У.бр.138/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

-Пресудата на Вишиот Управен суд на Република Македонија УЖ.бр.800/2013 од 4 јули 2013 година,
-Пресудата на Управниот суд на Република Македонија, У-5 бр.701/2012 од 7 февруари 2013 година,
-Решението на второстепениот орган- Комисија за жалби – Скопје, бр.15-48/2 од 28 март 2012 година, и
-Решението на Централниот регистар на Република Македонија, под деловоден број 30120110047571 од 7 октомври 2011 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на Здружението „Радко“ – Охрид, за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Здружението „Радко“ од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Истовремено, во иницијативата е содржано и барање за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот,повредени со актите означени во точката 1 од ова решение, а кои се однесуваат на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност.

Со иницијативата се оспоруваат наведените акти од причина што со истите се нарушувало правото на здружување од член 20 ставови 1 и 2 од Уставот и истовремено се вршела дискриминација на определена група на граѓани на Република Македонија по основ на национално-културно самоидентификување (член 9 од Уставот).

Имено, иницијалниот акт всушност во дел се однесува на барање за оценување на уставноста и законитоста на пресудите на Вишиот управен суд, односно на Управниот суд,како и на Централниот регистар

на Република Македонија и Комисијата за жалби, а во дел е содржано барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со истите акти.

Во барањето, исто така, се наведува дека оспорените акти се во директен судир и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија, член 8 став 1 алинеја 1 и став 2 и член 118 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што и покрај пресудата на Европскиот суд за човекови права со која било утврдено дека Република Македонија ја нарушила Европската конвенција и правото на здружување кога со одлука на Уставниот суд на Република Македонија програмата и статутот на Здружението „Радко“ биле прогласени за ништовни, не бил извршен упис и регистрација на ова здружение.

Со наведените акти се вршело директно непочитување на достоинството на определена група граѓани на Република Македонија кои што себеси се самоидентификувале како Бугари.

4. Судот на седницата утврди дека Централниот регистар на Република Македонија со Решение деловоден бр.30120110047571 од 7 октомври 2011 година го одбил барањето на Здружението „Радко“ – Охрид за упис на основање на Здружението, бидејќи не биле исполнети условите за упис на основање на Здружението.

Комисијата за жалби – Скопје, со Решение бр.15-48/2 од 28 март 2012 година, жалбата изјавена против наведеното Решение на Централниот регистар на Република Македонија ја одбил како неоснована.

Управниот суд на Република Македонија со Пресуда У-5 бр.701/2012 од 7 февруари 2013 година тужбата на Здружението „Радко“ – Охрид против решението на Комисијата за жалби – Скопје бр.15-48/2 од 28 март 2012 година, ја одбил како неоснована

Вишиот управен суд со Пресуда УЖ.бр.800/2013 од 4 јули 2013 година во целост ја потврдил пресудата на Управниот суд У-5 бр.701/2012 од 7 февруари 2013 година, а жалбата на тужителот Здружение „Радко“ – Охрид ја одбил како неоснована.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Еден дел од барањето се однесува на оценување на уставноста и законитоста на пресудите на Вишиот управен суд, Управниот суд Комисија за жалби и Централниот регистар на Република Македонија, со кое се бара нивно оценување со член 8 став 1алинеја 1 истав 2, член 11 став 1, член 20 став 1 и 2, член 25 и член 118 од Уставот на Република Македонија, како и со одредби од Законот за трговските друштва.

Меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, актите кои се оспоруваат немаат карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од нивната содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечни конкретни акти со кои се регулираат односи inter partes. Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечните, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор токму за таков вид на прописи кои уредуваат односи inter partes, односно за поединечни акти, Судот оцени дека оспорените акти не се подобни за уставно-судска оцена.

Имајќи предвид дека актите кои се оспоруваат со дел од барањето немаат карактер на пропис erga omnes, според Судот исполнети се процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата во овој дел.

6. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување, забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснива барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и деловнички одредби како и од приложените документи, според Судот, неспорно произлегува дека барањето за заштита на слободи и права во конкретниов случај е поднесено од правно лице, Здружението „Радко“ – Охрид, што е спротивно на член 51 од Деловникот. Имено, во еден дел од иницијативата е содржано барање за заштита на слободите и правата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, кои, според барателот- Здружението “Радко”- Охрид, биле повредени по основ на дискриминација во однос на другите групи граѓани во Република Македонија, односно по основ на национално-културно самоидентификување.

Меѓутоа, Судот оцени дека во смисла на наведениот член од Деловникот, само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што,и од овој аспект, барањето е недопуштено.

При градењето на правното мислење Судот ги имаше во вид Пресудата на Врховниот суд на република Македонија Ужп.бр.940/2010 од 17.05.2011 год.,како и Пресудата на Европскиот суд за човекови права донесена по апликацијата на Здружение на граѓани Радко & Паунковски против Република Македонија, со број 74651/01, но оцени дека истите не се од влијание со оглед на фактот што во конкретниот предмет постојат процесни пречки за мериторно одлучување.

Предвид на наведеното, во конкретниов случај постојат процесни пречки Уставниот суд мериторно да одлучува за суштината на барањето, поради што се исполнети условите за отфрлање на барањето во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на точката 2 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.138/2013
26 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева