У.бр.146/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54-б точка 6 и член 54-д став 1 алинеја 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).
2. Андреја Насковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членoвите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 54-б точка 6 од Законот бил во спротивност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што наведената законска одредба наметнувала обврска на дисциплинската комисија, како орган при Комората на извршители на Република Македонија, да изрекува дисциплински мерки кои во суштина не одговарале на тежината на сторената повреда. Подносителот на иницијативата смета дека воопшто не било јасно зошто ваквото степенување на дисциплинските казни се овозможувало само во случај на поврат и тоа сторен во период од една до пет години.
Оспорената законска одредба на членот 54-д став 1 алинеја 5 од Законот, според иницијативата, била целосно непрецизна норма која можела да предизвика тешки последици за лицето на кое ќе му биде изречена оваа мерка. Ова од причина што под „режимот“ на оваа одредба можело да се подведе секое најмало непочитување на Законот што , според подносителот на иницијативата, немало никаква последица за некоја од странките.
3. Судот на седницата утврди дека според член 54-б точка 6 од Законот за извршување, во случај на поврат сторен во период од една до пет години, ќе се примени потешка дисциплинска мерка додека не се стигне до дисциплинската мерка трајно одземање на правото за вршење на должноста.
Во член 54-д став 1 алинеја 5 од истиот закон, се предвидува дека на извршителот ќе му се изрече мерката трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител ако при извршувањето презема дејствија кои не се предвидени или се спротивни на овој закон.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија има за цел да регулира уставно уредување во кое правото и правните норми се појдовните рамки за дејствувањето и активноста на сите државни органи и институции, како и на сите граѓани и поединци во државата. Сите тие се под Уставот и законите во државата и должни се сите свои функции, активности, дејствија и поведение да го усогласат со Уставот и законите во државата, односно со нејзиниот правен поредок.
Во таа насока е донесен Законот за извршување со кој се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Оспорените членови 54-б и 54-д се содржани во Глава Шеста од Законот со наслов: „Дисциплинска одговорност на извршителите“ и потточка со наслов „Определување на дисциплински мерки“.
Според член 54 од Законот:
(1) Извршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење, ако со своето однесување при спроведување на извршувањето врши повреда на службената должност, предвидена во Законот за извршување, подзаконските акти и актите на Комората, со кои се уредува работењето на извршителот.
(2) Нестручно постапување е повреда на законот, со кое при спроведувањето на извршувањето извршителот предизвикува повреда на правата на странките во постапката или на трети лица.
(3) Несовесно постапување е постапување спротивно на етичките норми, професионалните стандарди и правила на извршителската должност.
Во член 54-а од Законот се предвидени видовите дисциплински мерки, во кој се предвидува дека за сторена дисциплинска повреда на извршител можат да му се изречат следниве дисциплински мерки:
А) јавна опомена,
Б) парична казна,
В) привремено одземање на правото за вршење на должноста извршител и
Г) трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител.
Според член 54-б од Законот:
(1) Дисциплинската мерка јавна опомена се става на огласната табла во седиштето на Комората, 60 дена од денот на изрекувањето.
(2) Дисциплинската мерка парична казна се изрекува во висина од 1.500 до 5.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на РМ на денот на изрекувањето. Плаќањето на паричната казна може да се определи во најмногу шест еднакви месечни рати.
(3) Дисциплинската мерка привремено одземање на правото за вршење на должноста може да се изрече во траење од три месеци до една година.
(4) Дисциплинската мерка трајно одземање на правото за вршење на должноста се изрекува секогаш:
– кога извршителот бил именуван свесно прикривајќи го постоењето на законските пречки за тоа и
– кога за времето за кое привремено му е одземено правото за вршење на должноста или привремено му е забрането вршењето на должноста, тој врши извршни работи или на друг начин ја избегнува дисциплинската мерка.
(5) При изрекувањето на дисциплинските мерки се земаат предвид тежината на повредата, последиците од таа повреда, степенот на одговорност на извршителот, околностите под кои е сторена повредата, поранешното негово однесување, како и други олеснителни и отежителни околности.
(6) Во случај на поврат сторен во период од една до пет години, ќе се примени потешка дисциплинска мерка додека не се стигне до дисциплинската мерка трајно одземање на правото за вршење на должноста.
(7) Ако со сторената дисциплинска повреда, извршителот стекнал имотна корист, паричната казна може да му се изрече до двојниот износ на висината на таа корист, независно од ограничувањето од ставот (2) на овој член.
(8) Конечните одлуки за утврдување дисциплинска одговорност на извршителите се објавуваат на веб локацијата на Комората и на Министерството за правда, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.
Во членот 54-д од Законот се предвидува дека на извршителот ќе му се изрече мерката трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител, ако:
– не ги презема пропишаните мерки за спречување на перење пари и други приноси од казниви дела,
– не постапува по одлуките на судовите, одлуките на државните органи и органите на Комората кои се однесуваат на отстранување на неправилности при извршувањето,
– е именуван, свесно прикривајќи го постоењето на законските пречки,
– за времето за кое привремено му е одземено правото за вршење на должноста или привремена забрана за вршење на должноста врши работи на извршување или на друг начин ја избегнува казната,
– при извршувањето презема дејствија кои не се предвидени или се спротивни на овој закон,
– за себе или за свои роднини (во права линија или до четврти степен во странична линија) купува предмети на јавна продажба или стекнува други права во текот на извршувањето кое го спроведува,
– одава класифицирана информација со степен на тајност определена согласно со закон,
– врши трговска должност и посреднички работи,
– склучува договори во свое име за други лица или во туѓо име за себе или учествува во правна работа во која презема службени дејствија како извршител спротивно на овој закон,
– прима подароци или друг вид корист во врска со спроведување на извршувањето или го поставува личниот финансиски интерес во судир со положбата и статусот на извршител,
– незаконито располага со материјалните средства што ги прибавил во текот на извршувањето и
– не постапува според редоследот на примените барања за извршување.

Од анализата на цитираната уставна норма, содржината на оспорените одредби од Законот, vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите неможат да се доведат под сомнение по однос на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓанинот на Република Македонија како составен дел на оваа темелна вредност.
Имено, оспореното законско решение во член 54-б точка 6 од Законот, всушност се однесува за оние извршители кои во повеќе наврати сториле одредени пропусти во своето работење, а кое било санкционирано повеќепати со дисциплинска мерка предвидена во членот 54-а од Законот. Ваквиот начин на регулирање во оспорената законска одредба , според Судот е со цел во одредениот период да му се даде можност на извршителот да се корегира во своето однесување, односно му се дава можност на извршителот во иднина стручно и совесно да го спроведува процесот на извршувањето, како што предвидува Законот за извршување. Предвидувањето на изрекување на потешка дисциплинска мерка за извршителот доколку тој повеќе пати бил сторител на нестручно постапување е последица на неговата склоност кон сторување на одредени пропусти, кое се зема за отежителна околност при изрекување на овој вид на дисциплинска мерка, која во секој случај, од друга страна е поблага од дисциплинска мерка – трајно одземање на правото на вршење на должноста извршител. Определувањето на временскиот период е само разумен рок во кој се дава можност на извршителот да не му биде изречена најтешката дисциплинска мерка.
Околноста за повратник на вршење на определени незаконити дејствија да се изрече потешка санкција, не е новина во овој закон, туку напротив, истата како отежителна околност е присутна и во кривичното право, поради што и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспореното законско решение е во спротивност со принципот на владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Предмет на уставно-судска анализа беше и оспорениот член 54-д став 1 алинеја 5 од Законот, со кој се предвидува дека на извршителот ќе му се изрече мерката трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител ако при извршувањето презема дејствија кои не се предвидени или се спротивни на овој закон.
Според Судот, оспорената законска одредба не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, односно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што јасно и децидно е наведено дека овој вид на дисциплинска мерка се изрекува на извршителот, доколку тој при преземање на дејствија на извршување ги пречекори своите овластувања, односно преземе дејствија кои не се предвидени во Законот за извршување. Вака определената законска норма, според мислењето на Судот, е со цел да се спречи самоволието на извршителите при преземање на извршни дејствија во правец на присилното извршување, затоа што тој, односно извршителот мора само и исклучиво да ги презема оние дејствија кои како такви се децидно предвидени за определен вид на присилно извршување во Законот за извршување. Секое дејствие на извршителот сторено надвор од децидно предвидените во Законот, е причина за изрекување на дисциплинската мерка во оспорениот член 54-д став 1 алинеја 5 од Законот, што не е во спротивност со Уставот на Република Македонија.
При градењето на правното мислење, Судот ги имаше во вид и наводите во иницијативата во насока на практичната примена на оспорените одредби, меѓутоа Судот не се впушти во уставно-судска анализа од овој аспект, од причина што во смисла на уставните ингеренции дефинирани во член 110 од Уставот, нема надлежност да ја цени практичната примена на законските норми, односно да ја цени нивната применливост во правниот поредок.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.146/2013
19 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева