У.бр.45/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 19 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1, во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 80 став 1, во делот: „и прописите за општа управна постапка“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од член 1 на Законот бил нејасен затоа што не се знаело кои се тие „други лица кои бараат работа“ за разлика од „невработеното лице“ за кое Законот определувал кое е тоа лице. Поради тоа, делот: „други лица кои бараат работа“ создавал конфузија и недоразбирање. Делот: „и државата“ од оспорениот дел на законската одредба, исто така, не можел да се разбере во рамките на целата законска одредба, ниту од кои причини се наведува овој субјект, ниту каква улога има тој субјект во оваа општа законска одредба. Поради тоа, членот 1 од Законот, во делот: „други лица кои бараат работа и државата“, не бил во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеење на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 од Уставот.

Во однос на оспорените делови од член 53 став 4 алинеја 10, член 67 алинеја 3 и член 77 став 1 алинеја 9 на Законот, во иницијативата се наведува дека било нејасно што се подразбира под поимите: „врши дејност спротивно на закон“ (член 53 став 4 алинеја 10 и член 77 став 1 алинеја 9) и „остварува права од работен однос спротивно на закон“ (член 67 алинеја 3), како и кој орган, на кој начин и во која постапка ги утврдува фактите за тие состојби. Формулациите на оспорените делови од наведените законски одредби дури личеле на казна-забрана за вршење на професија, дејност или должност. Поради тоа, оспорените делови од наведените законски одредби не биле во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Во врска со оспорениот дел од член 80 став 1 на Законот, подносителот на иницијативата смета дека невработеното лице може да ги остварува правата од осигурувањето во случај на невработеност определени во Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, а не и правата утврдени во прописите за општата управна постапка со оглед дека во овие прописи се уредувала само постапката а не и правата од осигурување во случај на невработеност. Поради тоа, оспорениот дел од наведената законска одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

4.а/ Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот се определува дека: „Со овој закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавачите, невработените лица, други лица кои бараат работа и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.“

Во член 2 став 1 од Законот се определува дека „поимите употребувани во овој закон, го имаат следново значење: алинеја 5 –„друго лице кое бара работа“ е економски активно или неактивно лице кое се евидентира во Агенцијата, но не бара активно работа и/или не е подготвено да прифати работа.“

Во однос на делот „и државата“ од оспорениот дел на член 1 од Законот, од целината на членот 1 произлегува дека делот „и државата“ значи: со овој закон се уредуваат, покрај другото, и правата и обврските на државата, покрај на работодавачите, невработените лица и на другите лица кои бараат работа, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Покрај тоа, од целината на Законот произлегува разработување на правата и обврските на државата при вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Во таа смисла, членот 4 од Законот ја востановува Агенцијата за вработување на Република Македонија како јавна установа, членот 5 од Законот ја утврдува дејноста на Агенцијата за дејност од јавен интерес, членот 47 од Законот ја овластува Агенцијата да води евиденција на: работодавачите, невработените лица, други лица кои бараат работа, корисниците на паричен надоместок по основа на невработеност, странските државјани вработени во Република Македонија и државјаните на Репубика Македонија на работа во странство со посредство на Агенцијата. Според член 49 од Законот, Агенцијата води регистар на работодавачите (став 1), во кој регистар се содржани податоци за работодавачот, потребите од работници и видот на услугите што сака да ги користи во Агенцијата (став 2), при што, според член 51 од Законот, работодавачот е должен да ги пријави на Агенцијата секое засновање на работен однос и секој престанок на работен однос (став 1). Непријавувањето од работодавачот на секое засновање на работен однос и на секој престанок на работен однос претставува прекршок за кој на правното лице му се изрекува глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противредност (член 99 став 1 алинеја 2) и глоба во износ од 500 евра во денарска противредност на одговорното лице (член 100 став 1 алинеја 3). Според член 52 од Законот, Агенцијата води евиденција на невработените лица и евиденција на други лица кои бараат работа, според единствениот матичен број на граѓанинот. Во член 61 став 1 од Законот се пропишува дека Агенцијата ги води следниве регистри: евидентирани невработени лица; евидентирани лица со привремена неможност за вработување; учесници во програми на активни политики за вработување; евидентирани други лица кои бараат работа; и корисници на јавни средства од Агенцијата и спроведувачи на мерки предвидени со овој и друг закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека оспорениот дел: „друго лице кое бара работа“ од член 1 на Законот е дефиниран во член 2 став 1 алинеја 5 од Законот, дека согласно на член 52 од Законот Агенцијата за вработување на Република Македонија води евиденција и на тие лица според единствениот матичен број на граѓанинот и дека според член 47 и член 61 став 1 од Законот, за тие лица Агенцијата води посебен регистар.

Во однос на оспорениот дел: „и државата“ од член 1 на Законот, од целината на членот 1 произлегува дека наведениот оспорен дел определува права и обврски на државата при вработувањето и осигурување во случај на невработеност, а од целината на Законот произлегува дека работите околу вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност државата ги врши преку Агенцијата за вработување на Република Македонија како јавна установа (член 4), дека дејноста на Агенцијата е од јавен интерес (член 5), дека Агенцијата води евиденција на: работодавачите, невработените лица, други лица кои бараат работа, …(член 47 и член 61 став 1), дека Агенцијата води регистар на работодавачите во кој се содржани податоци за работодавачот, потребите од работници и видот на услугите што сака да ги користи во Агенцијата (член 49) и дека работодавачот е должен да ги пријави на Агенцијата секое засновање на работен однос и секој престанок на работен однос (член 51 став 1), а непостапувањето по тие законски одредби претставува прекршок кој се казнува со глоба (член 99 став 1 алинеја 2 и член 100 став 1 алинеја 3).

Според тоа, гледајќи го член 1 во оспорениот дел:„други лица кои бараат работа и државата“ од Законот во пошироки рамки утврдени во Законот и од аспектот покренат со иницијативата, Судот утврди дека тој член не е нејасен, ниту создава конфузија и недоразбирање како што наведува подносителот на иницијативата.

б/ Во однос на член 53 став 4 алинеја 10, во делот: „или врши дејност, спротивно на закон“ од Законот, Судот утврди дека таа одредба е систематизирана во Глава III „Евиденција на работодавачи и невработените лица“, Поддел 2. „Евиденција на невработените лица и други лица кои бараат работа“.

Во член 53 став 4 од Законот се набројуваат случаите во кои определено лице не се смета за невработено: ако е во работен однос (алинеја 1), ако е самовработено (алинеја 2), сопственик, основач или управител на трговско друштво и друго правно лице …(алинеја 3), вршител на земјоделска, сточарска или друга дејност (алинеја 4), вршител на занаетчиска, односно професионална дејност (алинеја 5), корисник на пензија (алинеја 6), кое има статус на ученик во средно училиште, редовен студент, стажант и лице кое учествува во образование за возрасни, а кое е помладо од 26 години (алинеја 7), кое два пати во текот на две години одбило обука, преквалификација или доквалификација на која ќе го упати Агенцијата (алинеја 8), кое два пати во текот на две години одбие да се јави или да заснова работен однос кај работодавач кај кого го упатила Агенцијата (алинеја 9) и кое работно е ангажирано или врши дејност, спротивно на законот (оспорен дел од алинеја 10).

Според член 81 став 1 од Законот, за правата утврдени со овој закон во прв степен решава Агенцијата, а за правата во втор степен одлучува министерството надлежно за работите на трудот. Таквата законска одредба, понатаму, е разработена со член 81-а и член 81-б од Законот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека членот 53 став 4 од Законот се однесува на набројувањето на условите под кои една лице не се смета за невработено, при што оспорениот дел од алинеја 10 „врши дејност спротивно на закон“ е дефиниран во член 53 став 4 алинеите 1-9 од Законот (не е во работен однос, не е самовработено, не е сопственик ниту основач или управител на трговско друштво, …).

Во однос на органот, начинот и постапката на утврдување факти за тие состојби, од целината на Глава III на Законот посветена на „Евиденција на работодавачи и невработените лица“, како и од другите одредби на Законот (членовите 4, 5, 47, 49, 51, 52, 61, 99 и 100), Судот утврди дека Законот го определил субјектот (Јавната установа „Агенција за вработување на Република Македонија“), начинот (задолжителното пријавување на засновањето и на престанокот на работниот однос, водењето на регистар на невработени лица, прекршочно казнување за непријавување на засновањето и на престанокот на работниот однос), како и постапката на утврдување на фактите и за остварување на правата на граѓаните (првостепено решавање од Агенцијата и второстепено решавање од министерството за труд-член 81 став 1, член 81-а, член 81-б).

Според тоа, гледајќи го оспорениот дел од член 53 став 4 алинеја 10 од Законот во пошироки рамки утврдени во Законот и од аспектите покренати со иницијативата, Судот утврди дека ни тој член не е нејасен, ниту создава конфузија и недоразбирање како што наведува подносителот на иницијативата.

в/ Во врска со член 67 алинеја 3 од Законот, Судот утврди дека таа одредба е систематизирана во Глава IV „Осигурување во случај на невработеност“. Во член 62 од Законот се определува дека работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност. Во член 64 од Законот се пропишува дека во права од осигурување во случај на невработеност спаѓаат: паричен надоместок, подготовка за вработување, право на здравствена заштита, право на пензиско и инвалидско осигурување и права на инвалидни лица за вработување со поволни услови. Во член 66 од Законот се определува дека право на паричен надоместок има невработено лице за оној период што го поминал во работен однос во кој се уплатувани придонеси од задолжително социјално осигурување (работен однос со полно работно време, работен однос со неполно работно време, вработен однос на определено време-сезонска работа, работа во странство).

Потоа, член 67 од Законот, сместен во Делот: „Паричен надоместок“, определува дека „право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради: алинеја 3-остварува права од работен однос спротивно на закон (оспорена алинеја).

Од изнесените законски одредби произлегува дека оспорената одредба „остварува права од работен однос спротивно на закон“ е дефинирана во другите напред наведени одредби од Законот.

Во однос на тоа, пак, кој орган, на кој начин и во која постапка ќе ги утврдува фактите во врска со правото на паричен надоместок, исто така, напред наведените законски одредби (членовите 4, 5, 47, 49, 51, 52, 61, 81, 99, 100) определуваат дека таа материја е во надлежност на Јавната установа Агенција за вработување на Република Македонија и дека Агенцијата го врши тој делокруг на начин и во постапка уредени со закон.
Оттука, гледајќи го оспорениот член 67 алинеја 3 од Законот во пошироки рамки утврдени во Законот и од аспектите покренати со иницијативата, Судот утврди дека ни тој член не е нејасен како што наведува подносителот на иницијативата.

г/ Во однос на член 77 став 1 алинеја 9, во делот: „или врши дејност спротивно на закон“ од Законот, Судот утврди дека таа одредба е систематизирана во Глава IV „Осигурување во случај на невработеност“.

Во член 77 став 1 од Законот се определува дека „правото на паричен надоместок на невработеното лице му престанува ако: алинеја 9-невработеното лице од страна на надлежен орган се затекне на работа, е работно ангажирано или врши дејност спротивно на закон“ (оспорена алинеја).

Од изнесените законски одредби произлегува дека оспорената одредба „или врши дејност спротивно на закон“ е дефинирана во другите напред наведени одредби од Законот.

Во однос на тоа кој орган, на кој начин и во која постапка ќе ги утврдува фактите во врска со престанокот на правото на паричен надоместок, исто така, напред наведените законски одредби определуваат дека таа материја е во надлежност на Јавната установа Агенција за вработување на Република Македонија и дека Агенцијата го врши тој делокруг на начин и во постапка уредени со овој закон.

Според тоа, гледајќи ја и оваа законска одредба во пошироки рамки утврдени во Законот и од аспектите покренати со иницијативата, Судот утврди дека ни таа одредба не е нејасна како што наведува подносителот на иницијативата.

5.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува преку согласноста на законите со Уставот, на сите други прописи со Уставот и со закон и преку почитувањето на Уставот и на законите од секого.

Со оглед дека член 1, во делот: „други лица кои бараат работа и државата“, член 53 став 4 алинеја 10, во делот: „или врши дејност, спротивно на закон“, член 67 алинеја 3 и член 77 став 1 алинеја 9, во делот: „или врши дејност спротивно на закон“ од Законот, гледајќи ги во рамките на целината на членовите и на целината на Законот, се јасни, прецизни, конзистентни, Судот утврди дека оспорените законски одредби се во согласност со наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.а/ Судот, понатаму, на седницата утврди дека во член 80 став 1 од Законот се определува дека „невработеното лице ги остварува правата од осигурување во случај на невработеност во согласност со овој закон и прописите за општа управна постапка.“ Таа одредба е систематизирана во Глава V. „Остварување на правата од осигурување во случај на невработеност“.

Во член 80 став 2 од Законот се определува дека „правата од став 1 на овој член се остваруваат во Агенцијата каде што е евидентирано невработеното лице врз основа на поднесено писмено барање.“

Според член 81 од Законот, „за правата утврдени со овој закон во прв степен решава Агенцијата, а за правата во втор степен одлучува министерството надлежно за работите на трудот.“

Судот, исто така, утврди дека со Решение У бр.15/1998 од 8 април1998 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 80 став 1 во делот: „и прописите за општа управна постапка“, затоа што оцени дека со таа одредба не се утврдуваат права на граѓаните од осигурување во случај на невработеност, туку се регулира само постапката за остварување на тие права, па на тој начин воопшто не се навлегува во остварувањето на тие права односно тие ниту се ограничуваат ниту се дополнуваат.

б/Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што за член 80 став 1, во делот: „и прописите за општа управна постапка“ од Законот, Судот веќе одлучувал со наведеното решение, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од наведената одредба на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Во однос на оспорените делови од член 53 став 4 алинеја 10, член 67 алинеја 3 и член 77 став 1 алинеја 9 од Законот, Судот одлучи со мнозинство гласови.

У.бр.45/2012
С к о п ј е
19 февруари 2014 г.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева