67/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 19 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 250 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира Амандманот XX на Уставот и наведува дека врз основа на оваа уставна одредба на органите на државната управа или организациите и други органи што вршат јавни овластувања им била воведена нова надлежност-изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттаму, водењето на прекршочната постапка и изреку-вањето на прекршочната санкција преставувале работа од делокругот, надлежноста на органите на државната управа или организациите и други органи што вршат јавни овластувања. Според тоа, вршењето на работата на членовите на прекршочната комисија не можело да се смета како дополнителен ангажман, бидејќи членувањето во прекршочната комисија преставувало нивна работна обврска, за која добивале надомест во вид на плата, а не можеле да добиваат надоместок во вид на награда, како што се превидувало со оспорената одредба.

Во иницијативата се укажува и на уставно-судската практика по предметите У.бр.121/2011 и У.бр.213/2011.

Заради наведеното оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, Амандманот XX на Уставот и член 51 од Уставот на Република Македонија, од каде подносителот на иницијативата предлага одредбата да се укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности е предвидено дека членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува Управниот одбор на Агенцијата која треба да биде разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Главата XVIII. Со наслов: „Прекршочни одредби“ од Законот за катастар на недвижности ги содржи членовите 246 до 252. Во член 250 од Законот, меѓу другото, е уредено дека за прекршоците утврдени во Законот за катастар на недвижности, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Агенцијата, односно Прекршочниот орган. Прекршочната постапка пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок, односно Прекршочната комисија формирана од страна на директорот на Агенцијата. Комисијата е составена од претседател и два члена и се избира на секои три години. Прекршочната комисија донесува Деловник за својата работа и води единствена евиденција за прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки. Претседа-телот и членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување. Прекршочната комисија има право да изведува докази и да собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоци или со друг закон. Решението на Прекршочната комисија со кое се изрекува прекршочна санкција е конечно и извршно, а против истото може да се поднесе тужба пред управен суд.

Со оспорениот став 7 од членот 250 од Законот се предвидува право на награда за работата на Прекршочната комисија што ја определува Управниот одбор на Агенцијата која е разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

Инаку, согласно членовите 246, 247, 248 и 249 од Законот Комисијата во прекршочната постапка може да изрече глоба за сторен прекршок од страна на правно лице, овластениот геодет вработен кај трговецот поединец, овластениот геодет во трговско друштво за геодетски работи, трговското друштво за геодетски работи и одговорното лице во трговското друштво за геодетски работи.

Според Судот, законската определба членовите на Прекршочната комисија, да примаат награда за нивната работна обврска која е разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата или организација и друг орган што врши јавни овластувања, им е воведена нова надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука, произлегува дека водењето на прекршочна постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која претставува негова надлежност. Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности, а членувањето на вработените во тој орган, во комисија за прекршоци не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување треба да добиваат плата за извршена работа, но не и дополнителна награда, чија пак висина е тешко определива и неизвесна (разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците).

Поради наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности со член 8 став 1 алинеа 3, Амандман XX и член 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2013
19 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева