоа не е возможно, дека тоа бара несразмерен напор и трошоци за да не ги извести субјектот на личните податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци, за извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци. Особено што не било поблиску дефинирано што се подразбира под „тоа не е возможно“ или под „несразмерен напор или трошоци“ и колкави треба да бидат трошоците па да контролорот писмено не го извести субјектот на лични податоци или трети лица на кои им се откриени податоците. Тоа значело дека се работи за нејасна и непрецизна законска норма, поради што оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 18 и член 51 од Уставот.

Според член 38 став 1 алинеја 4 од Законот, за директор може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови: да не е казнет со казна, односно да не му е изречена прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност. Со оспорениот дел од оваа одредба: „да не е казнет со казна, односно“, станувало збор за казнена одредба во која не било точно и прецизно определен видот на казнивото дело, ниту пак законодавецот на непосреден, прецизен и јасен начин ги утврдил неговите законски обележја, односно битие, туку тоа го направил на начин кој не бил допуштен според Уставот, ни според казненоправната теорија и легислатива, па не бил во функција на обезбедување ниту на начелото на владеењето на правото, ниту на начелото на законитост при определување на казнивите дела и казните. Поради тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 став 1 и член 54 од Уставот. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот предлага Судот да ја има предвид својата Одлука У.бр.82/2010.

Според член 50-б став 1 точка 6 од Законот, член на Прекршочната комисија може да се разреши ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука. Меѓутоа, членовите на прекршочната комисија имале колективна, а не индивидуална надлежност во водењето на прекршочната постапка и во одлучувањето, па оттука и во управниот спор пред надлежниот суд против решенијата на прекршочната комисија со кои се изрекува прекршочна санкција, со одлука на надлежниот суд можело во оценката за неправилности и во водената прекршочна постапка или незаконитоста на решението на комисијата, да се водат постапките и да се донесуваат одлуките на повисоките органи, што секако, во тие рамки, ја исклучувало можноста поединечно, член на прекршочната комисија да биде разрешен поради водената постапка и донесените прекршочни решенија на комисијата во рамките на вршењето на надлежноста на комисијата. Поради тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот предлага Судот да ја има предвид својата Одлука У.бр.202/2011.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага оспорените одредби од Законот да се укинат или поништат.

4. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 2 алинеја 9 од Законот за заштита на личните податоци, по исклучок од ставот 1 на овој член, обработка на посебните категории на лични податоци може да се врши ако соодветни мерки за заштита заради извршување на работи од јавен интерес се утврдени со закон или со одлука на Дирекцијата.

Согласно чле 14 став 3 од Законот, за извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци, согласно со ставот 2 на овој член, контролорот е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето писмено да го извести субјектот на лични податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци, освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци.

Според член 38 став 1 алинеја 4 од Законот, за директор може да биде избрано лице кое го исполнува следниот услов: да не е казнет со казна, односно да не му е изречена прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност.

Согласно член 50-б став 1 точка 6 од Законот, член на Прекршочната комисија може да се разреши ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 18 став 1 од Уставот, се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, а според ставот 2 на овој член на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработка на податоците.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а согласно ставот 2 на овој член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Според член 61 став 1 од Уставот, собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Со Законот за заштита на личните податоци се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правото на приватност во врска со обработката на личните податоци (член 1).

Во член 2 од Законот е утврдено значењето на одделните изрази кои се употребуваат во овој закон.

Во точка 10 од овој член од Законот е утврдено дека: “Посебни категории на лични податоци” се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот.

Според член 5 став 1 од Законот, кој е систематизиран во Главата II. Обработка на личните податоци, личните податоци се:
-обработуваат правично и во согласност со закон;
– собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели. Натамошната обработка на податоците за цели на историски, научни или статистички истражувања нема да се смета дека не е во согласност со првичните цели за собирање на податоците доколку се преземени соодветни заштитни мерки во согласност со закон;
– соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат;
– точни, целосни и каде што е потребно ажурирани, при што ќе се преземат сите соодветни мерки за бришење или коригирање на податоците што се неточни или нецелосни, имајќи ги предвид целите заради кои биле собрани или обработени и
– чувани во форма што овозможува идентификација на субјектот на лични податоци, не подолго од што е потребно да се исполнат целите поради кои податоците се собрани за натамошна обработка. Според став 2 на овој член, по истекот на рокот за чување, личните податоци може да се обработуваат само за историски, научни или статистички цели. Согласно ставот 3 на истиот член, кога личните податоци се употребуваат за целите од ставот 2 на овој член, мора да се почитува правото на заштита на приватноста, личниот и семејниот живот на субјектот на лични податоци од нивна неовластена употреба и во најкраток можен рок податоците да се направат анонимни. Според ставот 4 на овој член, за квалитетот на личните податоци согласно со ставот 1 на овој член е одговорен контролорот.

Според член 6 став 1 од Законот, обработката на личните податоци може да се врши:
– по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци;
– за извршување на договор во кој субјектот на лични податоци е договорна страна или на барање на субјектот на лични податоци, пред негово пристапување кон договорот;
– за исполнување на законска обврска на контролорот;
– за заштита на животот или суштинските интереси на субјектот на лични
податоци;
– за извршување на работи од јавен интерес или на службено овластување на контролорот или на трето лице на кое му се откриени податоците или
– за исполнување на легитимните интереси на контролорот, трето лице или лице на кое податоците му се откриени, освен ако слободите и правата на субјектот на лични податоци не преовладуваат над таквите интереси.

Во Главата III. од Законот (членовите 8 и 9), е уредена обработката на посебните категории на лични податоци. Според член 8 став 1 од Законот, се пропишува дека забранета е обработка на посебните категории на лични податоци. Во ставот 2 на истиот член се утврдени случаите кога, по исклучок од ставот 1 на овој член, обработка на посебните категории на лични податоци може да се врши. Така, според алинеја 9 на овој став, обработка на посебните категории на лични податоци може да се врши ако соодветни мерки за заштита заради извршување на работи од јавен интерес се утврдени со закон или со одлука на Дирекцијата.

Во Главата V. од Законот (членови 23 до 26-а), се уредува тајноста и заштитата на обработката на личните податоци. Според член 23 став 1 од Законот, за да се обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на субјектот, контролорот и обработувачот мора да применат соодветни технички и организациски мерки за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци, или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка. Според став 2 на истиот член, личните податоци од членовите 8 и 9 на овој закон, можат да се пренесуваат преку електронско комуникациска мрежа, само ако посебно се заштитени со соодветни методи, така што нема да бидат читливи при преносот, а согласно ставот 3 на истиот член, контролорот и обработувачот се должни да донесат и применат документација со опис на техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.

Наводите во иницијативата дека соодветните мерки за заштита заради извршување на работи од јавен интерес при обработка на посебните категории на лични податоци можеле да се утврдуваат само со закон, а не и со одлука на Дирекцијата, како што се предвидувало во оспорениот член 8 став 2 алинеја 9 од Законот, затоа што според член 30 од Уставот јавниот интерес морал да биде утврден со закон и дека поради тоа одредбата не била во согласност со Уставот (член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 18, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2), Судот ги оцени како неосновани.

Имено, од анализата на член 8 став 2 алинеја 9 од Законот, произлегува дека обработката на посебните категории на лични податоци е дозволена само во случај кога се исполнети следните два суштински услова, и тоа:

– Обработката на посебните категории на лични податоци мора да има цел извршување на работи од јавен интерес и

– Мора да постојат соодветни заштитни мерки.

Притоа, законодавецот определил дека таквите соодветни заштитни мерки можат да се утврдат со закон или со одлука на Дирекцијата за заштита на лични податоци, која е самостоен и независен државен орган, основана со овој закон, заради вршење надзор над законитоста на преземените активности при обработување на лични податоци и нивната заштита.

Тоа значи дека со наведената регулатива законодавецот пропишал кој може да ги утврди соодветните мерки за заштита на лични податоци во случај на извршување на работи од јавен интерес, а не се бави со прашањето што е јавен интерес и како се утврдува, како што произлегува од наводите во иницијативата.

Според Судот, оспорената законска одредба треба да се гледа во контекст на целината на Законот со кој се уредува областа на заштита на личните податоци, а не како посебна, изолирана норма која самостојно уредува одредено прашање. Со оваа одредба се дава можност на Дирекцијата за заштита на лични податоци да му дозволи на контролорот да примени соодветни заштитни мерки при обработката на посебните категории на лични податоци, со цел да се обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на субјектот, односно за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци или нивно губење, преправање, неовластено откривање или пристап и заштита од какви било незаконски облици на обработка, а сето тоа во рамките на Законот за заштита на лични податоци.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 алинеја 9 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

Членот 14 од Законот е систематизиран во Главата IV од Законот (членови 10 до 22), која ги регулира правата на субјектот на лични податоци. Според став 1 од овој член, по барање на субјектот на лични податоци, контролорот е должен да ги дополни, измени, избрише или да го сопре користењето на личните податоци, ако податоците се нецелосни, неточни или неажурирани и доколку нивната обработка не е во согласност со одредбите на овој закон. Според став 2 на истиот член, во случај кога контролорот ќе утврди дека личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирани, должен е истите да ги дополни, измени или избрише, независно од тоа дали субјектот на лични податоци има поднесено барање за дополнување или изменување на личните податоци. Согласно ставот 3 на овој член, за извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци, согласно со ставот 2 на овој член, контролорот е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето писмено да го извести субјектот на лични податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци, освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци.

Од анализата на овие одредби произлегува дека во функција на обезбедување на квалитетни лични податоци – точни, целосни и каде што е потребно ажурирани, законодавецот предвидел право на субјектот на лични податоци за измена, бришење или блокирање на користењето на неговите лични податоци, ако податоците се нецелосни, неточни или неажурни и доколку нивната обработка не е во согласност со одредбите на овој закон, како и должност за контролорот да ги дополни, измени или избрише личните податоци за кои ќе утврди дека се нецелосни, неточни или неажурни, независно од тоа дали тоа од него го побарал субјектот на личните податоци. Но во таков случај, пропишана е должност за контролорот во одреден рок за извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци, писмено да го извести субјектот на лични податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци, освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци.

Во ставот 3 на членот 14 содржани се две обврски, и тоа:

– Контролорот мора да го ивести субјектот на лични податоци за разврската на неговото поднесено барање, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, и

– Контролорот мора да даде придружен извештај на корисниците на личните податоци или на третите лица на кои им се откриени личните податоци за тоа дали било извршено дополнување, измена или бришење на личните податоци.

Притоа, предвидена е можност таквото придружно известување за корисниците на личните податоци или на третите лица на кои им се откриени личните податоци да изостане, во случај, доколку се покаже дека е невозможно или дека бара несразмерен напор или трошоци. Таа неможност, односно несразмерност, од една страна се утврдува не само земајќи ги предвид напорите и трошоците, туку и обемот и чувствителноста на самите лични податоци за кои станува збор, од друга страна, при тоа вклучувајќи ги и можните последици од неправилностите на податоците за субјектот на лични податоци. Затоа, законодавецот ја оставил таа можност, со цел контролорот да може да постигне одреден баланс помеѓу остварувањето на правото на пристап на субјектот на лични податоци и обврската за известувањето на корисниците на личните податоци или на третите лица на кои им се откриени личните податоци, од аспект на доследно заштитување на интересите на самиот субјект на лични податоци.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека одредбата на член 14 став 3 во делот: „освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци“ е јасна, прецизна и потполна, поради што не го постави прашањето за нејзината согласноста со член 8 став 1 алинеја 3, член 18 и член 51 од Уставот.

Судот ги оцени како неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека одредбата од член 50-б точка 6 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, затоа што членовите на прекршочната комисија имале колективна а не индивидуална надлежност во водењето на прекршочните постапки и во одлучувањето, што ја исклучувало можноста поединечно, член на прекршочната комисија да биде разрешен поради водена постапка и донесени прекршочни решенија на комисијата.

Ова од причини што законодавецот пропишал дека за прекршоците утврдени со Законот за заштита на лични податоци, прекршочната постапка ја води Прекршочна комисија составена од два члена и претседател на комисијата. Покрај членовите на Прекршочната комисија, директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци може да определи и заменици членови, кои по исклучок, учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите. Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување. Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Законодавецот ги пропишал и потребните услови кои треба да ги исполни лицето за да биде избрано за член на Прекршочната комисија, како и случаите за неговото разрешување. Притоа, законодавецот пропишал дека прекршувањето на прописите за водење на прекршочната постапка, утврдено со правосилна одлука, претставува основ за разрешување на член на комисијата. Тоа е нормативна претпоставка со која законодавецот го овластува директорот да обезбеди состав на комисијата кој може да гарантира законито водење на прекршочната постапка во сферата на заштитата на личните податоци, како основни слободи и права на физичките лица. И покрај тоа што Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови, не може да се исклучи можноста член на комисијата, заради некаков личен или друг интерес да ги злоупотреби своите овластувања и да влијае на донесување на незаконита одлука која може да предизвика штета, што би било утврдено со правосилна одлука донесена од надлежен орган. Со давањето можност за разрешување на членот на комисијата кога со правосилна одлука е утврдено дека се прекршени прописите за водење на прекршочната постапка, му се дава можност на директорот на Дирекцијата да може да делува и да го заштити законското работење на комисијата и да овозможи натамошно непречено вршење на задачата што ја има оваа комисија согласно одредбите од Законот за заштита на лични податоци.

Поради наведеното, Судот оцени дека ваквата регулатива не го повредува начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 50-б став 1 точка 6 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

6. Прашањето за уставноста на одредбата од член 38 став 1 алинеја 4 од Законот, според која за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци може да биде избрано лице кое го исполнува условот: да не е казнет со казна, односно да не му е изречена прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност, по иницијатива на истиот подносител на иницијативата, веќе било предмет на анализа пред Уставниот суд, при што Судот, со Решение У.бр.155/2009 од 3 февруари 2010 година, оценил дека нема основ да се изрази сомнеж во согласноста на оваа одредба од Законот со член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51 од Уставот.

Во ова решение Судот изразил став дека имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби наспрема наводите во иницијативата според кои законските решенија за избор на директор и заменик-директор на Дирекцијата, за престанување на нивната функција како и за разрешувањето на член на прекршочна комисија пред истекот на мандатот за кој се избрани, односно не се избрани, настапувале како правна последица од осуда по сила на Закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни, поради што се доведувала во прашање нивната уставност, според Судот се неосновани. Согласно член 33 став 1 точка 5 од Кривичниот законик, забраната за вршење на професија, дејност или должност е една од казните која може да им се изрече за извршени кривични дела на кривично одговорните сторители. При тоа, во ставот 6 на овој член е утврдено дека казната забрана на вршење на професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор. Согласно член 38-б од овој закон, судот може на сторителот на кој му изрекол казна затвор или условна осуда со која е утврдена казна затвор да му забрани вршење определена професија или дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на кривично дело и ако врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело. Судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење. Согласно член 13 точка 5 од Законот за прекршоците, забраната на вршење професија, дејност или должност претставува санкција која може да се изрече за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители. Според член 22 од овој закон, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок. Траењето на забраната го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката. Со оглед на тоа што во Кривичниот законик и во Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана, Судот смета дека забраната за именување на јавна функција, како што е директор и заменик директор на Дирекцијата поради изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со новодоставената иницијатива истиот подносител повторно ја оспорува уставноста на член 38 став 1 алинеја 4, сега во делот:„да не е казнет со казна, односно“ од Законот за заштита на лични податоци, од истите причини, односно дека станувало збор за казнена одредба во која не било точно и прецизно определен видот на казнивото дело, ниту пак законодавецот на прецизен и јасен начин ги утврдил неговите законски обележја, односно битие, што не било допуштено ни според Уставот, ни според казнено правната теорија и легислатива и што не било во функција на обезбедување на начелото на владеењето на правото и начелото на законитост при определувањето на казнивите дела и казните.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на целината на оваа законска одредба, што го вклучува и сега оспорениот дел од одредбата и со Решение У.бр. 155/2009 оценил дека не може основано да се изрази сомнеж во согласноста на одредбата со член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51 од Уставот, а нема основи за промена на овој став, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.121/2013
2 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева