У.бр.125/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Вања Сапунова, Славејко Сапунов, Снежана Сапунова Марковска, Копринка Сапунова, Колета Зафирова Томовска, Ирена Зафирова Петровска и Мишела Зафирова, сите од Скопје, со кое бараат заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, за кои сметаат дека им´ се повредени со одлуки на Управниот суд и Вишиот Управен суд на Република Македонија.

2. Барателите, наведени во точка 1 од Решението, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во барањето, подносителите изнесуваат хронологија на донесени одлуки од водена постапка по барање за денационализација пред Министерството за финансии – Комисија за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Центар-Скопје, како и хронологија на донесени одлуки во постапка пред Управниот суд на Република Македонија и Вишиот Управен суд на Република Македонија, со кои одлуки, тие сметаат дека судските органи извршиле повреда на нивните права загарантирани со Уставот.

Со барањето се наведува дека од страна на надлежните органи кои постапувале и одлучувале по нивното барање за денационализација, не била испочитувана нивната волја и право на избор за видот на надоместокот за одземената недвижност.

Имено, Комисијата за одлучување по барања за денационализација со седиште во Општина Центар-Скопје, надоместокот за недвижниот имот во износ од 658.000,00 денари, кој претходно го утврдила со Решение Дн.бр.20-08-353/2 (2502) од 29.01.2009 година, со дополнително Решение Дн.бр.25-08-353/2 (2502) од 05.11.2009 година, одлучила на барателите да им биде даден во вид на обврзници, а не како што тие барале со давање на друго земјиште, идентично со недвижниот имот кој бил одземен од нивните правни претходници.

Во образложението на Решението, било наведено дека Комисијата при одлучувањето се раководела од Известувањето од Комисијата за координација на работа на комисиите кои одлучуваат по барањата за денационализација ККД бр.03/186 од 31.07.2003 година, во кое било наведено дека државата не располагала со градежно земјиште за потребите на постапката за денационализација.

Според барателите, наводите дека Градот Скопје не располагал со државно градежно земјиште, не кореспондирало со вистината, што можело да се согледа од веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, за Општина Центар-Скопје, како и од секојдневните огласи во медиумите за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

Од наведените причини барателите го обжалиле првостепеното Решение Дн.бр.25-08-353/2 (2502) од 05.11.2009 година до надлежната Комисија за решавање на управна постапка во втор степен од областа на денационализација при Владата на Република Македонија, која со Решение УП.бр.36-732/1 од 04.10.2010 година, ја одбила жалбата од барателите како неоснована.

Незадоволни од второстепената одлука, барателите поднеле тужба пред Управниот суд, за оценување на законитоста на второстепеното решение, истакнувајќи ги погоре содржаните наводи.

Управниот суд со Пресуда У2.бр. 2067/2010 од 15.06.2012 година, ја одбил тужбата како неоснована, на што барателите вложиле жалба до Вишиот управен суд.

Вишиот управен суд со Пресуда УЖ.бр. 312/2013 од 16.04.2013 година, ја одбил жалбата од барателите како неоснована, а пресудата на Управниот суд ја потврдил, бидејќи нашол дека тужениот орган донел законита одлука.

Барателите сметаат дека судењето не се одвивало пред непристрасен суд, бидејќи судовите не посветиле доволно внимание при испитувањето и утврдувањето на фактите и доказите кои тие ги истакнела во тужбата, па оттука со донесените одлуки барателите сметаат дека биле ставени во нерамноправна, дискриминирачка положба во однос на другите баратели во постапката за денационализација, на кои им била даден како надомест друг имот од ист вид, во периодот од отпочнување на денационализацијата во Република Македонија па до 31.07.2003 година, па во однос на тие баратели, подносителите не биле еднакви пред Уставот и законите на Република Македонија.

Според подносителите на барањето, државата била обврзана додека се одвивал процесот на денационализација, да ги одржува сите опции, односно да располага со такво градежно земјиште или во спротивно била должна, доколку навистина не располагала со такво градежно земјиште, со измени на законот, таа опција да ја анулира. Државните органи тоа не го сториле, со што барателите по чии барања се одлучувало по 31.07.2003 година, биле доведени во заблуда од истите дека се во рамноправна, недискриминирачка положба во однос на барателите по чии барања, надлежните органи одлучувале пред 31.07.2003 година.

Поради сето погоре наведено, барателите бараат Уставниот суд, во рамките на неговите надлежности кои се однесуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, ги земе предвид одлуките донесени од Управниот суд и Вишиот управен суд, кои со донесените одлуки извршиле повреда на нивните права загарантирани со Уставот на Република Македонија.

3. Од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува дека подносителите на барањето пред надлежни органи воделе постапка за денационализација на одземен имот од нивните правни претходници. Со барањето барале надоместот за одземениот имот кој на лице место претставувал градежно изградено земјиште, да им биде определен во вид на давање на друго земјиште во Општина-Центар-Скопје од ист вид.

Комисијата за одлучување по барања за денационализација со седиште во Општина Центар-Скопје, со Решение Дн.бр.20-08-353/2 (2502) од 29.01.2009 година, го уважила барањето за денационализација на одземениот имот, утврдувајќи дека надоместот за одземениот имот, а врз основа на член 37 од Законот за денационализација и член 14 од Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационалзиација за градежно земјиште во прва зона, изнесува 658.000,00 денари, како и дека видот на надоместот ќе се определи со дополнително решение.

Со дополнително Решение Дн.бр.25-08-353/2 (2502) од 05.11.2009 година, првостепената Комисија, одлучила утврдениот надомест од 658.000,00 денари да им биде даден на барателите во вид на обврзници, имајќи го во вид Известувањето од Комисијата за координација на работа на комисиите кои одлучуваат по барањата за денационализација ККД бр.03/186 од 31.07.2003 година, во кое било наведено дека државата не располагала со градежно земјиште за потребите на постапката за денационализација.

Барателите не се согласувале видот на надоместот за одземеното земјиште да им биде даден во вид на обврзници, туку со давање на друго земјиште од ист вид во Општина Центар-Скопје, како што тие барале, односно не се согласувале со наводите во Решението дека државата не располагала со државно градежно земјиште во Општина Центар-Скопје, бидејќи од веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, за Општина Центар-Скопје, како и од секојдневните огласи во медиумите за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, според подносителите на барањето, таквите наводи не кореспондирале со вистината.

Со тие наводи го обжалиле Решението Дн.бр.25-08-353/2 (2502) од 05.11.2009 година до Комисијата за решавање на управна постапка во втор степен од областа на денационализација при Владата на Република Македонија.

Второстепената Комисија со Решение УП.бр.36-732/1 од 04.10.2010 година, ја одбила жалбата од барателите како неоснована, со образложение дека правилно првостепениот орган го одредил видот на надоместокот, земајќи го предвид Известување ККД бр.03/186 од 31.07.2003 година, дека државата не располагала со градежно земјиште за потребите на постапката за денационализација и ги одбила како неосновани жалбените наводи од барателите по однос на тие околности.

Незадоволни од второстепената одлука, барателите поднеле тужба пред Управниот суд, за оценување на законитоста на второстепеното решение, истакнувајќи ги погоре содржаните наводи.

Управниот суд, оценувајќи ја законитоста на оспореното решение, нашол дека со истото не е повреден законот на штета на тужителите, при што со Пресуда У2.бр. 2067/2010 од 15.06.2012 година, ја одбил тужбата како неоснована, на што барателите вложиле жалба до Вишиот управен суд.

Вишиот управен суд со Пресуда УЖ.бр. 312/2013 од 16.04.2013 година, ја одбил жалбата од барателите како неоснована, а пресудата на Управниот суд ја потврдил, бидејќи нашол дека тужениот орган донел законита одлука.

Незадоволни од одлуките на надлежните органи, барателите со поднесок (насловен како уставна жалба), бараат Уставниот суд во рамките на неговите надлежности кои се однесуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, ги земе предвид наведените одлуки на судовите, бидејќи сметаат дека тие со донесените одлуки извршиле повреда на нивните права загарантирани со Уставот на Република Македонија.

Од доставената и прибавена документација, произлегува дека барателите Пресудата УЖ.бр. 312/2013 од 16.04.2013 година на Вишиот управен суд на Република Македонија, со која жалбата на тужителите е одбиена како неоснована, а првостепената пресуда на Управниот суд е потврдена, ја примиле и тоа: Вања Сапунова, Славејко Сапунов, Снежана Сапунова Марковска, Колета Зафирова Томовска и Мишела Зафирова на 07.05.2013 година, Ирена Зафирова Петровска на 08.05.2013 година, додека на барателката Копринка Сапунова, за доставата на наведената пресуда, била повикана преку оглас на огласна табла на Управниот суд од 01.07.2013 година, со повик дека доколку во рок од 8 дена не се јави, доставата ќе се смета за уредно извршена.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Разгледувајќи го барањето од аспект на членот 51 од Деловникот, Уставниот суд може да постапува по барање за заштита на слободи и права на граѓанинот утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот за кои граѓанинот смета дека му се повредени со конечен или правосилен поединечен акт во определен рок, односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт.
Во конкретниот случај, барањето за заштита на слободи и права до овој суд е поднесено на ден 03.09.2013 година.

Од прибавената документација, произлегува дека за повеќето баратели, освен за барателката Копринка Сапунова, е надминат утврдениот рок за поднесување на барање за заштита на слободи и права пред овој суд, што според член 51 од Деловникот, е основ за отфрлање на барањето, меѓутоа и во отсуство на таа околност, а имајќи ја во вид содржината и суштината на барањето, во конкретниов случај, утврдивме дека недостасуваат и други процесни претпоставки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, поради следното:

Со доставеното барање за заштита на слободите и правата, насловено како уставна жалба, подносителите бараат Уставниот суд во рамките на неговите надлежности за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како предмет на оценка ги земе одлуките на надлежните судови, односно Пресудата У2.бр. 2067/2010 од 15.06.2012 година, донесена од Управниот суд и Пресудата УЖ.бр. 312/2013 од 16.04.2013 година, донесена од Вишиот управен суд на Република Македонија.

Барателите сметаат дека судовите со донесените одлуки извршиле повреда на нивните слободи и права загарантирани со Уставот, односно биле дискриминирани во однос на други граѓани кои воделе постапка за денационализација во друг временски период, односно пред периодот 31.07.2003 година во кој барателите-граѓани имале можност обештетувањето за одземениот имот да им биде определен со давање надомест од ист вид, после кој период граѓаните вклучително и подносителите на барањето, не можеле да се обештетат и на тој начин со образложение од надлежните органи кои постапувале по барања за денационализација дека државата не располагала со градежно земјиште за потребите на постапката за денационализација.

Од барањето произлегува дека подносителите не се согласуваат со тоа како се одвивал процесот на денационализација во државата, па оттука со барањето се забележува по однос прашањето за тоа како државата требала да постапува додека се одвивал процесот на денационализација и што таа требала да преземе при нормирањето на Законот за денационализација, а кое нешто државните органи не го сториле, па врз основа на тоа подносителите сметаат дека барателите-граѓани по чии барања се одлучувало по 31.07.2003 година, биле доведени во заблуда од државните органи дека се во рамноправна, недискриминирачка положба во однос на баратели-граѓани по чии барања се одлучувало пред тој период.

Меѓутоа, тоа се прашања од доменот на законодавната политика за конкретната област, и тие наводи по оцена на Судот, не можат да се доведат во корелација со конкретното барање на подносителите за заштита на слободи и права и заштита од дискриминација, за кое барање потребно е да бидат исполнети конкретните услови предвидени со членовите 51 и 52 од Деловникот на Уставниот суд.

Согласно цитираните одредби од Деловникот, со барањето потребно е да биде наведено на која слобода и право се однесува бараната заштита од членот 110 алинеја 3 од Уставот (слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување), односно да се наведе по кој основ (пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност) барателите сметаат дека се дискриминирани во остварувањето на своите права пред Уставот и законите.

Со барањето, тоа не е сторено, односно подносителите само општо се повикуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и заштита од дискриминација од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што претставува процесна пречка за постапување по барањето.

Исто така Судот ги имаше предвид наводите од подносителите дека се дискриминирани во однос на други граѓани-баратели на денационализација за кои се постапувало по барања за денационализација пред периодот 31.07.2003 година, пред кој период како надомест им бил даден друг имот од ист вид, што не било случај за граѓаните-баратели, поради регулативата која надлежните органи ја применувале во процесот на денационализација после тој период, па со тоа граѓаните, вклучително и подносителите на барањето, не биле еднакви пред Уставот и законите, односно биле ставени во понеповолна положба спрема граѓаните-баратели пред наведениот период.

Од овие наводи всушност произлегува дека барателите, причините за дискриминација ги темелат на различна регулатива која била во важност во периодите во кои надлежните органи постапувале по барањата за денационализација, меѓутоа тоа не се основи поради кои може да се бара заштита од дискриминација.

Имено, имајќи во вид дека кај случаите на дискриминација, покрај ставањето во неповолна положба или изложување на нееднаков третман на граѓаните кои се во иста правна и фактичка положба, битна компонента претставува и дискриминаторската основа (пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност), во конкретниот случај, Судот утврди дека со барањето не е посочена ниту една од овие основи наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, која претставува одредено обележје или карактеристика по основ на кое се повредува правото на еднаков третман на поединецот или групата.

5. Поради наведеното, имајќи во вид дека од денот на доставувањето на поединечниот акт до денот на поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поминало повеќе од 2 месеци, како и дека со барањето не е посочено за кои слободи и права утврдени со Уставот се однесува бараната заштита и не е посочено по кои од основите барателите бараат заштита од дискриминација, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесна пречка за одлучување по барањето, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.125/2013
12 март 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева