Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 19 март 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3, поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“, член 34-а и 34-б став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на РМ“ бр.70/2013).
2.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точката 1 од ова решение од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на РМ“ бр.70/2013).
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 1 став 3 од Законот со дефинирањето на тоа какво значење има поимот „регистрационен агент“ се вршело ограничување на правото на работа спротивно на член 32 став 1 и 2 од Уставот, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Ова од причина што оспорената одредба не давала можност на вршител на дејност со личен труд да се јави како регистрационен агент, односно се давала можност само и единствено на трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку системот за е-регистар.
Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.
Оспорениот член 34-а не бил во согласност со член 8 став 1алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот од причини што критериумите за добивање на овластување регистрационен агент можат да бидат пропишани само од страна на законодавецот, а не тие критериуми да ги пропишува Централниот регистар на Република Македонија со подзаконски акт.
Освен тоа, во услови кога Законот не содржи никакви параметри врз основа на кои Централниот регистар на Република Македонија ќе ги утврдува и ќе ги пропишува поблиските критериуми, произлегувало дека утврденото овластување на Централниот регистар не е во функција на разработка на законските одредби, туку води кон утврдување на права и обврски на граѓаните и правните лица на кој начин се остава можност за арбитрерност и мешање на извршната и управната во законодавната власт.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 34-б став 2 не бил во согласност со член 8 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, од причина што законот не содржи никакви параметри – критериуми врз основа на кои Централниот регистар ќе ги определува трошоците за добивање на овластување регистрационен агент
3.Судот на седница утврди дека во оспорениот член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е предвидено дека по точка 12 се додава нова точка 12-а, која гласи: „12-Регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.
Во оспорениот член 34-а кој е поместен во поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“ кој исто така е оспорен со иницијативата е предвидено дека:
1) Начинот и поблиските критериуми за добивање на овластувањето ги пропишува Централниот регистар,
2) За да може да го добие овластувањето лицето треба да ги исполни следниве критериуми:
– да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност,
– да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно со Законот за вршење на сметководстени работи, меѓу кои и образованието,
– да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
– да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата.
3) Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.
Во оспорениот член 34-б став 2 е предвидено дека „Трошоците од ставот 1 на овој член ги определува Централниот регистар“.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место
Според став 3 на овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007,150/2007, 140/2008,17/2011, 53/2011 и 70/2013), со овој закон се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници,регистарот на водостопанствата, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.
Во членот 2 од Законот,е утврдено значењето на одделни изрази кои се употребуваат во Законот.
Така, “Едношалтерски систем“, е систем кој што овозможува прием, обработка, дистрибуција и обединет пристап кон податоците определени со закон, запишани во трговскиот регистар, во регистарот на други правни лица и другите основни регистри воспоставени со закон од значење за субјектите на упис (точка 1).
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица односно во оспорениот член 1 е предвидено дека:
„Во Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица (“Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/11 и 53/11), во членот 2 став 1 по точката 2 се додава нова точка 2-а, која гласи:
„2-а. „Систем за е-регистрација“ е информациски систем кој овозможува поднесување на пријава преку Интернет и нивно евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и документи во електронска форма;“.
По точката 12 се додава нова точка 12-а, која гласи:
„12-а. “Регистрационен агент“ е трговец поединец,или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација„
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, наспрема содржината на оспорената одредба како и наводите од иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова од причини што, според Судот со воведувањето на системот за е-регистрација во Централниот регистар ,утврдувањето на тоа дека е-регистрацијата може да биде спроведена односно, поднесена од регистрационен агент кој за да го има овој статус треба да врши точно определена дејност, не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.Тоа поконкретно значи дека право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на одредена дејност, кои подеднакво ќе се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, па токму, врз основа на овие принципи законодавецот ги определил условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на самостоен регистрационен агент, овластен да поднесува пријави за упис во Централниот регистар,преку системот за електронска регистрација.Со овие законски одредби практично се уредува електронскиот начин на упис во регистарот.
5. Во однос на наводите од иницијативата со кои се оспорува членот 34-а, и поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент„ Судот оцени дека истите се неосновани од следните причини.
Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката, а според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Во оспорениот член 34-а поместен во поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент„ од Законот е предвидено дека:
(1) Начинот и поблиските критериуми за добивање на овластувањето ги пропишува Цeнтралниот регистар.
(2) За да може да го добие овластувањето лицето треба да ги исполни следниве критериуми:
(1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност;
(2) да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно со Законот завршење на сметководствени работи, меѓу кои и образованието;
(3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластуваето и личен квалификуван дигитален сертификат,согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
(4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата.
(3) Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.“
Во членот 34-в поместен во поднасловот „Постапка за добивање на овластувањето„од Законот е предвидено дека:
(1) За добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар.
(2) Со барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
1) решение за упис во Централниот регистар;
2) доказ за вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител;
3) доказ дека исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема, соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) изјава за заштита на личните податоци потпишана од барателот на овластувањето.
(3) Барањето од ставот (2) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
(4) Централниот регистар ги пропишува формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член.
(5) Централниот регистар донесува решение за издавање на овластувањето, во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на уредно барање, доколку се исполнети критериумите утврдени согласно со овој закон.
(6) Решението од ставот (4) на овој член се издава со трајна важност.
(7) Oвластувањето не може да се пренесува.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од оспорениот член 34-а како и членот 34-в од Законот во кој е утврдена постапката за добивање на овластување и прилозите кои треба да ги достави подносителот на барањето јасно произлегува дека подносителот на иницијативата оспорениот член го гледа изолирано сам за себе без притоа да ги има предвид утврдените критериуми и прилози кои ги доставува до Централниот регистар за регистрационен агент.
Оттука, Судот оцени дека одредбата со која се предвидува дека начинот и поблиските критериуми за добивање на овластување да ги пропишува Централниот регистар, а имајќи предвид дека законодавецот ги определил критериумите според кои треба да се добие овластување за регистрационен агент,е во функција на операционализација на Законот, а не нивно изворно пропишување, како што погрешно смета подносителот на иницијативата,поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 34-а од Законот со наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
6.Во врска со наводот од иницијативата со кој се оспорува членот 34-б став 2 од Законот,кој според подносителот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеа 2 од Уставот, Судот оцени дека е неоснован.
Во членот 34-б поместен во поднасловот„Трошоци за добивање на овластувањето„ е предвидено дека:
1.Трошоците за добивање на овластувањето ги сноси барателот.
2.Трошоците од ставот (1) на овој член ги определува Централниот регистар.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби,како и содржината на оспорениот став 2 од членот 34-б од Законот,Судот оцени дека тврдењето во иницијативата дека законодавецот не ја утврдил прецизно висината на трошоците за добивање на овластувањето на регистрациониот агент туку за тоа прашање го овластил Централниот регистар се точни,меѓутоа според наоѓање на Судот трошоците поврзани со добивање на овластувањето се определиви.
Ова од причини што оспорената одредба од Законот гледана во корелација со одредбите од Глава IX од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011), ги прави определиви овие трошоци кои настануваат во постапките организирани од надлежните органи, а тие трошоци не се посебно уредени со посебниот закон. Според членот 116 став 1 од Законот за општата управна постапка, посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоци за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка.
Според тоа оспорениот член 34-б став 2 како и членот 34-а став 3 од Законот според кој Централниот регистар ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето заедно со одредбите од Законот за општата управна постапка даваат доволна законска рамка која може да послужи за утврдување на разумни и реални трошоци во постапката за издавањето на соодветното уверение,од кои причини не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
7.Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.120/2013
19 март 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева